Курт Кобејн

(Пренасочено од Kurt Cobain)

Курт Доналд Кобејн (20 февруари 19675 април 1994) — американски музичар, најпознат како водечки вокал, гитарист и текстописец на гранџ-бендот Nirvana.

Курт Кобејн
Kurt Cobain
Животописни податоци
Родено имеКурт Доналд Кобејн
Познат(а) и какоКурт Кобејн
Роден(а)20 февруари 1967(1967-02-20)
Абердин, Вашингтон, САД
Починал(а)ц. 5 април 1994(1994-04-05) (возр. 27)
Сиетл, Вашингтон, САД
ЖанровиАлтернативен рок, гранџ
ЗанимањаМузичар, текстописец
ИнструментиВокал
Гитарист
Период на активност1985 — 1994
ИздавачиSub Pop
DGC / Geffen
СоработнициNirvana
Fecal Matter
Значајни инструменти
Fender Jagstang
Fender Jaguar
Fender Mustang
Fender Stratocaster
Univox Hi-Flier

Со песната Smells Like Teen Spirit (мак. Мириса на тинејџерски дух) од нивниот втор албум Nevermind (мак. Не е важно, 1991), бендот се стекна со светска слава, популаризирајќи го поджанрот на алтернативниот рок наречен гранџ. Повеќе други бендови од Сиетл (на пример: Alice in Chains, Pearl Jam и Soundgarden) кои во истиот период го свиреа овој вид на музика се здобија со свои обожаватели. Како резултат на тоа, во почетокот и средината на деведесеттите години од минатиот век алтернативниот рок стана доминантен жанр на радијата и музичките телевизии ширум светот. Нирвана стана група предводник на таканаречената Генерација Икс, а Курт Кобејн како водач на групата Нирвана од медиумите е обележан како гласник на генерацијата.[1] На Курт Кобејн ова не му се допаднало, па затоа се фокусира кон музиката. Тој смета дека пораката на бендот и неговата уметничка визија се погрешно сфатени, па затоа ја предизвикува публиката со третиот албум на Нирвана, In Utero (1993).

За време на последните неколку години од неговиот живот, Кобејн водел борба со зависноста од дрога, како и со низа професионални и приватни притисоци кои го опкружувале него и неговата сопруга, музичарката Кортни Лав. На 8 април 1994 година, Кобејн е пронајден мртов во својот дом во Сиетл, според официјалните наоди тој претставува жртва на самонанесена истрелна рана во главата. Околностите под кои се случила неговата смрт станале интересна тема за дебата низ медиумите.

Животопис

уреди

Детство и младост

уреди

Курт Кобејн е син на Доналд и Венди Кобејн, роден на 20 февруари 1967 година во Абердин во сојузната држава Вашингтон во САД. Првите шест месеци од својот живот ги поминува во гратчето Хокијам, Вашингтон, а потоа неговото семејство се преселува во Абердин. Неговиот татко Доналд Лиланд Кобејн имал ирско и француско потекло, а неговата мајка Венди Елизабет (родена Фраденбург)[2] имала ирско, германско и англиско потекло.[3][4] Курт започнал да покажува интерес за музика уште од најрана возраст. Неговата тетка Мери вели „Пееше уште кога имаше две години. Ќе запееше песна од Битлси, како Hey Jude. Уште од малечок беше многу харизматичен.“[5]

Неговите родители се развеле кога тој имал осум години. Тоа е настан за кој самиот подоцна ќе каже дека оставил длабок печат врз неговиот живот. Во тој период неговата мајка забележала драстична промена во неговиот карактер - тој станувал сѐ поповлечен.[6] Во едно интервју од 1993 година, самиот Курт ќе изјави „Се сеќавам дека се чувствував засрамено. Се срамев од своите родители. Повеќе не можев да се соочам со некои од моите пријатели од училиштето, затоа што очајно посакував да имам класично, знаете, типично семејство. Мајка, татко. Ја посакував таа сигурност и поради тоа некое време ги мразев своите родители.”[7] По една година од разводот, која ја поминал со својата мајка, Кобејн се сели во Монтесано, Вашингтон за да живее со својот татко, но по неколку години неговата бунтовност станува неиздржлива за неговиот татко и во следните неколку години Курт живее на релација пријатели-роднини.[8]

Во училиште Кобејн покажувал малку интерес за спорт. На инсистирање на неговиот татко се запишува во училишната боречка екипа. Иако бил добар, го презирал борењето поради малтретирањата од страна на тренерот и од останатите членови на екипата.[9] Подоцна, неговиот татко го запишува во локалната безбол лига, каде што Кобејн намерно ќе промашува само за да не игра.[9] Наместо тоа, Кобејн се фокусира на неговите часови по уметност. Често цртал за време на часовите, помеѓу останатото фетуси и човечки органи. Кобејн бил пријател со едно хомосексуално момче, поради што често бил мета на малтретирање од страна на хомофобичните ученици кои мислеле дека е хомосексуалец. Во интервју од 1993 за списанието The Advocate), Кобејн тврдел дека е „хомосексуалец по душа“ и „веројатно би можел да биде бисексуалец“. Исто така изјавил дека пишувал графити „Бог е хомосексуалец“ по камионите низ Абердин. Сепак, записниците на полицијата од Абердин покажуваат дека фразата за која бил приведен всушност е „Ain't got no how watchamacallit”. Во еден од неговите лични дневници Кобејн напиша: „Јас не сум хомосексуалец, иако посакувам да бев само да ги нервирам хомофобите.“[10] Како тинејџер израснат во мало гратче, Кобејн наоѓа бегство во просперитетната северозападна тихоокеанска панк-сцена, посетувајќи панк-рок концерти во Сиетл. Најпосле започнува се почесто да го посетува местото каде што локалната група Melvins од Монтесано ги одржува своите проби.

Некаде на половина од средното училиште Кобејн повторно почнува да живее со мајка си во Абердин. Две недели пред матурата, си заминува од училиштето, сфаќајќи дека нема доволно бодови за да матурира. Неговата мајка му дава избор да најде работа или да си замине.[11] По една недела Кобејн ги наоѓа своите алишта и другите работи надвор, спакувани во кутии. Избркан од домот на мајка си, Кобејн често преспивал кај пријатели, а понекогаш дури и се прикрадувал во подрумот во куќата на мајка си. Кобејн подоцна тврди дека кога немал каде да спие, преспивал под мостот на реката Вишка,[12] искуство кое му дава инспирација за песната Something in the Way (мак. Нешто на патот) од албумот (Nevermind) (Не е важно). Сепак Крист Новоселич ќе рече: „Тој седеше таму, но невозможно е да се живее на тој каллив брег каде што водата постојано надоаѓа и се повлекува. Тоа беше еден негов ревизионизам“.[13]

Кон крајот на 1986 година, Кобејн за првпат си најде сопствено место за живеење и ја плаќаше киријата работејќи на крајбрежно складиште 20 милји од Абердин[14]. Во исто време се почесто одеше на концерти во Олимпија, Вашингтон. За време на посетите на Олимпија, Кобејн започнува врска со Трејси Марандер.

Нирвана

уреди

За неговиот 14-ти роденден неговиот вујко му понудил да избере подарок помеѓу гитара и велосипед. Курт ја избира гитарата. Учи неколку преработки меѓу кои Back in Black (мак. Црно на црно) на AC/DC и My Best Friend's Girl (мак. Девојката на мојот најдобар другар) на The Cars, но набргу започнува да работи и на свои песни.[8]

Во средното училиште Кобејн ретко наоѓал некој со кого би можел да свири. На една од пробите на Melvins, Курт го запознава Крист Новоселич, пријател и приврзаник на панк рокот. Мајката на Новоселич поседувала фризерски салон каде Курт и Крист ќе започнат да вежбаат. По неколку години, Курт со позајмена демо-касета снимена од претходниот негов бенд Фекал Метер, се обидел да го убеди Новоселич да оформат бенд. После неколку месеци настојување Новоселич конечно решил да му се придружи на Кобејн, со што се раѓа Нирвана.[15]

За време на првите неколку години на свирење заедно, Новоселич и Кобејн свират со неколку различни тапанари. Најпосле бендот останува со Чад Ченинг, со кого Нирвана го снима својот прв албум Bleach (мак. Белило) кој е издаден од Саб Поп Рекордс во 1989 година. И покрај тоа, Кобејн станува незадоволен со стилот на Ченинг, па бендот својата замена ја наоѓа во Дејв Грол. Со Грол Нирвана го постигнува својот најголем успех преку нивното деби издание за голема музичка куќа, албумот Nevermind во 1991 година.

Кобејн води борба да го усогласи огромниот успех на Нирвана со своите андерграунд корени. Исто така, се чувствувал прогонуван од медиумите, споредувајќи се себеси со Френсис Фармер. Потоа негува гнев кон оние луѓе кои себеси се нарекувале обожаватели на неговиот бенд, а целосно ја промашиле неговата филозофија.

Како гласен противник на сексизмот и хомофобијата, Кобејн бил горд што Нирвана настапиле на настан за борба за права на хомосексуалците, давајќи поддршка за Ноу он најн во Орегон 1992 и биле инволвирани во Рок за избор, кампања за абортусот, започната од групата L7. Во дел од неговите посмртно објавени Дневници тврди дека социјалната слобода може да се постигне само преку уништување на сексизмот.

Брак

уреди

Кортни Лав за првпат го гледала Кобејн како настапува во 1989 година на концерт во Портланд, Орегон. Воделе краток разговор по завршувањето на концертот и Кортни развива симпатии за него.[16] Во следните неколку недели, откако од Грол ќе дознае дека симпатиите се заеднички, Лав започнува да го прогонува Кобејн. По неколку недели топло-ладно додворување, во есента 1991 Кобејн и Лав и официјално стануваат пар, често наоѓајќи поврзаност во користењето на дрога.[17]

За време на настапот на Нирвана во емисијата Saturday Night Live, во 1992 година Лав дознава дека е бремена. Неколку дена по откривањето, за време на Тихоокеанската турнеја на Нирвана, во понеделник на 24 февруари 1992 година Кобејн и Лав стапуваат во брак, на плажата Ваикики на Хаваите. По неколку недели Кобејн во својот дневник ќе запише: „Во последните неколку месеци сум во врска и моето однесување драстично се промени.“ Во интервју за магазинот Саси тој ќе изјави „Не можам да поверувам колку сум посреќен од порано. Понекогаш заборавам дека воопшто имам бенд, целосно сум заслепен од љубов. Знам дека тоа можеби е за срамење, но сепак е вистина. Би можел да се откажам од бендот во истиот миг. Повеќе не е важно, но сепак имам потпишано договор.“[18] На 18 август се раѓа и нивната ќерка Френсис Бин Кобејн.

Во списанието Vanity Fair 1992 година , Лав ќе изјави дека кратко време користела хероин, не знаејќи дека е бремена. Подоцна Лав ќе тврди дека магазинот погрешно ја протолкувал нејзината изјава,[19] но тој настан ќе создаде контраверзии за славната двојка. Врската помеѓу Кобејн и Лав секогаш била предмет на медиумска атракција, но по излегувањето на оваа статија тие започнуваат да бидат прогонувани од страна на новинари од дневните таблоиди кои сакаат да дознаат дали малата Френсис е зависник од дрога по раѓањето. Локалната социјална служба на Лос Анџелес ги дава Кобејнови на суд, тврдејќи дека користењето на дрога ги прави неподобни родители.[20] По наредба на судот две недели старата Френсис Бин Кобејн е одземена од нивно старателство и е предадена на Џејми, сестрата на Кортни, на неколку недели. Потоа двојката го задржува старателството, но морале редовно да даваат примероци од својата урина, како и да се согласат на редовни посети од страна на социјален работник. По неколкумесечна правна расправа, двојката добива целосно старателство над својата ќерка.

Зависност од дрога

уреди

Во текот на поголемиот дел од животот, Кобејн пател од хроничен бронхитис и физичка болка предизвикана од недијагностицирани хронични стомачни проблеми.[21] Овие стомачни проблеми влијаеле врз него емоционално исцрпувачки, и поминал долги години обидувајќи се да ги пронајде причините за истите. Сепак, ниту еден од лекарите со кои се консултирал не успеал да ја пронајде вистинската причина, претпоставувајќи дека е резултат на сколиозата која ја имал во детството или дека е поврзана со стресот предизвикан од настапите.

Неговото прво искуство со дрогата е користењето марихуана во 1980 година, на 13-годишна возраст, која редовно продолжил да ја употребува во текот на целиот живот.[22] Според Трејси Марандер,[23] Курт имал период на конзумирање значителни количини на ЛСД. А како што ќе забележи Крист Новоселич „Навистина често знаеше да претера: апчиња, есид и други видови дроги“. Кобејн исто така имал склоност кон алкохолизам и вдишување на опојни супстанци.[22] Неговото прво искуство со хероин датира од 1986 година, преку локалниот дилер од Такома, Вашингтон, кој претходно го снабдувал со Перкодан.[24] Кобејн неколку години користел хероин повремено, но при крајот на 1990 година истото се развива во целосна зависност. Кобејн тврдел дека бил „решен да создаде навика“ со цел сам да ги излекува стомачните проблеми. „Се започна со тридневна постојана употреба на хероин и повеќе немам болки во стомакот. Тоа беше вистинско олеснување“.[25]

Употребата на хероин започнала да влијае и врз турнејата на бендот кој го промовирал својот албум Nevermind. Курт почнал да се онесвестува за време на фото-сесиите. Еден незаборавен пример е 1992 година, дента на настапот на Во живо во сабота навечер (англ. Saturday Night Live), кога Нирвана имале фото-сесија со фотографот Мајкл Левин. Инјектиран од претходно, Кобејн неколкупати задремува за време на сликањето. По тврдењето од страна на биографот Мајкл Азрад, Кобејн изјавил: „Мислам, што требаше да направат? Тие нема да можат да ми кажат да престанам. Затоа, навистина не ми беше грижа. Очигледно за нив тоа беше како практикување магија или нешто слично. Тие не знаеја ништо во врска со тоа, па затоа мислеа дека ќе умрам во секој миг“.[26]

Зависност од дрога Кобејн со текот на годините сè повеќе се влошува. Уште на почетокот на 1992, не долго откако тој и Лав ќе дознаат дека ќе станат родители, Кобејн го прави својoт прв обид за рехабилитација. Веднаш по заминувањето од клиниката, Нирвана ја започнуваат својата турнеја низ Австралија, а Курт е целиот блед и исушен, како последица од одвикнувањето. Кратко по враќањето дома, Кобејн ја обновува својата хероинска зависност.

Пред настапот на New Music Seminar) во Њујорк, во јули 1993 година, Кобејн се предозира. Наместо да повика брза помош, Лав го инјектира Кобејн со нелегално набавен Наркан, со цел да го поврати од бесвесната состојба. По ова Кобејн го продолжил настапот со Нирвана, не давајќи ѝ на публиката никаков знак дека се случило нешто надвор од границите на нормалата.[27]

Смрт

уреди

За време на турнеја, на аеродромот во Минхен, Германија, на 1 март 1994 година, кај Кобејн е дијагностициран бронхитис и тежок ларингитис. Следниот ден одлетува за Рим на медицински третман, а неговата сопруга му се придружува на 3 март. Следното утро Лав го пронашла Кобејн предозиран со комбинација од шампањ и рохипнол (за кој Лав имала рецепт по доаѓањето во Рим). Кобејн бил веднаш пренесен во болница и останал во несвест во текот на целиот ден. По 5 дена поминати во болница, Кобејн бил пуштен и се вратил во Сиетл. Лав подоцна изјавува дека тоа бил неговиот прв обид за самоубиство.[28]

На 18 март, Лав повикала полиција бидејќи Кобејн се однесувал суицидално, имал пиштол и се заклучил во својата соба. Полицијата пристигнала и конфискувала неколку парчиња оружје, како и шишенце со апчиња од Кобејн, кој тврдел дека не е суицидален и дека се заклучил во собата за да се скрие од Лав. Кога таа била испрашувана од страна на полицијата изјавила дека Кобејн никогаш не кажал дека е суицидален и дека никогаш не го видела со пиштол.[29]

По прашањето за зависноста од дроги на Кобејн, Лав организирала интервенција која се одржала на 25 март. Десетте луѓе кои биле вклучени во истата вклучувале пријатели музичари, директори од продуцентската куќа, како и Дилан Карлсон, еден од најдобрите пријатели на Кобејн. Басистот Крист Новоселич го предупредил Кобејн дека идејата ја сметал за „глупава“. Сепак, до крајот на денот, Кобејн се согласил да започне програма за детоксикација. На 30 март Кобејн пристигнал во центарот за рехабилитација Егзодус во Лос Анџелес, Калифорнија.[30] Истата ноќ Кобејн излегол надвор да пуши цигара, а потоа го прескокнал ѕидот висок речиси два метра и побегнал од установата. Со такси стигнал до аеродромот во Лос Анџелес и се качил на авион за Сиетл. Во текот на 2 и 3 април, Кобејн бил забележан на различни локации во Сиетл, но повеќето од неговите пријатели и фамилијата воопшто не знаеле каде престојува. На 3 април, Лав го контактирала приватниот детектив Том Грант, ангажирајќи го да го пронајде Кобејн. На 7 април среде гласини дека бендот се распаѓа, Нирвана го повлекле своето учество од фестивалот Лолапалоза.

На 8 април 1994 година, телото на Кобејн е пронајдено во неговиот имот на езерото Вашингон, од страна на еден електричар кој дошол да вгради сигурносен систем. Електричарот изјавил дека не забележал никакви знаци на повреди, освен малото количество на крв кое излегувало од увото на Кобејн, и најпрво мислел дека Кобејн спиел, сè додека не ја забележал пушката потпрена на неговата брада. Пронајдено било проштално писмо во кое се вели: „Веќе долги години не сум почувствувал возбуденост слушајќи и создавајќи музика заедно со пишувањето.“ Во неговото тело исто така биле пронајдени големо количество на хероин и траги од валиум. Телото на Кобејн лежело таму со денови, а во извештајот на судскиот вештак се претпоставува дека починал на 5 април 1994 година.[31]

На 10 април во парк во Сиетл било одржано јавно бдеење за Кобејн, кое привлекло околу седум илјади ужалени лица. На комеморацијата биле пуштани претходно снимени пораки од Крист Новоселич и Кортни Лав. Лав на масата од луѓе ѝ читала делови од прошталното писмо на Кобејн со прекини со плачење. Кон крајот на бдеењето Лав пристигнала во паркот носејќи дел од облеката на Кобејн, која ја раздала на масата која била присутна.[32]

Музички влијанија

уреди

Кобејн беше верен заштитник на изведувачите на раниот алтернативен рок. Неговиот интерес за андерграундот започнал кога Баз Озборн од Melvins му позајмил касета со песни од панк бендови како: Black Flag, Flipper и Millions of Dead Corpses.Неговите интервјуа биле проткаени со спомнување на неговите омилени бендови, често придавајќи им поголема важност на бендовите кои влијаеле лично врз него, отколку на оние кои влијаеле на неговата музика. Во неговите интервјуа често биле спомнувани не многу познати изведувачи како што се Vaselines, Melvins, Даниел Џонстон, Meat Puppets, Young Marble Giants, Vipers, Flipper, Butthole Surfers, Captain Beefheart и Raincoats. Неговиот музички вкус не се ограничувал само на западните изведувачи. Кобејн често ја споменувал својата воодушевеност од јапонските рок бендови како на пример: Shonen Knife.[33] Кобејн исто така ќе го истакне и влијанието на Pixies, притоа додавајќи дека Smells Like Teen Spirit покажува сличности со нивниот звук. Во музичкиот весник Мелоди Мејкер во 1992 Кобејн изјавува дека слушајќи го албумот Surfer Rosa за првпат го убедило дека треба да го напушти влијанието на Black Flag во пишувањето на своите песни и повеќе да се сврти кон песни во стилот на "Иги Поп/Аеросмит ", какви што се во Nevermind.[34]

Битлси биле рано и важно музичко влијание врз Кобејн. Тој покажувал особени симпатии за Џон Ленон, кого во своите дневници го нарекувал свој идол. Кобејн еднаш спомнал дека ја напишал About a Girl по тричасовно слушање на Meet The Beatles!.[35] Имал огромно влијание од панк-рокот и хардкор-панкот и често за својот уметнички вкус и однос ги сметал заслужни бендовите како Black Flag и Sex Pistols.

Покрај сите влијанија од бендови од независни музички куќи, раниот стил на Нирвана е под влијание на големите рок бендови од 70-те години, вклучувајќи ги Led Zeppelin, Black Sabbath, Queen и Kiss. Во своите рани денови, Нирвана имаше навика да свири преработки на песни токму од овие бендови, како: Immigrant Song, Dazed and Confused, Heartbreaker, на Led Zeppelin, Hand of Doom на Black Sabbath, а дури и направија студиска снимка на Do You Love Me? на Kiss. Кобејн исто така зборува и за влијанијата од бендовите како: Knack, Boston и Bay City Rollers.

Истоа така имало и уште постари влијанија: концертот во живо на МТВ, Нирвана ќе го заврши со верзија на песната "Where Did You Sleep Last Night", песна популаризирана од страна на блуз изведувачот Лид Бели, кого Кобејн го нарекува еден од своите омилени изведувачи. Критичарот Грејл Маркус претпоставува дека Кобејновата Polly потекнува од Pretty Polly балада за едно убиство, најверојатно постара од еден век уште во 1927 година кога ја снимиле Док Богс.

Кобејн исто така прави напори во своите музички стремежи да ги вклучи и неговите омилени изведувачи. Во 1991 година на фестивалот во Ридинг, Јуџин Кели од Vaselines ќе се качи на сцената со Нирвана и во дует со Кобејн ќе ја испее Molly's Lips[36]. Подоцна Кобејн ќе изјави дека ова претставува еден од најубавите моменти во неговиот живот. Во 1993 година кога Кобејн ќе одлучи дека му треба втор, помошен гитарист на сцена, ќе го ангажира Пет Смир од легендарниот панк бенд од Лос Анџелес, The Germs. Кога на пробите за концертот во живо на МТВ 1993 година, трите преработки на Мит Папетс кои Нирвана ги спремале, тргнале наопаку, Кобејн ги повикал двајцата членови на бендот, браќата Курт и Крис Керквуд, кои му се придружиле на бендот во изведувањето на истите. Кобејн исто така ќе даде придонес како придружен гитарист во снимката под наслов The 'Priest' they called him на Вилијам С. Буроус.

Како што Sonic Youth своевремено ќе им помогнат на Нирвана да стекнат поголем успех, така Нирвана ќе се потрудат да им помогнат на другите помали бендови да успеат.

Наследство

уреди
 
Во 2005 година во чест на Курт Кобејн знакот за добредојде на градот Абердин во државата Вашингтон е променет во "Welcome to Aberdeen - Come As You Are".

Долги години по неговата смрт, Кобејн сѐ уште се памети како една од најголемите рок икони во историјата на алтернативната музика. Во 2005 година на влезот во Абердин, Вашингтон поставен е знак "Welcome to Aberdeen - Come As You Are" (Добре дојдовте во Абердин - Дојди каква што си), како почит за Кобејн. Знакот е изработен и финансиран од страна на комитетот Комеморативен Комитет Курт Кобејн, непрофитна организација создадена во чест на Кобејн во мај 2004 година. Комитетот исто така има во план да изгради и спомен-парк Курт Кобејн, како и младински центар во Абердин.

Телото на Курт Кобејн не е закопано, тоа е кремирано, а пепелта е расфрлена во реката Вишка во Вашингтон.[37] Голем број обожаватели го посетуваат паркот Вајрета, кој се наоѓа во непосредна близина на неговиот дом на езерото Вашингтон, со цел да му оддадат почит. На годишнината од неговата смрт, обожавателите се собираат во паркот да го прослават неговиот живот и спомените.

Гас Ван Сент во 2005 година го базираше својот филм Last Days (Последните денови) врз основа на она што можеби се случувало во последните часови од животот на Кобејн. Во 2007 година, Лав започна да ја продава биографијата Потешко од рајот (англ. Heavier Than Heaven) на различни филмски студија во Холивуд со цел таа да се претвори во филм за Курт Кобејн и Нирвана.

Книги и филмови за Кобејн

уреди

Уште пред смртта на Кобејн, авторот Мајкл Азрад ја објави книгата Come as You Are: The Story of Nirvana, дело кое ја следи кариерата на Нирвана од нејзините почетоци, како и биографиите на нејзините членови. Книгата ја истражува зависноста на Кобејн од дрога, како и многубројните контраверзии кои го опкружувале бендот. По смртта на Кобејн, Азрад ја повторно ја издава својата книга, додавајќи едно ново поглавје кое говори за последната година од животот на Кобејн. Книгата е значајна поради фактот што членовите на бендот се вклучиле, давајќи интервјуа и лични информации специјално за книгата. Во 2006 година, снимените разговори помеѓу Азрад и Кобејн беа преобразени во документарец за Кобејн насловен Kurt Cobain About a Son. Иако во овој филм воопшто нема музика од Нирвана, тој содржи песни од изведувачи кои го инспирирале Кобејн.

Во документарецот од 1998 година Kurt & Courtney, режисерот Ник Брумфилд го истражува тврдењето на Том Грант дека Кобејн всушност бил убиен. Тој ја носи филмската екипа да запознаат повеќе луѓе блиско поврзани со Кобејн и Лав, меѓу кои и таткото на Лав, тетката на Кобејн и една од нивните поранешни дадилки. Брумфилд исто така разговарал и со Елдон "Ел Дјус" Хоук, фронтменот на бендот Mentors, кој тврдел дека Лав му понудила педесет илјади долари за да го убие Кобејн. Иако Хоук тврдел дека знаел кој го убил Кобејн, никогаш не споменал име ниту, пак, понудил докази што би го поткрепиле неговото тврдење. Брумфилд случајно го добил последното интервју на Хоук, кој загинал неколку дена подоцна, наводно прегазен од воз во алкохолизирана состојба. Сепак на крајот, Брумфилд не открил доволно докази за да заклучи дека постоел заговор. Во интервју од 1998 година, Брумфилд резимира велејќи: „Мислам дека извршил самоубиство. Мислам дека не постојат мистериозни нешта. И мислам дека постои само еден начин кој може да објасни многу нешта поврзани со неговата смрт. Не дека беше убиен, туку дека имаше недостиг на грижа за него. Мислам дека Кортни продолжи да оди напред, а тој беше непотребен“.[38]

Новинарите Јан Халперин и Макс Валас се обидоа на поинаков начин да ја истражат теоријата на заговор. Во нивното првобитно дело од 1999 година, Who Killed Kurt Cobain? (Кој го уби Курт Кобејн?) тврдат дека иако нема доволно докази за да се докаже заговорот, има повеќе од доволно за да се побара случајот да биде повторно отворен.[39] Значаен дел од книгата се нивните разговори со Грант, кој ги имал снимено речиси сите разговори што ги имал додека бил најмен од Лав. Низ следните неколку години Халперин и Валас ја продолжуваат соработката со Грант, за во 2004 година да излезе нивната втора книга Love and Death: The Murder of Kurt Cobain.

Во 2001 година писателот Чарлс Р. Крос издава биографија за Кобејн под наслов Heavier Than Heaven. За книгата Крос собрал над 400 интервјуа, и исто така од Кортни Лав добил пристап до Кобејновите дневници, текстови и забелешки.[40] Во 2002 година, избор од пишуванките на Кобејн бил објавен како Journals. Книгата содржи 280 страници, со едноставна црна корица, страниците се подредени хронолошки (иако Кобејн во главно не пишувал датуми). Страниците од дневникот се репродуцирани во боја, и на крајот има додадено дел кој содржи објаснувања и транскрипции на некои помалку читливи страници. Во 2003 година излегува верзија на книгата со меки корици, која вклучила голем број на пишуванки кои не биле дел од првото издание. Во дневниците Кобејн зборува за среќите и несреќите, за животот на пат, прави списоци на музика која сака да ја слуша и често чкрткал идеи за музички текстови. По нејзиното објавување критичарите и обожавателите противречеле за колекцијата. Многу од нив биле воодушевени што можеле да дознаат нешто повеќе за Кобејн и да ги чујат неговите скриени мисли искажани со негови зборови, но биле вознемирени поради фактот што се навлегло длабоко во неговата приватност.[41]

Во 2003 година Omnibus Press го објави графичкото дело Godspeed: The Kurt Cobain Graphic. Напишано е од Џим Меккарти и Барнаби Лег, со илустрации на Флејмбој. Делото го слика животот на Кобејн, но не претставува фактографска биографија. Напротив, тоа користи авторски права за да ја прикаже приказната на Кобејн од негова гледна точка.

Во 2009 година ECW Press објави книга насловена како Grunge is Dead: The Oral History of Seattle Rock Music. Напишана е од Грег Прато и содржи голем дел за Нирвана и животот и смртта на Курт Кобејн (вклучувајќи и нови интервјуа со членови на бендови и пријатели), исто така детално опишувајќи ја историјата на гранџот. За насловната корица на книгата е искористена слика од Кобејн од ерата на албумот Блич, а нејзиниот наслов доаѓа од натпис на маица која Кобејн ја носел при едно од многуте фотографирања.[42]

Наводи

уреди
  1. Azerrad, Michael. "Inside the Heart and Mind of Nirvana Архивирано на 2 октомври 2007 г.." Rolling Stone. 16 април 1992.
  2. Halperin, Ian & Wallace, Max (1998). Who Killed Kurt Cobain?. Birch Lane Press. ISBN 1-55972-446-3.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. Cross, p. 7
  4. Azerrad, p. 13
  5. Gaar, Gillian. "Verse Chorus Verse: The Recording History of Nirvana." Goldmine Magazine. 14 февруари 1997.
  6. Azerrad, p. 17
  7. Savage, Jon. "Kurt Cobain: The Lost Interview." Guitar World. 1997.
  8. 8,0 8,1 Azerrad, p. 22
  9. 9,0 9,1 Azerrad, pp. 20–25
  10. Cobain, Kurt (2002). Journals. Riverhead Hardcover. ISBN 978-1573222327.
  11. Azerrad, p. 35
  12. Azerrad, p. 37
  13. Cross, Charles R. "Requiem for a Dream." Guitar World. October 2001.
  14. Azerrad, p. 43
  15. Azerrad, p. 45
  16. Azerrad, p. 169
  17. Azerrad, p. 172. Courtney Love: "We bonded over pharmaceuticals."
  18. Kelly, Christina. "Kurt and Courtney Sitting in a Tree Архивирано на 5 октомври 2007 г.". Sassy Magazine. April 1992.
  19. Azerrad, p. 266
  20. Azerrad, p. 270
  21. Azerrad, p. 66
  22. 22,0 22,1 Cross, p. 76
  23. Cross p.75
  24. Azerrad, p. 41
  25. Azerrad, p. 236.
  26. Azerrad, p. 241
  27. Cross, p. 296–297
  28. David Fricke, "Courtney Love: Life After Death Архивирано на 22 август 2009 г.", Rolling Stone, 15 декември 1994.
  29. Seattle Police Department (1994). „Incident Report - March 18“. Архивирано од изворникот на 2012-06-28. Посетено на 13 март 2006.
  30. The Seattle Times (1994). „Questions Linger After Cobain Suicide“. Архивирано од изворникот на 2011-04-30. Посетено на 13 март 2006.
  31. Strauss, Neil (јуни 2, 1994). „The Downward Spiral“. RollingStone.com. Архивирано од изворникот на 2008-06-09. Посетено на 4 јуни 2008.
  32. Azerrad, p. 350
  33. Mar, Alex (1 март 2005). „Shonen Knife Bring Sweets“. Rolling Stone. RealNetworks, Inc. Архивирано од изворникот на 2010-04-09. Посетено на 1 март 2005.
  34. Cobain, Kurt. "Kurt Cobain of Nirvana Talks About the Records That Changed His Life". Melody Maker. 29 август 1992.
  35. Cross, p. 121.
  36. Cross, p. 195
  37. http://www.findagrave.com/cgi-bin/fg.cgi?page=gr&GRid=1488
  38. Miller, Prairie. "Kurt and Courtney: Interview with Nick Broomfield Архивирано на 15 март 2009 г.". Minireviews.com. 1998.
  39. ;Halperin & Wallace, p. 202
  40. „Heavier than Heaven: A Biography of Kurt Cobain“. HyperionBooks.com.
  41. Hartwig, David. "Nirvana releases a hit and miss." Notre Dame Observer. 19 ноември 2002.
  42. „Grunge Is Dead“. ECW Press. Архивирано од изворникот на 2010-04-04. Посетено на 3 мај 2009.

Користена литература

уреди
  • Azerrad, Michael. Come as You Are: The Story of Nirvana. Doubleday, 1994. ISBN 0-385-47199-8.
  • Burlingame, Jeff. Kurt Cobain: Oh Well, Whatever, Nevermind. Enslow, 2006. ISBN 0-7660-2426-1
  • Cross, Charles. Heavier Than Heaven: A Biography of Kurt Cobain. Hyperion, 2001. ISBN 0-7868-8402-9.
  • Summers, Kim. "Kurt Cobain". Allmusic. Accessed on 9 мај 2005.
  • Kitts, Jeff, et al. Guitar World Presents Nirvana and the Grunge Revolution. Hal Leonard, 1998. ISBN 0-7935-9006-X.

Надворешни врски

уреди
 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:


  Статијата „Курт Кобејн“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).