Фрајбург
Фрајбург на Брајсгау — град во Баден-Виртемберг, југозападна Германија. Градот се наоѓа на крајниот југозапад од земјата, низ кој се протега реката Драјзам, во подножјето на Шлосберг. Историски, градот дејствувал како центар во регионот Брајсгау, на западниот раб на Шварцвалд, во рамнината на Горна Рајна. Еден од познатите стари германски универзитетски градови и архиепископско седиште, Фрајбург беше создаден во раниот 12 век и се разви во голем трговски, интелектуален и црковен центар на регионот на Горна Рајна. Градот е познат по неговиот стар универзитет и својата средновековна катедрала, како и по неговиот висок стандард за живеење и напредните еколошки практики. Градот се наоѓа во срцето на главниот винарски регион и служи како главна туристичка влезна точка на убавината на Шварцвалд. Според метеоролошките податоци, градот е најсончевиот и најтоплиот во Германија.[2]
Фрајбург во Брајсгау | |
Градското собрание во Фрајбург | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Баден-Виртемберг |
Адм. подрач. | Фрајбург |
Округ | Урбан округ |
Градски единици | 41 округ |
Градоначалник | Дитер Саломон (Зелени) |
Основни податоци | |
Површина | 153 км2 |
Надм. височина | 278 м |
Население | 226.393 (31 декември 2015)[1] |
- Густина | 1.480 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | FR |
Пошт. бр. | 79098–79117 |
Повик. бр. | 0761, 07664, 07665 |
Портал | www.freiburg.de |
Координати | 47°59′0″N 7°51′0″E / 47.98333° СГШ; 7.85000° ИГД |
Историја
уредиФрајбург бил основан од Конрад и Војводата Бертолд Трети од Церинген во 1120 како град со слободна трговија[3]; па оттука и неговото име, што во превод значи слободен (или независен) град - зборот фрај (frei), што значи слободен и Бург, што означува околија на модерен англиски јазик, се користел во тие денови при формирањето на нови градови, обично со определен степен на автономија[4]. Меѓутоа, германскиот збор „бург“, исто така значи и утврден град, како во случајот со Хамбург. Така, веројатно е дека името на ова место значи „утврден град на слободни граѓани“.
Овој град бил стратешки сместен на раскрсницата на трговските патишта помеѓу областите на Средоземното Море и Северното Море, и на реките Рајна и Дунав. Во 1200 година, населението во Фрајбург броело околу 6.000 луѓе. Во тоа време, под власта на Бертолд Петти, последниот војвода од Церинген, градот ја започнал изградбата на својата Фрајбург Минстер (германски: Freiburger Münster or Münster Unserer Lieben Frau) катедрала на местото на една постара парохиска црква[3]. Започната во романски стил, потоа продолжено и завршена во 1513 година, во најголем дел како готска катедрала. Во 1218, кога Бертолд Петти умрел, грофовите од Урах ја измислуваат титулата гроф од Фрајбург[3][5]. Градскиот совет не им верувал на новите благородници и ги запишал нивните признати права во документ. На крајот на 13-от век имало расправија помеѓу граѓаните на Фрајбург и нивниот лорд, грофот Егино Втори од Фрајбург. Егино ги покачил даноците и барал да се ограничи слободата на граѓаните, по што Фрајбуржаните користеле катапулти (исфрлувачи) со цел да го уништат замокот на грофот на врвот на Шлосберг, еден рид што гледа кон центарот на градот. Бесниот гроф го повикал неговиот зет, бискупот од Стразбур, Конрадиус фон Лихтенберг, на помош. Бискупот одговорил со испраќање на неговата војска кон Фрајбург.
Според една стара фрајбуршка легенда, касап по име Хаури го избодел до смрт бискупот од Стразбур на 29 јули 1299 година. Тоа било пирова победа, бидејќи оттогаш граѓаните на Фрајбург морале да плаќаат годишно покајување од 300 марки во сребро на грофот од Фрајбург до 1368 година. Во 1366 година грофовите од Фрајбург направиле уште еден неуспешен обид да го окупираат градот во текот на еден ноќен напад. На крајот граѓаните биле презаситени со нивните лордови, и во 1368 година Фрајбург ја купил својата независност од нив. Градот се свртел и побарал заштита од Хабсбурзите, кои му овозможиле на градот да задржат голема мерка на слобода. Поголемиот дел од благородниците од градот загинале во битката на Семпах (1386). Патрицијската фамилија Шневлин ја преземала контролата врз градот, додека еснафите биле револтирани. Еснафите станале помоќни од патрициите до 1389 година.
Сребрените рудници во планината Шауинсланд биле важен извор на капитал за Фрајбург. Ова сребро го направило Фрајбург еден од најбогатите градови во Европа и во 1327 година Фрајбург исковал своја сопствена монета, Рапенфених. Во 1377 градовите Фрајбург, Базел, Колмар и Брајзах влегле во алијанса позната како Рапенфених заедница (германски: Genossenschaft des Rappenpfennigs). Оваа алијанса ја олесни трговијата помеѓу и траеше до крајот на 16-от век. Помеѓу 13-от и 14-от век во Фрајбург живееле околу 8.000-9.000 луѓе, а во градот имало 30 цркви и манастири. На крајот на 14-от век, рудните жили од сребро се намалиле и до 1460 година, само околу 6.000 луѓе сè уште живееле во градските ѕидини на Фрајбург. Универзитетскиот град, Фрајбург се унапредува од својот фокус на рударството да стане културен центар уметностите и науките. Исто така бил и трговски центар. На крајот на средниот век и во зората на ренесансата било време на бројни достигнувања и трагедија за Фрајбург.
Во 1457 година, Албрехт Шести, регент на Австрија, го основал Универзитетот Алберт-Лудвигс, еден од најстарите германски универзитети. Во 1498 година, царот Максимилијан Први владеел со Рајхстагот во Фрајбург. Во 1520, градот ратификувал збир на правни реформи, надалеку сметани како најпрогресивни во тоа време. Целта била да се најде рамнотежа помеѓу градските традиции и старото Римско право. Реформите беа добро примени, особени деловите кои се занимаваат со граѓанското право, казните и градскиот устав.
Во 1520, Фрајбург одлучува да не земе дел во реформацијата и станува важен центар на Католицизмот во Горна Рајна. Во 1536, силното и постојано верување во магии доведува до првиот лов на вештерки во градот. Потребата да се најде жртвено јагне за катастрофи како што се црната чума, во која загинале 2.000 жители (25% од населението на градот) во 1564, доведува до ескалација на ловот на вештерки, што го достигнал својот врв во 1599 година. Плоча на старите градски ѕидини го означува местото каде запалувањата биле извршувани.
17-от, 18-от и 19-от век биле турбулентни времиња за Фрајбург. Преку битките во Триесетгодишната војна (на почетокот на оваа војна имало 10.000-14.000 граѓани во Фрајбург, на нејзиниот крај само 2.000) и други конфликти, градот во разни времиња припаѓал на Австријците, Французите, Швеѓаните, Шпанците и на разни членови на Германскиот Сојуз. Во периодот помеѓу 1648 и 1805 година, тој бил и административно седиште на Австрија, хабсбуршка територија во југозападот на Германија, кога градот не бил под француска окупација. Во 1805, градот, заедно со териториите на Брајсгау и Ортенау, стана дел од Баден.
Во 1827 г. кога е основана Фрајбуршката архиепископија, Фрајбург станал седиште на католички архиепископ.
На 22 октомври 1940, нацистичкиот водач на Баден наредил депортација на сите Евреи од Баден, а 350 еврејски граѓани од Фрајбург биле депортирани во концентрациониот логор Камп Гур во јужна Франција[6]. Тие останале таму под лоши услови, додека поголемиот дел од преживеаните биле испратени во Аушвиц кон нивна смрт на 18 Јули 1942 година. Гробиштата на германските Евреи, кои починале во Камп Гур се одржуваат од градот Фрајбург и други градови од Баден. Споменикот стои надвор од модерната синагога во центарот на градот. Тротоарите во Фрајбург носат спомени за поединечните жртви во форма на бронзени плакети надвор на поранешните живеалишта, вклучувајќи ја и онаа на Едит Штајн.
Фрајбург бил жестоко бомбардиран во текот на Втората светска војна. Прво, во мај 1940, Луфтвафе авиони погрешно фрлиле околу 60 бомби врз Фрајбург, во близина на железничката станица, убивајќи 57 луѓе[7]. Подоцна, напад на повеќе од 300 бомбардери од страна на РАФ борбената команда (британските кралски воздушни сили) на 27 Ноември 1944 уништи голем дел од центарот на градот, со исклучок на катедралата, која беше само малку оштетена. По војната, градот бил повторно изграден по неговиот средновековен план.
Тој беше окупиран од француската армија во 1945 и Фрајбург наскоро беше доделен во Француската окупациска зона. Во декември 1945 Фрајбург станува седиште на владата германската држава Баденија, која беше споена во Баден-Виртемберг во 1952. Француската армија беше застапена со присуство во Фрајбург до 1991, кога последната дивизија на француската армија го напушти градот и ја напушти Германија.
На местото на некогашната француска воена база, започна да се гради во доцните 90-ти нова населба за 5.000 луѓе, Ваубан, како „одржлив модел на дистрикт“. Сончевата енергија се користи за напојување на голем дел од домаќинствата во оваа мала заедница.
Култура
уредиПоради неговата сценска убавина, релативно топлата и сончева клима и лесниот пристап до Шварцвалд, Фрајбург е средиште на регионалниот туризам. Најдолгата жичарница делува во Германија, која е 3,6 километри долга, и сообраќа од Гинтерстал до блиската планина наречена Шауинсланд. Градот има невообичаен систем на сливници, наречени бехле (германски: Bächle), кои течат низ центарот на градот. Овие бехле, некогаш се користеле за да обезбедат вода при гасење на пожари и хранење на добитокот, постојано течат со вода пренасочена од Драјзам. Овие бехле никогаш не биле користени за отпадни води, таквото користење може да доведе до остри казни, дури и во средниот век. Во текот на летото, течењето на водата обезбедува природно ладење на воздухот и нуди пријатно клокотечки звук. Се вели дека ако паднете и зачекорите во бехле, тогаш ќе се венчате за Фрајбургер/ка, или „бобеле“.
Августинплац е еден од централните плоштади во стариот дел од градот. Поранешната локација на манастирот Августин, која стана музеј Августин во 1921 година, тоа е сега популарен социјален простор за младите жители на Фрајбург. Таму има голем број на ресторани и барови, вклучувајќи ја и локалната пиварница „Фајерлинг“, која има пивска градина. Во топлите летни ноќи, стотици студенти се собираат тука.
Во центарот на стариот град е Минстерплац или плоштадот пред катедралата, најголемиот плоштад во Фрајбург. Зелениот пазар на плоштадот работи секој ден, освен во неделите. Ова е локацијата на фрајбуршкиот Минстер, готска катедрала изградена од црвен песочник помеѓу 1200 и 1530 година. Фрајбуршкиот Минстер е познат своите високи куполи.
Историската Кауфхаус или историската трговска куќа е зграда изградена во доцна готика на јужнита страна на фрајбуршкиот Минстерплац. Изградена помеѓу 1520 и 1530 година, таа некогаш била центар на финансискиот живот во регионот. Нејзината фасада е украсена со статуи и со грбовите на четири хабсбуршки императори.
Старата Ратхаус или старата градска куќа, била завршена во 1559 година и има живописна фасада. Плоштадот на старата Синагога е еден од најважните плоштади на периферијата на историскиот стар град. На плоштадот било местото на синагогата, сè додека таа била уништена на Кристалната ноќ во 1938. Кај црвените мечки е најстариот хотел во Германија, е сместен крај Обенлинден, во близина на швапската порта.
На исток од центарот на градот, ридот Шлосберг пружа широк поглед над градот и околниот регион. Замокот (Шлос), по кого ридот го носи името бил срушен во 1740-тите и останати се само урнатини. Меѓутоа Шлосберг го задржа неговата значење за градот и пред 150 години градските татковци отворија патеки и видиковци и ја направија планината достапна за јавноста. Денес, Шлосбергбан, воздушна жичарница го поврзува градскиот центар со ридот[8].
Свети Георги е светец-заштитник на Фрајбург.
Бадише цајтунг е главниот локален дневен весник, кој го покрива регионот на Шварцвалд.
Географија
уредиФрајбург се граничи со Шварцвалд, планините Роскопф и Бромберг на исток, Шенберг и Туниберг на југ и ридскиот регион Кајзерштул на запад.
Клима
уредиКлиматски податоци за Freiburg | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Месец | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
Прос. висока °C (°F) | 3.9 (39.0) |
6.1 (43.0) |
11.1 (52.0) |
15.6 (60.0) |
20 (68.0) |
23.3 (74.0) |
25.6 (78.0) |
25 (77.0) |
21.1 (70.0) |
15 (59.0) |
8.3 (47.0) |
3.9 (39.0) |
15 (59.0) |
Прос. ниска °C (°F) | −2.2 (28.0) |
−1.7 (29.0) |
1.1 (34.0) |
4.4 (40.0) |
8.3 (47.0) |
11.7 (53.0) |
13.3 (56.0) |
13.3 (56.0) |
10.6 (51.0) |
6.1 (43.0) |
2.2 (36.0) |
−1.7 (29.0) |
5.6 (42.0) |
Прос. врнежи мм (ин) | 41 (1.6) |
41 (1.6) |
53 (2.1) |
66 (2.6) |
81 (3.2) |
99 (3.9) |
89 (3.5) |
86 (3.4) |
79 (3.1) |
74 (2.9) |
58 (2.3) |
51 (2.0) |
818 (32.2) |
Извор: Intellicast[9] |
Влада
уредиФрајбург е познат како „еко-град“. Во последниве години тоа го привлече Бирото за заштита од зрачење, сончевата енергија и истражувањето; упориште на Зелените (најсилното во кој и да бил германски град; до 25% од вкупните гласови во градот, во некои населби достигнувајќи 40% или повеќе во националните избори во 2002). Новоизградените населби Ваубан и Ризелфелд се развиени и градени според идејата за одржливост. Граѓаните на Фрајбург се познати во Германија по нивната љубов за велосипедите и рециклирањето[10].
Градоначалникот, д-р Дитер Саломон, (избран во 2002), е единствениот член на Сојузот 90/Зелените, кој држи таква функција во град со повеќе од 100.000 жители. Сепак, неговиот заменик, Ото Најдек, е член на конзервативната партија, ЦДУ.
Во 1992 година, советот на Градот Фрајбург усвои резолуција, со која на општинските земјишта единствено се дозволува изградба на „нискоенергетски објекти“ и сите нови згради мораа да бидат усогласени со некои спецификации за исполнување на „ниска енергија“. Живеалиштата ја користат сончевата енергија како пасивно, така и активно. Во прилог на сончевите плочи и колектори на покривите, обезбедување електрична енергија и топла вода, многу пасивни одлики ја користат сончевата енергија за регулирање на температурата во собите.
Фрајбург е домаќин на голем број на меѓународни организации, особено ИЦЛЕ - локални самоуправи за одржлив развој, ИСЕЦ - Меѓународно општество за сончева енергија, како и Фондацијата на Градоначалници[11].
Образование
уредиФрајбург е центар на академските институции и истражувањата со бројни интелектуални фигури и нобеловци, кои тука живееле, работеле и предавале.
Во градот постои еден од најстарите и најреномирани германски универзитети, Алберт Лудвиг Универзитетот во Фрајбург, како и неговиот медицински центар. Дом на некои од најголемите умови на Западот, вклучувајќи и такви еминентни личности како Јохан Ек, Макс Вебер, Едмунд Хусерл, Мартин Хајдегер и Фридрих Хајек, тоа е една од најголемите европски истражувачки и наставни институции.
Фрајбург исто така е домаќин на други образовни и истражувачки институции, како што се Универзитетот во Фрајбург за образование, Протестантскиот Универзитет во Фрајбург за применети науки, Музичката академија во Фрајбург, Католичкиот Универзитет во Фрајбург за применети науки, Меѓународниот Универзитет за кооперативно образование, три Макс-Планк институти и пет Фраунхофер институти.
Градот е домаќин на ИЕС-програмата на Европската Унија, која им дозволува на студентите да го проучат развојот и активностите на ЕУ[12].
Сообраќај
уредиФрајбург има широка пешачка зона во центарот на градот, каде не се дозволени автомобили. Фрајбург, исто така, има одличен јавен транспортен систем, управуван од ВАГ Фрајбург, во сопственост на градот. Ова постојано се засилува со зголемување на трамвајските линии, заедно со автобусите.
Фрајбург е на главната железничка линија Франкфурт на Мајна - Базел со чести и брзи возови на далечни одредишта од главната железничка станица во Фрајбург до главните германски и други европски градови. Други железнички линии возат источно кон Шварцвалд и западно кон Брајзах. Линијата до Брајзах е остатокот од меѓународната железничка линија Фрајбург - Колмар, која била отсечена во 1945 година, кога на железничкиот мост на Рајна во Брајзах беше уништена и не беше заменета.
Градот, исто така, е поврзан со автопатот А5 Франкфурт на Мајна - Базел.
Фрајбург се служи со европскиот аеродром Базел-Милхаусен-Фрајбург, сместен во Франција, во близина на границата со Германија и со Швајцарија. Аеродромот Карлсруе/Баден-Баден се наоѓа на околу 120 километри северно од Фрајбург, исто така, се користи од некои авиокомпании.
Спорт
уредиФрајбург е дом на фудбалскиот клуб СК Фрајбург, кој игра на стадионот Баденова. Во сезоната 2010-2011, тимот се натпреваруваше Бундеслигата и се избори до деветто место, со што и следната година ќе учестува во неа. Овој фудбалски клуб, имал успех во раниот 20 век, но досега се натпреварувал само во пониските дивизии.
Фрајбург, исто така, има и тим во хокеј на мраз ХК Фрајбург, кој игра во салата Франц-Зигел и рагби-тимот РК Фрајбург, кој се натправарува во регионалната лига во Баден-Виртемберг[13].
Меѓународни односи
уредиФрајбург има неколку збратимени градови ширум светот:
- Безансон, Франција; од 1959.
- Инсбрук, Австрија; од 1963.
- Падова, Италија; од 1967.
- Гилдфорд, Англија; од 1979.
- Медисон, Соединети Американски Држави; од 1987.
- Матсујама, Јапонија; од 1988.
- Лавов, Украина; од 1989.
- Гранада, Шпанија; од 1991.
- Исфахан, Иран; од 2000.
- Тел Авив, Израел;
Контроверзните коментари на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинежад, во кое беше вклучено преиспитувањето на димензијата на Холокаустот, предизвика дискусии за партнерството на Фрајбург со Исфахан. Веднаш по овие коментари, градоначалникот на Фрајбург Саломон ја одложи посетата на Исфахан, но повеќето луѓе кои се вклучени особено оние во партијата Сојузот 90/Зелените, се противат на укинување на партнерството[14].
Точки на интерес
уреди- Арборетум Фрајбург-Гинтерстал, во преградието на Гинтерстал
- Фрајбуршка ботаничка градина
- Универзитет Фрајбург
- Куќата на китот, која, во хорор филмот Суспирија на Дарио Аргенто во 1977, служеше како Академија за Танц, е главната централна локација.
Значајни жители
уреди- Волфрам Ајхеле, уметник
- Хана Арент, политички теоретичар
- Валтер Бенјамин, книжевен критичар и филозоф
- Алфред Деблин, доктор и писател
- Десидериус Еразмус Ротердамски, ренесансен хуманист и теолог
- Валтер Ојкен, економист
- Ханс Ф. К. Гинтер, нацистички еугенист
- Хајнрих Хауслер, професионален велосипедист Сервело ТестТим
- Дани Хитли, играч за Сан Хосе Шаркс НХЛ тим
- Мартин Хајдегер, филозоф
- Едмунс Хусерл, филозоф
- Валтер Кауфман, филозоф
- Борис Кодџо, американски модел и глумец
- Бенџамин Леберт, автор и колумнист
- Јоаким Лев, тренер на Фудбалската репрезентација на Германија.
- Аника Мурјан, глумица
- Карл Ранер, католички теолог
- Волфганг Шојбле, Министер за внатрешни работи, 1989–1991, во владата на Хелмут Кол и, 2005 - моментално, Ангела Меркел.
- Бернхард Зигмунд Шулце, (1827–1919) акушер
- Јирген Шремп, поранешен директор на ДајмлерКрајслер
- Бертолд Шварц, легендарен алхемичар, кој наводно го воведе барутот во Германија
- Тил Швајгер, глумец и режисер
- Херман Штаудингер, Нобелова награда во хемија "за неговите откритија во полето на макромолекуларната хемија"
- Едит Штајн, светица на Католичката црква, измачувана од страна на нацистите, член на факултетот Фрајбург; нејзиниот дом е означен со натпис.
- Фридрих фон Хајек, економист, филозоф, нобелов лауреат во економија
- Христоф фон Маршал, новинар
- Мартин Валдзеемилер, картограф
- Макс Вебер, адвокат, политички економист и социолог
- Енгелберт Цашка, еден од првите германски хеликоптерски пионери
- Аугуст Вајсман, биолог
- Бернхард Виткоп, органски хемичар
- Јоана Цимер, поп-пејач
- Марсел Ширмер, пејач и басист за метал групата Дистракшн
Галерија
уреди-
Фрајбуршката катедрала
-
Внатрешноста на камбанаријата на Фрајбуршкиот Минстер
-
Погледот од Шлосберг
-
Универзитетот Фрајбург
-
Мартинстор (Портата Мартин)
-
Швабентор (Швапската порта)
-
Историската трговска куќа (Историската Кауфхаус) на Минстерплац
-
Стражарската кула на Шлосберг
-
Главната железничка станица во Фрајбург (Хауптбанхоф)
-
Концертната сала
-
Градскиот театар
-
Поглед на Фрајбург
-
Куќата на китот
Наводи
уреди- ↑ „Општини во Германија по површина, население и поштенски број на 30 септември 2016 г.“. Сојузна статистичка служба на Германија. 2016. (германски)
- ↑ WWW.Wein.de, German Agricultural Society: Baden (read on January 1, 2008).[1] Архивирано на 30 октомври 2007 г.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 „Stadt Freiburg im Breisgau: History“. www.freiburg.de (Stadt Freiburg im Breisgau). Архивирано од изворникот на 2012-02-14. Посетено на 2009-04-11.
- ↑ „The American Heritage Dictionary of the English Language: Fourth Edition (2000)“. Архивирано од изворникот на 2008-08-30. Посетено на 2011-06-05.
- ↑ German Wikipedia reference to the establishment of the title of Count of Freiburg
- ↑ Spector, Shmuel and Wigoder, Geoffrey, The Encyclopedia of Jewish life Before and During the Holocaust, New York University Press 2001. See Die Synagoge in Freiburg im Breisgau.
- ↑ Robinson, Derek (2005). Invasion 1940. London: Constable & Robinson. стр. 31–32. ISBN 1-84529-151-4.
- ↑ „Experience Schlossberg“ (германски). Stadt Freiburg. Архивирано од изворникот на 2011-04-05. Посетено на 2011-02-13.
- ↑ „Freiburg/Breisgau historic weather averages“. Intellicast. Посетено на 8 November 2011.
- ↑ Is this the greenest city in the world?
- ↑ [2]
- ↑ „Study Abroad in European Union – IES Abroad“. Архивирано од изворникот на 2012-05-04. Посетено на 2011-06-05.
- ↑ http://www.freiburg-rugby.de
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2007-03-10. Посетено на 2011-06-05.
Додатна литература
уреди- Käflein, Achim (photographs); Huber, Alexander (German text); Freund, BethAnne (English translation) (2008), Freiburg, edition-kaeflein.de, стр. 168, ISBN 978-3940788016}
Надворешни врски
уреди„Freiburg“ на Ризницата ? |
- Official website
- Freiburg Breisgau Tourism & History & Pictures Архивирано на 19 септември 2012 г.
- City of Freiburg
- Augustinermuseum
- VAG Freiburg Freiburg Public Transit Authority
- Freiburg-Home.com – Information & Reviews about Freiburg Архивирано на 4 август 2013 г.
- Webcams in Freiburg and the Black Forest
- Tramway in Freiburg
- fudder – a popular online magazine about Freiburg (Winner of Grimme Online Award 2007)
- Freiburg's History for Pedestrians
- Freiburg - Green City
- Hotels in Freiburg Архивирано на 20 декември 2010 г.