Побожје

село во Општина Чучер-Сандево
(Пренасочено од Побужје)

Побожје (познато и како Побужје) — село во Општина Чучер-Сандево, во областа Црногорија, во околината на градот Скопје.

Побожје

Поглед на селото Побожје

Побожје во рамките на Македонија
Побожје
Местоположба на Побожје во Македонија
Побожје на карта

Карта

Координати 42°6′52″N 21°25′36″E / 42.11444° СГШ; 21.42667° ИГД / 42.11444; 21.42667
Регион  Скопски
Општина  Чучер-Сандево
Област Црногорија
Население 710 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1011
Повик. бр. 02
Шифра на КО 25109
Надм. вис. 588 м
Слава Мала Богородица
Побожје на општинската карта

Атарот на Побожје во рамките на општината
Побожје на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на селото

Селото се наоѓа во северниот дел на Скопската Котлина, на територијата на Општина Чучер-Сандево, а на јужната падина на Скопска Црна Гора.[2] Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 600 метри. Од градот Скопје, селото е оддалечено 15 километри.[2]

Селото поседува поволна местоположба. Северниот дел на атарот изобилува со шуми и пасишта, а во јужниот дел се наоѓа обработливо земјиште. Околни села се Кучевиште на југозапад и Љубанци на исток. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од изворот Пералишта, кој извира во средина на селото.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Млака, Бел Камен, Провалија, Дубје, Две Реки, Букова Глава, Шипашна, Голем Осој, Паламида, Извор, Пештерска Река, Угљаришка Река, Бадеми, Рид или Дуб, Турчевска Река, Иконица, Кремење, Оприн Дол, Старо Ѓубре, Рамно, Говедарник, Пуклотина, Моравски Камен, Мали Пут, Брегови, Рајчин Брест, Опловце, Ловџиница, Бара, Чаина Рупа и други.[3]

Селото има збиен тип и е поделено на три маала: Горно, Средно и Долно маало. Во секое маало, поединечните родови образуваат посебни групи, кои ги има повеќе. Дел од нив се: Поповиќева, Трајановска, Чанковска, Ѓаковска, Кметовска, Дандаровска и други.[3]

Побожје се наоѓа на патот кој води од селата Чучер и Кучевиште кон Бродец, Танушевци и границата со Косово.

На патот до селото Љубанци, во поново време се има создадено викенд-населбата Побожје.

Историја

уреди
 
Жители од Кучевиште во 1900 година

Првото споменување на селото под името Побужда е во XIII век (1258-1277). Како и други села во Скопско, и Побожје било дарувано на некогашниот скопски манастир „Св. Ѓорѓи“. Второто споменување под името Пребужда е од почетокот на XIV век (1302-1308) во даровница на кралот Милутин, кој го доделил на средновековниот Горњански манастир „Св. Никита“.[3]

Според усните кажувања, кога дошле Турците, тие 80 години не стапнале во делот на Скопска Црна Гора, со што областа имала некоја локална слобода, и затоа останале зачувани старите манастири и цркви. Подоцна, некои иселеници од Скопска Црна Гора заминале во вистинската Света Гора.[3]

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Скопскиот Вилает, под името Пабужда и имало 59 христијански семејства и 3 вдовици христијани.[4]

Според бугарските извори, во селото се доселиле српски доселеници.[5]

До крајот на турската власт во 1912 година, селото трпело напади од страна на муслиманските жители и не добивало заштита од страна на државата.[3]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Кара Даг во Скопската каза во Отоманското Царство.

Селото учествувало во НОБ со многубројни борци.[6]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 10,6 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 482 хектари, на обработливото земјиште отпаѓа 349 хектари, а на пасиштата 178 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]

Сточарството било главна стопанска гранка на жителите на Побожје до крајот на турската власт, но и до крајот на Втората светска војна. Се користеле пасиштата на Скопска Црна Гора, каде мештаните имале бачила, каде лете и престојувале. Сепак, таму имале доста проблеми со муслиманските Албанци.[3]

Обработливите површини јужно од селото до крајот на турската власт припаѓала на беговите од скопските села Радишани и Бутел.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948691—    
1953755+9.3%
1961782+3.6%
1971577−26.2%
1981568−1.6%
ГодинаНас.±%
1991589+3.7%
1994560−4.9%
2002591+5.5%
2021710+20.1%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 29 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 118 мажи христијани, со 23 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 282 жители.[7]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 523 жители.[8]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Побожје живееле 520 жители, сите Македонци.[9] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Побожје имало 503 жители, од кои 440 патријаршисти и 63 под врховенството на Бугарската егзархија.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 650 Македонци.[11]

Побожје е село со средна големина, но со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година имало 782 жители, од кои 687 биле Македонци, а 91 Србин. Во 1994 година бројот се намалил на 560 жители, од кои 443 Македонци, а 100 жители Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Побожје живееле 591 жител, од кои 423 Македонци, 166 Срби и 2 останати.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 710 жители, од кои 551 Македонец, 1 Албанец, 112 Срби, 4 останати и 42 лица без податоци.[13]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Побожје:

Година Македонци Албанци Роми Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 691
1953 442 1 5 300 7 755
1961 687 0 91 4 782
1971 453 0 0 110 14 577
1981 474 0 0 47 47 568
1991 398 0 0 76 115 589
1994 443 0 0 100 17 560
2002 423 0 0 166 2 591
2021 551 1 0 112 4 42 710

* Извор: Државен завод за статистика на Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови

уреди

Побожје е македонско православно село, родовите во селото се староседелски и доселенички. За доселениците важат две групи, едни кои се доселиле од денешната косовска област на север, а другите од Тиквеш на југ.[3]

Родови во селото Побожје се:

  • Староседелци: Дандаровци (13 к.) и Шкакаровци (10 к.), потекнуваат од ист предок, нивна гранка биле сега сосема иселениот род Радиќевци, кои се иселени во Радишани; Кметовци (16 к.), порано се викале Башчиќевци, ова бил најугледниот род во селото. Околу средината на XIX век во овој род постоела куќна задруга од 100 членови. Главарот на задругата бил Марко Башчиќевски, кој бил најбогат овчар на Скопска Црна Гора, и имал околу 1.000 овци и кози, 100 свињи, доста говеда и коњи. Но, поради тоа тие трпеле зулуми од Албанците и потоа осиромашиле. Во овој род се знае следното родословие: Мирко (жив на 65 г. во 1969 година) Блажо-Никола-Марко. Пред крајот на турското владеење Кметовци дале неколку познати селани. Куќите на староседелците претежно се во Средно Маало.
  • Доселеници:
    • Доселеници од југ: Трајановци (15 к.), Чанковци (15 к.) и Јанковци (14 к.), потеклото им е од некое село во Тиквеш. Потекнуваат од ист предок. Тоа се првите доселеници во Побожје, кога се доселиле пред околу 250 години овде затекнале малку староседелски родови. Причината за доселувањето не е позната. Во родот Јанковци се знае следното родословие: Димо (жив на 80 г. во 1969 година) Доде-Ивче-Стојан-Јанко-Цветко кој се доселил од Тиквеш. Цветко имал 4 синови, Трајан, Јанко, Станко и Младен. Од Трајан потекнуваат Трајановци, од Станко потекнуваат Чанковци, додека од Јанко потекнуваат Јанковци, од Младен не се сочувале потомци;
    • Доселеници од север: Качанички (4 к.), доселени се од сега албанското село Ѓурѓевдол кај Качаник. Во старината во една куќна задруга живееле 50 членови, но нив Албанци сакале да им ја земат сестрата, и они ги убиле Албанците и пребегнале, биле 4 браќата, едниот се населил во Чучер, вториот се населил во Побожје (Златан), третиот во Љубанци (од него таму потекнуваат Чанкуловци) и четвртиот во Булачани; Ѓаковци (11 к.), доселени се од сега албанското село Танушевци, на Скопска Црна Гора. Гранка на родот Ѓаковци се Комненовци во Кучевиште. Во родот се знае следното родословие: Александар (жив на 44 г. во 1969 година) Столе-Стевче-Петар кој се доселил. Од овој род има иселеници во Белимбегово и Бугарија; Бојчовци (33 к.), старо име им е Пупуќевци или Поповци. Потекнуваат од предок доселен од околината на Призрен. Од овој род потекнувале селските свештеници, едни нивни деленици се викаат Јошевци и Пупуновци (5 к.), Чивлачковци (2 к.) и Дориовци (1 к.), потекнуваат од ист предок, доселени се од сега албанското село Брест.

Општествени установи

уреди
 
Подрачното основно училиште во селото

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.

Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Кучевиште, во која покрај селото Побожје, се наоѓале и селата Кучевиште и Танушевци. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Кучевиште, во која влегувале селата Кучевиште и Побожје.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 2472 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото. Во ова избирачко место е опфатено и селото Бродец.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 502 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Поглед на главната селска црква „Св. Петка“
Археолошки наоѓалишта[16]
  • Врбиче — некропола од доцноантичко време;
  • Гробишта — некропола од доцноантичко време; и
  • Зајкино — осамен наод од римско време.
Цркви[17]
Манастири

Редовни настани

уреди
Слави[3]

Личности

уреди

Личности родени во Побожје:

  • Тодор Чангов (1912-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Петре Чангов (1915-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Александар Зенговски (1913-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Цветко Зенговски (1914-1942) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Мирче Горански (1924-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Ристо Горански (1924-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Душан Чивлачки (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Љубомир Чивлачки (?-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Александар Огњенов (1921-1942) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Благоја Трајанов (1920-1942) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Богдан Кметовски (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Божин Крстев (1921-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Велимир Христов (?-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Живко Ќоќоров (1921-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Коста Трајанов (1923-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Милан Кметов (1923-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Мирко Јанков (1922-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
  • Петко Бојчевски (1924-1946) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ

Иселеништво

уреди

Од Побожје имало постари и понови иселувања. Најмногу иселеници има во Радишани (околу 30 к.) и Бутел (околу 10 к.). Исто така, има иселеници и во скопските рамничарски села Мралино (7 к.), Драчево (5 к.), Јурумлери (4 к.) и Белимбегово[3]

Иселеници има и во соседна Србија, во банатското село Глогоњ, каде заминале Стефковиќи (3 к.), Ѓаковиќи (1 к.), Марковиќи (1 к.) и Станковиќи (1 к.).[3]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 236. Посетено на 24 февруари 2019.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски, Јован Ф.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Скопска Црна гора : природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда : (са скицама, фотографијама и картом) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
  4. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.465
  5. Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 296.
  6. Стојановски, Бојко (1999). Скопско Црногорие од Бразда до Брњарци. Скопје.
  7. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  8. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  9. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 206
  10. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 116-117.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 февруари 2020.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 24 февруари 2020.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-02-24. Посетено на 24 февруари 2020.
  16. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди