Битолската провала (позната и како Попставрева афера) [1] — една од поголемите афери со кој се соочила Македонската револуционерна организација во од 1900 г., а последиците од неа биле значителни, голем дел од истакнатите раководители биле уапсени и затворени, а тоа влијаело врз организациската дејност. Оваа провала била резултат на предавството на поп Ставре, кој одбивајќи да ги вложи во касата на Организацијата бараните 30 лири прилог, случајот го пријавил во полицијата. Ваквиот чин на предавство бил осуден од Организацијата, а поп Ставре набрзо бил погубен од Битолскиот комитет.

Судот кој заседавал за аферата

Повод

уреди
Македонска револуционерна
организација (МРО)
 

Поп Ставре бил Пелагониски егзархиски архијерејски заменик и спаѓал во групата егзархиски великодостојници кои имале непријателски став кон целите и дејствувањето на Македонската револуционерна организација.

Затоа можеби била грешка што во акцијата за собирање материјални прилози за Организацијата од побогатите битолски граѓани, била побарана парична сума и од овој егзархиски свештеник.

Непријателски настроен кон целите на ТМОРО и навреден од уценувачката постапка на Комитетот, поп Ставре лично ја известил вилаетската власт за комитската уцена. Се смета дека на тој гест бил осоколен од неговиот сват, Влавот Таки Чона, познат османски шпион, кој веројатно му ги понудил своите услуги за незабележано известување на власта [1] .

Известувајќи ги властите за денот кога човекот од Окружниот комитет ќе дојде да му ја достави расписката за бараните пари, поп Ставре се скрил, како сомнението за предавството не би паднало врз него.

Со полициската операција раководел познатиот битолски главен полицаец Саид Ефенди со помош на Таки Чона. Во договореното време емисарот на Окружниот комитет, Трифун Иванов, пристигнал во куќата на Ставрета, но, како што наведовме, свештеникот бил некаде скриен.

Откако ја напуштил попставревата куќа, Трифун Иванов бил следен од агентите и полицијата.

Во текот на гонењето тој успеал да се ослободи од расписката, така што кога бил фатен кај него пронашле само кама. Дознавајќи за предавството, Окружниот комитет свикал вонредна седница на која поп Ставре бил осуден на смрт.

За извршување на пресудата биле определени: Трајко Петрев, Глигор Димев и Петар Георгиев. Во утринските часови, на 17 август 1900 година со револверски истрел, пред тремот на црквата св. Богородица во Битола, бил убиен поп Ставре.

Всушност, на самиот чин на атентатот, поп Ставре бил само тешко ранет, а нешто подоцна подлегнал на раните. Чувствувајќи дека ослободувањето на Македонија, не е негово, туку туѓо дело, зашто се косело со бугарската пропаганда во Македонија, поп Ставре како морални убијци [1] ги посочил Даме Груев и Тодор Луканов (Михаил Герџиков).

Апсења

уреди

Убиството на овој егзархиски свештеник повлекло серија апсења на припадници на ТМОРО. Така, веднаш по извршениот атентат започнале и апсења на сомнителни лица. До 21 август ст. стил 1900 година во долапите на истражниот затвор се нашле околу 42 лица.

Меѓу првите бил уапсен Нале Павлев, анџија во Битола, по потекло од с. Смилево, братучед на Даме Груев. Во анот на Павлев нелегално престојувал цели 40 дена уапсениот Трифун Иванов.

На 18 август во Смилево бил уапсен Груев и доведен во Битолскиот истражен затвор [1]. Во домот на уапсениот Пенџерков, властите пронашле 4 берданки. Меѓу уапсените се нашол и учителот Христо Иванов кој примал плата и од Егзархијата и од Српскиот конзулат во Битола. Плашејќи се од поголеми реакции, во тие пресудни денови, власта го ангажирала аскерот, да ги контролира битолските маала - Јени и Баир.

Судење

уреди

По извесно време, над половина од уапсените биле ослободени. Во февруари 1901 година пред Битолскиот суд биле изведени:

1. Трајко од Баир дека го убил во содејство на Глигор Димев, Перо Димев и Петар Георгиев, главниот свештеник на бугарската црква, попот Ставре, кој откажал да даде пари на Комитетот, откако и јавил за тоа на власта;
2. Ристе Талев, Боше Нечов, Ристе Талев-анџија, Лазар Јовчев, Никола Стојков, Спиро Костов, браќата Петар и Ѓорѓи Попеви, Михаил Наумов, Ѓорѓи Најдов, учителите - Васил Димитров, Стефан Илиев и Дамјан Груев, - Трифун Иванов, Нале Павлев, Јанаки Штерјов, Ефрем Ризов и избеганиот Тодор Луканов (Герџиков), кои сочинувале еден револуционерен комитет кој имал за цел да го подигне населението во државата кон бунт и дека го казнувал со смрт секој оној што се спротивставувал. Како што наведува д-р Димитар Димески, споменатото обвинение било засновано на признанието на Гице (Глигор) Димев. Покрај тоа, од Серското командантство бил доставен фатен комитски устав и лист во кој бил споменат Даме Груев како член на Комитетот, кое го потврдил и Г. Димев во истражната постапка [1].
Панорама на Битола од Кркардаш

Судскиот процес на обвинетите во врска со Попставревата провала се одржал во текот на месец март 1901 година во Битола. Во текот на судењето обвинетите се држеле достоинствено, ништо не признале и ги негирале сите признанија од истражната постапка. Дури и Трајко Петков кој пукал во поп Ставре и кој бил идентификуван од ранетиот, одрекувал каква било поврзаност со тој чин.

Од вкупно 22 обвинети, 12 биле осудени, од кои двајца во отсуство, а 10 лица биле ослободени од обвинението. Трајко Петрев бил осуден на смрт, а на доживотна робија Глигор Димев и Петар Димев, пет лица добиле казна робија на 10 години, двајца на 3 годишен и двајца на двегодишен затвор.

Она што посебно ги импресионирало сведоците на судењето и посебно на чинот на изрекувањето на пресудата, на кој присуствувале и австроунгарскиот и романскиот конзул, било достоинственото држење и високиот морал на осудените. Помеѓу осудените на десетгодишна робија бил и Даме Груев кој својот престој во битолскиот затвор, пред очите на корумпираните чувари, го искористил во засилена револуционерна дејност [1].

Тука тој двапати се сретнал и со Гоце Делчев, кога овој одејќи за Костурско, минувал низ Битолско. Од затворот Груев ги држел сите конци на ТМОРО во Округот, а за тоа придонела извонредната координација со Ѓорѓи Поп Христов, неговиот близок соработник и приврзаник кој без поговор ги извршувал поставените задачи. Така било до мај 1902 година, кога од затворот во Битола Груев бил преместен во Подрум Кале [1].

Извори

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Димитар Димески, Македонското национално движење во Битолскиот вилает 1893-1903