Мигел де Сервантес
Мигел де Сервантес (шпански: Miguel de Cervantes; 9 октомври 1547 - 23 април 1616) — шпански романописец и поет, автор на првиот реалистичен роман во шпанската книжевност „Дон Кихот“.
Мигел де Сервантес Miguel de Cervantes | |
---|---|
Портрет на Сервантес | |
Роден/а | Мигел де Сервантес Сааведра 29 септември 1547 (препост.) Алкала де Енарес, Кастиља |
Починат/а | 22 април 1616 Мадрид, Кастиља | (возр. 68)
Занимање | романописец, поет, драматург, војник |
Јазик | шпански |
Националност | Шпанец |
Значајни дела | „Дон Кихот“ „Закуски“ „Примерни новели“ |
Потпис |
Животопис
уреди1547 до 1566: Рани години
уредиМигел Сервантес де Саведра е роден во Алкала де Енарес, мало место во близината на Мадрид, како четврто од седумте деца на сиромашниот благородник, Родриго де Сервантес и неговата сопруга Леонор де Кортинас. Познато е дека Мигел Сервантес бил крстен на 9 октомври 1547 година, во парохиската црква во Алкала де Енарес, а врз основа на тоа, истражувачите претпоставуваат дека се родил на 29 септември, т.е. на денот на св. Михаил. Родриго де Сервантес на своето семејство му оставил само долгови, поради што бил уапсен во Ваљадолид, во 1552 година, но бил пуштен од затворот како „очигледен идалго“. Следната година, семејството Сервантес се преселило во Кородба, кај татко му на Родриго, лиценцијатот Хуан де Сервантес. Во 1556 година умрел Хуан де Сервантес, а една година подоцна умрела и мајка му на Родриго, Леонор де Торебланка. Во еден документ од 30 октомври 1564 година, во Севиља, Родриго де Сервантес изјавува дека е лекар при што од документот, во кој тој ѝ дал полномошно на сопругата, се гледа дека таа со децата живеела во Алкала де Енарес. Во 1565 година, сестра му на Мигел, Луиса де Сервантес станала калуѓерка во Алкала, во манастирот на безгрешното зачетие. Од полномошното што Леонор му го дала на Родриго, направено на 2 декември 1566 година во Мадрид, се гледа дека семејството Сервантес се преселило во Мадрид, а тоа го потврдува и едно полномоштво напишано од Родриго на 9 јануари 1567 година.
1566 до 1580: Воена служба и заробеништво
уредиВо 1568 година, Мигел Сервантес му бил ученик на Хуан Лопес де Ојоса, управник на Градското граматичко училиште, а на 15 септември 1569 година, по налог на кралот Филип II, тој бил уапсен под обвинение дека во двобој го ранил Антонио де Сигура.[2][3]
Од еден документ од 22 декември 1569 година, во кој се потврдува „чистата крв“ на Мигел Сервантес, се дознава дека во тоа време се наоѓал во Рим, каде следната година работел како собар на кардиналот Аквавива. Во јули 1571 година, неговиот помлад брат Родриго пристигнал во Италија со војската на Диего де Урбина на која ѝ се придружил и Мигел Сервантес. Притоа, на 7 октомври, Мигел Сервантес учествувал во познатата поморска битка против Османлиите, во која бил ранет во градите и во левата рака. За тоа сведочи еден документ од 23 септември 1572 година, кој потврдува дека на ранетиот Сервантес му биле исплатени 20 дукати. Истата година, во август и во септември, Сервантес учествувал во поморскиот поход на дон Хуан од Австрија на Крф и на Модон, а во 1573-1574 година бил во состав на војската на дон Мануел Понсе де Леон, во Неапол. Од 8. до 10. октомври 1574 година, Сервантес учествувал во походот на дон Хуан од Австрија на Тунис, а во ноември се наоѓал во Палермо. На 7 ноември 1575 година, со бродот „Сол“, Сервантес отпатувал од Неапол кон Шпанија, но на 26. септември, во близината на каталонскиот брег бил заробен од берберските гусари. Во јануари 1576 година, Севрантес се обидел да избега од ропството, но не успеал и тој се вратил во Алжир. За неговото ропство сведочат извештаите на Антонио Марко, писар од Валенсија и на таткото на Сервантес, кои потекнуваат од ноември 1576 година. На 24 август 1577 година бил ослободен Родриго, помладиот брат на Сервантес, кој бил откупен од Милосрдните браќа, а во септември истата година, Мигел Сервантес направил втор обид да избега од ропството, откако неговиот брат испратил брод за да го ослободи. Мигел Сервантес бил изведен пред алжирскиот крал при што изјавил дека тој го испланирал бегството и поради тоа поминал пет месеци во затвор. Во март 1578 година, Мигел Сервантес се обидел и по третпат да избега, но повторно не успеал. Во октомври 1579 година, повторно се обидел да избега и пак изјавил дека тој бил организаторот, така што добил нова затворска казна од пет месеци. Најпосле, како што е наведено во еден извештај од 19 септември 1580 година, со откупот од страна на браќата тринитарци, Сервантес бил ослободен, но останал во Алжир, каде од 10 до 21 октомври составил извештај за своето ропство.
1580 до 1616: Подоцнежен живот и смрт
уредиВо декември 1580 година, тој се наоѓал во Валенсија, а во мај-јуни 1581 година заминал во Оран.[3][4]
Во 1584 година, Сервантес одржувал љубовна врска со Ана Франка де Рохас со која ја добил ќерката изабел, но на 12 декември истата година, во селото Ескивија, во близината на Мадрид, се оженил со Каталина де Паласиос Саласар Восмедијано. На 13 јуни 1585 година, во Мадрид, умрел неговиот татко, Родриго де Сервантес. Во 1587 година, по наредба на Антоно де Гевара, Сервантес почнал да работи како собирач на даноци, а во октомври истата година, главниот викар на Севиља го екскомунуцирал Сервантес поради тоа што го одзел житото што им припаѓало на некои калуѓери од Есиха. Во 1590 година, Сервантес му поднесол извештај на кралот Филип II во кој ги набројал сите свои служби и побарал да добие служба во Америка, но на 6 јуни, Советот за Индии ја одбил неговата молба, со советот „Нека побара овде да му се направи некаква милост“. Во текот на 1591 година, Сервантес работел како набавувач на жито и сточна храна, а на 19 септември 1592 година бил уапсен во Кастро дел Рио, зашто собирал данок во жито од свештениците, но бил ослободен откако платил кауција. Во 1593 година работел како собирач на данок во Севиља, а на 19 октомври истата година умрела неговата мајка. Во 1594 година, престанал да собира данок во Андалусија и од 23 август започнал да работи во Гранада, за што постојат извештаи напишани од него. На 18 мај 1595 година, во Толедо, дал изјава по повод замонашувањето на братот на неговата жена, Франсиско де Паласиос. Според еден документ од 21 јануари 1597 година, повторно собирал данок во Севиља, но по банкротот на банкарот кој ги чувал парите од собраниот данок, а по наредба на лиценцијатот Гаспар де Валјехо, Сервантес бил затворен, но набргу бил ослободен и во 1598 година повторно престојувал во Севиља. На 12 мај 1598 година, во Мадрид, умрела Ана Франка де Рохас, мајката на Изабел Сааведре, вонбрачната ќерка на Сервантес, а на 11 август 1599 година, неговата сестра, Магдалена де Сервантес, потпишала документ за старателство над Изабел Сааведра. Еден документ од мај 1600 година сведочи дека во тоа време Сервантес живеел во Севиља, а на 2 јули истата година, во Фландрија, умрел брат му Родриго. Во текот на 1601 година, Сервантес собирал данок во Гранада, а во 1602 година престојувал во селото Ескивија. Според еден документ од 1603 година, Сервантес повторно западнал во долгови и во проблеми во врска со парите собрани од данокот, а во 1604 година престојувал во Ваљадолид, каде на 27 јуни 1605 година бил сведок на судењето по повод смртта на Гаспар де Еспелета, кој бил ранет на влезот куќата на Сервантес, додека неговите сестри и ќерката биле предмет на некои озборувања. Поради тоа, на 29 јуни 1605 година, судијата Вилјароел го затворил Сервантес, заедно со семејството, но на 1 јули ги ослободил.[3][5]
На 16 февруари 1608 година, Сервантес изјавил дека живее во мадридскиот кварт Атоќа, зад болницата Антон Мартин. Во јуни истата година, умрел сопругот на Изабел Сааведра, која Сервантес ја признал како „законска ќерка“, а на 28 август, таа се премажила при што добила 2.000 дукти како поклон од нејзиниот заштитник Хуан де Урбина. На почетокот од 1609 година, Сервантес живеел на улицата „Војводата од Алба“, во близината на Империјалниот колеџ Сан Исидоро. На 1 март истата година била објавена венчавката на Изабел де Сааведра и Лиус де Молина; на 17 април, Сервантес ѝ пристапил на Конгрегацијата на робовите на пресветиот сакрамент; на 8 јуни, неговата сопруга Каталина де Саласар и неговата сестра Андреа де Сервантес пристапиле на Третиот ред на св. Франсиско; а на 9 октомври умрела Андреа де Сервантес. Во еден документ од 27 март 1610 година, Сервантес изјавил дека е сопственик на куќата на раскрсницата Сан Луис, најверојатно купено со парите од Хуан де Урбина. Тогаш започнал долг судски процес меѓу Хуан де Урбина и Изабел Сааведра околу сопственоста на куќата. Во јуни 1610 година, Сервантес престојувал во Барселона, очекувајќи дека ќе замине во Неапол, како дел од придружбата на контот од Лемос, додека еден документ од 27 јуни истата година потврдува дека тој живеел на улицата Леон во Мадрид. На 28 јануари 1611 година умрела неговата сестра, Магдалена де Сервантес. Од април 1611 година, Сервантес живеел на улицата Уертас во Мадрид, зад црквата св. Себастијан. Во 1612 година, Сервантес и сопругата се преселиле во Ескивија, а на 22 април истата година била закопана Изабел Санс де Агила, внуката на Сервантес од првиот брак на Изабел Сааведра. На 2 јули 1613 година, при престојот во Алкала де Енарес, Сервантес станал искушеник во Велечесниот трет ред на св. Франсиско, а на 2 април 1616 година му пристапил на овој калуѓерски ред. Сервантес умрел на 22 април 1616 година, во куќата на улицата Леон, во Мадрид, а бил закопан следниот ден, во блискиот манастир на Босите тринитарки, на улицата Кантаранас.[6]
Творештво
уредиНа почетокот на книжевното творештво, Сервантес бил поет и пишувал елегии и сонети. Првиот познат текст на Сервантес датира од 1567 година, а тоа е еден сонет посветен на кралицата Изабела, по повод раѓањето на нејзината ќерка Каталина Микаела. Подоцна, во извештајот за погребот на кралицата Изабела, кој го објавил Хуан Лопес де Ојос во септември 1569 година, биле застапени и четири песни на Сервантес. Додека бил во ропство во Алжир, во јануари 1576 година, тој му дал неколку сонети на својот другар Бартоломео Руфин ди Кјамбери. По ослободувањето, од 1581 до 1587 година, Сервантес напишал неколку комедии при што во Мадрид биле прикажувани делата „Алжирски работи“, „Разурнувањето на Нумансија“ и „Поморската битка“. Во нив, тој ги искажал љубовта кон татковината и кон слободата, борбата за праведност и за независност на човекот, итн. Иако овие драми се малку антички укочени и помалку драматични во споредба со делата на Лопе де Вега, сепак тие се посилни и помудри. Како што сведочи едно негово писмо, во 1582 година, Сервантес го напишал делото „Галатеја“ за кое на 1 февруари 1584 година добил дозвола за објавување од цензорот. На 5 март 1585 година, во Мадрид, му продал на Гаспар де Порес две комедии, кои не се сочувани: „Цариградски работи“ и „Селимовата смрт“.[7] На 13 март 1585 година бил објавен пастирскиот роман „Галатеја“ (инаку, неговото омилено дело) во кој ја опишува својата младешка љубов. Сепак, во идиличната атмосфера на романот, неговата моќ за набљудување ја губи острината, а неговиот дух ја губи моќта на изразување.[8]
Во 1587 година, Сервантес објавил неколку пофални песни (сонети) во книгите на своите пријатели Лопес Малдонада, Алонсо де Баросо и Педро де Падилја. На 5 септември 1592 година, во Севиља, потпишал договор со Родриго Осорио со кои се обврзал да му испорача шест комедии, а во 1593 година ја објавил романсата „Љубомора“ за која многу се гордеел. Во 1595 година, Сервантес победил на поетскиот натпревар што го организирале доминиканците во Сарагоса. Во ноември 1598 година, по повод смртта на кралот Филип II, го напишал „Сонетот над гробот на кралот, создаден во Севиља“. На 26 септември 1604 година, Сервантес добил дозвола за печатењето на „Досетливиот идалго“ (првобитното име на романот „Дон Кихот“, а на 20 декември било завршено печатењето и тој ја добил „таксата“ за објавување на книгата. Потоа, на 12 април 1605 година, во Ваљадолид, му дал полномошно на книжарот Франсиско де Роблес да го печати и да го продава романот „Дон Кихот“ во Португалија, Арагонија, Валенсија и Каталонија. На 12 септември 1612 година добил дозвола од цензорот за „Примерните новели“, на 22 ноември добил дозвола за нивното печатење, а на 9 септември 1613 година, на Франсиско де Роблес му ја отстапил дозволата за печатењето на ова дело. Во септември 1614 година бил објавен романот „Вториот том на Досетливиот идалго дон Кихот од Манча“, потпишан од Алонсо Фернандес де Авељанеда, додека на 18 октомври, Сервантес добил дозвола за печатење на „Патот за Парнас“. На 25 февруари 1615 година, неколку благородници од придружбата на францускиот пратеник на дворот на Бријар де Сиери, сведочат за славата на делата на Сервантес во нивната земја. На 30 март 1615 година, Сервантес добил дозвола за печатење на „Вториот дел на Досетливиот витез дон Кихот од Манча“, додека на 25 јули добил дозвола за печатење на осум момедии и осум меѓуигри. На 19 април 1616 година, Сервантес му напишал посвета на контот од Лемос за „Страдањата и подвизите на Персил и Сигисмунда“, а по неговата смрт, на 9 септември, цензорот издал дозвола за печатење на оваа книга, која била објавена во јануари 1617 година.[9]
Значење и влијание
уредиГолемиот шпански писател и негов современик, Лопе де Вега имал лошо мислење за Сервантес. Во едно писмо од 4 август 1604 година, наведувајќи ги писателите кои „се наѕираат за идната година“, тој напишал: „ниеден не е толку лош како Сервантес“.[10]
Наводи
уреди- ↑ „Муабет: Жозе Сарамаго“: „Сè што имам прочитано, влијаело на мене на некој начин. Како постојани сопатници можам да ги споменам Кафка, Борхес, Гогољ, Монтењ и Севрантес." - FT.com (англиски)
- ↑ „Сажета хронологија живота и дела Мигела де Сервантеса“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 589-590.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 O. Bihalji-Merin, „Beleške o piscu“, во: Miguel Servantes, Uzorne priče. Beograd: Rad, 1963, стр. 137-138.
- ↑ „Сажета хронологија живота и дела Мигела де Сервантеса“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 590-593.
- ↑ „Сажета хронологија живота и дела Мигела де Сервантеса“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 593-596.
- ↑ „Сажета хронологија живота и дела Мигела де Сервантеса“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 596-598.
- ↑ „Сажета хронологија живота и дела Мигела де Сервантеса“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 589-593.
- ↑ O. Bihalji-Merin, „Beleške o piscu“, во: Miguel Servantes, Uzorne priče. Beograd: Rad, 1963, стр. 138.
- ↑ „Сажета хронологија живота и дела Мигела де Сервантеса“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 593-598.
- ↑ „Сажета хронологија живота и дела Мигела де Сервантеса“, во: Мигел де Сервантес, Дон Кихоте 1. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 596.
Надворешни врски
уреди- Познати мисли на Мигел де Сервантес (англиски)
„Мигел де Сервантес“ на Ризницата ? |