Гимново (грчки: Νέα Στράντζα, Ροδακινέα, Родакинеа) — село во Берско, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Негуш, во Централна Македонија, Грција.

Гимново
Νέα Στράντζα
Гимново is located in Грција
Гимново
Гимново
Местоположба во областа
Гимново во рамките на Негуш (општина)
Гимново
Местоположба на Гимново во општината Негуш и областа Централна Македонија
Координати: 40°39′N 22°05′E / 40.650° СГШ; 22.083° ИГД / 40.650; 22.083
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругИматија
ОпштинаНегуш
Општ. единицаНегуш
Надм. вис.&10000000000000138000000138 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно45
Час. појасEET (UTC+2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Гимново, иако претставувало стара македонска населба, која постоела до Негушкото востание во 1822 година, грчките власти го водат како новосоздадено село, иако грчките бегалски семејства биле сместени на просторот на некогашното село. Гимново е и единственото село во Егејска Македонија, кое за неколку децении со официјални акти на грчката држава било преименувано дури четири пати.[2]

Географија и местоположба

уреди

Селото се наоѓа на три километри северно од градот Негуш, на надморска височина од 138 метри.[2]

Сместено е во пространото Солунско Поле.

Историја

уреди

Некогашното македонско село било многу старо село кое било разорено во времето на Негушкото востание во 1822 година од војските на Лобут-паша, чиешто население кое успеало да се спаси од јатаганите на турската војска и башибозукот победнало на сите страни. Подоцна, ова место било запоседнато од сточарски влашки семејства, кои го користеле за зимување. Точно поради тоа, селото не се спомнува во ниту една поранешна статистика, со исклучок на пописот од 1913 година.[2]

Како посебна населба се спомнува и во наредбата од 28 јуни 1918 година, со која било вклучено во составот на општината Цармариново, но во пописот од 1920 година не се спомнува, што значи дека се распаднало.[2]

Малку подоцна, тука биле сместени грчки бегалски семејства кои селото го нарекле Неа Струмца, како што и се водело во пописот од 1928 година.[2]

Со наредба од 30 април 1929 година, селото повторно го променило своето име во Левкогија, за малку подоцна да биде преименувано во Неа Странџа (Нова Странџа), како што и се водело во пописот од 1940 година.[2]

Гимново, кое од 1936 година административно влегувало во рамките на новата градска општина Негуш, повторно го променило своето име со наредба на грчката влада од 26 јули 1954 година, кога е преименувано во Родакинеа. Името кое во превод означува „праскарник“ го добило по бројни овошни насади со праски.[3][4]

По 1961 година, селото повторно било напуштено и на наредните два пописи, во 1971 и 1981 година не било забележано со жители, откако малобројните жители се преселиле во градот Негуш. Повторно, било обновено во 1991 година.[2]

Стопанство

уреди

Во минатото, кога селото било населено од страна на влашките сточарски семејства, поради погодните услови, селаните главно се занимавале со сточарство. Во поново време, малкуте жители одгледуваат праски во своите овоштарници.[2]

Население

уреди

Во пописот од 1913 година, кога селото било првпат споменато, било забележано со 25 жители, кои веројатно биле дел од сточарските семејства кои престојувале во селото. На наредниот попис во 1920 година селото не било воопшто попишани и спомнато како посебна населба, што значи дека се распаднало. Малку подоцна, селото било повторно обновено, овојпат од грчки бегалски семејства кои го промениле името на селото во Неа Струмца, како што и се водело во пописот од 1928 година, кога било забележано со 541 жител. До следниот попис, селото го сменило своето име уште двапати, најпрвин во Левкогија, а пота во Неа Странџа, како што и било запишано во пописот од 1940 година, но овојпат било попишано со намален број на жители, односно со 165 души, колку што изнесувал вистинскиот број на преселените бегалци. Во пописот од 1951 година било забележано со 128 жители, во 1961 година со 137 жители, додека во пописите од 1971 и 1981 година се води како напуштена населба, бидејќи во меѓувреме неговите жители се преселиле во градот Негуш. Поранешните жители и понатаму го посетувале, а подоцна дел од нив повторно се вратиле и во пописот од 1991 година се водело со 131 жител.[2]

Во пописот спроведен во 2001 година, селото било попишано со 24 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 45 жители.

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011 2021
Население 165 128 137 131 24 45
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Самоуправа и политика

уреди

Селото припаѓа на општинската единица Негуш со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Негуш, во округот Иматија. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Негуш, во кој покрај градот Негуш, влегуваат и населбата Станица Негуш, селото Горно Шел, селото Гимново и туристичкиот центар Свети Никола.

Наводи

уреди
  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Симовски, Тодор (1998). „Берски округ“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 32.
  3. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Νέα Στράντζα - Ροδακινέα
  4. „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.