Степанци (Велешко)
Степанци — село во областа Клепа, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
Степанци | |
Поздравен знак на влезот во селото | |
Координати 41°29′40″N 21°39′05″E / 41.49444° СГШ; 21.65139° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Чашка |
Област | Клепа |
Население | 0 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1414 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 29073 |
Надм. вис. | 286 м |
Степанци на општинската карта Атарот на Степанци во рамките на општината | |
Степанци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Клепа, во југозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна, од десната страна на планираниот регионален пат Велес-Прилеп.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 286 метри.[2]
Селото Степанци се наоѓа на патот кој ги поврзува градовите Велес и Прилеп, после селото Извор. Ова село е опкружено со планини, кои се богати со разни лековити билки и таму има многу погодна почва за земјоделство. Ова село е поблиску до градот Прилеп и Прилепското Езеро, од каде што е оддалечено 29 километри, отколку до градот Велес, кој е оддалечен 34 километри во северен правец. Во самото село и во негова близина има многу каменоломи, кои порано се користеле за изградба на селските куќи.
Историја
уредиОва село се мисли дека е основано уште од времето на Турците Селџуци, односно во периодот кога Македонија била под турска власт, но за жал не се знае кога точно е основано, но со сигурност се знае дека селото Степанци било родното место, но и скривалиште на многу македонски херои, но само малку луѓе знаат за него.
Најстарите пишани податоци за селото Степанци потекнуваат од 1460 година, кога тоа било запишано во турските документи како дервенџиско село со 36 македонски христијански домаќинства, чии жители имале задолжение да го чуваат превојот („дервентот“) „Присад“[3] (денес познат само како Дервен) на патот Велес - Прилеп.
Раширено е мислењето дека порано селото било од разбиен тип, при што поедини делови на селото се наоѓале во денешните месности наречени Горно Село, Куќиште и Плевење, од каде што жителите на овие делови подоцна преминале во денешното поголемо маало и на тој начин селото станало збиено[3]. Ова збивање на селото настанало во времето кога на патот Велес - Прилеп поминувале ограбувачките банди на албанци-дебрани (веројатно на крајот на XVIII и почетокот на XIX век), заради кои настанала голема несигурност заради што луѓето се прибирале во поголеми села[3]. Во ова време Степанци примило доселеници и од прилепските села Присад, Крстец и од Скопско[3].
Во XIX век, Степанци било село во рамките на Велешката каза на Отоманското Царство.
Степанци најмногу нараснало на 80 домаќинства во периодот помеѓу 1912 и 1918 година, по што настапил бран на иселување на преку 30 куќи во прилепското село Браилово, Прилеп и Битола, поради што во време на ослободувањето по Втората светска војна селото било затечено со 50 македонски куќи[3].
Селото Степанци било значајно и во збиднувањата Народноослободителната борба во Македонија во текот на Втората светска војна, кога во неговата близина бил основан првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“, каде настанала и позната македонска народна борбена партизанска песна А бре, Македонче. На 23 октомври 1941 година, при формирањето на првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ во месноста кај манастирот кај велешкото село Степанци, тројцата борци Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски - Оцка добиле задача да создадат песна, што ќе биде химна на одредот и со која требало да се изидигнува борбениот морал на борците, а воедно, да се поттикнува населението за вклучување во партизанското движење[4][5].
Од 1950 година, во селото настапил нов бран на иселување, кој придонел до тоа селото целосно да се расели. Во овој период се иселиле околу 20 домаќинства во Велес, 20 во Прилеп и 15 во Скопје, при што во 1963 година било затворено и селското основно училиште[3].
Стопанство
уредиАтарот е голем и зафаќа простор од 30,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 2.160 хектари, на пасиштата отпаѓаат 353 хектари, а на обработливото земјиште 245 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита функција.[2]
Денес, селото не е населено, но сепак преку летото е доста посетено од неговите некогашни жители, кои поради плодната почва таму на своите ниви одгледуваат многу градинарски и овошни култури, но ја искористуваат и природата, односно берат многу билки, како и диви овошки кои ќе ги најдат во природата. На бројните пасишта во околината на селото се напасува добиток: овци и крави на сточари од велешкиот регион.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Степанци имало 290 жители.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Степанци имало 480 жители.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Степанци се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 60 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[9]
Селото е мало, населено со македонско население и е во фаза на целосно раселување. Така, тоа во 1961 година броело 138 жители, а во 1994 година бројот се намалил само на четири жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Степанци немало жители.[10] Истото било потврдено и на последниот попис од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 290 | 480 | 232 | 197 | 138 | 20 | 22 | 12 | 4 | 0 | 0 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиНаселението на селото Степанци е сочинето од македонски православни христијански родови, и тоа: Јаневци, Марковци, Витановци, Ничовци, Божиновци, Перовци, Андовци, Давчевци, Илевци и Ангелевци при што сите потекнуваат од постари староседелски родови (нечии предци се доселени од прилепските села Присад и Крстец при нападите на албанци-дебрани во XVIII век), додека доселени родови биле Новевци од с. Душегубица, Кичевско, Кирановци од Скопско[15]. До шеесеттите години на XX век во селото повремено престојувале и влашки и албански (од Косово) сточари со овци.
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Извор.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Извор.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Извор, во која покрај селото Степанци, се наоѓале и селата Владиловци, Долно Врановци, Извор, Крњино, Мартолци, Поменово, Попадија, Смиловци и Стари Град. Во периодот 1950-1952 година, селото Степанци било повторно дел од некогашната Општина Извор, во која влегувале селата Долно Врановци, Извор, Мартолци, Поменово, Смиловци, Стари Град и Степанци.
Избирачко место
уредиСелото влегува во рамките на избирачкото место бр. 2244 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селски објект во селото Владиловци, во кое влегуваат и населените места Крнино, Поменово, Попадија, Смиловци и Степанци.[16]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 49 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Цркви[18]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Димитриј“ — манастирска црква надвор од селото.
- Манастири
- Степански манастир — овој манастир го подигнале две сестри чии черепи биле пронајдени под манастирот, тие сега се ставени во стаклено ѕвоно, еден до друг, во манастирот. За жал асфалтиран пат до манастирот нема, затоа овој и многу други манастири во околината и покрај нивната прекрасна местоположба и вредните фрески и икони и понатаму се недостапни и далеку од очите на посетителите.
Редовни настани
уредиСелото Степанци секоја година при крајот на месецот мај го прославува празникот Свети Талалеј. Тогаш сите иселеници се собираат во црквата „Св. Никола“. Секоја година се одбира кум чија должност е да ја организира прославата. Се верува дека ако си кум тогаш цела година ќе имаш среќа. Исто така на празникот се организира и лицитација на која сите работи што се оставени за здравје во црквата се лицитираат. Се верува дека колку повеќе ќе купиш работи толку поубава годината ќе ти биде. Собраните пари од литицатијата одат за црквата. Откога ќе заврши веселбата на иселените жители некои одат во своите викендици, а некои со пријатели одат по ливади и прават скара.
Во Степанци и на 28 август (Голема Богородица) секоја година има прослава. Тогаш сите иселеници се собираат во манастирот „Свети Димитриј“ кој се наоѓа над селото. Прославата започнува на 27 август со преспивање надвор пред манастирот (за среќа, за здравје и др.). И за оваа прослава се бира кум.
Во овој манастир има и конаци во кои преноќуваат гостите. Точно на полноќ се врти круг околу манастирот. Се верува дека тоа ќе им донесе среаќа на луѓето.
Личности
уреди- Родени во Степанци
- Темелко Наумов (1870-?) — револуционер
- Стојан Аврамовски (р. 1957) - македонски архивист, доајен на македонската архивистика
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 286. Посетено на 30 август 2018.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр. 215.
- ↑ „А бре, Македонче“ е постара од химната. Печатено издание на весникот „Нова Македонија“ број 22.545, година LXVII, сабота-недела 30.03.-01.04.2012. стр.19
- ↑ „А бре, Македонче“ е постара од химната[мртва врска]
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 247.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 150-151.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 22.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 август 2018.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр. 215-216.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 30 август 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2021-03-04. Посетено на 30 август 2018.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.