Негуш

град во Егејска Македонија, Грција
(Пренасочено од Његуш)

Негуш (грчки: Νάουσα, Науса; турски: Ağostos, Агостос; влашки: Niausta, Њауста) — град во Берско, Егејска Македонија. Градот претставува административно седиште на денешната истоимена општина, во Централна Македонија, Грција.

Негуш
Νάουσα
Поглед на градот Негуш
Поглед на градот Негуш
Амблем на Негуш
Амблем
Негуш is located in Грција
Негуш
Негуш
Местоположба во областа
Негуш во рамките на Негуш (општина)
Негуш
Местоположба на Негуш во општината Негуш и областа Централна Македонија
Координати: 40°38′N 22°04′E / 40.633° СГШ; 22.067° ИГД / 40.633; 22.067
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругИматија
ОпштинаНегуш
Општ. единицаНегуш
Површина
 • Вкупна300,89 км2 (11,617 ми2)
 • Општина424,9 км2 (1,641 ми2)
 • Општ. един.300,9 км2 (1,162 ми2)
Надм. вис.&01010101010101010101010101011119999999330 - 450 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно18.882
 • Густина0,63/км2 (1,6/ми2)
 • Општ.32.494
 • Општ. густина7,6/км2 (20/ми2)
 • Општ. един.21.152
 • Општ. един. густина7,0/км2 (18/ми2)
Заедница
 • Население19268
Час. појасEET (UTC+2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+3)
Пошт. бр.592 00
Повик. бр.23320
Рег. таб.ΗΜ
Мреж. местоnaoussa.gr

Градот е сместен во источните падини на планината Каракамен, позната уште како „Негушка Планина“, на 18 километри северозападно од градот Бер и на повеќе од 20 километри јужно од градот Воден. Низ Негуш минува реката Арапица.

Од ова место во февруари 1822 година е кренато познатото Негушко востание (наречено и Македонско востание), кое се смета за прво национално востание на македонскиот народ против османлиската власт.

Географија и местоположба

уреди
 
Реката Арапица низ градот Негуш

Градот се наоѓа на 18 километри северозападно од најблискиот град Бер и на повеќе од 20 километри јужно од градот Воден, на надморска височина од 360 метри.[2] Од градот Солун е оддалечен 90 километри, со кој е поврзан со железничка линија.

Сместен е на источните падини на планината Каракамен (наречена уште и Дурла или Негушка Планина). Низ градот тече реката Арапица, која го дели градот на два дела, а по нејзините течение има низа убави водопади, каде што се наоѓа и паркот „Свети Никола“.[3] Покрај паркот „Свети Никола“, во градот се наоѓаат и други паркови.

Историја

уреди

Антика

уреди
 
Аристотеловото училиште (Миескиот нимфеј) кај Копаново.

Според античките автори, првите луѓе во областа на Негуш биле Фригите, а подоцна дошле Македонците. Во рамнината околу денешниот град Негуш кај селото Голишани се наоѓа македонскиот град Миеза, откриен при ископувања во 1950-тите години. Во Миеза, според античките историчари, Александар Македонски поминал три години како ученик на Аристотел. Остатоците од училиштето, Миескиот нимфеј, се западно од селото Копаново.

Градот Негуш се појавува во римско време со името Нова Августа (латински: Nova Augusta) и грчката варијанта Неа Августа (Νέα Αυγούστα). Постепено, во средниот век името се променило во Њагуста (Νιάγουστα) и Њагуса (Νιάγουσα), од каде се појавила и денешната варијанта Негуш. Грчкото име продолжило да се развива во Њауса (Νιάουσα) и денешното официјално име Науса (Νάουσα).[3]

Отомански период

уреди

Градот бил основан пред XIV век од христијани од областа на планината Каракамен. Подоцна, потпаднал под османлиска власт. Градот се развил во важно економско и културно средиште во рамките на јужниот дел на Македонија.

Негушки бунт од 1705 г.

уреди

Во 1705 година по обид да се земат 15 момчиња за јаничари, во градот избувнал бунт, на челот со Кара Димо, којшто бил задушен со големи потешкотии.

Негушко востание од 1822 г.

уреди
 
Споменикот за загинатите негушанки

Градот Негуш најпознат е во историјата по своето востание против Османлиското Царство, подигнато во февруари 1822 година, кога неговото македонско и грчко население, како и околу сто претежно македонски села, се кренало на востание против наметнатото ропство. По завршувањето на востанието, кое било неуспешно, градот бил речиси урнат до темел, а настрадале и сите села во околината и повеќето од нив никогаш не биле повторно обновени.[2]

По избувнувањето на Грчкото востание, во февруари 1822 година во богатиот македонски град Негуш избувнало востание под водство на Ангел Гацо од воденското село Саракиново, Анастасиос Каратасос од берското село Добра и негушанецот Заферакис Теодосиу. Востаниците успеале на краток период да ги ослободат градот и околните села од отоманската власт. Востаниците успеале да ја разбијат четириилјадната турска војска и го нападнале и градот Бер, но биле одбиени. На 18 април, Мехмед Емин-паша, со аскер од 20.000 војници и башибозук го заземал градот и извршил страшно колење. Триесет негушанки доброволно се удавиле, заедно со децата во водовопадите на реката Арапица, за да не бидат продадени во ропство. Во 1955 година, Негуш бил прогласен за „град-херој“.[4]

Возобновување

уреди
 
Плоштадот на Негуш

По востанието, дел од жителите на градот се вратиле во него, како и многубројни македонски и влашки селани од околните села, но дури во 1860 година градот е потполно обновен. Во 1892 година била пуштена железничката линија од Солун за Бер. Градот доживеал голем економски процвет и во него биле основани едни од најголемите текстилни фабрики во целото Отоманско Царство.

XX век

уреди

По 1904 година, Негуш се претвора во основна база на грчките андартски чети, кои ги напаѓале македонските села на север, најчесто борејќи се со четите на Апостол Петков. Градот е родното место на андартскиот војвода Антониос Мингас, обесен заедно со Телос Агапинос од Апостол Петков крај воденското село Теово.

За време на Граѓанската војна во јануари 1949 година, Негуш на кратко бил преземен од силите на Демократската армија на Грција.

Стопанство

уреди
 
Саат-кулата во Негуш

Во текот на XX век, градот започнал да се индустријализира, па така биле отворени четири текстилни фабрики, во кои работеле и над 1.000 работници. Покрај фабриките, во градот се наоѓале и бројни занаетчиски работилници и трговски дуќани, а како административно седиште во него се сместени и бројни административни установи.[2]

Покрај тоа, општинскиот атар на Негуш е најголем во целата Егејска Македонија и опфаќа површина од 222 квадратни километри, кои претежно се простираат западно од градот и опфаќаат добар дел од источните падини на планината Каракамен, погодни за пасишта и за експлоатација на шумите. Градот располага и со 22.000 декари обработлива површина, претежно насадени со овошни плантажи (јаболка и праски), кои се обработуваат со современи агротехнички средства и даваат високи и квалитетни приноси. Покрај овоштарството, развиено е и градинарството, а се садат и други култури. Низ градот поминува реката Арапица, која порано ги движела машините во текстилните фабрики, а денес се користи за наводнување на обработливите површини.[2]

Население

уреди
 
Дел од стариот дел на градот

Во 1900 година според Васил К’нчов во Негуш (Агустос) живееле 1.500 Македонци христијани, 800 Турци, 3.500 Грци и 300 Власи.[5] По податоци на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во градот Негуш живееле 1.500 Македонци.[6]

Во 1910 година, во градот имало 7.000 жители.[7] На пописот во 1912 година, градот бил забележан со неколку јазици и религии: македонски јазик и христијанска религија, турски јазик и муслиманска религија, влашки јазик и христијанска религија и грчки јазик и христијанска религија.[8]

Во пописот од 1913 година, градот бил забележан со 10.000 жители, а во 1920 година со 8.468 жители. По иселувањето на турското население во 1924 година, тука биле населени 2.080 бегалци, од кои 1.868 иселени од Турција согласно Лозанскиот договор од 1923 година. Од нив, 879 по потекло биле од Мала Азија, 561 од Понд, 232 од Источна Тракија, 182 од Бугарија, 135 од Кавказ, а останатите од други земји. Во Негуш, исто така, се населувале и бројни македонски, влашки и грчки семејства од околните села. Градот како таков во 1928 година имал 10.250, а во 1940 година 12.556 жители. Во 1951 година покажал извесна стагнација, бидејќи биле забележани 12.584 жители, но во 1961 година се водел со 15.492, во 1971 година со 17.375, во 1981 година со 19.383, а во 1991 година со 19.794 жители.[2]

Зголемувањето на бројот на населението се должело на индустријализацијата на градот, во кој биле изградени четири текстилни фабрики, во кои работеле повеќе од 1.000 работници, постоеле повеќе занаетчиски работилници, трговски дуќани, а имало и бројни административни установи.[2]

Во пописот спроведен во 2001 година, градот бил попишан со 19.870 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, градот бил забележан со 18.882 жители.

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011 2021
Население 12.556 12.584 15.492 17.375 19.383 19.794 19.870 18.882
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Самоуправа и политика

уреди

Негуш има статус на градска општина, а по завршувањето на Втората светска војна со наредба од 5 февруари 1946 година станал седиште на околија.

Градот припаѓа на општинската единица Негуш со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Негуш, во округот Иматија. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Негуш, во кој покрај самиот град, влегуваат и населбата Станица Негуш, селото Горно Шел, новосоздаденото село Гимново и туристичкиот центар Свети Никола.

Меѓународни односи

уреди

Негуш е збратимен со следниве градови:[9]

Културни и природни знаменитости

уреди
Споменични
  • Плоштад на националните маченици од 1821 година
Цркви
 
Црквата „Св. Ѓорѓи“
 
Црквата „Успение на пресв. Богородица“
Археолошки наоѓалишта
  • Урнатини на римски град
  • Остатоци на римска вила со прекрасен мозаик
Природни
  • Паркот Киоски со малото езеро
  • Водопадот на Арапица, Стубани, во којшто се удавиле негушанките


Наводи

уреди
  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Симовски, Тодор (1998). „Берски округ“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 36–37.
  3. 3,0 3,1 „Νάουσα, Νιάουστα, Από την ίδρυση μέχρι και το ολοκαύτωμά της (1383-1822): Πρωταγωνιστές, συμπρωταγωνιστές“ (PDF). WordPress.com (грчки). 2009. Посетено на 14 март 2016.
  4. „Страница на градот Негуш“. Архивирано од изворникот на 2010-08-04. Посетено на 2016-03-14.
  5. К’нчов, Васил. Македонија. Етнографија и статистика, Софија, 1900, стр. 144.
  6. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 222-223.
  7. Χαλκιόπουλος, Αθανάσιος. Εθνολογική στατιστική των βιλαετίων Θεσσαλονίκης και Μοναστηρίου, Αθήναι 1910. Цитирано по: Δημήτρης Λιθοξόου. Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Βέροιας, 1886 - 1927
  8. „Λιθοξόου, Δημήτρης. Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Βέροιας, 1886 - 1927“. Архивирано од изворникот 2012-12-05. Посетено на 2012-12-05.
  9. „Збратимувања“ (PDF). Central Union of Municipalities & Communities of Greece. Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-06-30. Посетено на 14 март 2016.

Белешки

уреди

Надворешни врски

уреди