Битка кај Акциум — решавачкиот судир од последната војна на Римската Република. Таа претставува една од најголемите поморски битки во историјата. Битката се одвива на влезот на Амбракискиот Залив во Јонското Море, близу до римската колонија Акциум во Грција (близу до денешниот град Превез) на 2 септември 31 п.н.е. Тоа е судир меѓу Октавијановите и обединетите сили на Марко Антониј и Клеопатра. Флотата на Октавијан е предводена од адмиралот Марко Випсаниј Агрипа. Флотата на Марко Антониј е поддржана од таа на неговата љубовница, царицата на Египет — Клеопатра.

Битка кај Акциум
Дел од војната помеѓу Антониј и Октавијан

Поставеност на завојуваните страни
Датум 2 септември 31 п.н.е.
Место Јонско Море, близу Акциум (Грција)
Исход убедлива победа на Октавијан;
Завојувани страни
приврзаници и војска на Октавијан Птолемаидско царство
привзаници на Марко Антониј
Команданти и водачи
Марко Випсаниј Агрипа Марко Антониј
Клеопатра VII
Сила
250 галии
16 000 војници и 3000 стрелци.
290 галии
30-50 превозни
20 000 војници
2000 стрелци
Жртви и загуби
околу 2500 загинати над 5000 загинати;
200 потонати и запленети бродови

Октавиан триумфира над флотата на Антониј и Клеопатра и станува господар на Египет. Победата му дозволува да ја консолидира власта над Рим и новоосвоените територии. За таа цел тој ја добива титулата „Принцепс“ (прв граѓанин) и како резултат на победата е удостоен со називот Август од римскиот сенат. Како Август, тој ги поседува атрибутите на републикански водач, но историчарите генерално ова го гледаат како консолидација на власта и приемот на тие титули како крај на Римската република и почетокот на Римското Царство.

Сојузници

уреди

Престижот на Октавијан Август и поважно — лојалноста на неговите легии се првично поддржани од наследството на Јулиј Цезар од 44 пр.н.е., односно тогашниот 17-годишен Октавијан, официјално посинет од славниот римски генерал, е објавен за негов наследник, како и наследник на три четвртини од огромните богатства.

Марко Антониј од своја страна е основниот и најуспешен виш офицер во војската на Јулиј Цезар (mаgistеr еquitum) и благодарение на воената репутација имал можност да претендира за значителен дел од политичката поддршка на војниците на Цезар и ветераните.

Политичкиот сојуз меѓу Октавијан, Антониј и Лепид, познат како Втор триумвират бил склучен 43 пр.н.е., по убиството на Цезар. Со овој сојуз дошло до распределба на провинциите на огромната држава. Октавијан и Антониј заеднички ја уништиле војскаа на убијците на Цезар, Брут и Касиј во битката при Филипи. Лепид добил контрола над Африка, Октавијан — западните провинции, а Антониј — источните провинции, во кои спаѓа и Италија. Понатаму овој сојуз бил поткрепен и со брак: Антониј се оженил за сестрата на Октавијан, Октавија.

Антониј се сретнал со Клеопатра во Тарс во 41 пр.н.е. Итрата и гламурозна царица го потчинила Антониј под нејзина волја и го понела со себе за заедно да живеат во Александрија. Финансиран од Египет, Антониј собрал војска и заминал во поход по Партија. Резултатите од походот биле катастрофални, по редица порази Антониј ја загубил речиси целата војска за време на преминот преку Ерменија назад кон Египет.

Додека Антониј се забавувал со Клеопатра и неуспешно војува со Партите, Октавијан ја утврдил неговата власт во Италија. Водел тешка битка со пиратската флота на Секст Помпеј, кој успеал да ја заземе Сицилија. За таа војна биле изградени 260 либурни, коишто подоцна учествувале и при Битката кај Акциум. По победата над Помпеј, Октавијан ја презел војската на другиот триумвир Емилиј Лепид и го елиминирал како претендент за власта над Римското Царство.

Конфликт

уреди

По години лојална соработка со Октавијан, Марко Антониј започнал да дејствува самостојно и се раѓале сомнежи дека се бори да ја добие титулата единствен господар на Рим. Кога јавно ја напуштил сопругата Октавија (сестрата на Октавијан) и се преселил во Александрија, за да стане официјален партнер на Клеопатра, многу римски политичари сметаат дека тој се обидел да се претвори во неформален владетел на Египет и другите источни царства, додека сè уште ја поседувал командата над многу легии на исток. Клеопатра и Јулиј Цезар имале дете — Цезарион, и кога Антониј се преместил да живее со неа, тој де факто станал негов очув.

Како предизвик кон авторитетот на Октавијан, Антониј посредувал Цезарион да биде прифатен како вистинскиот наследник на Јулиј Цезар, и покрај тоа што тој воопшто не бил споменат во наследството. Антониј и Клеопатра официјално го издигнали на власт Цезарион во 34 пр.н.е., којшто во тоа време е 13-годишен, давајќи му ја нејасната, но надалеку прочуена титула „цар на царевите“. Дополнителна омраза кон Антониј предизвикале и направените т.н. „Александриски донации“ (34 пр.н.е.).

Марко Антониј веќе бил сметан(од Октавијан и поголемиот дел на Римскиот Сенат) за предводник на сепаратистичкото движење не само во Египет, но и како човекот кој се заканувал да го наруши единството на Римската република. Октавијан започнал пропагандна војна, сè со цел да го прикаже Антониј за непријател на Рим, и тврдел дека тој се обидувал да воспостави монархија над целата Римска република во името на Цезарион, со целосно заобиколување на римскиот сенат. Тој исто така изјавил дека Антониј сакал да ја премести престолнината на империјата во Александрија.

Кога Вториот триумвират официјално истекол на последниот ден од 33 пр.н.е., Антониј испратил писмо до Сенатот, каде објаснувал дека не сакал повторно да биде назначен. Тој се надевал дека така ќе се претстави како херој кој стои наспроти амбициите на Октавијан, за кого бил длабоко уверен дека не би се согласил да се откаже од позицијата на сличен начин. Марко Антониј посочувал дека Октавијан ги преминал неговите надлежности при преземањето на власта од Емилиј Лепид (третиот триумвир), при преземањето на власта над териториите освоени од Секст Помпеј, во привлекувањето војници на своја страна без да испрати половина како дел од неговите легии и др.

Октавијан од своја страна пак го напаѓал Антониј, дека немал право да престојува во Египет; дека погубувањето на Секст Помпеј е незаконскo; дека неговото предавство спрема царот на Ерменија го омаловажува римското име; дека не ја испратил половината од пленот во Рим според спогодбата; дека врската со Клеопатра и потврдувањето на Цезарион како законит син на Јулиј Цезар бил срам за негвата должност и закана за него. Се оправдувал дека би ја споделил половината од воениот плен со Антониј, ако и тој го направел истото. Во 32 пр.н.е. Октавијан успеал конечно да го компромитира Антониј. На незаконски начин го обезбедил тестаментот на Антониј и го направил достапен за јавноста. Во него Антониј ги назначил за наследници неговите деца од Клеопатра и го признавал Цезарион за дете на Цезар. Покрај тоа после смртта сакал телото му да биде погребано во Египет. Официјално тоа бил крајот на триумвиратот. Сенатот застанал на страната на Октавијан и го поддржал во воените подготовки. За да може барем формално да се избегне граѓанската војна, Октавијан ѝ обајвил војна на Клеопатра, а не на Антониј. Населението на двата делови на империјата е принудено да положи заклетва кон новопоставениот владетел.

Составена три векови по настаните, „Римска историја“ на Дион Касиј, дава детални описи за причините за конфликти: "Причини за војната и недовербата се најдоа. Антониј го обвинуваше својот противник, дека го отстранил Лепид од управувањето на државата и дека ги присвоил земјите и војската на Секст и Лепид, и покрај договорот таа да остане во нивна косопственост. Затоа тој имаше претензии кон половина од земјата и војниците, и двете регрутирани во оној дел на Италија којшто бил назначен како општа сопственост. Владетелот пак го обвинуваше Антониј, дека го зазел Египет и други територии, без да се консултира со останатите, дека го убил Секст (кого самиот тој би го поштедил милостиво) и дека со тоа што го измамил, заробил и оковал ерменскиот цар, го оцрнил името на римскиот народ. Октавијан исто сакаше половина од пленот. Покрај тоа, тој го обвинуваше Антониј заради Клеопатра и нејзините деца, коишто ги прифатил како свои... Ете во какви нешта тие се обвинуваа и на тој начин бараа аргументи со кои би ги оправдале своите постапки..."

Сили и распореденост

уреди
 
Барокна замисла на битката на слика од Лоренцо Кастро (1672)

Место на битката

уреди

Амбракискиот Залив е долг 40 и широк 15 километри. Страбон кажува, дека влезот на залива е околу 4 стадии (800 метри), но при периферијата изнесува повеќе од 60 километри. Длабочината на водата е доволна, за да пловат и големите бродови. Но влезот во заливот е тесен и плиток. За подобра заштита, Антониј изградил кули, обезбедени со тешки метални машини.

Бродови

уреди

Плутарх пишува дека флотата на Антониј броела најмалку 500 бродови, од коишто според Орозиј 170 големи борбени бродови а другите се помали или превозни. Флор пишува: „ Ние имавме повеќе од 400 бродови, а непријателот — помалку од 200, но големи. Тие имаа од 7 до 9 спрата, зголемени кули и палуби. Наликуваа на тврдини кои пловат или градови. “

Орозиј го кажува речиси истото за нивната големина — Антониј располага со 170 бродови, но тие го компензираат малиот број со исклучителниот размер. Висината на палубите им е 10 чекори над нивото на водата. Бродовите на Антониј биле огромни, со силни катапулти, дрвени оклопни појаси за заштита од катапултни истрели. Висината на нивните едра во средината на бродовите достигнувала до 3 метри и се зголемува кон носот и крмата. На палубите имало тешки метални машини и кули за попречување на проектили. Недостатокот на тие бродови бил фактот дека тешко се маневрирале.

Од другата страна, флотата на Октавијан, како што Плутарх посочува, располагала со 250 бродови. Според Орозиј се 260, од коишто 230 со „клун“. Повеќето од нив биле биреи и триери (лесно маневрирачки бродови со еден (ретко два) редови весла). Тој нов тип бродови римјаните го обезбедиле од илирските пирати, а бродовите ги нарекле „либурни“ - по името на илирското племе. Либурните по правило имале само еден ред весла. Долги биле не повеќе од 30 метри и околу 4-5 метри широки. Тие биле приспособени за поморски заземања, а заедно со тоа искористени и од морската стража за прогон на пиратите. Во споредба со тешките бродови на Антониј, коишто имале лошо обучен екипаж, новите бродови претставувале опасно оружје знаејќи ја подготвеноста на војниците. Покрај тоа такви бродови лесно се ределе и при загуба можело да бидат заменети со други.

Според Орозиј флотата на Октавијан има 8 легии (околу 40 000 луѓе) и 5 преториански кохорти (околу 2 500 луѓе). Плутарх посочува дека на бродовите на Антониј има 20 000 легионери и 2 000 стрелци. Пешадијата и коњаниците. Сојузници

Според Плутарх Антониј располагал со 100 000 луѓе пешадија и 12 000 коњаници. На негова страна застанувале и царевите Бокх Мавретански, Тархондем — владетелот на Горна Киликија, Архелај Кападокијски, Филаделф Пафлагонски, Митридат Комагенски и царот на Тракија Садала III. Покрај фактот дека тие присуствувале лично војска испратиле и Полемон, царот на Понт, Малх, цар на Арабија и Ирод — царот на Јудеја, исто и Аминт, царот на Ликаонија и Галатија, како и царот на Мидија.

Според Плутарх, Октавијан располага со 80 000 пешадијци, а коњаниците се на број колку на Антониј - 12 000.

Војсководци

уреди

Флотата на Октавијан била предводена од искусниот адмирал Марко Випсаниј Агрипа, кој го командувал левото крило, Луциј Арунциј командирал во центарот, заедно со Марко Луриј кој раководел со десното крило. Тит Статилиј Тавор ги предводи армиите на Октавијан, коишто ја набљудувале битката од брегот, од северниот дел на теснецот.

Марко Антониј и Гелиј Публикола раководеле со десното крило на флотата на Антониј, додека Марко Октавиј и Марко Инстеј командувале со центарот, со ескадрилата на Клеопатра, позиционирана зад нив. Гај Созиј го започнува нападот од левото крило на флотата, додека командирот Публиј Канидиј Крас раководи со сувоземните сили. Според Плутарх левата страна на Антониј ја командувал Целиј.

Флотата на Антониј застанала во средината на заливот, додека таа на Октавијан е распоредена пред влезот на заливот, што само по себе претставува опасност, бидејќи ја изложува на ветровите.

По битката

уреди

Битката кај Акциум ги решила по брза постапка внатрешните немири и спречува граѓанска војна, но војна како таква уште не се немало случена. Пред да премине на крајната цел — освојувањето на Египет, Октавијан спровел редица мерки со цел да ја закрепне неговата положба на Исток. Во почетокот заминал за Атина, каде што примил благослов за време на Елевзинските мистерии. Потоа отпловил за Самос, а оттаму и во малоазијските градови. Таму, трагајќи по популарност, спровел една традиционална политика со која се намалувале или иземале даноците и се опростувале долгови, а покрај тоа и се давале права на римски граѓани на месните жители, кои би служеле кај него. При крајот на 31 г. Октавијан бил принуден да се врати во Италија каде требало да го задуќи метежот предизвикан од ветераните, кои сакале пари.

Клеопатра се вратила во Египет, претставувајќи се како победничка пред поданиците.

После месеци на живот во депресија Антониј се вратил во Александрија кај Клеопатра, чекајќи го неизбежниот крај. Двајцата основале своеобразен „Сојуз на смртниците“, каде што ги запишале своите пријатели и решиле да умрат со нив. Заедно со нив испратиле порака до Октавијан. Клеопатра молела да ја предаде власта на нејзините деца, а Антониј да му биде дозволено да го продолжи својот живот во Египет или Атина. Молбата на Антониј, Октавијан категорично ја отфрлил, а на Клеопатра и одговорил дека ќе ѝ биде дадена целосна наклоност доколку го предаде или убие Антониј.

И покрај победата во Александрија на 31 јули 30 пр.н.е., повеќето од војниците на Марко Антониј дезертирале и тој немал доволно сили за да се бори со Октавијан. Антониј решил да пружи истовремена борба по земја и море. При таа борба неговата флота минала на страната на Октавијан. Така постапила и коњаницата, а пешадијата претрпела пораз.

Антониј паѓа во очај. Плашејќи се од неговиот гнев, Клеопатра се скрила во гробницата и пратила да му соопштат дека умрела. Антониј поверувал во тоа и се прободил со неговиот меч, но не умрел веднаш и инсистирал да биде однесен во гробницата, во која била затворена Клеопатра, и таму умрел во нејзините раце. Набрзо потоа царицата била доведена во дворецот и напразно се обидувала да измоли милост од Октавијан. Октавијан имал планови да ја вклучи во неговиот триумф како плен и му да ја покаже окована на римскиот народ. Клеопатра го заобиколила вниманието на поставената стража и на 12 август 30 п.н.е. се самоубила. Според записите, таа му става крај на нејзиниот живот, откако била касната од змија, со намера поставена во кошница со плодови.

Октавијан го убива Цезарион за да биде сигурен дека ќе биде единствениот наследник на Јулиј Цезар. Го убива и големиот син на Антониј — Антил на 1 август 30 п.н.е. Останатите деца на Клеопатра од Антониј биле во надлежност на Октавија, заедно со нејзините сопствени деца од Антониј. По враќањето во Италија Октавијан славел колосален триумф, прослава која траела 3 дена; првиот ден за победата во Илирија, вториот — за таа во Акциум, а третиот — за преземањето на Александрија.

На местото, каде што се наоѓал логорот на легиите на Октавијан е поставен град со името Никопол („Град на победата“). Во знак на победата Октавијан изградил храмови на Аполон, наоѓајќи се на врвот на Акциум и воспоставува игри кои мора да се спроведуваат на секои 5 години.

Последици

уреди

Војната меѓу Октавијан и Антониј е последната граѓанска војна во Римската република, поради којашто Битката кај Акциум има важни политички последици.

Египет станува римска провинција и тоа првата провинција, која не била управувана од сенаторите, туку од самиот император преку префекти. Прв префект бил Гнеј Корнелиј Гал. Богатата со зрна провинција се претворила во житница на Римското Царство. Октавијан ги искористил богатствата на Клеопатра за да ги исплати закаснетите плати на ветераните. Конечното предавање на Египет по смртта на Клеопатра означува крај на елинистичната епоха и царството на Птолемаидите.

Победата му дала на Октавијан еднолична и неоспорна контрола над римското Средоземје. Древните историчари го обележале значењето на победата и самиот тој ден за почеток на нова ера во римската историја — ерата на империјата.