Хабсбурговци

европска династија
(Пренасочено од Хабсбуршка династија)

Хабсбург (множина: Хабсбурзи, Хабсбурговци; придавка: хабсбуршки) била една од владателските куќи (династии) во Европа: Хабсбурговците владееле со Австрија (како војводи од 1282-1453 г., надвојводи 1452-1804 г. и цареви 1804-1918 г.), биле кралеви на Шпанија (1516-1700 г.) и цареви на Светото Римско Царство повеќе векови до 1806 година.

Швајцарија околу 1200 г
Профилен портрет на Леополд I кој ја истакнува неговата „Хабсбуршка вилица“, германски историски музеј

Нивното име потекнува од швајцарскиот дворец Habichtsburg (“Јастребов дворец“), седиште на семејството во 12. и 13. век во местото Хабсбург. Тргнувајќи од југоисточна Германија, семесјтвото го проширило своето влијание и имотите до источните краеви на Светото Римско Царство, што приближно одговара на денешна Австрија (1278-1382). По само две-три генерации, Хабсбурговците успеале да доспеат на царскиот престол, кој со кратки прекини ќе го држат со векови (1273-1291, 1298-1308, 1438-1740. и 1745-1806).

По абдицирањето на царот Карло V, кој воедно бил и кралот Карло I Шпански (1516-1556), династијата се поделила на австриски и шпански Хабсбурговци.

Шпанските Хабсбурговци изумреле во 1700 година, што предизвикало војна за шпанското наследство, додека австриските Хабсбурговци изумреле во 1740 година, што од своја страна предизвикало војна за австриското наследство. Како една од причините за нивното исчезнување обично се наведуваат големиот број бракови меѓу членовите на самото семејство, иако вакви врски имало малку во австриската лоза. Малите сипаници, кои ги убивале младите потомци, се истакнуваат како вистинската причина. Сепак, наследничката на последниот австриски Хабсбурговец, Марија Терезија, се омажила за Франц Стефан, војводата од Лорен, па нивните наследници ја продолжиле хабсбуршката традиција во Виена, по династиското име Хабсбург-Лорен.

Светото Римско Царство исчезнало во 1806 г. кога францускиот цар Наполеон I ја реформирал власта во Германија. Знаејќи дека ќе го изгуби звањето Свет римски цар, Франц II се прогласил за наследен цар на Австрија и така станал Франц I.

Царот Франц I Австриски службено го носел овој голем назив: “Ние, Франц Први, со милоста Божја цар на Австрија; крал на Ерусалим, Унгарија, Чешка, Далмација, Хрватска, Славонија, Галиција и Лодомерија; надвојвода на Австрија; војвода на Лорен, Салцбург, Франачка, Штаерска, Корушка и Крањска; голем војвода на Краков; кнез на Трансилванија; маркгроф на Моравија; војвода на Сандомир, Мазовија, Лублин, Горна и Долна Шлеска, Аушвиц (Ошвјенќим) и Затор, Тесин и Фурланија; кнез на Бертхесгаден и Мергентхајм; кнежевски гроф на Хабсбург, Горица, Градишќе и Тирол; маркгроф на Горно и Долно Лужице и Истра“.

Австриското Царство во 1867 година станало Австроунгарија. Хабсбурговците отстапиле од власт во 1918 година, по поразот во Првата светска војна.

Денешниот главен претставник на семејството е Ото фон Хабсбург, најстариот син на царот Карло.