Електрична гитара

Електричната гитара — вид на гитара која со помош на електромагнетни приемници ги преобразува вибрациите од нејзините жици во електронска струја. Сигналот кој се произведува од електричната гитара е премногу слаб, па затоа се засилува пред да се донесе до звучникот. Бидејќи производот на електричната гитара е електричниот сигнал, тој лесно се менува со електрични кола за да се додаде нијанса на звукот. Најчестите ефекти кои се користат се одекнување и изобличување на звукот.

Електрична гитара

Електричната гитара е измислена во 1931 година и веднаш станува неопходна за џез музичарите кои сакаат да го засилат звукот при нивните изведби како големи групи (тн биг бенд изведби). За време на 1950-тите и 1960-тите електричната гитара станува најважниот инструмент во популарната музика и еволуира во жичен музички инструмент со кој може да се свират безброј музички стилови и секако послужува за развивањето на рокенрол и многу други видови на музика.

Историја

уреди

Разни експерименти за засилување на звуците од жичените инструменти се прават уште на почетокот на 20 век и има пронајдоци од 1910 година кои со помош на телефонски предаватели во внатрешноста на виолина и бенџо го засилуваат звукот.

Во 1920-тите се користат јаглеродни микрофони закачени за мост но тие произведуваат слаб звук. Многу слични експерименти од раните 20-ти и 30-ти доаѓаат блиску до изумот на електрична гитара.

Лес Пол експериментира со микрофони во дупката на акустичните гитари но првата електрично засилена гитара ја дизајнира Џорџ Бошамп, генералниот менаџер на Државната Корпорација за Гитари со потпретседателот Пол Барт. Хери Вотсон, главниот надзорник и менаџер на корпорацијата го гради прототипот со јаворово тело и лиен алуминиум или таканареченото Тавче. Производството почнува во летото 1932 година во корпорацијата Ро-Пат-Ин (Ro-Pat-In Corporation) во Лос Ангелес.

Потребата за засилена гитара станува голема во ерата на големите бендови каде оркестрите се зголемуваат и првите електрични гитари кои се користат во џезот се шупливите гитари чиј врат е свиткан на врвот со електромагнетен трансдуктор. Веќе во 1932 година електричните гитари се комерцијално достапни. Првите производители се Рикенбакер (Rickenbacker, Ro-Pat-In), Добро (Dobro),Нешнл (National),АудиоВокс (AudioVox), Волутон (Volu-Tone), Вега (Vega), Епифон (Epiphone), Гипсон (Gibson) и многу други по 1936 година.

Електричната гитара со цврсто тело се прави од цврсто дрво и нема функционални воздушни простори за резонанција. Рикенбакер нуди гитара од лиен алуминиум и електротехнички челик наречена Тавче или Гитара Палачинка која е развиена во 1931 година, а произведувана веќе од 1932 година. Првата Шпанска гитара со цврсто тело ја нуди Вивитон (Vivi-Tone) некаде во 1934 година. Електро Шпанската е уште една гитара на Рикенбакер од 1935 година, а веќе во 1936 година компанијата Слингерленд (Slingerland) произведува дрвен модел со цврсто тело.

Најстарата позната изведба со електрична гитара датира од 1932 година и му припаѓа на Гејџ Бруер (Gage Brewer), музичар од Вичита, Канзас, со Електрична Хавајска А-25 (тавче, скут гитара) и стандардна електрична шпанска од Џорџ Бошамп од Лос Ангелес Калифорнија. Првите снимки датираат од 1933 година од музичари со хавајски стил. Боб Дан и Милтон Браун ја претставуваат електричната хавајска гитара на западната свинг музика а потоа таа влегува и во џез и блуз музиката. Алвино Реј ја носи електричната гитара на поширока публика и потоа ја развива електричната гитара со педал за Лес Пол чија прва комерцијална гитара од 1936 година е моделот ЕЅ-150 (Electric Spanish, 150 долари). Моделот ЕЅ-150 е во форма на шестаголник и има еден спроводник, а е дизајнирана од Волт Фулер и станува позната како Чарли Христијан (Charlie Christian) по големиот џез музичар кој е еден од првите кој изведува со оваа гитара. ЕЅ – 150 станува делумно популарна но се губи поради нееднаквата гласност на сите шест жици.

Функционална електрична гитара со цврсто тело дизајнира и гради Лес Пол од акустичната гитара со свиткан врв на Епифон. Неговата трупец гитара така наречена поради телото кое се состои од едноставно 4x4 дрвено парче домашен магнет и хардвер и закачен врат воопшто нема сличности во дизајнот со моделот Лес Пол со цврсто тело кој го продава Гипсон.

Конструкција

уреди
 
Легенда:

1. Глава
1.1 Штимер
1.2 Потпирна прачка
1.3 Упатувач на жици
1.4 Држач за жици
2. Врат
2.1 Гриф
2.2 Гравури
2.3 Фретови
2.4 Зглоб на вратот
3. Тело
3.1 Магнет на вратот
3.2 Магнет на мостот
3.3 Седла за жици
3.4 Мост
3.5 Жичници
3.6 Вибрато-шипка
3.7 Копче за магнети
3.8 Копчиња за контрола и гласност
3.9 Излезен приклучок
3.10 Копче за прерамка
4. Жици
4.1 Бас-жици
4.2 Пискави жици

Дизајнот и конструкцијата на електричната гитара варираат од формата на телото до конфигурацијата на вратот, мостот и магнетите. Сепак, некои особини ги има кај сите електрични гитари. Сликата покажува разни делови кај електричната гитара како главата со штимерите, држачот на жици. Фретовите се тенки метални ленти кои ја запираат жицата на правиот тон кога гитаристот ќе ја притисне жицата за грифот. Потпирната прачка вообичаено е приспособлива метална прачка која ја држи под контрола затегнатоста на жиците за вратот да остане прав. Гравурите послужуваат за ориентација на нотите за гитаристот.

Вратот и грифот се издолжуваат од телото на гитарата и се споени кај зглобот на вратот со лепило или шрафови. Жиците кои вибрираат на магнетното поле од магнетите произведуваат електрична струја во спиралата на магнетот која минува низ контролите за гласност и тон до приклучокот.

Некои гитари имаат фиксиран мост а други имаат вибрато шипка со која гитаристите можат да ги виткаат нотите или акордите. Пластичен штитник го штити телото на гитарата од гребаници. Многу луѓе веруваат дека цврстото дрво од кое е изградено телото на гитарата влијае на засилувањето на звукот. Според едни разликата меѓу дрвата е голема, според други едвај се приметува. Кај акустичните и гитарите со свиткан врв разликата е поочигледна.

Типичните тела од цврсто дрво се градат од евла, пенсилваниски јасен, махон, топола и липа. Јаворот е популарно но тешко дрво за тело на гитара. Поевтините гитари се прават од иверица, бор или агатис, кои не се цврсти дрва, што влијае на тонот и трајноста. Иако повеќето се прават од дрво, за правење гитари може да се искористи каков било материјал, пластика, метал дури и картон се користел при правење гитари.

Приклучокот типично е за моно сигнал, но многу гитари имаат стерео приклучоци. Стерео приклучокот поретко се наоѓа, а кај стерео гитарите магнетите од вратот и мостот најчесто се насочени кон различни излези на гитарата. Тогаш стерео кабел ги насочува кон својот засилувач.

Магнети

уреди

Во споредба со акустичната гитара, која има шупливо тело, електричната прави многу послаб звук кога ќе се затегнат жиците и затоа се поврзани со засилувач. Кога се свири електричната гитара, движењето на жиците произведува мала електрична струја во магнетите кои имаат навои со многу тенка жица. Сигналот поминува низ колото на контролите за тон и гласност до излезниот приклучок и преку кабел до засилувачот. Поттикнатата струја е правопропорционална со дебелината на жицата и движењето над магнетите.

 
Одблиску Fender Squier "Fat Strat" guitar — "хамбакер" магнет од лево и два магнети со еден навој од десно.

Бидејќи во повеќето случаи подобро е да се изолираат магнетите со навои од ненамерните внатрешни вибрации тие се опкружуваат со восок, политура или смола за да се спречи микрофонскиот ефект на магнетот.

Поради нивните природни индукциски квалитети, сите магнети кај електричната гитара примаат амбиенти, најчесто електромагнетни пречки (ЕМИ). Како резултат се добива шум кој е многу гласен кај магнети со еден навој, уште полошо кај повеќето старомодни електрични гитари каде нема доволно заштита од овие ЕМИ. Најчеста појава е 60 херцниот шум од куќните жици и слично. Бидејќи целата звучна опрема поврзана со електричните гитари мора да биде вклучена останува технолошки предизвик да се намали или елиминира несаканиот шум.

Магнетите со двоен навој или таканаречените хамбакери (humbucker) се појавуваат како еден од начините да се намали овој несакан шум. Хамбакерите имаат два навои со спротивни магнетни и електрични поларитети за да произведат диференцијален сигнал. Електромагнетната врева која еднакво ги погодува двата навои се стреми да го направи сигналот позитивен кај едниот навој и негативен кај другиот навој, со што ќе се намали вревата. Високата индукција од двата навои носи побогат, подебел тон кој станува заштитен знак на хамбакерите.

Пиезоелектричните магнети се составени од сендвич од кварцен кристал или друг пиезоелектричен материјал позициониран под седлата за жици или држачот за жици. Овие направи одговараат на притисокот од вибрациите на овие точки.

Оптички магнети се вид на магнети кои со помош на инфраред ги регистрираат вибрациите на жиците и телото и не се осетливи на ЕМИ.

Некои хибридни електрични гитари имаат дополнителен микрофон, пиезоелектрика, оптика и други видови на трансдуцери кои го приближуваат тонот до оној на акустичната и ја прошируваат соничната палета на електричната гитара.

Вратови

уреди

Има различни видови на форми и градби кај вратовите на електричните гитари. Должината на вратот во која жиците вибрираат кај типичен Фендер е 65 сантиметри, додека Гипсон користи врат од 63 сантиметри кај нивните Лес Пол електрични гитари.

Фретовите се ставаат пропорционално низ должината на вратот, па колку е пократка должината на вратот, помал е просторот на фретовите. Популарното мислење е дека подолг врат придонесува за поголема амплитуда, но тоа е различно за многу луѓе.

Постојат склопени, зашрафени и долж телото на гитарата. Склопените вратови се залепени за телото на гитарата и наводно имаат потопол тон и поголемо одржување на ноти. Тоа е најтрадиционалниот вид на спојување врат и тело на гитара. Лео Фендер е пронаоѓач на зашрафените вратови за полесно приспособување и замена.

Инструментите со врат долж телото се познати по подолгото одржување на ноти и нивната цврстина. Додека склопениот врат може да се одлепи и зашрафениот може да се отшрафи, вратовите долж телото се многу тешки, дури и невозможни за поправка, зависно од штетата. Историски најпопуларен врат е зашрафениот поради лесната инсталација и приспособување. И поради тоа што лесно се вадат, постои посебен пазар за вакви вратови од компании како Warmoth и Mighty Mite. Моделите на Гипсон сè уште се прават со склопени/залепени вратови. Вратовите долж телата се најзастапени кај бас гитарите.

За изградба на вратовите се одбираат материјали кои се истакнуваат со нивната димензионална стабилност и закоравеност и затоа се претпочита цврсто дрво како јавор, махон, јасен, а грифот се прави од различен вид на дрво најчест јаворов врат оди со гриф од палисадрово дрво или абонос. Во 1970-тите дизајнерите како Џон Велено, Тревис Бин, Џоф Гулд и Алембик Инк почнуваат да користат егзотични рачно направени материјали како алуминиум за авиони, јаглеродно влакно и ебонол, материјал сличен на абоносот.

Покрај можните инженерски предности, некои веруваат дека со растењето на цената за дрвата за инструменти, рачно направените материјали може да бидат поекономични и поеколошки. Меѓутоа дрвото е сè уште најпопуларен материјал за производство на инструменти, иако понекогаш помешано со новите материјали. Vigier Guitars при производството користи дрвен врат зајакнат со додавање на мала прачка од јаглеродни влакна наместо вообичаената челична шипка. Посебните вратови за зашрафување се прават целосно од јаглеродни влакна. Многу малку доказ постои за влијанието на различните материјали на звукот на електричната гитара.

Неколку форми на вратови се појавуваат кај гитарите, најпознати се вратовите во форма на С, U, и V. Буквите се однесуваат на формата на вратот во близината на држачот за жици. Постојат неколку големини на жица за фретови, а традиционалните гитаристи сакаат потенки фретови, додека металците сакаат подебели фретови. Потенките фретови се подобри за свирење акорди (ритамска гитара), додека подебелите им овозможуваат на водечките гитаристи полесно да ги виткаат нотите. Foldaxe е електрична гитара со свитлив врат која ја дизајнира Роџер Ц. Филд за Чет Аткинс. Steinberger развива линија од егзотични инструменти од јаглеродни влакна, чие штимање се врши на мостот, бидејќи немаат глави.

Грифовите се исто толку разновидни како и вратовите. Нивната површина најчесто има напречно-пресечен полупречник приспособен за движењето на прстите за секакви видови техники на свирење. Полупречникот на грифот најчесто се движи од скоро рамен(голем полупречник) до радикално свиткан (мал полупречник). Класичниот Фендер Телекастер обично има мал полупречник од приближно 18 сантиметри. Некои производители експериментираат со дизајнот, бројот на фретови и модификациите на површината на грифот од голем број причини. Некои иновации се за подобрување на делотворноста, како грифот со прилагоден полупречник на Warmoth Guitars. Порабените грифови додаваат подобрена микрохроматика на брзите ноти (легата). Раширените фретови се за оптимална тензија при свирење и подобрена музикалност. Некои гитари немаат фретови, а други како Gittler гитарите немаат врат, во традиционалната смисла.

Звуци и ефекти

уреди

Кај електричната гитара, за разлика од акустичната, звукот најмногу зависи од сигналот на магнетите. Гитаристот може да го обликува сигналот пред тој да стигне до засилувачот преку разни направи и кола кои го менуваат тонот и одликите на сигналот. Засилувачите и звучниците исто така додаваат нови нијанси на крајниот звук.

Вградено обликување на звукот

уреди

Електричните гитари обично имаат три и понекогаш четири магнети. Слични магнети произведуваат различни тонови во зависност од нивната близина до вратот или мостот. Магнетите кај мостот произведуваат попискава тонажа додека магнетите кај вратот произведуваат повеќе бас тонови. Видот на магнетот исто така влијае на тонот. Магнетите со двојни навои звучат потопло, погусто дури и калливо – а магнетите со еден навој звучат многу појасно.

Некои гитари имаат пиезоелектрични магнети покрај електромагнетните. Пиезо магнетите произведуваат поакустичен звук и тие поминуваат низ вграден стабилизатор за да ја подобрат контролата на звукот. Посебна рачка го контролира миксот меѓу електромагнетни и пиезоелектрични звуци.

Таму каде што има повеќе од еден магнет, има посебен прекинувач за селекција. Прекинувачот ги комбинира излезите на два или повеќе магнети, па гитарите со два магнети имаат прекинувачи во три правци, а гитарите со три магнети во четири правци. Понекогаш магнетите се комбинираат на различен начин, на пример, менување фази го дели едниот магнет од фазата со другиот, што доведува до по-фанки звук.

Тонажата кај поединечните магнети исто така може да се менува со прекинувачи, обично спроводни прекинувачи кои со краток спој на магнетите со двоен навој произведуваат сличен звук како и магнетите со еден навој.

Последните фази на обликување на звукот се случуваат во контролата за гласност и тон. Каде што има поединечна контрола на гласност за различните магнети и каде нивните сигнали може да се комбинираат, тие би влијаеле 50:50 на тонажата на крајниот звук со приспособување на рамнотежата меѓу магнетите.

Жиците на гитарата исто така влијаат на звукот. Рок-музичарите сакаат најтенок калибар на жица бидејќи тие полесно се виткаат, додека џез музичарите сакаат подебел калибар за побогат и потемен звук. Челик, никел и кобалт се вообичаените материјали за правење жици за гитара и секој од нив дава различна димензија на звукот.

Денешните дизајни за гитари имаат многу посложени струјни кола од горенаведените, како кај дигиталните и синтисајзерски гитари.

Класични звуци на засилувачот

уреди

Во 1960-тите некои гитаристи почнуваат да експериментираат со поширок опсег на тонски ефекти со изобличување на звукот на инструментот. За таа цел тие со додавање на енергија на засилувачот со што се добива поматен звук. Звучните инженери овој ефект го нарекуваат сечкање, бидејќи кога се гледа со осцилоскоп, на брановите на изобличениот сигнал како да им се исечени врвовите, правејќи ги скоро како меандри (квадратни бранови). Тоа не се појавува како нова иновација кај инструментот, туку мала промена во естетиката на звукот, која пред тоа не била популарна.

Откако изобличувањето станува популарно, производителите на засилувачи вклучуваат разни додатоци за него, правејќи го изобличувањето многу полесно за употреба. Засилувачите со електронска ламба имаат одлики на изобличување кои се најбарани и многу обиди се прават за нивна имитација без нивните недостатоци.

Засилувачите за електрични гитари одамна имаат неколку ефекти како контрола на тонот и педал за одекнување. Ефектите се контролираат преку струјни кола.

Педали за ефекти

уреди
 
Boss педал за изобличување во употреба.

Во 60-тите палетата на тонови на електричната гитара се менува уште повеќе со педалите за ефекти во патот на сигналот. Педалите доаѓаат во различни формати најзастапени од кои се stomp-box и rack-mount педалите. Ѕtomp-box е мала метална или пластична кутија со струјни кола која се става на подот пред музичарот и се поврзува со кабелот кој е поврзан со инструментот. Кутијата обично се контролира со педал за стапало или прекинувач и најчесто има еден или два ефекти. Музичарите често користат штица за педали кои имаат повеќе stomp-box-ови направени од иверици.

Педалот rack-mount има слични струјни кола но се става на стандарден 19 инчен рафт за опрема и обично има неколку ефекти кои се контролираат со рачки или прекинувачи на предната табла и често преку МИДИ (музички инструмент со дигитален интерфејс) интерфејс. Најчестите ефекти се:

• Ефекти како стерео хор, фазери и фланшери кои ја малку ја менуваат пискавоста на сигналот, создавајќи виорни, треперливи и шушкави звуци.

• Ефекти како октавери кои со точен музички интервал ја преместуваат тонската висина.

• Изобличување, како транзисторски поматен звук или ефекти кои го имитираат изобличувањето со електронската ламба.

• Филтри како wah-wah.

• Компресори и изразувачи.

• Одложувачи или одекнувачи.

Модерни техники кај засилувачите

уреди

Во 1970-тите како што се множат педалите со ефекти, нивните звуци се комбинираат со проводно-засилени изобличувачи со пониска и проконтролирана гласност со користење на струјни атенуатори и лажно засилени напои како варијакот на Еди Ван Хејлен, струјни отпорници и друго. Варијак е еден пристап кон атенуација со кој звукот на изобличувањето е попристапен. Поновите засилувачи имаат дигитални технологии слични на педалите со ефекти вклучувајќи ја способноста да се имитираат голем број од ефектите на класичните засилувачи.

Дигитални и софтверски ефекти

уреди
 
Zoom 505 педалот со повеќе ефекти.

Направа за повеќе ефекти е педал или направа за монтирање на рафт која содржи многу ефекти. Во доцните 1990-ти и низ 2000-тите производителите на вакви направи како Zoom и Korg произведуваат направи кои имаат сè повеќе и повеќе ефекти и дури ги комбинираат со однапред определени опции. Комбинации од изобличување, хор, одекнување, компресија итн. Им овозможуваат на музичарите да имаат полесен пристап до нив на нивните изведби. Педалите со повеќе ефекти се многу популарни на пазарот бидејќи нудат еден огромен број на ефекти во една мала направа и поевтините содржат до 20 ефекти со иста или слична цена како обичен педал за еден ефект додека поскапите имаат 40 или повеќе ефекти.

 
The Boss GT-8 е еден од поскапите педали со повеќе ефекти, на сликата може да се забележат рекинувачите за однапред определени опции, ножните прекинувачи и вградениот изразувач-педал.

До 80-тите и 90-тите софтверските ефекти стануваат способни за репликација на аналогните ефекти кои се користат пред тоа. Овие нови дигитални ефекти се обидуваат да го имитираат звукот кој се произведува со аналогните ефекти на засилувачите со различен степен на квалитет. Некои од овие ефекти за електрична гитара се бесплатни и се симнуваат преку интернет. Денес компјутерите со звучни картици може да се користат како дигитални обработувачи на ефекти за гитара. Иако дигиталните и софтверските ефекти нудат многу предности, сепак многу гитаристи сè уште ги користат аналогните.

Синтисајзерски и дигитални гитари

уреди

Во 2002 Gibson ја најавува првата дигитална гитара која внатрешно ги претвора аналогните во дигитални ефекти. Дигиталниот сигнал се носи со стандарден Етернет кабел кој ја елиминира вревата од обичните кабли. Гитарата исто така обезбедува и независно обработување на сигнал за секоја посебна жица. Во 2003 година производителот на засилувачи Line 6 ја најавува Variax гитарата која има малку поинаква од основната електроника на гитарата со цврсто тело. Таа има плоча со електроника која е способна за репродукција на звукот од разни уникатни гитари како и други жичени инструменти. Еден модел дури содржи само пиезоелектрични магнети исклучувајќи ги вообичаените електромагнетни.

Техники на свирење

уреди

Звукот на гитарата се приспособува и менува со разни електрични звучни ефекти, но и со разни техники со комбинации кои гитаристите ги развиваат со текот времето. Дел од овие техники се:

• Виткање на жиците не е уникатна техника за електричната гитара, но често се користи на гитарите со цврсто тело.

• Виткање на вратот се постигнува со држење на телото на гитарата со горниот дел од раката и виткање на вратот од гитарата напред или назад. Тоа се користи како замена за вибрато шипката иако не е толку делотворно, а и може многу лесно да се скрши вратот со виткањето.

• Вибрато шипката се користи меѓу другото за екстремната дајв-бомба.

• Тапкањето е техника при која најчесто двете раце се ставаат на грифот, но се прави и со една рака, и се тапкаат жиците со што се сврзуваат нотите (тн легато). Техниката е позната при изведбата на песната Heartbreaker на групата Лед Зепелин, а оттаму и Еди Ван Хејлен ја присвојува за своите настапи.

• Забивање е уште една техника со удирање на жиците на специфичен начин.

 
Техниката на забивање

• Вештачка хармоника се постигнува со ставање на работ на палецот на врвот на показалецот од раката на грифот со што се добива пискав тон.

• Бранување е техника при која рачката за гласност постојано се врти со што се добива виолински звук. постои и педал за сличен ефект, но со увежбување на техниката со рачката за гласност се зголемува вештината на гитаристот и се елиминира потребата за дополнителен педал.

• Користењето на аудио фидбек за да се засили издолжувањето на нотите и да се менува квалитетот на звукот. Фидбекот станува заштитен знак на рок-музиката со Џеф Бек, Пит Таунсенд и нормално, неповторливиот Џими Хендрикс, чие користење на фидбек техниката е најприметливо при изведбата на Can You Seе Mе? на поп фестивалот во Монтереј каде целото соло е направено со фидбек од засилувачот. Лу Рид во 1975 година го издава албумот Metal Machine Music кој е целосно направен со фидбек техники.

• Замена за трзалицата, како гудалото кое го користи Џими Пејџ (Dazed and Confused). Исто како и фидбекот, го подобрува издолжувањето ноти, ја истакнуваат хармонијата и го менуваат акустичниот облик.

• Слајд гитарата е техника за свирење на гитара каде со лизгање на прстите врз жиците се менува должината на вибрацијата и висината на тонот.

 
Техниката слајд-гитара

Постојат многу други техники кои свирачите на електрични гитари, најчесто во разните стилови на рок-музиката, ги развиваат и ги прават популарни.

Видови

уреди
 
Paul Reed Smith Standard 22

Цврстотелни

уреди

Електричните гитари со цврсти тела немаат вибрирачка штица да ја зголеми вибрацијата на жиците како кај акустичните гитари. Тие зависат од магнетите и засилувачите и звучниците. Цврстото тело му овозможува на засилениот звук да ја репродуцира вибрацијата од жиците без фидбек и други несакани тонови и звуци. Овие гитари најчесто се прават од тврдо дрво покриено со мембрана од тврд полимер, најчесто лак или полиестер. Во големи производствени установи дрвото се чува три до шест месеци во печки за сушење дрво пред да се сече или обликува. Првокласните гитари по нарачка се прават од постаро, рачно одбрано дрво.

Една од првите вакви гитари ја измислува Лес Пол, а првиот широк производител е Фендер поради тоа што Гипсон не верува во потенцијалот на прототипот. Првата цврстотелна гитара која излегува во масовно производство е Fender Broadcaster која подоцна станува Telecaster во 1948 година, пет години по прототипот на Лес Пол. Веднаш по појавата на Broadcaster, Гипсон Лес Пол се појавува со свој модел да се натпреварува во Фендер. Уште еден важен модел е Фендер Stratocaster кој се појавува во 1954 година и станува исклучително популарен кај музичарите претставници на двете најважни декади, 1960-тите и 70-тите заради тоналните способности и поудобната делотворност од другите модели.

Шупливи

уреди

Некои гитари со цврсти тела како Gibson Les Paul Supreme, PRS Singlecut Fender Telecaster или Thinline се градат со шуплини во телото. Шуплините се дизајнирани специјално за да не се мешаат со мостот и жиците.

Полуакустични

уреди
 
Epiphone полуакустична шуплива гитара.

Овие гитари имаат шупливи тела и електронски магнети на телото, работат на ист начин како цврстотелните, со таа разлика што магнетите овој пат претвораат вибрации од телото и жиците во електричен сигнал. Полуакустичните се градат од тенки парчиња дрво и немаат доволно акустична гласност за изведби во живо но може да се користат во 'исклучени' изведби и тивко вежбање.

Видови според број на жици, мостови и вратови

уреди

Постојат електрични гитари со една, четири, седум, осум, девет, десет и дванаесет жици. Постојат електрични гитари со трет мост како онаа на Ли Раналдо од групата Sonic Youth. Исто така има гитари со два врата како онаа која ја користи Џими Пејџ при изведбата на Stairway to Heaven за тивките и гласните делови на тоа музичко ремек дело.

Употреба

уреди

Популарна музика

уреди

Поп-музиката и рок групите ја користат електричната гитара во две улоги, како ритамска гитара со акорди и прогресии кои одат по тропотот од тапаните (како придружба на одделот за ритам) и како главна гитара, која изведува мелодии и соло делови кои се најпопуларни кај љубителите на музиката. Во некои рок или метал групи со два гитаристи, тие изведуваат како тандем и си ги менуваат улогите. Во групите со еден гитарист, тој ги исполнува двете улоги, со тоа што додека пејачот пее, гитаристот го исполнува со акорди, а потоа тој се истакнува со солото на сред песна.

Во најпопуларните и најпристапните поп и рок жанри електричните гитари ги доминираат нивните акустични роднини во студиото и на сцената во живо, особено во потешките жанри како хеви метал и хард рок. Сепак акустичните гитари се популарен избор за кантри, западна и особено блуграс и фолк музиката.

Џез и џез фузија

уреди

Свирењето на џез гитарата има стилови како ритамската гитара (придружување) со џез акорди и импровизирано соло (тн дување) над џез прогресии од акорди. Придружувачкиот стил за електрична гитара кај повеќето џез видови е поразлично од оној кај популарната музика. На пример, кај рок или поп-музиката, ритамскиот гитарист изведува збиени акорди по ритамот на тапанарот и басистот. Рок и поп акордите се концентрираат на првата, третата и петтата нота од акордот.

За разлика од нив, кај џезот, ритамскиот гитарист свири многу пораспределени акорди, истакнувајќи ги третата и седмата нота од акордот, а често ги вклучуваат единаесеттата и тринаесеттата нота од истиот. Кога импровизираат соло, џезерите позајмуваат модели од ритамските акорди и нивните импровизации понекогаш наликуваат на свинг или грув. Повеќето џезери користат инструменти со шупливо тело од 30-тите и 40-тите, а во 70-тите голем број од нив се префрлаат на цврстотелните инструменти кои доминираат во светот.

Современа класична музика

уреди

Во текот на 50-тите кај современата класична музика се користи само акустични гитари, но веќе во 60-тите почнува да се користи електрична гитара. Во наредните три декади голем број композитори користат електрични гитари за нивните изведби. Во 21 век, композитори на авангарда ја користат електричната гитара за соло и ансамбл изведби. А најамбициозното и можеби најзначајното дело до ден денес е едночасовното Ingwe, кое го носи инструментот во претходно неистражени области. Делото го пишува Жорж Ленц за австралискиот гитарист Зејн Бенкс.

Наводи

уреди
  • Broadbent, Peter (1997). Charlie Christian: Solo Flight – The Seminal Electric Guitarist. Ashley Mark Publishing Company. ISBN 1-872639-56-9.
  • Evans, Tom (1977). Guitars: Music, history, construction and players from the Renaissance to Rock. Paddington Press. ISBN 0-448-22240-X.
  • Govenar, Alan B.; Jay F. Brakefield (1998). Deep Ellum and Central Track: Where the Black and White Worlds of Dallas Converged. University of North Texas Press. ISBN 1-57441-051-2.
  • Millard, André, (ed.) (2004). The Electric Guitar: A History of an American Icon. The Johns Hopkins University Press. ISBN 0-8018-7862-4.
  • Wheeler, Tom (1978). The Guitar Book: A Handbook for Electric & Acoustic Guitarists. Harpercollins. ISBN 0-06-014579-X.
  • Wheelwright, Lynn; Carter, Walter (28 April 2010). "Ro-Pat-In Electric Spanish" Архивирано на 14 јануари 2010 г.. Vintage Guitar. Retrieved 8 August 2010.

Надворешни врски

уреди