Кралство Црна Гора

Кралство Црна Гора (српски: Краљевина Црнa Горa) — кралство во Југозападна Европа. Престолнината на кралството била во Цетиње.

Кралство Црна Гора
Краљевина Црнa Горa
Kraljevina Crna Gora
1910–1918
Flag of Црна Гора
Flag
Coat of arms of Црна Гора
Coat of arms
Motto: Крст, Дом, Слобода
Химна: „Убавој нам Црној Гори
Кралството Црна Гора во 1914.
Кралството Црна Гора во 1914.
Главен градЦетиње
Capital-in-exileБордо, Неји-сир-Сен (Париз)
Говорени јазицисрпски
Вероисповед
Српска православна црква
УредувањеУставна монархија
Крал¹ 
• 1910-1918
Никола I
• 1910-1912 (прв)
Лазар Томановиќ
• 1917-1918 (последен)
Евгение Поповиќ
LegislatureНародно собрание на Црна Гора
Историски периодПрва светска војна
• 50-годишнина од владеењето на Никола Петровиќ
28 август 1910
30 мај 1913
• капитулација под власта на Австроунгарија
16 јануари 1916
• Станала дел од Кралството СХС
28 ноември 1918 1918
Површина
19109.475 km2 (3,658 sq mi)
191214.442 km2 (5,576 sq mi)
Население
• 1911
220.000
• 1914
500.000
ВалутаЦрногорски перпер
Претходници
Наследници
Кнежевство Црна Гора
Кралство Србија
Денес дел од Црна Гора  Србија
¹впрочем во земјата немало парламентарна демократија бидејќи уставот му давал практично апсолутна власт на владетелот

Кралството Црна Гора е период во историјата на Црна Гора, кој траел од 1910 – 1918 година. Кралството Црна Гора настанало од Кнежевството Црна Гора и било монархија, чиј денешен наследник е Република Црна Гора. Легално, кралството било уставна монархија, а во пракса владеењето било апсолутистичко. Единствениот крал на Кралството Црна Гора бил Никола Петровиќ.

Историја

уреди
 
Никола I Петровиќ, единствениот крал на Кралството Црна Гора
 
Српски и црногорски офицери во Ѓаковица, во 1913 година.

Принцот Никола Петровиќ ја прогласисл Црна Гора за кралство на 28 август (15 август по стариот календар) 1910 година,[1] со што ја подигнал земјата од тогашниот ранг на кнежевство. Тој се прогласил за крал Никола I, а со земјата владеел од 1861 година како принц. Во текот на своето владеење, посебно на почетокот на XX век, тој иницирал неколку реформи за модернизација на земјата, вовел устав и нова валута наречена црногорски перпер.[2]

Балкански војни

уреди

На почетокот на 20 век, помеѓу балканските држави бил склопен воено-политички сојуз за војна против Османлиите. Првичниот договор бил меѓу Грција и Бугарија, ни им се приклучила Србија, а по потпишувањето на спогодбата со Србија, во септември 1912 година, на овој сојуз се приклучила и Црна Гора. Според спогодбата, црногорската војска требала со главниот дел од својата војска да дејствува кон Скадар, северна Албанија и Македонија, а со помалиот дел од војската да се насочи кон Нови Пазар и Санџак. Според направената спогодба меѓу членките на сојузот, до 15 октомври 1912 година, требало да се објави војна на Османлиското Царство. Затоа Црна Гора, според таа спогодба, на 26 септември 1912 година им објавила војна на Османлиите.[3] Во времето на објавување на војната, црногорската војска броела нешто повеќе од 35.000 војници. Таа била поделена во три оперативни групи: Приморска, Зетска и Источна. Приморската група броела 8.000 војници, Зетската имала околу 15.000 војници, а Источната околу 13.000 војници. Командант на Приморскиот одред бил бригардирот Митар Мартиновиќ, командант на Зетскиот одред бил престолонаследникот Данило, а командант на Источниот одред бил сердарот Јанко Вукотиќ. Задача на Приморскиот и Зетскиот одред била да го заземат Скадар, кој бил најважната воена цел на Црна Гора, додека Источниот одред имал за задача да го спречи продорот на османлиските сили преку Тара и да го спречи заземањето на Полиње и Метохија.

Воените дејствија започнале истиот ден кога била објавена прокламацијата за објава на војна. Утрото на 26 септември 1912 година, кралскиот син Петар од брдото Горица ги истрелал првите топовски гранати кон турските тврдини. На овој чин бил присутен и кралот Никола. Следел нападот на турските утврдувања во градот Тузи од страна на Зетскиот одред, и тој бил брзо освоен, со што патот кон Скадар бил отворен. Кон крајот на октомври 1912 година, започнала опсадата на Скадар. Скоро истовремено, Приморскиот одред од Бар тргнал кон Бојана и Тарабош и по заземањето на турските утврдувања и овој одред тргнал да го опседнува Скадар и го освоил градот Леска и Свети Јован (Албанија). Додека траеле воените операции на Приморскиот и Зетскиот одред на Скадарскиот фронт, Источниот одред тргнал кон Полимље и Метохија. За помалку од 30 дена (од 26 септември до 22 октомври) биле заземени: Мојковац, Беране, Бијело Поље, Рожае, Плевља, Плав, Гусиње, Пеќ и Ѓаковица. До крај на октомври (по новиот календар ноември) во сите освоени територии била воспоставена црногорска власт. По завршените воени дејствија, поголем дел од Источниот одред бил префрлен кај Скадар.

Опсадата на Скадар

уреди

Во втората половина на ноември 1912 година, било склучено примирје кое траело до февруари следната година, но опсадата на Скадар не била повлечена. Освојувањето на Скадар било од суштествено значење за Црна Гора. Власта на Црна Гора сметала дека со освојувањето на Скадар, Црна Гора ќе ја има потполната контрола над областа на Скадарското езеро и ќе ја има можноста да пристапи кон регулација на водите на таа област. Со продлабочување на изворот на реката Бојана, кое било во турски раце, би се намалило нивото на езерските води, со што Црна Гора би добила околу милион рала обработлива земја. На тој начин, со еден потег би биле решени неколку големи суштински проблеми на црногорската држава: недостиг на обработлива плодна земја, намалување на иселувањето на црногорското население и зголемување на државниот буџет за околу 20% од собирање на данок на земја. Токму затоа освојувањето на Скадар се сметало за спасоносно решение.

Големите сили, првенствено Австроунгарија, барале од Црна Гора да прекине со опсадата на Скадар, меѓутоа владата на Црна Гора не сакала да се повлече, дури ни кога Австроунгарија и се заканила. Кон крајот на 1912 година, кралот Никола запишал: „Ние сме решение се да испревртиме, ако Скадар ни се оспори. Ние не блефираме, туку сме решиме да за него, ако треба и изгинеме“. Тој сметал дека ако ја изгубат Битката за Скадар, ќе добијат во соседство нова држава Албанија – австроунгарска творба, со што неговата полувековна борба за ослободување од османлискиот обрач ќе заврши со добивање на уште поопасен и посмртоносен сосед. Токму затоа враќањето на Скадар кралот Никола го доживувал не само како личен животен пораз, туку како и пораз на политичката идеја стара два века, позади која стоела династијата Петровиќи, чиј потомок бил и самиот тој. Во февруари 1913 година, на црногорската војска во опсадата на Скадар им се придружиле и српските воени единици. Соработката на двете восјки траела сѐ до април, кога големите сили решиле Скадар да и припадне на Албанија, по што српските трупи ја напуштиле опсадата. Но, црногорската војска и покрај предупредувањата на Австроунгарија и Русија жестоко го нападнала Скадар и во април 1913 година го освоила. Нападот на добро утврдениот Скадар ги чинело Црногорците 2000 загинати војници. Притисокот, посебно на Австроунгарија, по заземањето на градот, бил уште поголем. Таа барајќи повлекување на Црна Гора ја затворила границата со неа и се заканувала дека ќе го нападне и заземе градот Бар. Во ваква тешка ситуација, Црна Гора на крај на април морала да донесе одлука за напуштање на Скадар. На 30 мај 1913 година, во Лондон бил потпишан мировен договор, со кој завршила војната на балканските сојузници против Османлиското Царство. Со одлуките на овој мировен договор, Османлиското Царство, после пет века владеење, се повлекла од Балканот.

Нова Црна Гора

уреди

По завршувањето на војните, на Меѓународната конференција биле исцртани новите граници на Балканот. Црна Гора, иако не го добила Скадар, добила проширување од околу 5000 км2. Во нејзиниот состав влегле: Малесија, дел од Новопазарскиот Санџак, дел од Метохија сè до Бел Дрим и градовите: Мојковац, Бијело Поље, Беране, Рожае, Гусиње, Плав, Пеќ и Ѓаковица.

Со новите граници за првапт во новиот век била направена територијална врска меѓу Црна Гора и Србија. Цената за ова била голема – загинале околу 3.100 војници, а околу 6.500 биле ранети.

Со територијалното проширување Кралството Црна Гора добило околу 240.000 нови поданици. Од тој број 180.000 биле неправославни и тоа 160.000 муслимани и 20.000 католици, со што значително била сменета конфесионалната структура во земјата.

„Новата“ Црна Гора по Балканските војни била потполно и културолошки и општествено и политички различна од традиционалната нахијска, стара Црна Гора, која се протегала меѓу Скадар, Ловќен, Морача и Паштровачка Гора и која била јадрото на независната држава создадена во XVIII век. Гледајќи во целина, воените територијални придобивки во Балканските војни не биле за преголемо радување за Црна Гора. Сиромашната и исцрпена држава добила голем територијален простор, со бројно население, кое, ако сакала да ѝ биде од корист, морала прво административно да го уреди, комуникациски да го поврзе со државното средиште и секако социјално да го култивира. Ниту за еден од овие потфати Црна Гора немала сили. Уште поголем проблем било интегрирањето на новото население кое го сметало Османлиското Царство за своја држава и кај кое големото воено насилство дополнително создало поголем отпор кон интеграцијата. Покрај овие сопствени проблеми, Црна Гора се соочила со друг, можеби и поголем, проблем по Балканските војни. Протерувањето на Османлиското Царство од балканските земји значело губење на важноста и поддршката за Црна Гора од страните земји, првенствено од Русија. Руската политика по 1913 година, јавно и отворено го протежирала својот нов став дека не е потребна заштита на Црна Гора и дека со отстранувањето на Османлиското Царство таа треба да се спои со Србија.

Прва светска војна

уреди
 
Мојковачката битка, 6-7 јануари 1916 година.

Првата светска војна започнала 1914 година, а завршила во 1918 година и била првиот воен судир од глобални размери во историјата на човештвото. Во војната учествувале повеќе од 70 милиони војници, а таа се водела помеѓу двата блока: блокот на Централните сили и блокот на Антантата, на која и припаѓала и Црна Гора.

Повод за војната бил атентатот врз австроунгарскиот престолонаследник, надвојводата Франц Фердинанд, во Сараево, на 15/28 јуни 1914 година.[4]

Веста за атентатот стигнала до Цетиње истиот ден некаде околу 17 часот. Во тоа време кралот Никола бил во воз на пат меѓу Салцбург и Трст. Тој се вратил во Црна Гора два дена по атентатот и веднаш испратил телеграма со сочувство до австроунгарскиот цар Франц Јосиф. Истовремено во Црна Гора била прогласена 15-дневна дворска жалост. Бидејќи Австроунгарија за одговорна за атентатот ја сметала владата на Кралството Србија, таа испратила владина нота со барање до српската влада и таа да учествува во истрагата околу атентатот.[5] Бидејќи српската влада тоа го одбила, истото послужило како повод за објавување на војна на 28 јули 1914 година. Истиот ден кога била објавена војната, кралот Никола спровел мобилизација на војската на Црна Гора. После тоа следеле низа на формални потези: црногорското народно собрание побарало од владата да објави војна на Австроунгарија, а кралот и владата на 6 август, согласно со барањето на собранието, донело одлука за објавување на војна. На почетокот од големиот воен судир, во 1914 година, Црна Гора била една од осумте завојувани земји. На една страна биле: Русија, Франција, Велика Британија, Србија, Белгија и Црна Гора; а на другата страна Австроунгарија и Германија. Така судирот помеѓу Србија и Австроунгарија прераснал во светска војна.

Во времето на објавувањето на војната, црногорската војска била поделена во 6 дивизии, со вкупно 35.000 мобилизирани војници. Подоцна, мобилизацијата била проширена и бројот на војниците пораснал прво на 45.000, па на 48.000. Наспроти нив, австроунгарската војска броела 72.000 војници. Имало три главни оперативни региони: околу Плевља, околу Грахово и на планинскиот масив Ловќен, или т.н. Плеваљски, Херцеговски и Ловќенски фронт.

Во текот на првата година од војната, немало судири од поголеми размери меѓу Црна Гора и Австроунгарија. Херцеговскиот одред на почетокот од август извршил напад и напредување кон Требиње и Билеќа, но во средината на август биле принудени да се повлечат, но Австроунгарија не успеала да го заземе Грахово. Од октомври следело затишје на воените судири.

На фронтот кај Плевља, првите воени судири се случиле во втората половина од август, кога по нападот Австроунгарија успеала да го заземе градот. На крајот од август имало заедничка акција со српската војска кон југоисточна Босна, при која Црна Гора успеала да го поврати градот. Борбите продолжиле, па во септември биле заземени Горажде и Фоча, а кон крајот на месецот, по заземањето на планината Романија, тие дошле до Сараево. По противнападот на Австроунгарија, црногорската војска се повлекла.[6]

Најмалку борби се воделе на Ловќенскиот фронт. До крајот на декември 1914 година, скоро и да немало воени судири. Во текот на ова затишје црногорската војска успеала во јуни 1915 година да го заземе Скадар.

Кога во октомври 1915 година, почнала австроунгарската-германска офанзива на Србија, почнале и судирите на Санџачкиот фронт и до декември со постојаните напади на Австроунгарија бил заземен градот Плевља. Целта била да Австроунгарија го заземе правецот Плевља-Мојковац-Матешево за да го спречи повлекувањето на српската војска преку територијата на Црна Гора кон Скадар. По Плевља, тие продолжиле по долината на реката Тара и кон Мојковац. Наредбата на врховната команда на црногорската војска била дека непријателот мора да се запре на Тара, дури и по цена на загинување на последниот војник.

Со одбраната на воените положби од Тара до Мојковац, српската војска се повлекувала низ Црна Гора по патот за Подгорица, кон Скадар и Драч. Во почетокот на декември 1915 година, тука се нашла српската влада и врховната воена команда. Операцијата на повлекување и на последните српски сили преку територијата на Црна Гора, завршиле на 5 јануари 1916 година, кога околу 90.000 српски војници се нашле на просторот меѓу Скадар, Драч и Тирана.

Австроунгарската офанзива на Црна Гора го достигнала врвот во јануари 1916 година. Целта била потполно да се уништи црногорската војска. Австроунгарија имала околу 150.000 војници наспроти 38.000 црногорски војници. Судирот бил на секторот Мојковац-Левер Тара и историски е познат како Мојковачка битка. Оваа позната и најтешка црногорска битка во Првата светска војна била и нејзина најголема победа, кога малата војска на Црна Гора успешно се спротивставила и успеала да го спречи продирањето на Австроунгарија во средиштето на Црна Гора.

Окупација и ослободување

уреди
 
Капитулација на црногорската војска во почетокот на 1916 година.

Сепак во 1916 година, принцот Мирко и дел од членовите на владата ја потпишале капитулацијата, ја разоружале војската и дозволиле Австроунгарија да воспостави своја администрација. Дел од војниците се вратиле дома, дел отишле во комити, а дел избегал во странство и дел се повлекол заедно со српската војска, преживувајќи ја целата нејзина голгота, за да подоцна заедно влезат на Солунскиот фронт. Австроунгарија веднаш по преземањето на администрацијата го укинала кириличното писмо и ја наметнала латиницата.[7]

Црна Гора била под окупација на Австроунгарија во текот на следните две години, а кога во 1917 година била потпишана Крфската декларација, немало црногорски потписник. По пробивањето на Солунскиот фронт, сојузничките трупи ја окупирале Црна Гора, а откако српската војска влегла во Подгорица, Караѓорѓевиќи ја искористиле систуацијата и во собранието во Подгорица прогласиле обединување на Црна Гора и Србија.[8]

Обединување со Србија

уреди
 
Андрија Радовиќ, главниот заговорник за обединување на Црна Гора со Србија.

Кон крајот од 1918 година, во договор со Црногорскиот одбор за народно обединување, а без претходен договор со црногорскиот крал Никола Петровиќ, биле обединети Србија и Црна Гора.

По овој чин избила т.н. Божиќна побуна на т.н. Зеленаши, кои биле против безусловното обединување со Србија. Таканаречените Бјелаши, кои биле приврзаници на обединувањето со помош на сојузниците ја загушиле побуната. Сепак, воените борби на црногорските комити, кои биле против, продолжиле сѐ до 1924 година, кога тие ја прифатиле амнестијата на кралот Александар I Караѓорѓевиќ.

Кралот Никола испратил барање до Париска мировна конференција да се врати независноста на Црна Гора, но неговата молба била одбиена. Тој починал 1921 година, во Антиб во егзил. Некои од комитите, Зеленашите и бившите војници на војската на Кралството Црна Гора, по окупацијата на Кралството Југославија во 1941 година, и по формирањето на проокупаторската власт, влегле во состав на антикомунистичката милиција и на вооружените сили (Ловќенска бригада) на новата држава и биле познати под името Крилаши. Овие единици биле расформирани во 1944 година, кога влегле партизаните и ЈНА.

Административна поделба

уреди

Во 1910 година, бил донесен Новиот закон за административна поделба на земјата, според кој Црна Гора била поделена во десет области и 56 капетании. Со законот, бројот на областите бил двојно зголемен, а бројот на капетаниите останал ист.[9]

Областите биле: Катунска, Ријечко-љешанска, Приморско-црмничка, Зетска, Брдска, Никшиќка, Вучедолска, Дурмиторска, Морачко-ровачка, Васојевиќка.

Новите области добиени по Балканските војни, биле поделени на четири административни области: Пеќска, Беранска, Бјелопољска и Пљеваљска.[10]

Државно уредување

уреди

Кралството Црна Гора официјално било уставна и парламентарна монархија, но во суштина било апсолутистичка монархија. Првиот црногорски устав бил донесен на 19 декември 1905 година, но целата власт била во рацете на монархот.

  • Монарх (кнез, а подоцна крал) бил и врховен заповедник на воените сили, кои се состоеле од војска, полиција и жандармерија. Монархот бил личност која одлучува за објавување на војна и за сојузништва. Тој имал овластувања да го свикува и распушта парламентот, да ги поставува државните службеници, министрите и судиите. Според уставот, кој бил донесен од самиот крал Никола Петровиќ, владетелот не можел да биде повикан на каква било одговорност. Законодавството го правеле монархот и собранието.
  • Црногорско народно собрание - првпат било основано во октомври 1906 година. Црногорското народно собрание имало релации со монархот дефинирани со устав, така да ниту еден закон во државата не можел да биде донесен, укинат или променет без негово одобрение. Монархот не можел самостојно да донесе одлука за донесување/промена на данокот, задолжување во странство и усвојување на државниот буџет без согласност на парламентот. Од друга страна, собранието немало право за предложување на закони, ниту за усвојување, ако монархот претходно не го верифицирал. Собранието не можело да повика на политичка одговорност министри или владата во целина, туку нив можел да ги отповика само монархот.
  • Министерски совет на Црна Гора (влада) - бил дел од извршната власт, но во потполност зависел од монархот. Владата се состоела од шест министерства.
  • Судска власт - се состоела од Велики суд и областни судови. Граѓанските спорови во последната инстанца можел да ги решава директно и самиот монарх, што било укинато по 1902 година, иако монархот и понатака можел да ублажува казни или да даде помилување.
  • Државен совет - според уставот, тој бил највисокото управно тело, правен советник на монархот и собранието за усвојување на закони, но неговите одлуки биле полномошни дури откако кралот ќе ги верификувал.
  • Уставот на Кнежевството Црна Гора бил донесен во декември 1905 година, се смета дека било донесено поради надворешни притисоци. Во Русија, во октомври 1905 година, биле донесени уставни промени и била формирана Дума, така да Црна Гора не сакала да остане единствена во Европа, покрај Османлиското Царство, без устав и собрание.

Дипломатски односи

уреди

Надворешната политика била во потполност во рацете на кралот. Во главниот град Цетиње, од 1879 година до 1916 година, постоеле амбасади на: Австроунгарија, Кралството Бугарија, Обединетото Кралство, Франција, САД, Кралството Грција, Кралството Италија, Германското Царство, Кралството Србија, Османлиското Царство и Руското Царство.

Црна Гора по признавањето во 1878 година, па сѐ до 1921 година, ги имала следните амбасади: во Белград, Истанбул, Париз и Вашингтон. Освен амбасади, Кралството Црна Гора имало и мрежа на конзуларни претставништва.

Црна Гора била прва православна држава во историјата, која со конкордатот меѓу неа и Светата столица, во Рим, во 1886 година го дефинирала статусот на своите граѓани од католичка вероисповед.

Образование

уреди

Бројот на училиштата од независноста до Балканските војни бил двојно зголемен. Првата црногорска гимназија била Цетинско-кнежевска-реална гиманзија и била формирана 1880 година.

Во 1907 година била отворена гимназијата во Подгорица, а во 1913 година, во Никшиќ, Пљевље и Беране.

Специјализирано училиште за Црногорки, т.н. Девојачки институт на Цетиње, работело од 1869 до 1913 година.

Стопанство и финансии

уреди

Стопанството во Кралството Црна Гора било во самите зачетоци. По уставот во 1905 година, биле верификувани законите за концесии, за истражување и експлоатација на руда, изградба на две хидроелектрани на реката Морача, исушување на улцињското поле, но ништо од ова не било реализирано поради претстоечките војни.

Во 1906 година, била отворена прва црногорска пивара во Никшиќ. Најголема поддршка за влез на италијански капитал и формирање на претпријатија со нивно вложување дала италијанската кралица Јелена Савојска, која била ќерка на кралот Никола.

Првата банка, Заложница црногорска, била формирана во 1864 година, а во 1901 година била основана Никшичката штедилница. Потоа следело отворање на повеќе банки, за да во 1909 година биде основана Народна банка на Кнежевството Црна Гора.

Сѐ до 1906 година, платниот промет на државата се одвивал преку валути од странските држави со кои се одвивале трансакциите. На 11.04.1906 година, со указ на кнез Никола било решено да се исковаат бронзени и никлени кованици, а на 2. март 1910 година, исто така со указ, биле пуштени првите златни перпери - црногорски монети.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Глас Црногорца“.
  2. „Priča o crnogorskim perperima: Više od novca! FOTO“. MTELCG (англиски). Посетено на 2019-04-01.
  3. Vojvodić, Mihajlo; Stanković, Đorđe (1983). Savremeni svet. Београд: Narodna knjiga, Vuk Karadzić, Rad. стр. 211.
  4. Vojvodić, Mihajlo; Stanković, Đorđe (1983). Savremeni svet. Београд: Narodna knjiga, Vuk Karadzić, Rad. стр. 212.
  5. Vojvodić, Mihajlo; Stanković, Đorđe (1983). Savremeni svet. Београд: Narodna knjiga, Vuk Karadzić, Rad. стр. 215.
  6. Vojvodić, Mihajlo; Stanković, Đorđe (1983). Savremeni svet. Београд: Narodna knjiga, Vuk Karadzić, Rad. стр. 222.
  7. „CG: I život hteli da daju za ćirilicu“. www.novosti.rs (српски). Посетено на 2019-03-31.
  8. Pavlovic, Srdja (2008). Balkan Anschluss: The Annexation of Montenegro and the Creation of the Common South Slavic State (англиски). Purdue University Press. ISBN 9781557534651.
  9. Popov, Čedomir. Istorija srpske državnosti: Srbija i Crna Gora : novovekovne srpske države (српски). Српска академија наука и уметности.
  10. „О неким особеностима црногорског друштва 1914. године“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-08.

Надворешни врски

уреди