Браилово
Браилово — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.
Браилово | |
Поглед на Браилово | |
Координати 41°28′38″N 21°27′42″E / 41.47722° СГШ; 21.46167° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Долнени |
Област | Прилепско Поле |
Население | 186 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7505 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 20009 |
Надм. вис. | 700 м |
Браилово на општинската карта Атарот на Браилово во рамките на општината | |
Браилово на Ризницата |
Потекло на името
уредиПостои легенда дека името на селото „Браилово“ потекнува од некој османлиски бег по име Ибрахим кој некогаш живеел во него. Подоцна со текот на времето, под влијание на македонскиот јазик, буквите „и“ и „х“ се исчезнати и била додадена наставката -ово.
Географија и местоположба
уредиСелото Браилово е сместено во Прилепското Поле, во северниот дел од територијата на Општина Долнени, на југозападните падини на планината Бабуна. Селскиот атар зафаќа површина од 17 км2 и се граничи со Општина Чашка. Селото е ридско и е сместено на надморска височина од 660 м. Од Прилеп е оддалечено 26 км.[2]
Недалеку од селото се наоѓа железничкото стојалиште ЖС „Браилово“.
Историја
уредиВо XIX век, селото било дел од Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Стопанство
уредиВо селскиот атар преовладува обработливото земјиште на површина од 1.041,9 ха, по што следуваат пасиштата со 469 ха и шумите со 50,3 ха. Селото има полјоделско-сточарска функција.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Селото е споменувано во османлиските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името Праилово и имало 35 семејства, 3 неженети и 10 вдовици, сите христијани.[3]
Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“, пишано е дека во 1873 година, Браилово е село со 44 домаќинства и 28 жители муслимани, 150 Македонци и 3 Роми.[4]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Браилово имало 100 жители Македонци христијани и 250 жители Албанци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година Браилово е посочено двапати — еднаш како село со 68 жители Македонци, а вториот пат како село со 80 жители Македонци.[6]
Во етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Браилово било заведено како мешано македонско-албанско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 40 куќи.[7]
Според една германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[8]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 227 жители, од кои 225 Македонци и 2 Срби.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 186 жители, од кои 183 Македонци, 1 Албанец, 1 Србин и 1 лице без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 350 | — | 1.685 | 699 | 717 | 578 | 436 | 303 | 268 | 227 | 186 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиБраилово е македонско православно село, а за време на турското владеење еден период во селото живееле и муслимански албански родови. Македонските родови во селото се староседелски и доселенички, доселениците дошле пред крајот и после крајот на османлиското владеење.
Староседелски родови во селото се: Марковци (2 к.) и Врчевци (2 к.).
Доселени родови од околните прилепски села: Шкеровци (2 к.), доселени се од Долнени во 1910 година, и во Долнени биле однекаде доселени; Цупановци (4 к.) доселени се од селото Слепче, таму припаѓале на големиот род Козаровци, чие подалечно потекло е од Дебарско; Бошковци (1 к.) доселени се од селото Селце, Крушевско, таму имаат роднини. Подалечно потекло од некое село во околината на Корча; Волчевци (2 к.) доселени се од Жабјани во 1927 година, пред тоа живееле во Секирци каде припаѓале на големиот истоимен род; Аризановци (2 к.) доселени се од Гостиражни во 1928 година; Јанкуловци (2 к.) и Мојсовци (1 к.) доселени се од селото Стровија во 1948 година. Мојсовци таму припаѓале на истоимениот род кој е доселен од Порече, додека Јанкуловци припаѓале на староседелскиот род Срмановци; Бачковци (5 к.) доселени се од Слепче во 1911 и 1938 година. Таму имаат истоимени роднини, подалечно потекло им е влашко, доселени се некаде од запад; Марковци (3 к.) и тие се доселени од Слепче во 1910 година, таму имаат истоимени роднини подалечно потекло од Браилово, од каде избегале кога се населиле Албанците.
Доселени родови од Велешко: Аврамовци (1 к.) доселени се од Поменово во 1922 година; Соколовци (7 к.) доселени се од Габровник во 1923 година; Мирчевци (2 к.) и Најдовци (1 к.) доселени се од Нежилово во 1925 година; Ѓоргијовци (2 к.) доселени се од Нежилово во 1926 година; Шоповци (2 к.) и Маневци (1 к.) доселени се од Нежилово во 1927 година; Јаневци (3 к.) нивно старо име е Барутчиовци, доселени се од Степанци во 1912 година; Богоевци (2 к.) доселени се исто така од Степанци во 1912 година; Аврамовци (3 к.) доселени се исто така од Степанци, каде имаат роднини, подалечно потекло имаат од Магарево, Битолско; Јанкуловци (3 к.), Здравевци (4 к.) и Перовци (1 к.) порано чинеле еден род, доселени се од селото Степанци, подалечно потекло имаат од селото Крстец, Прилепско; Здравевци (1 к.) доселени се од Богомила во 1913 година; Шареншапковци (2 к.) и Клисаровци (1 к.) доселени се 1925 година од Богомила; Василевци (1 к.) доселени се од селото Папрадиште во 1919 година; Пројчевци (1 к.) доселени се од селото Степанци во 1913 година; Чудевци (2 к.) и Кочовци (1 к.) доселени се во втората половина на XIX век од раселеното село Црнуш на планината Мукос.
Родови доселени од Порече: Марковци (2 к.) доселени се од Крушје во 1914 година; Дукадиновци (1 к.), Блажевци (1 к.) и Кофиловци (1 к.) доселени се од селото Томино Село во 1915 година; Митревци (3 к.) доселени се од Крушје во 1937 година; Момировци (3 к.) доселени се од селото Могилец во 1934 година; Дејановци (2 к.) доселени се од Томино Село во 1938 година; Танушевци (1 к.) доселени се од селото Бенче во 1934 година; Јовевци (1 к.) доселени се од селото Црешнево во 1937 година; Божиновци (2 к.) доселени се од селото Ковач во 1948 година; Видоевци (1 к.) доселени се од селото Зркле во 1948 година; Јаневци (1 к.), Богоевци (1 к.), Огњановци (1 к.), Ристевци (1 к.) и Алимпиовци (1 к.) доселени се од Рамне во 1948 година; Трајковци (1 к.) доселени се од Сушица во 1948 година; Ѓоргијовци (1 к.) доселени се од Лупште во 1948 година; Блажевци (1 к.) доселени се од Крушје во 1948 година; Марковци (1 к.) доселени се од Самоков во 1954 година; Тодоровци (1 к.) доселени исто така од Самоков во 1954 година и Димовци (1 к.) доселени се од Томино Село во 1954 година.
Од Лика се доселил родот: Ѓујиќи (3 к.) доселени се 1921 како колонисти од селото Кореница.[15]
Општествени установи
уредиВо селото работи Подрачното основно училиште „Пецо Даскалот“, каде што се изведува настава до петто одделение.[16]
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Долнени, уште од 1952 година.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 1490 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 142 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[15]
- Грамаѓе — наоѓалиште од непознат тип и период;
- Соколица — населба и некропола од непознат период;[15]
- Бојоица — некропола од доцноантичко време;
- Манастир Св. Илија — базилика од старохристијанско време;
- Петочна Вода — некропола од хеленистико римско време;
- Селски Гробишта — некропола од доцноантичко време;
- Тумба — некропола одримско и доцноантичко време.
- Манастири[19]
- Споменици
- Споменик на НОБ.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Недела“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Илија“ — манастирска црква.
Личности
уреди- Миливоје Трбиќ — четник, дел од равногорското движење на Дража Михајловиќ.
Иселеништво
уредиСе знае за следните постари иселени родови од ова село.
Марковци иселени се во Слепче. Грујовци иселени се во Новоселани. Шарковци, Трајановци и Мојсовци иселени се во селото Крапа во Порече. После Втората светска војна, десет семејства се иселиле во Битола.[15]
Албанското население од селото се иселувало во Десово, Дебреште, Прилеп и Турција.[15]
Галерија
уреди-
Поглед на селото
-
Селската чешма
-
Куќа во селото
-
Споменикот на НОБ
-
Железничката станица
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (PDF). Скопје: Патрија. стр. 36-37.
- ↑ Соколоски, М. и Стојаноски, А.. (1971). Турски документи за историјата на македонскиот народ. книга 4. Скопје. стр. 68.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 72-73.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 246.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 148-149.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 мај 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 15,0 15,1 15,2 15,3 15,4 Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Београд: Српска академија наука и уметности.
- ↑ „Образование“. Општина Долнени.
- ↑ „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 4 мај 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ 19,0 19,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 18. ISBN 978-608-65143-2-7.