Папа Григориј I
Григориј I или св. Григориј Велики, наречен Григориј Двоеслов (латински Gregorius PP. I, (о. 540 - 12 март 604) — римски папа од 3 септември 590 до 12 март 604. Се смета за творец на Литургијата на претходноосветените дарови во православието.
Gregorius I | |
---|---|
Родено име | Григориј I |
Папа од | 3 септември 590 |
Папа до | 12 март 604 |
Претходник | Пелагиј II |
Наследник | Сабијан |
Роден | о. 540 Рим |
Починал | 12 март 604 Рим |
Други папи по име Григориј (појаснување) |
Животопис
уредиГригориј бил син на сенаторот Гордијан, а потоа и самиот бил сенатор и началник на Рим, но по смртта на татко му, тој се посветил на духовен живот. Од своето големо богатство изградил шест манастири во Сицилија, а седмиот во Рим, во чест на апостолот Андреја, а токму во тој манастир станал монах. Подоцна, по смртта на папата Пелагиј, Григориј бил избран за папа. Тој сакал да побегне од таа чест и се криел по зафрлени места во горите, но оние кои го барале успеал да го најдат така што, по божјата волја, на местото каде што се криел Григориј се појавил огнен столб до небото. Григориј бил многу милосрден и сите приходи ги трошел за обезбедување засолниште за бедните. Додека ги пишувал своите дела, неговиот архиѓакон Петар гледал како над неговата глава лета гулаб.[1]
Поради неговите црковни заслуги, веќе во доцниот 9 век, Григориј I почнале да го нарекуваат Григориј Велики, а оваа титула останала до ден-денес. Папата Григориј Велики е познат како иницијатор на првата голема мисија преземена за христијанизација на Англија.[2]
Дејност
уредиПапата Григориј I бил еден од најобразованите луѓе во Западна Европа во 6 век, а исто така, тој бил еден од најцитираните авторитети во текот на целиот среден век. Тој се залагал за раскинување со античката традиција и во тој поглед се познати неговите гневни прекори упатени до галскиот епископ Дезидериј, кој почнал да ги подучува луѓето од областа на латинската граматика, користејќи одделни дела од античката книжевност. Папата Григориј го прекорил Дезидериј дека е неумесно еден епископ да го чита она што не е соодветно ниту за световните луѓе и му забранил да се занимава со таа дејност, велејќи дека истата уста не може истовремено да го слави Јупитер и Христос.[3] Исто така, тој посветувал големо внимание на приближувањето на религијата до необразованиот народ. За тоа сведочи писмото упатено до марсејскиот епископ Серен во кое папата му забранува да ги уништува сликите на светците, велејќи дека за простиот свет тие го имаат истото значење како и пишаните текстови за писмените луѓе.[4]
Григориј Велики е познат по неговите пишани дела кои уживале голем углед во црковните кругови,[5] а од нив најпознато е делото „Дијалози“ во кое ги изложил добродетелите и чудата на италијанските светители, поради кое во источното христијанство е познат и како св. Георгиј Двоеслов (Дијалогист).[6] Исто така, тој го составил чинот на литургијата на претходно осветени дарови (Преждеосвештената литургија) која се служи во средите и петоците на Чесниот пост.[1]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Свети Григориј Двоеслов, папа Римски“, Слободен печат, година XI, број 2811, сабота-недела, 25-26 март 2023, стр. 24.
- ↑ Flechner, "Pope Gregory and the British" Histoires de Bretagnes 5, p. 47 [1]
- ↑ Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 33.
- ↑ Aron Gurevič, Problemi narodne kulture u srednjem veku. Beograd: Grafos, 1987, стр. 37.
- ↑ Ekonomou, 2007, p. 22.
- ↑ „St. Gregory Dialogus, the Pope of Rome“. oca.org, Orthodox Church in America (англиски). Посетено на 2018-04-20.
Оваа биографска статија папа е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |