Тетовирање (филм)
Тетовирање е македонски филм (во жанрот драма) од 1991 година, режиран од Столе Попов, со Столе Аранѓеловиќ, Мето Јовановски, Љиљана Меѓеши, Јовица Михајловски, Кирил Поп-Христов, Светозар Цветковиќ, Зоран Цвијановиќ, Александар Чамински и Данчо Чевревски во главните улоги.[1] За овој филм, Столе Попов бил награден со наградата „Златна мимоза“ на Филмскиот фестивал во Херцег Нови во 1991 година, во категоријата за најдобра режија.[1] Неофицијално, Тетовирање е и првиот македонски филм понуден за номинација за престижната филмска награда Оскар, но не бил прифатен од Академијата.[2][3]
„Тетовирање“ | |
---|---|
![]() плакат од филмот | |
Режисер | Столе Попов |
Сценарист | Мирко Ковач |
Настапуваат | Столе Аранѓеловиќ Мето Јовановски Љиљана Меѓеши Јовица Михајловски Кирил Поп-Христов Светозар Цветковиќ Зоран Цвијановиќ Александар Чамински Данчо Чевревски |
Жанр | Драма |
Музика | Љупчо Константинов |
Монтажа | Вангел Чемчев - Лаки |
Дистрибутер | Вардар филм, МРТ |
Премиера | 1991 |
Времетраење | 128 мин |
Држава | ![]() |
Јазик | Македонски |
СодржинаУреди
Дејството на филмот се одвива во летото 1989 година и го следи животот на работникот Илија (го игра Мето Јовановски), кој по низа апсурдни настани, иако потполно невин, завршува во затвор, обвинет за убиство, а подоцна и убиен од еден специјалец.
Илија, кој и инаку, според својот нескротлив темперамент како да е предодреден да биде во конфликт со официјалните сили што го „штитат“ поредокот - комунистичкиот режим во распад - по една караница со сопругата (ја игра Љиљана Меѓеши) го напушта домот со единственото што го поседува, празниот куфер.[1] Откако им станува сомнителен на двајца полицајци кои го забележуваат на железничката станица, завршува во Истражниот затвор, каде е подложен на „вербална и физичка тортура“ [1]. Иако малтретиран од затворските чувари и вистинските криминалци и иако дел од една истражна постапка која непрестајно се одолговлекува, невиниот Илија оправдано очекува да биде ослободен од причини што, покрај својата невиност, на негова страна го има и таткото на неговата жена, кој е познат адвокат.
Во меѓувреме, по еден од судирите, борејќи се за сопствениот живот во тепачка со криминалецот Љупчо (го игра Александар Чамински) - кој потоа, не по вина на Илија, им подлегнува на повредите - обвинет е за убиство и е упатен на издржување на затворската казна. „Со тоа, односот меѓу сопружниците добива нова, дури и побогата димензија; миговите на посети од страна на неговата сопруга му даваат на Илија сила да истрае и да се бори за ревизија на процесот.“ [1] Сепак, еден ден, Илија е вовлечен во бегството на затвореникот Змија (го игра Јовица Михајловски) и, при тоа, убиен е од специјалец со куршум испукан во челото на сликата на Исус - истетовирана на неговите гради.
Реакции и наградиУреди
РеакцииУреди
„Тетовирање“ зборува за беспрекорноста на функционирањето на апсурдот, репресијата и насилството[1] и е еден од најпопуларните македонски филмови кога и да е снимени. Роберт Алаѓозовски, во својот есеј „Маргиналните слоеви и поновиот македонски филм“, дава позитивен оглед на филмот велејќи дека „стремејќи се кон една кафкијанска атмосфера и кон еден бекетовски апсурд, дејствието во филмот се интензивира и згуснува, преминувајќи час врз судбината на главниот лик час врз преостанатите, мешајќи ситуации на комични гегови, разуздан гнев и апсурдни чинови, а сето тоа надополнувајќи го со документаристичка веродостојност и издржана метафорика, при што некои ситуации се директна пародија на востоличени филмски клишеа, како што е смртта на главниот јунак“.[4] Денес, „Тетовирање“ има култен статус, а истовремено низа реплики од филмот во изминативе децении се станати дел од вокабуларот на помладите генерации[се бара извор].
НаградиУреди
Филмот и екипата што учествува во неговата реализација се добитници на низа награди:[5]
- 1991 - Филмски Фестивал во Херцег Нови, Гран-При и „Златна мимоза“ за режија (Столе Попов)
- 1991 - Филмски Фестивал во Ниш, Гран-При за улогата на Мето Јовановски
- 1991 - Филмски Фестивал во Врњачка Бања, Втора награда за сценариото на Мирко Ковач
- 1991 - Филмски Фестивал „Милтон Манаки“, Битола, Сребрена плакета „Милтон Манаки“ за снимателот Мишо Самоиловски
- 1991 - Филмско лице на годината за Мето Јовановски според ревијата „Екран“
- 1991 - Номинација за наградата „Феликс“[1]
БелешкиУреди
- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 „Тетовирање“. Македонски Информациски Филмски Центар. Посетено на 2008-09-04.
- ↑ Всушност, Американската Филмска Академија објавила дека примила четири апликации од новоформираните земји - Ерменија, Хрватска, Македонија и Словенија, но дека тие не биле прифатени поради тоа што наведените земји не биле меѓународно признаени; сепак, речиси е невозможно Македонија да понудила друг филм, со оглед на тоа што во наведената година, покрај Тетовирање е снимен само уште еден филм - Љубовта на Кочо Топенчаров, документарен филм со должина од 13 минути (за потврда, посетете ја статијата од хронолошкиот преглед на МИФЦ за 1991 година).
- ↑ „Список на понуди за најдобар странски филм на 64тото доделување на наградата Оскар“. Wikipedia, The Free Encyclopedia. Посетено на 2008-15-09. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help) - ↑ Роберт Алаѓозовски. „Маргиналните слоеви и поновиот македонски филм“. Блесок. Посетено на 2008-15-09. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help); Надворешна врска во|publisher=
(help) - ↑ Фестивал Охридско лето/ Ohrid Summer Festival 56, стр. 50-51.
Надворешни врскиУреди
- Тетовирање на МИФЦ.