Мачуково
Мачуково (грчки: Εύζωνοι, Евзони, до 1927 г. Ματσίκοβο, Мациково[2]) — село во областа Бојмија, Гевгелиско, а денес во општината Пајонија на Кукушкиот округ во Егејска Македонија, Грција. Сместено е во непосредна близина на државната граница со Р Македонија, на која претставува граничен премин од грчката страна. Според пописот од 2011 г. населението брои 331 жител.
Мачуково Εύζωνοι | |
---|---|
Сретселото во Мачуково | |
Координати: 41°06.25′N 22°33.55′E / 41.10417° СГШ; 22.55917° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Кукуш |
Општина | Пајонија |
Општ. единица | Ругуновец |
Надм. вис. | 70 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 331 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија
уредиСелото е рамничарско и се наоѓа од десната страна на реката Вардар на надморска височина од 70 метри. Во непосредна близина на Мачуково поминуваат меѓународниот автопат Е-75 и железничката пруга Скопје - Солун. Непосредно до селото се наоѓа градот Гевгелија, додека од обласниот центар Кукуш тоа е оддалечено 35 километри во северозападен правец, а од Солун 76 километри, исто така во северозападен правец[3].
Население и историја
уредиМачуково во минатото било едно од најголемите македонски села во гевгелиско-кукушкото подрачје, па дури своевремено било поголемо и од Гевгелија, но по отворањето на железничката пруга Солун - Скопје - Белград почнало да опаѓа за сметка на Гевгелија[3]. Во 1900 година Васил К’нчов го споменува со 1.300, а Бранков во 1905 година со 1.312 жители - Македонци, додека Милоевиќ го запишал со 200 македонски куќи[3]. Селото многу настрадало во двете Балкански војни и Првата светска војна, кога во есента 1916 година, бидејќи тука минувала фронтовата линија, било присилно раселено[3]. Делумно било обновено по нормализирањето на состојбата[3]. Во пописот од 1913 година Мачуково се води како преполовено со само 511 жители, а во 1920 година со 313 жители, бидејќи поголемиот дел од неговите жители уште пред балканските војни се преселиле во Гевгелија, а подоцна поголем број од нив се иселиле во Бугарија, како и обратно извесен број гркомански макеоднски семејства од гевгелиските села се преселиле во Мачуково[3].Селото повторно почнало да расте по 1924 година кога грчките власти населиле поголем број доселенички семејства, претежно од Понд и Кавказ, а поради поставувањето на државната граница Мачуково било отсечено од Гевгелија[3]. Исто така, според записите на Стојан Киселиновски во неговата книга „Етничките промени во Македонија (1913-1995) до 1922 година селото било населено исклучиво со Македонци, кои поради грчкиот терор и насилно иселување, се имаат преселено преку границата во Гевгелија, Моин, Богородица и другите гевгелиски села сместени блиску до граничната линија. Во натамошните пописи бројноста на населението на Мачуково се движела: 1928 г. - 711 жители, 1940 г. — 871 жител, 1951 поради конентрацијата на жители од околните села кои поради граќанската војна се собрале во Мачуково и сѐ уште не биле вратени во своите села е заведено со 1.251 жител, во 1961 г. бројот се намалува на 907, 1971 г. - 847 жители, 1981 г. -1.082, додека во 1991 година се попишани 833 жители[3]. Денес, Мачуково има околу 300 жители потомци на грчки доселеници, Маџири (колонизирани во периодот на 1913 - 1922) кои најчесто се вработени во граничните и царинските служби на граничниот премин кон Р Македонија.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 871 | 1251 | 907 | 847 | 1082 | 833 | 568 | 331 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Самоуправа и политика
уредиСелото припаѓа на општинската единица Ругуновец со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Пајонија, во округот Кукуш. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Мачуково, во кој спаѓаат и селата Бајалци, Чидемли и поновата населба Цолијадес (Стражарница).
Знаменитости
уреди- Црква „Успение на пресв. Богородица“ — дело на истакнатиот мајстор Андон Китанов
Стопанство
уредиГлавни производи на селото се житото и тутунот, а делумно е развиено и сточарството[4]
Личности
уреди- поп Стамен (~ 1800-1874) — учесник во преродбенската борба во Дојран
- Венијамин Мачуковски (1847-1878) — македонски преродбеник и собирач на македонско народно творештво.
- Сава Михајлов (1877-1905) — војвода во гевгелиско во текот на Илинденското востание и реонски раководител на ТМОРО за Гевгелија.
- Леонид Јанков (1879-1905) — македонски револуционер и војвода на МРО
Наводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Ματσίκοβο -- Εύζωνοι
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Симовски, Х. Тодор. Населените места во Егејска Македонија. Скопје, 1998. II дел, стр. 105
- ↑ Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 105.