Рафаел Алберти (16 декември 1902 - 28 октомври 1999) — шпански поет, драматург, сликар, графичар, виден член на Генерацијата '27, еден од најзначајните шпански поети на дваесеттиот век. Во својата поезија Алберти создава еден од најперсоналните и автентични опуси во модерната шпанска лирика.[1]

Рафаел Алберти
Роден/а16 декември 1902
Шпанија Пуерто де Санта Марија , Шпанија
Починат/а28 октомври 1999
Шпанија Пуерто де Санта Марија , Шпанија
Занимањепоет, драматург, сликар

Животопис

уреди

Роден е во Пуерто де Санта Марија (Кадис, Андалусија), место каде и го започнува школувањето.[1]. Оди во Мадрид, каде најпрво флертува со сликарството, за потоа, поттикнуван од Хименес и неговиот близок пријател Лорка потполно да се повети на поезијата: Marinero en tierra („Морнар на копно“, 1925), La Amante („Љубената“, 1926) и El alba del alhelí („Зората на шебоите“, 1927). Неговото рано творештво многу ѝ должи на шпанската традиција иако на карактеристичниот Кансониеро израз, Алберти успева да му даде една сосема нова авантгардна перспектива. Неговата прва книга, Морнар на копно, заедно со Хумани стихови на Херардо Диего, ќе ја подели националната награда за литература.

Откако се приклучува на Генерацијата '27, Алберти почнува да ги покажува во својата поезија влијанијата на Луис де Гонгора. Сепак, интроспективниот надреализам во Sobre los ángeles („За ангелите“, 1929), чиј тон е помалку и очекуван по неколкуте мрачни моменти во неговото рано творештво, ќе направи од Алберти зрел и високо ценет поет. Sobre los ángeles се смета за најдобро дело на Алберти.

Во текот на 1930тите поезијата на Алберти политички се активира, почнувајќи од Con los zapatos puestos tengo que morir („Морам да умрам носејќи ги сопствените чевли“, 1930). Во 1931 година, Алберти станува член на Комунистичката партија на Шпанија. Поезијата од неговиот марксистички период е собрана во Consignas („Ред“, 1933), Un fantasma recorre Europa („Дух ја демне Европа“, 1933), 13 bandas y 48 estrellas („13 риги и 48 ѕвезди“, 1936) и El poeta en la calle („Поетот на улицата“, 1938).

Во текот на Шпанската граѓанска војна, Алберти активно се бори на страната на Републиката, но по победата на Франциско Франко, во 1939 година заминува во Аргентина. Неговото творештво во егзил е исполнето со носталгија кон Шпанија, што особено може да се забележи во неговата книга Entre el clavel y la espada (Меѓу каранфилот и мечот, 1941). Издава и збирки речиси целосно инспирани од два нему блиски мотиви - сликарството (A la pintura („За сликањето“, 1945)) и морето (Pleamar („Плима“, 1944)), Oda marítima („Поморска ода“, 1953)). Неговата автобиографија La arboleda perdida („Изгубената шума“) е издадена во 1942 година.

Отако минува безмалку четири децении во неколку европски и латино-американски градови, меѓу кои и Париз и Рим, се враќа во Шпанија во 1977 година. Следната година за првпат учествува на Струшките вечери на поезијата, а во 1979 година го добива и Златниот венец.

Умира во својот роден град Пуерто де Санта Марија во 1999 година, на возраст од 97 години.

Издадени книги

уреди

Поезија

уреди

Наброени се само позначајните книги:

  • Marinero en tierra („Морнар на копно“, 1925)
  • La Amante („Љубената“, 1926)
  • El alba del alhelí („Зората на шебоите“, 1927)
  • Sobre los ángeles („За ангелите“, 1929)
  • Con los zapatos puestos tengo que morir („Морам да умрам носејќи ги сопствените чевли“, 1930)
  • Consignas („Ред“, 1933)
  • Un fantasma recorre Europa („Демон ја демне Европа“, 1933)
  • 13 bandas y 48 estrellas („13 риги и 48 ѕвезди“, 1936)
  • El poeta en la calle („Поетот на улицата“, 1938)
  • Entre el clavel y la espada (Меѓу каранфилот и мечот, 1941)
  • A la pintura („За сликањето“, 1945)
  • Pleamar („Плима“, 1944)
  • Oda marítima („Поморска ода“, 1953)
  • Los 8 nombres de Picasso y no digo más que lo que no digo („Осумте имиња на Пикасо и го кажувам сал тоа што го зборам“, 1970)
  • Fustigada luz („Измачувана светлина“, 1980)
  • Los hijos del drago y otros poemas („Синовите на драго и други песни“, 1986)

Драми

уреди
  • El hombre deshabitado („Празниот човек“, 1930)
  • Fermín Galán („Фермин Галан“, 1931)
  • De un momento a otro („Од еден момент до друг“, 1938-39),
  • El trébol florido („Детелина“, 1940),
  • El adefesio („Несреќа“, 1944)
  • Noche de guerra en el Museo del Prado („Ноќ на војната во Музејот Прадо“, 1956)

Награди и признанија

уреди

Во 1925 година, Алберти, за своето дело Морнар на копно ја добива Националната награда за литература, заедно со Херардо Диего и неговите Хумани стихови.[1] Во 1965 година, добитник е и на Лениновата награда за мир, а во 1983 година, се закитува со шпанскиот еквивалент на Нобеловата награда - Premio Cervantes, највисокото признание што може да го добие еден писател на шпански јазик, кое се доделува само еднаш, за целокупен опус, и е проследено со награда во паричен износ од 90,000 . Во 1979 година, Алберти го прима и Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, една од најпрестижните поетски награди во светот.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Матеја Матевски, Десет века на шпанската поезија, МАНУ, Скопје, 2004, стр. 514-515.

Надворешни врски

уреди