Меморандум за независноста на Македонија (1913)

Меморандум за независност на Македонија (на француски: Mémorandum consérnant l'indépendance de la Macédoine) — документ со кој се бара доделување и признавање на независност на историскиот регион Македонија, составен и подготвен од членови на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург на 1 март 1913 година и испратен до британскиот министер за надворешни работи сер Едвард Греј, амбасадорите на голмите сили при дворот во Лондон и рускиот министер за надворешни работи[1].

Меморандум за независност на Македонија
Скенирана верзија на меморандумот
Изворен насловMémorandum consérnant l'indépendance de la Macédoine
ИлустраторДимитрија Чуповски
Јазикфранцуски
Жанрмемоар
Издадена
1 март 1913 г.
Картата на Македонија изработена од Димитрија Чуповски, доставена во прилог на меморандумот
Тројца од потписниците на меморандумот, сликани на 21 март 1913 г.

Истовремено, меморандумот бил објавен во целост или во делови во „Македонски глас“, повеќе руски печатени весници и други весници во Европа[1]. Во составувањето, подготвувањето и објавувањето и воедно како потписници на меморандумот учествувале и се јавуваат Димитрија Чуповски, Александар Везенков, Гаврил Константинович и Наце Димов, кои согледувајќи ја ужасната положба на Македонија по првата и непосредно пред втората балканска војна, завојувана и окупирана од соседните балкански држави, како единствено праведно, најправилно, а воедно и најразумно и најцелисходно решение го гледале доделувањето на независност на историскиот регион Македонија во нејзините природни, географски, етнички и економско-стопански граници од страна на големите европски сили, со што сметале дека ќе се стави крај на страдањата на населението и ќе се избегнат понатамошни војни, судири и крвопролевања.

Во прилог на овој меморандум Димитрија Чуповски ја изработил и објавил политичко-географската карта на Македонија насловена во нејзините природни, географски, етнички и економско-стопански граници „Карта Македониiа“ со поднаслов „по програма на македонските народници“. Во меморандумот, кој е своевиден прв јавен настап на „ополномоштените Македонци“ пред светската јавност, се изложува и истакнува борбата на Македонците за својата слобода и држава, со акцентирање на учеството на Македонците во Првата балканска војна како рамноправна војувачка страна[1]. Преку неколку точки во меморандумот се изнесени барањата, меѓу кои најбитни се: Македонија во нејзините географски, етнографски и економско-културни граници да остане единствена, неделива, независна балканска држава[1] и во најскоро време врз основа на општо гласање, да биде свикано Македонско народно собрание во Солун заради детална разработка на внатрешната организација на државата и за определување на односите со соседните земји[1].

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Ристовски, Блаже (1995). Македонија и македонската нација. Скопје: Детска Радост. стр. 251-252 и 254. ISBN 9989-30-057-7.