Долно Дупени

село во Општина Ресен

Долно Дупени — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Долно Дупени

Поглед кон селото од патот за Маркова Нога

Долно Дупени во рамките на Македонија
Долно Дупени
Местоположба на Долно Дупени во Македонија
Долно Дупени на карта

Карта

Координати 40°52′32″N 21°07′10″E / 40.87556° СГШ; 21.11944° ИГД / 40.87556; 21.11944
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Долна Преспа
Население 174 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7318
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23010
Надм. вис. 1026 м
Слава Арангеловден (летен)
Долно Дупени на општинската карта

Атарот на Долно Дупени во рамките на општината
Долно Дупени на Ризницата

Во близина на селото се наоѓа грчко-македонската граница, како и планираниот граничен премин „Маркова Нога“. Воедно, месноста Маркова Нога претставува и најјужна точка на денешната територија на Република Македонија.

Потекло на името

уреди

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е етничко и дека потекнува од тоа што селото лежело во трап (дупка). Меѓутоа, дупенци за ова имаат повеќе легенди и претпоставки. Некои од нив говора:[2]

  • дека името води потекло од времето на Цар Самоил, кога делови од неговата ослепена војска биле доведени во Преспа и некои од нив сместени на местото каде подоцна настанало селото. Бидејќи војниците биле со извадени очи (со дупки по лицето) кога требало да се посочи местото на кое тие престојувале, се велело кај „дупените“. Со текот на времето придавката „дупени“ била пренесена на месноста, а подоцна кога на таа месноста настанало и селото, и на него.
  • постои кажување кое потеклото на името го поврзува за друг настан од времето на турското владеење. Некогаш, во подалечното минато, некојси поп од селото, заради непокорност, од Турците бил обесен на едно дрво со две потенки јажиња (врвци). Според овој настан е градено и пренесувано мислење дека името на селото настанало од албанскиот збор „dy penje“ што во превод на македонски значи „два конци“ (јажиња). Со текот на времето овој збор бил преиначен во „дупени“ и како таков земен за име на селото.
  • градени се претпоставки кои името на селото го поврзуваат со конфигурацијата на теренот и природната околина. Оттука, некои тврдат дека месноста на Дупени (Горно Село), погледнат од повеќе места на околу, остава впечаток на релјефна длабнатина (дупка) и врз основа на таквата положба селото добило име Дупени.
  • професорот Бранислав Русиќ пооснована претпоставка за потеклото на името Дупени наоѓа во сознанието дека некогаш селото било прочуено по многу попови и владики, кои биле уважувани за учени луѓе. Со оглед на фактот што во долнопреспанскиот говор за умен човек, уште се вели и „дупен“ човек, можно е со текот на времето, по уваженоста на овие учени (дупени) луѓе, и селото да го добило своето име Дупени.
  • познато е дека атарот на селото изобилува со квалитетен камен (сиенит), кој можеби некогаш условил во селото да се појави и развие занает за изработка на мелнички камења, кои покрај површинската обработка, тие во средината морале да бидат и дупнати. Такви дупнати камења сè уште се сретнуваат во атарот на селото. Кај некои луѓе преовладува мислењето дека името на селото настанало од овој, можеби некогаш ценет и баран производ.

Покрај овие постојат и други легенди и претпоставки.

Атрибутот „долно“ на името му е додаден во поново време. Според некои кажувања тоа е направено во времето кога Преспа станала единствена административно-територијална единица, заради распознавање на двете постојни села со истоветно име (Дупени), и дека ова село го добило „долно“ по пределот на областа Долна Преспа. Другото мислење содржи поголема веројатност и дека дека атрибутот настанало со преместувањето на селото (од Горно во Долно Село, односно од Горно во Долно Дупени).[2]

Во Преспа постои уште едно село со слично име — Горно Дупени, кое се наоѓа во северозападниот дел на котлината во подножјето на планините Галичица и Петрино на 33 километри оддалеченост од Долно Дупени.

Географија и местоположба

уреди
 
Планираниот граничен премин „Маркова Нога“ во истоимената месност, воедно најјужната точка на Македонија

Селото е сместено во близина на граничното тромеѓе со Грција и Албанија, на југоисточната страна на Големото Преспанско Езеро, на 2 километри од македонско-грчката граница. Долно Дупени претставува најјужно населено место во Македонија, сместено на надморска височина од околу 900 метри.[2][3] Се наоѓа на 34 километри оддалеченост од градот Ресен и низ него поминува директниот патен правец кој ги поврзува селата и туристичките населби на источниот брег на Преспанското Езеро со магистралниот пат Ресен-Битола, а истовремено од Долно Дупени води и директен асфалтен пат кон селото Љубојно, кој продолжува до селото Брајчино.[3]

Сместено е во подножјето на Баба Планина на допирот со котлинското дно, а на оддалеченост од неколку стотини метри од брегот на Преспанското Езеро.[3]

Долно Дупени е преместено село. Негова претходна местоположба била месноста Горно Село, на околу 1 километар источно од денешното (на висорамнинката помеѓу Стара и Јанинска Река), на која сè уште има препознатливи остатоци (темели, дворни огради, улици, гробишта). Преместувањето настанало во периодот помеѓу 1908 и 1914 година заради потребата од доближување до земјишните имоти во појасот на крајезерската рамнина.[2]

Долно Дупени се граничи со следниве села: со Наколец и Љубојно на север, со територијата на Грција (во тој склоп со селата Герман и Роби) на југ и југоисток и со водите на езерото на запад.[2]

 
Поглед на сретселото

Атарот на Долно Дупени се простира на површина од 1421 хектар (околу 14,21 км2) и зафаќа рамничарско и ридско-планинско земјиште. Рамничарскиот дел е западно од селото (покрај брегот на езерото). На ридско-планинскиот дел има листопадна шума (даб, бука, брест, габер, јасен, јавор, кленика, бреза, и др.) и тревнати пасишта. Од вкупната површина на атарот: 469 хектари се обработливо земјиште, 226,7 хектари пасишта и 627,3 хектари шума.[2]

Во атарот на селото постојат повеќе извори (до 1960 година 52) и 4 потоци т.н. реки (Стара Река, Јанинска Река, Осмајнска Река и Согорска Река). Не пресушуваат, но нивниот водотек во летниот период значително се намалува.[2]

Низ селото течат Стара Река со 4 и Јанинска Река со 10 мостови, од кои 8 бетонски.[2]

Долно Дупени е село од собран тип со околу 250 куќи. Куќите се градени од камен и кал, а поновите од блок-тули и вар, на приземје и на кат, покриени со ќерамиди, преовладуваат белите фасади. Околу куќите постојат широки и најразлично оградени дворови, на кои се изградени стопански и други објекти (штали, плевни, тремови, гаражи, магацини, бунари, фурни, гумна и др.). Селото го вкрстуваат повеќе асфалтни и макадамски улици, а на сретселото има ширинка.[2]

Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на повеќе маала: Мановска, Макаровска или Диневска (во северниот), Пајковска или Трајковска (во јужниот), Поповска (во источниот), Димовска, Струминиковска и Лешкаровска (во западниот) и Калајџиовска или Томовска (во средишниот дел на селото). Денес, селото претежно се развива на неговата јужна страна.[2]

Недалеку од селото, на 2 километри е месноста Маркова Нога која е најјужната точка во Република Македонија и во која се наоѓа познатата плажа Дупени Бич. Непосредно се наоѓа и кулата на граничната караула, но не постои можност за премин на границата поради затвореноста од спротивната грчка страна од политички причини кои потекнуваат уште од времето на Граѓанската војна во Грција и соработката на Македонците кои живеат во селата од двете страни на границата.[3]

Историја

уреди

Долно Дупени е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Дубени, Дупени, Долно Дупени) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во XIX век, Долно Дупени се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Долно Дупени било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Во подготовките и текот на Илинденското востание учествувало со свој комитет и чета од преку 40 востаници. Како војводи се споменуваат Коле Томовски и Геле Крстиновски. Загинале 4 души, а 2 плевни биле запалени. Се пренесува дека селото од опожарување го спасил бегот по претходна закана од комитите.[2]

 
Спомен-чешмата изградена во чест на загинатите за време на НОБ

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Од 1916 до 1918 година, цивилното население било евакуирано во селата Љубојно, Брајчино, Рајца, Грнчари и Подмочани. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, љубанци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Во војната се бореле преку 20, а загинале 9 жители.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Долно Дупени повторно се нашло под српска власт. Во ова време, селото било во состав на новосоздадената општина Љубојно.[2]

Со училишна зграда селото се здобило во 1922 година.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време во селото имало италијанска војска. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) било слободна територија на НОАВМ. На 8 ноември 1943 година паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Во селото имало бугарска војска со караули на местата Маркова Нога и Осмајнца. Загинале пет борци.[2][4]

На 17 јануари 1944 година бугарската фашистичка војска, заедно со Германците, ја презела слободната партизанска територија на тој дел на Преспа. Бугарската фашистичка војска ја обезбедувала границата и повремено навлегувала преку граница во најблиските македонски села Р’мби и Герман. На 17 јануари влегле во селото Роби. Се распоредиле во три групи: едната група вршела обезбедување на околината на селото, другата вршела претрес и пљачкала по куќите, барајќи партизани, а третата им држела митинг на насобраните селани на селската полјана. Додека се одржувал митингот, групата која го обезбедувала селото на селската полјана довела седуммина младинци на возраст од 18 до 20 години, врзани со бодлива жица, коишто бегајќи од канџите на Гестапо во Лерин се префрлиле во овој дел на Преспа за да им се приклучат на партизаните. Кај насобраните селани се создал револт, но и одлучност да им се спротивстават и молат, барајќи да се ослободат младинците. И покрај сите молби на селаните, тие биле спроведени до граничната караула кај Маркова Нога и на ѕверски начин убиени со копачи и кундаци.[5]

Културен дом селото добило во 1950 година, електрична енергија во 1958 година, со систем за наводнување во 1956 година, со телевизиски прием во 1965 година, со водовод во 1973 година, со асфалтен пат во 1977 година и со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]

Стопанство

уреди
 
Новоотворената плажа „Дупени Бич“
 
Поглед од плажата кон езерото и островот Голем Град во позадина

Дупенци својата издршка секогаш ја обезбедувале преку поледелството, сточарството, риболовот, занаетчиството и печалбарството. Во рамките на поледелството најмногу се сеело жито (пченица, ’рж, јачмен, овес, пченка и др.), градинарски култури (пипер, патлиџан, праз, кромид, лук, зелка, компир, грав и др.), потоа лозја, а во некои периоди и индустриски култури (коноп, лен, тутун и др.). Денес, најзастапена култура е овоштарството. Во рамките на сточарството, најмногу се одгледувале волови, крави, коњи, магариња, мазги, коњи, кози, овци, свињи и др.). Сточарството денес речиси е изумрено. Доста луѓе се вработени во државните служби и претпријатијата.[2]

Селото Долно Дупени поради својата местоположба има доста разновиден стопанско-економски живот. Според составот на атарот селото има поледелско-шумарска функција[3], но исто така во голема мера се развиени и другите второстепени стопански дејности и гранки како што е туризмот и услужните дејности. Во Долно Дупени работат и повеќе продавници, како и фурна - пекарница која со леб ги снабдува Долно Дупени и блиските села Љубојно, Брајчино и Наколец.

Поважна гранка која е во постојан развој и раст е туризмот поради близината на Преспанското Езеро, на кое се наоѓа познатата плажа „Дупени Бич“ со која управува познатиот македонски пејач Ламбе Алабаковски. Во месноста Маркова Нога непосредно до селото се наоѓаат и повеќе услужни објекти како ресторани, авто-камп и ноќевалишта. Традиционално како и во поширокиот крај значаен дел од населението заработува и преку печалба во странство.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948714—    
1953721+1.0%
1961624−13.5%
1971434−30.4%
1981563+29.7%
ГодинаНас.±%
1991395−29.8%
1994260−34.2%
2002235−9.6%
2021174−26.0%

Во текот на своето постоење, Долно Дупени го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 39 семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Долно Дупени имало 220 жители, сите Македонци христијани.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долно Дупени имало 200 жители.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[8]

Селото Долно Дупени според бројот на своите жители е средно по големина со постојан пад на своето население, кое во 1961 година броело 634 жители, а во 1994 година спаднало на 260 жители, при што и во двете години сите жители биле Македонци.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Долно Дупени имало 235 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 174 жители, од кои 164 Македонци, 1 останат и 9 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 220 200 714 721 624 434 563 395 260 235 174
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Селото Долно Дупени отсекогаш во целост е населено со Македонци од православна христијанска вероисповед. Родови и семејства од Долно Дупени се: Богоевци, Гелевци, Димовци, Диневци, Илиовци, Јаневци, Крстиновци, Карамфиловци, Калајџиовци, Лешкаровци, Макаровци, Марковци, Мановци, Најдовци, Ничевци, Пајковци, Петревци, Поповци, Струминиковци, Стојановци, Тодоровци, Трајковци, Томовци, Туџаровци. Од блиското село Нивици, кое денес е под Грција се доселиле семејствата: Гинчевци, Секуловци и Трајковци.[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Поповци (7 к.) со Томовци (6 к.), Маковци (12 к.), Пајковци со Ропчевци, Кротовци и Димевци (20 к.), Карафиловци (3 к.), Димовци (5 к.), Петревци (1 к.), Лушковци (4 к.)
  • Доселеници: Струмениковци (12 к.) доселени се одамна од некое место по течението на реката Струма, по кое и го добиле името; Струмениковци со Елешкаровци (4 к.) доселени се од селото Љубојно, таму нивните роднини изумреле; Арнаути или Каломанци (3 к.) доселени се од местото Фрашер во Албанија; Марковци (4 к.) доселени се од некое село во Охридско; Калајџиовци (6 к.) доселени се од околината на Пловдив во Бугарија; Макаровци (6 к.) доселени се од селото Бесвина во егејскиот дел од Преспа; Нивичани (4 к.) доселени се во 1918 година од селото Нивици во егејскиот дел од Преспа.[15]

Општествени установи

уреди
 
Подрачното училиште „Димитар Влахов“ во селото

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Љубојно, во која покрај селото Долно Дупени, се наоѓале и селата Арвати, Брајчино, Долно Дупени, Крани, Љубојно, Наколец, Сливница и Штрбово. Во периодот 1950-1952 година, селото повторно било дел од некогашната Општина Љубојно, во која влегувале селата Брајчино, Долно Дупени, Наколец и Љубојно.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1650 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 187 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Св. Архангел Михаил“
Археолошки наоѓалишта[18]
Цркви;[19]
Споменици
  • Спомен-чешма за загинатите од НОБ
Реки
  • Стара Река
  • Јанинска Река

Редовни настани

уреди

Личности

уреди

Иселеништво

уреди

До 1949 година од селото имало иселеници во САД (4 семејства), Србија (3 семејства) и во Битола (1 семејство).[15]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 94–103. ISBN 9789989920554. Посетено на 4 декември 2016.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 105. Посетено на 4 декември 2016.
  4. Загинати: Алексо Крстиновски, Доне Струмениковски, Спиро Мановски, Славе Диневски и Јонче Калајџиевски.
  5. Во акцијата на бугарската војска и полиција биле ликвидирани младинците: Констатинос Димитриос Тазинос (1925), Георгес Пантелис Лунидис (1925), Ласкарис Илиес Стефанидис (1924), Димитрис Периклис Тенос (1925), Георгес Харалантос Сакидис (1924), Симеон Дионисиос Хаџипродрому (1925) и Петрос Лазарос Марку (1922).
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 декември 2016.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. 15,0 15,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 21,4 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  22. 22,00 22,01 22,02 22,03 22,04 22,05 22,06 22,07 22,08 22,09 22,10 22,11 22,12 22,13 22,14 22,15 22,16 22,17 22,18 22,19 22,20 22,21 22,22 22,23 22,24 22,25 22,26 22,27 22,28 22,29 22,30 22,31 22,32 22,33 22,34 22,35 22,36 22,37 22,38 22,39 22,40 22,41 22,42 22,43 22,44 22,45 22,46 22,47 22,48 22,49 22,50 22,51 22,52 22,53 Јовановски, Владо (1994). Долно Дупени - село во Преспа. Скопје: НИП Глобус. стр. 204–205.

Надворешни врски

уреди