Фридрих фон Хајек
Фридрих фон Хајек (германски: Friedrich von Hayek) - австриско-британски политички филозоф и економист, добитник на Нобеловата награда за економија во 1974 година.
Животопис
уредиВо почетокот на 1931 година, младиот Фридрих фон Хајек дошол во Лондон за да одржи четири предавања на Лондонската школа за економија (London School of Economics) од областа на монетарната теорија. Врз основа на предавањата, тој станал гостин-професор во есенскиот семестар, а една година подоцна добил професорско место на катедрата по економска наука и статистика. На 1 март 1933 година, тој го одржал своето предавање по повод стекнувањето на професорското звање во кое го критикувал социјализмот, поради што предавањето не било добро прифатено од англиската интелигенција.[1] Една недела по започнувањето на Вторта светска војна, Хајек испратил писмо до генералниот директор на британското министерство за информации нудејќи ги своите услуги во пропагандната кампања насочена кон земјите од германското говорно подрачје. Тој дури и посочил конкретни мерки, но министерството ги одбило неговите услуги. Иако тој станал британски државјанин уште во 1938 година, сепак не бил ангажиран од страна на британската влада за разлика од сите негови колеги кои добиле различни служби во државната администрација. Така, тој ја поминал војната извршувајќи ја професорската работа на Лондонската школа за економија.[2]
Во април 1945 година, Хајек заминал на петнеделна турнеја во САД, каде одржал голем број предавања. Притоа, на неговиот прв настап во Њујорк присуствувале 3 000 слушатели, а предавањето било пренесувано на радио. За време на престојот во САД, Хајек се запознал со стопанственикот Харолд Лахноу (Harold Luhnow) кој бил заинтересиран за студија посветена на конкуренцијата. Иако договорениот проект никогаш не се реализирал, тој придонел за создавање на „Чикашката економска школа“ (Chicago School of Economics) и на друштвото Mont Pèlerin чиј основач бил Хајек во 1947 година. Неколку години подоцна, тој се преселил во САД, вработувајќи се на Универзитетот во Чикаго, како дел од Комитетот за општествена мисла.[3]
Синот на Хајек, Лоренс (Laurence Hayek) студирал на Kings College при Универзитетот во Кембриџ. Тој починал во својот дом, од срцев удар, на 15 јули 2004 година.[4]
Творештво
уредиХајек студирал на Универзитетот во Виена, а на почетокот од кариерата бил припадник на Австриската економска школа.
Во 1931 година, во Лондон, Хајек ја објавил книгата „Цените и производството“ (Prices and Production) која настанала од неговите четири предавања на Лондонската школа за економија. Исто така, во август истата година, тој го објавил првиот дел од својата рецензија на книгата на Џон Мајнард Кејнз, „Трактат за парите“ (A Treatise on Money), со што предизвикал голема дискусија во академската јавност, а неколку месеци подоцна Кејнз одговорил на критиката. Притоа, целата академска 1931-1932 година била исполнета со остра дебата меѓу Хајек, д една страна, и Кејнз и Пјеро Срафа, од друга страна. Во 1933 година, Хајек го објавил трудот „Трендот на економското мислење“ (The trend of economic thinking) во кој го разгледувал прашањето на изгубената доверба на јавноста во економистите за време на Големата депресија. Според него, тоа било последица на влијанието на постарите економисти, кои критикувајќи го теоретскиот пристап во општествените науки го поткопале кредибилитетот на економското резонирање, воопшто. Како последица на тоа бил отворен патот кон утописки решенија за економската криза (на пример, социјалистичкото планирање) кои сериозната економска наука би ги отфрлила како неостварливи.[5] Во април 1938 година, Хајек ја објавил статијата „Слободата и економскиот систем“ (Freedom and the Economic System), која следната година прераснала во памфлет. Во неа, тој за првпат ја изнесол идејата за врската меѓу нацизмот и социјализмот и за невозможноста на социјалистичкото планирање. Идеите изнесени во статијата и памфлетот подоцна биле целосно разработени во книгата „Патот кон кметството“. Потоа, во 1935 година ја објавил книгата „Колективистичко економско планирање: Критички студии за можноста за социјализам“ (Collectivist Economic Planning: Critical Studies on the Possibility of Socialism) кој содржи преводи на туѓу трудови со воведна и завршна статија на Хајек. Во 1940 година, Хајек објавил уште една книга со критика на социјализмот, „Социјализмот и војната“ (Socialism and War). Во меѓувреме, тој работел на неговото главно дело од областа на економската теорија „Чистата теорија на капиталот“ (The Pure Theory of Capital), објавено во 1941 година. Во текот на 1939-1940, Хајек бил ангажиран на проектот „Злоупотреба на разумот“ (Abuse of Reason) од кој произлегле неколку статии, а кој требало да резултира во голема историска книга чиј прв дел би се викал Hubris а вториот дел - Nemesis. Сепак, кон крајот на 1940 година, врз основа на вториот дел од планираната книга, тој почнал да го пишува своето најпознато дело, „Патот кон кметството“ (The Road to Serfdom), објавено во 1944 година.[6]
За своето творештво, Хајек добил повеќе признанија, меѓу кои најзначајни се Нобеловата награда за економија (1974) и Претседателскиот орден на слободата (1991).[7]
Наводи
уреди- ↑ Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 3-5.
- ↑ Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 9-10.
- ↑ Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 19-21.
- ↑ F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 268.
- ↑ Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 3-4.
- ↑ Bruce Caldwell, „Introduction“, во: F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007, стр. 6-11.
- ↑ F. A. Hayek, The Road to Serfdom: Text and Documents (The Definitive Edition). Chicago: The University of Chicago Press, 2007.