Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Велушина
Успение на Пресвета Богородица (позната и како Света Богородица) — средновековна црква во битолското село Велушина.[1]
Успение на Пресвета Богородица
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Архијерејско намесништво | Битолско |
Парохија | Бистричка |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 40°55′45.84″N 21°21′2.16″E / 40.9294000° СГШ; 21.3506000° ИГД |
Место | Велушина |
Општина | Битола |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Пресвета Богородица |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | трикорабна |
Оваа монументална катедрала кај месното население е позната како Стара црква и е подигната близу до стариот пат помеѓу ранохристијанската епископија Хераклеја Линкестис и Костур. Црквата претставува ненаметлив споменик, најмногу познат по својата забележлива старост и внатрешниот живопис, кој носи знаци на уметници и градители од различни периоди.[2]
Местоположба
уредиЦрквата е сместена на југоисточната страна на селото, во близина на римскиот пат Вија Егнација.
Историја
уредиЦрквата претставува еден од најстарите и најзначајните храмови во потпелистерскиот регион.[3]
Од пишани архивски документи се дознава дека црквата е обновувана во XVIII век, односно во 1727 година.[3]
Константинова базилика
уредиПрва градба на местото претставува т.н. Константинова базилика, која потекнува од времето на царот Теодосиј II (408-450), а христијанската заедница во тој период гради христијански храмови во правоаголна базиликална форма. Во 1988 година биле спроведени археолошки ископувања, кои откриле мало еднобродно светилиште со скромни димензии, со апсида на источната страна и два бочни брода. Според планот на основата, оваа базилика имала елементи од наос со апсида, два бочни брода и нартекс, план кој е ист кај другите ранохристијански базилики. Најстарата црква во Велушина била изградена од големи камени блокови, јужните и северните ѕидови добро се сочувани со 1,80 метри височина и 0,75 метри ширина, додека апсидниот ѕид е со половина метар дебелина. Чесната трпеза е изработена од камена плоча поставена над римска стела, каде што е изравирано името Димитар. Воедно, базиликата во Велушина е примерок за ранохристијански тип на базилика во близина на епископското седиште Хераклеја.[2]
Во внатрешноста, базиликата е скромна и едноставна градба со мермерна олтарна преграда со правоаголна форма, а над неа бил издигнат мермерен цибориум од кој е сочуван фрагмент. На оштетениот фрагмент е зачувана претстава на Добриот Пастир на левата страна, веројатно направен по донесувањето на Миланскиот едикт во 313 година.[2]
Архитектура
уредиФрескоживопис
уредиВо црквата има изведено фрескоживопис во повеќе фази од различни временски периоди. Најстарите фрески се верува дека потекнуваат од X/XI век.[3]
Живописот во наосот и во средишниот дел на црквата, како и оној од источниот ѕид на нартексот (западниот дел на црквата), повторно бил насликан во 1836 година. Доказот се истото се наоѓа во записот на годината на северниот ѕид. Според стилот и времето на изработка на ова сликарство, се заклучува дека станува збор за дело на Јован Зограф, кој во тоа време живеел во селото Трново и во период од неколку години насликал повеќе цркви во областа.[3]
Во долната зона насликани се поединечни претстави на многу светци претставени во цел раст. Во горниот дел има композиции со сцени од животот и страдањата на Исус Христос. Впечатливо сликарство оставил на источниот ѕид од нартексот, изведувајќи неколку икони, во техника на ѕидно сликарство како своевиден „ѕиден иконостас“ со допојасните претстави на Исус Христос, Пресвета Богородица со Христос и Свети Јован Крстител, кои извонредно се вклопуваат околу тројниот влез во црквата.[3]
Иконостас
уредиОд XVIII век потекнуваат неколку насликани сочувани икони во црквата.[3]
По изведбата на живописот од Јован Зограф, во црквата работел зографот Димитар Анастасов од селото Магарево, кој ги изработил иконите на певницата во 1879 година и дел од иконите на иконостасот во црквата.[3]
Галерија
уреди-
Влез во црквата
-
Влезната порта во црквата
-
Апсидата на црквата
-
Поглед на црквата
-
Плоча пред црквата
-
Поглед на црквата
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Михајловски, Роберт. Од духовното наследство на Вија Егнација: Црквите Успение на Богородица од Велушина и Богородица Пречиста од Граешница. стр. 141–149.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Палигора, Ристо (декември 2011). „Студија за манастирски туризам на Баба Планина“ (PDF). Битола: Центар за развој на Пелагонискиот плански регион. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-12-28. Посетено на 20 март 2019.
Надворешни врски
уреди- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Велушина на Ризницата ?