Букурешки договор (1913)

(Пренасочено од Букурешкиот договор)

Оваа страница е заштитена од понатамошни измени на анонимни корисници, поради сомнителни придонеси на анонимни корисници што треба да се разгледуваат на разговорната страница.
За да ги видите претходните верзии, стиснете на врската историја.

Букурешки договор — мировен договор потпишан на 10 август 1913 г. помеѓу завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Романија и Грција од една страна и Бугарија од друга страна.

Букурешки договор
{{{image_alt}}}
Границите на балканските држави по Договорот од Букурешт (долу)
Потпишан10 август 1913
МестоБукурешт, Романија
Потписници Бугарија
 Романија
 Србија
 Грција
 Црна Гора Црна Гора

Во оваа војна Бугарија била принудена на отстапки, бидејќи била притисната од другите завојувани страни. Имено Кралството Романија со својата војска вршело постојан притисок од север, здружените војски на Србија и Грција напаѓале од запад, а отоманската војска вршела напади од исток.

Со овој договор исто така била извршена повторна поделба на териториите што дотогаш биле под турска власт (Македонија, Косово и Метохија, Васоевиќи, Санџак, Тракија и Северен Епир). Македонија била поделена на тој начин што нејзиниот најголем дел, односно Егејскиот, со површина од 34.356 км2 го добила Грција, Вардарскиот дел со површина од 25.342 км2 го добила Србија, Пиринскиот дел со 6.798 км2 и бил даден на Бугарија, а Албанија добила 1.115 км2 во западниот дел. Романија ја добила јужна Добруџа од Бугарија и се зголемила за 8000 км2 со 303.000 жители.

Делегати

 
Делегати на мировната конференција.Елефтериос Венизелос; Титу Мајореску; Никола Пашиќ; Димитар Тончев; Константин Дисеску; Николаос Политис; Александру Магиломан; Данило Калафатовиќ; Константин Коанде; Константин Кристеску; Таке Јонеску; Мирослав Спалајковиќ; и Јанко Вукотиќ.

Македонско гледиште за решавање на Македонското прашање

 
Картата на Македонија во нејзините културолошко-географски граници, изработена од Димитрија Чуповски во Петроград, 1913 година
 
Бугарска етнографска карта на Македонија, XIX век (бугарска гледна точка)
 
Српска етнографска карта на Македонија, XIX век (српска гледна точка)
 
Поделба на Македонија помеѓу балканските држави, 1913 година
 
Поделба на балканот во август 1913, веднаш по Втората балканска војна. Со Букурешкиот договор, границите биле јасно дефинирани, освен Северен Епир

На 1 март 1913 година, седум месеци пред потпишувањето на договорот, претставниците на Македонската колонија во Петроград, Гаврил Константинович, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, и на амбасадорите на големите сили во Лондон. Со меморандумот Димитрија Чуповски изработил и карта на Македонија во колор со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на какво било чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија ја оставиле да ја решат завојуваните балкански држави.

Поделба на османлиските територии

На 9 август 1913 година, Букурешката конференција на својата пленарна седница го усвоила текстот на договорот за мир.

Србија ги добила вардарскиот дел на Македонија, Косово, дел од Метохија и дел од Санџак. Со тоа била зголемена за 39.000 км2 и 1.290.000 жители.

Црна Гора ја добила територијата Васоевиќи, дел од Метохија и дел од Санџак. Таа се зголемила за 7.000 км2 и за околу 260.000 жители.

Грција ги добила Северен Епир, егејскиот дел на Македонија, Халкидичкиот Полуостров со Солун, дел од западна Тракија и бројни острови во Егејското Море. Со тоа се зголемила за 51.300 км2 и за 1.624.000 жители.

Бугарија го добила Пиринскиот дел на Македонија, Струмица со околијата и дел од западна и источна Тракија. Таа се зголемила за 21.000 км2 и со околу 600.000 жители. Излез на Егејското Море Бугарија добила од сливот на Места до сливот на Марица со пристаништето Дедеагач.

Граници на Македонија по Букурешкиот договор

Територијата на Македонија во рамките на Отоманското Царство до Балканските војни го претставувала централниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа се граничела на север со Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак и Рила. Западните граници се протегале преку планините Кораб, Јабланица, Грамошта и Пинд, на југ по реката Бистрица до Егејското Море и на исток до сливот на реката Места. Во рамките на овие географски граници, Македонија зафаќала површина од 67.741,2 км2.

Со Букурешкиот мировен договор, Македонија била поделена на тој начин:

Новата бугарско-српска граница започнувала од врвот на Патарица и одела по линијата на старата бугарско-турска граница до Диздарица, потоа одела по вододелницата меѓу Вардар и Струма минувајќи преку Луловиот Врв, кота 1297, Обел, Пољазни, кота 1458, кота 1495, кота 1415, Понорица, Кадиица, кота 1900, кота 1453, Ченгино Кале, сртот Клепало, кота 1530, сртот на Малеш Планина (1445), тука свртува на запад кон котите 1515 и 1300, поминува преку сртот Драгнев-даг, Кади Мезар Тепе, Кале Тепе, ја поминува Новичанската Река јужно од село Рајанци, поминува меѓу селата Ословци и Сушево, па преку реката Струмешница меѓу Радичево и Владевци и се качува кон котата 850, а потоа по вододелницата на Вардар и Струма преку котите 957, 571, 750, 895, 850 по сртот на Беласица се спојува со бугарско-грчката граница.

Бугарско-грчката граница започнувала на сртот на Беласица од српско-бугарската граница и минувала северно од Јуруклери, па преку Струма оди на исток на Ченгене Калеси (1500). Оттаму излегува на сртот Али Ботуш (кота 1650) и по вододелницата по котите 1820, 1800, 713 и Стргач. Тука свртува кон североисток и пак по вододелницата меѓу котите 715, 660, кон котите 1150 и 1152, оттука по сртот оди источно од село Ракиштен, ја преминува Места и оди кон врвот Руса и Железа, го сече Доспат и излегува на Чука. Одовде повторно по вододелницата и преку С'бково, Кадирќој (1750), Авлик-даг (1518) Каин Чал (1811), Дебикли (1587), слегува на југ кон котата 985 и свртува на исток јужно од селото Карово, оттука пак на исток минува северно од селото Кајбово и се качува на север кон котите 1450, 1538, 1350 и 1845. Потоа слегува на југ преку Цигла (1750) и Кушлар и оди по вододелницата Места и Јаси Еврено-дере, излегува на Ахлат-даг (1300), а потоа кон Окчилар, па оттука по реката Места до Егејското Море.

Границата меѓу Србија и Грција во Македонија, во согласност со Букурешкиот мировен договор, била утврдена во Белград на 16 август 1913 година. Граничната линија почнувала од котата 1494 на сртот Беласица, па одела кон котите 394 и 208, потоа минувала преку Дојранското Езеро, во правецот на котата 227, а оттаму кон Мачуково, потоа ја минувала реката Вардар и одела северно од Сехово преку котите 241, 560 по возвишението Тушет Балкани, преку котите 858, 774, 1149, 1929, 2058, 2050, 1673, 1766, 1656 по висот Блатец преку котите 1431, 1201, 1375, 1550, 1058, 1440, 1660, 1700 (по планината Ниџе) преку котата 2525 (Кајмакчалан) на котата 1944, оттука одела на запад по висот Старков Гроб, потоа јужно од селото Кремјан и натаму меѓу Кенали и Негочани минувала преку Рахово и Драгош, потоа преку котите 1980, 2094, 2000 па јужно од селото Долно Дупени минувала преку Преспанското Езеро оставајќи ѝ го на Србија островчето Голем Град и излегувала јужно од селото Коњско. Оттука одела по возвишението на Вакуфица преку котата 947, Мал Шат, (кота 1537) па кон врвот Горица. Оттаму одела кон селото Бач, Пешкопеја, па преку котата 1100 до албанската граница.

Обиди за ревизија на договорот

Веднаш по потпишувањето, т.е. на 11 август 1913 година, Австроунгарија, Русија и Бугарија барале ревизија на договорот, со оглед на бројните неправилности, недоречености и нелогичности во поделбата на териториите и во донесувањето на одлуките.

На 14 август, Русија ги отфрлила намерите за ревизија на договорот, па со такво барање останале само Австроунгарија и Бугарија, на кои остро им се спротивставувала Франција. Букурешкиот мировен договор претставува единствен меѓународен договор што не ги потпишале сите големи сили и што бил во голема мера против нивните интереси. Исто така, големите сили не ги зеле предвид барањата на македонскиот народ, чии претставници, од повеќе асоцијации, особено од Русија и Швајцарија, интервенирале да се зачува идентитетот на македонскиот народ и единството и целината на македонската територија.

Значење на Букурешкиот мировен договор за Македонија

 
Текст од Договорот за мир потпишан во Букурешт, со кој се определуваат границите на освоените територии во Македонија. Телеграма на Ројтер. (10 август 1913)

Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел од Балканот станала периферија и провинција на балканските земји.

Веднаш потоа започнало асимилирање на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите во Втората балканска војна македонското име не се споменувало, иако војната главно се водела во Македонија, Според извештаите, Србија загубила 44.500 луѓе, Црна Гора 1.400, Грција 20.000, а Бугарија 93.000 луѓе. Вкупно 158.000 луѓе.

Наведениве факти недвосмислено докажуваат дека балканските војни се подготвувале и се воделе за поделба на турските поседи во Европа. Единствениот принцип врз кој се одредувале и се поставувале границите било правото на посилниот, односно оружјето.

Букурешкиот договор како тема во уметноста

  • „Тринаесеттата и подоцна“ — песна на македонскиот писател Славко Јаневски од 1966 година.[1]

Наводи

  1. Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 61-62.

Литература

  • Anderson, Frank Maloy and Amos Shartle Hershey. Handbook for the Diplomatic History of Europe, Asia, and Africa 1870-1914, Prepared for the National Board for Historical Service, Government Printing Office, Washington D.C., 1918. (англиски)
  • Karl Adam: Großbritanniens Balkandilemma. Die britische Balkanpolitik von der bosnischen Krise bis zu den Balkankriegen 1908-1913, Verlag Dr. Kovac, Hamburg 2009, ISBN 978-3-8300-4741-4. (германски)
  • Katrin Boeckh: Von den Balkankriegen zum Ersten Weltkrieg. Kleinstaatenpolitik und ethnische Selbstbestimmung am Balkan. Oldenbourg Verlag, München 1996, ISBN 3-486-56173-1.(германски)
  • Richard C. Hall: Balkan Wars 1912–1913. Prelude to the First World War. Verlag Routledge, London 2000, ISBN 0-415-22946-4.(англиски)

Надворешни врски

Поврзано