Алкалоид (претпријатие)

македонско фармацевтско претпријатие

Алкалоид — македонско трговско друштво[1] за производство на лекови, преработка на билни суровини, производство на козметички и хемиски производи. „Алкалоид“ е акционерско друштво во чии рамки работат два профитни центри: Фармација и Хемија, Козметика и Билкарство; а има и има фирмaќерка („Алкалоид КОНС“), како и 13 подружници надвор од Македонија (во Србија, Црна Гора, на Косово, во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Романија, Украина, Русија и САД). Друштвото е доминантен капитал во сопственост на приватни акционери, од кои 5,05% се странски инвеститори.

Алкалоид
Видакционерско друштво
ISINMKALKA101011 Уреди на Википодатоците
Дејностфармација, козметика, билкарство и хемија
Основано1936
СедиштеСкопје
Клучни личности
Живко Мукаетов (ген. дир.)
Вработени
1.580 вработени во земјата и 420 вработени во подружниците и претставништвата надвор од Македонија (2019)
Мреж. местоalkaloid.com.mk

Историја

уреди

„Алкалоид“ започнал со работа на 15 август 1936 година, со два погона и само со 15 работници, кои произведувале 350 килограми фармацевтски суровини. Десетина години подоцна, фабриката го зголемила обемот на производството за десетпати. Во 1957 година започнал да работи галенскиот погон за производство на лекови. Во 1967 година бил воведен брендот „Прокулин“. Во 1970-тите била пуштена во погон новата фабрика на површина од 7.000 квадратни метри при што се интегрирале Фабриката „Билка“, Фабриката за производство на хемикалии и фотоматеријали „Лафома“ и фабриката за сапуни и козметика „Цветан Димов“. Во 1978 година започнала продажбата на брендот „Бекутан“.

Кон крајот на 1980-тите, раководството на „Алкалоид“, на чело со Трајче Мукаетов (кој бил назначен за директор во 1985 година) го започнал процесот на реорганизација, а темелите на современото корпоративно управување биле поставени во 1994 година. Во тоа време, со финансиска поддршка на Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација, „Алкалоид“ почнал голем инвестициски циклус. Во 2003 година, „Алкалоид“ ја пуштил во употреба новата микробиолошка лабораторија, во 2005 година нова хемиска лабораторија, во 2009 година бил отворен Институтот за истражување и развој, во 2014 година била отворена лабораторијата „АлкаЛаб“ во Љубљана, а во 2016 година бил основан Центарот за контрола на квалитетот. Како израз на општествената одговорност, во мај 2007 година била основана Фондацијата „Трајче Мукаетов“, која заклучно со 2016 година стипендирала 344 студенти по фармација и медицина на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а 34 од стипендираните студенти се вработиле во „Алкалоид“. Притоа, од основањето до 2016 година, фондацијата доделила стипендии во износ од 63,2 милиони денари.[2]

Во 2016 година, „Алкалоид“ бил водечко фармацевтско друштво во Македонија и шесто по големина во Југоисточна Европа, со 1.600 вработени, од кои 1.200 во Македонија и над 300 во странство. На 20 септември 2016 година, во хотелотАлександар палас“ била прославена осумдесетгодишнината од основањето на „Алкалоид“, а свечено обраќање имал генералниот директор Живко Мукаетов.[3]

Организациска структура

уреди

Почнувајќи од 1979 година, „Алкалоид-Фармација“ има воспоставено оддел што е задолжен за развој и соработка со странски претпријатија од аспект на договори за застапства, за дистрибуција, за консигнациски складови. Успешното долгогодишно работење и стекнатото искуство од овој сегмент, претставувало основа за формирање на „АЛКАЛОИД КОНС“ ДООЕЛ Друштво за промет и услуги увоз - извоз кое успешно и самостојно работи во Република Македонија од 5 февруари 2004 година. За подготовка на измената на организационата структура и создавање на комплементарност во дејностите, во 2006 година било основано друштвото „Алкалоид Премази“ дооел Скопје (сегментот кој се занимава со бои и лакови) како посебна организациона единица, со што бројот на друштва - ќерки на Алкалоид АД Скопје“ пораснал на 11.

„Алкалоид“ има 14 подружници и четири претставништва во повеќе земји, како: Србија, Црна Гора, Бугарија, Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Албанија, Турција, Русија, Украина и САД. Во 2016 година, „Алкалоид“ продавал над 60% од производството во странство, и тоа на пазарите на околу 30 земји, и тоа: 35% во земјите од Југоисточна Европа, 17% во земјите од ЕУ, 7% во Русија и 2% во САД.[4]

Главен извршен директор на „Алкалоид“ е Живко Мукаетов.

Производство

уреди

Во производството на фармацевтски производи „Алкалоид“ применува современа технологија која му овозможува продажба на пазарите на Европската Унија. Во 2017 година, Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Словенија (JAZMP) извршила инспекција на погоните за производство на лекови и ги обновила сертификатите за собразност со начелата на Добрата производна пракса (GMP), со важност од три години, дефинирани во директивите на Европската Унија.[5]

Кафетин

уреди
 
Кафетин таблети

Лекот „кафетин“ (Caffetin®) е убедливо најраспространетиот и најпознатиот производ на „Алкалоид АД Скопје“. Лекот бил лансиран е во 1957 година и станал многу продаван производ на подрачјето на поранешна Југославија, а покрај тоа се продавал и на пазарите во 15 земји, меѓу кои и Русија, Бугарија и Романија.

Кафетин влегува во групата на комбинирани аналгетици. Содржи четири компоненти: парацетамол (250 мг), пропифеназон (210 мг), кодеин (10 мг) и кофеин (50 мг). Минималните дози на активни компоненети овозможуваат минимална инциденца на нескани ефекти, а во Националниот центар за несакни дејства на лекови на Македонија нема ниту еден регистриран случај на несакано дејство од кафетин.

Бекутан

уреди

На 8 март 1978 година, „Алкалоид“ започнал со производството на производите од програмата „Бекутан“, кога технологот Блажо Ставров и фармацевтот Софка Солеска рачно го изработиле кремот „Бекутан“ во количество од три килограми кои им ги подариле на децата во една градинка. Постепено, производниот асортиман се проширувал и во 2018 година опфаќал 26 производи со над 50 различни пакувања.[6]

Финансиски резултати

уреди

Во 2016 година, приходите од продажба на „Алкалоид“ изнесувале 6.418.580.770 денари, што претставувало пораст од 7% во однос на 2015 година. Добивката пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата изнесувала 1.208.748.918 денари (пораст од 13%), а нето-добивката пораснала за 9%. На консолидирана основа, вкупните приходи од продажбата изнесувале 8.292.770.038 денари (пораст од 6% во однос на 2015), што било последица на порастот на продажбата на домашниот пазар за 3% и порастот на извозот од 8%. Притоа, од вкупните консолидирани приходи од продажбата, 40% биле остварени во Македонија, а 60% на пазарите во странство.[7]

Во 2017 година, вкупните консолидирани приходи од продажба изнесувале 9.094.716.094 денари од кои 38% биле остварени на македонскиот пазар, а 62% на странските пазари. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и амортизацијата (ЕБИТДА) изнесувала 1.413.336.067 денари, а нето-консолидираната добивка 809.277.171 денар. Истовремено, инвестиците во основни средства изнесувале 861.420.437 денари.[8]

Општествена одговорност

уреди

Во текот на 2019 и 2020 година, „Алкалоид“ ја реализирал донацијата во општата болница во Кавадарци во вкупна вредност од 10,5 милиони денари, наменета за опремување на одделот за женски болести.[9]

Награди и признанија

уреди

Во 2017 година, „Алкалоид“ ја добил наградата за најдобра општествено одговорна практика во категоријата „Однос кон вработените“ што ја доделуваат Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност. Притоа, „Алкалоид“ ја добил оваа награда за спроведениот проект „Имплементација на системот за управување со таленти“. Почнувајќи од 2009 година, „Алкалоид“ дури осумпати ја освоил оваа награда за општествена одговорност, во повеќе категории: за етичко управување (за проектот „Кодекс на етичко и бизнис-однесување), за однос кон вработените (за проектите „Менаџмент со човечки ресурси 20098-2011“ и „Имплементација на системот за управување со таленти“), за вложување во заедницата (за проектите „Политика за општествена одговорност на Алкалоид АД - Симбиоза за поздрав живот и иднина“, „Биди ми пријател“ и „Поддршка за спортот и државните репрезентации“) и за однос кон животната средина (за проектот „Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност при инвестициски активности“).[10]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Алкалоид Скопје“. Eurohaus. Архивирано од изворникот на 2014-08-22. Посетено на 2 септември 2011. (македонски)
  2. Живко Мукаетов, „Компаниите треба сами да го трасираат својот пат кон успехот“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 17-22.
  3. „Алкалоид пред 80 години почнал со 15 работници, а денес има 1.600“, Дневник, година XX, број 6172, четврток, 22 септември 2016, стр. 4.
  4. Живко Мукаетов, „Компаниите треба сами да го трасираат својот пат кон успехот“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 20.
  5. „Потврдени сертификатите за добра производна пракса (ГМП (GMP)) на Алкалоид“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 12.
  6. Мирослав Саздовски, „Алкалоид одбележа 40 години бекутан“, Економија и бизнис, година XX, број 239, четврток, мај 2018, стр. 8.
  7. Мирослав Саздовски, „продолжува трендот на позитивни резултати за Алкалоид“, Економија и бизнис, година 19, број 226, април 2017, стр. 12.
  8. Мирослав Саздовски, „Алкалоид прикажа раст на продажбата, добивката и инвестициите во 2017 година“, Економија и бизнис, година XX, број 238, април 2018, стр. 8.
  9. Мирослав Саздовски, „Алкалоид и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ со донација од 170 000 евра за ЈЗУ Општа болница Кавадарци“, Економија и бизнис, година 22, број 666, октомври 2020, стр. 7.
  10. Мирослав Саздовски, „Алкалоид - добитник на јубилејно признание за општествена одговорност и национална награда за однос кон вработените“, Економија и бизнис, година 20, број 234/235, декември 2017/јануари 2018, стр. 12.

Надворешни врски

уреди