Драгош
Драгош — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола и во непосредна близина на државната граница со Грција.
Драгош | |
Воздушен поглед на селото Драгош | |
Координати 40°52′59″N 21°21′0″E / 40.88306° СГШ; 21.35000° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 10 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7223 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02045 |
Надм. вис. | 653 м |
Слава | Илинден |
Драгош на општинската карта Атарот на Драгош во рамките на општината | |
Драгош на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото доаѓа личното име на некој Драго или Драгош, кој прв се населил на оваа месност.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во Пелагонија, во крајниот јужен дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба, со што може да се смета како потпелистерско село. Воедно, атарот на селото се допира со државната ганична линија со Грција.[3] Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 650 до 700 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 21 километар во јужна насока, додека од регионалниот пат 2333 е оддалечено 1,1 километар.[3]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333.
Драгош е потпланинско село, вовлечено во долината на Драгошка Река, а 800 метри јужно од него се протега државната граница со Грција. Најблиско село е Опсирино (денес во Леринско), кое се наоѓа јужно од Драгош. Други блиски околни села се: Граешница на север, Кишава на северозапад, Лажец на североисток, Света Петка (во Грција) на југоисток и Раково (во Леринско) на југозапад. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Невестина, Бела Вода, Преслап, Горни Ниво, Коловоз, Крив Камен, Гнојиште, Кишавско Патче, Дренче, Стамат, Закланик, Чука, Под Корија, Палего, Завој, Емирица, Тумба, Сува Река и Ластојца.[4]
Селото има низински тип и во него јасно се изделуваат маалата. Селото е поделено на четири маала: Бандевско, Колевско, Средно и Горно.[4]
Историја
уредиДрагош се смета за многу старо село, во него има голем број на староседелски и стари доселени родови со непознато потекло. Селото растело по природен пат, како и со доселениците што доаѓале. За време на турското ропство жителите на селото имале нешто своја земја. Таа воглавно била на неплодните делови на атарот.[4]
Селото се споменува во 1638 година (помеѓу 16 и 25 април) во една изјава дадена пред судот од Петко, син на Јорго, од село Драгош - Битолско, дека примил од Хусеин-бег црвена чоја и пари за бричење на неговиот син кој бил земен како данок во крв (девширме).[5]
Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 12 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 512,5 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 363,5 хектари, а на пасиштата 236,3 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
Дел од населението во минатото морало да оди на печалба, работејќи во Романија, Бугарија, Србија и Северна Америка. Заминувањето на печалба престанало по Првата светска војна.[4]
Со заработените пари од печалба, на почетокот на XX век, селаните купиле доста земјиште во полето источно од Драго, со што неговиот атар се проширил. Купената земја припаѓала на Арбанасите населени во селото Лажец. Во 1912 година, со промена на границата околу 60 хектари обработлива земја припаднала на Грција и нејзе ја обработуваат селаните од Опсирино и Света Петка.[4]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Драгош живееле 800 жители, сите Македонци.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Драгош се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 65 куќи.[8]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Драгош имало 760 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци.[10]
Во 1961 година селото броело 449 жители, а во 1994 година 44 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 селото броело 33 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 10 жители, од кои 9 Македонци и 1 лице без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 800 | 760 | 627 | 605 | 449 | 599 | 429 | 101 | 44 | 33 | 10 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
уредиДрагош е македонско православно село, во селото има староседелци и доселеници.[4]
Според истражувањата од 1953 година, родови во селото:
- Староседелски и доселенички со непозната старина родови: Шунтовци (4 к.), Јосифовци (3 к.), Јоновци (2 к.), Мамалевци (2 к.), Мусалевци (2 к.), Шановци (2 к.), Анѓелевци (2 к.), Поповци (2 к.), Радевци (1 к.), Кастревци (1 к.), Атанасовци (1 к.), Миновци (1 к.), Ќифтевци (1 к.), Чифкаровци (1 к.), Јолевци (1 к.), Богојевци (3 к.), Пачовци (3 к.), Грдановци (2 к.) и Јанкуловци (1 к.).
- Доселени родови со позната старина: Бандевци (18 к.) се делат на Рендевци, Пурлевци, Шапкаровци и други. Доселени се од некое село во сливот на Бабуна; ’Ржановци (8 к.) и Васковци (4 к.), потекнуваат од ист предок доселени се од некое село во Преспанско; Бакаловци (2 к.), и тие доселени се од Преспанско; Дујовци (4 к.) и Нешовци (2 к.), доселени од исто место како и Бандевци; Трајановци (5 к.), доселени се од селото Груништа, во Мариово, овде се доселил Трајан; Гасковци (3 к.) и Раковчевци (2 к.), доселени се од некое село во околината на Лерин; Перало (1 к.), доселени се од некое село во Мариово; Ќосевци (1 к.), доселени се во турско време од селото Гугово во Воденско.
Иселеништво
уредиСе знае за следните иселеници од селото: Шамовци (2 к.), се иселени во Породин, Ѓеферовци (2 к.) и Драговци (2 к.), се иселени во Лажец, Илијевци (1 к.), се иселени во Жабјани, а постари иселеници има и во Битола и САД (10 семејства).[4]
Од селото емигрирало околу 800 жители, а најголем дел од нив во градовите Битола и Скопје, прекуокеанските земји и Европа.[4]
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
-
Автобуска постојка
-
Поранешното основно училиште
Самоуправа и политика
уредиНа крајот од XIX век, Драгош било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Драгош се наоѓале селата Барешани, Велушина, Граешница, Жабени, Канино, Кишава, Лажец, Олевени, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Граешница, во која влегувале селата Граешница, Драгош и Кишава.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0144 според Државната изборна комисија, сместено во простории на објект на општината.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 24 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 25 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[20]
- Ластојца — некропола од железно време.
- Цркви[21]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска и гробишна црква изградена во втората половина на XIX век;
- Црква „Св. Варвара“ — се наоѓа под селото. Градена е на темели од старо време;
- Црква „Св. Илија“ — манастирска црква; и
- Црква „Св. Недела“ — мала црква над селото во месноста Присој изградена во 30тите години на XX век; и
- Црква „Св. Петка“ — мала црква над црквата „Св. Недела“.
- Манастири
- Драгошки манастир — манастир на самата гранична линија
- Споменици
- Спомен-плоча од НОБ
- Реки
- Драгошка Река — река низ селото
-
Спомен-плоча на НОБ
-
Реката низ селото
-
Манастирската црква „Св. Илија“
-
Црквата „Св. Недела“
-
Главната селска црква „Св. Никола“
-
Црквата „Св. Варвара“
Редовни настани
уреди- Слави[4]
- Илинден (2 август) — селска и манастирска слава
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Драгош
- Димко Николов (1883-1908) - македонски револуционер;
- Ѓорѓи Јовановски (1922-1944) - партизан, учесник во НОБ;[22]
- Спиро Спасевски (1924-1944) - партизан, учесник во НОБ;
Култура и спорт
уредиВо селото порано постоел фудбалски клуб „Илинден“.
Галерија
уреди-
Куќа во селото
-
Чешма
-
Стара куќа во селото
-
Влезот на училиштето
-
Куќа во селото
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2024-08-21. Посетено на 2024-08-21.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 112. Посетено на 21 август 2024.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 201-202. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр.35
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 166-167.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 23 август 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 23 август 2024.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 31. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Сайт с информация за партизанското движение в Македония“. Архивирано од изворникот на 2014-05-08. Посетено на 2014-03-01.