Црква „Живоносен Извор“ - Негуш

црква во Негуш, Егејска Македонија

Пресвета Богородица Живоносен Извор (грчки: Ζωοδόχου Πηγής, Παναγιωπούλα) — црква во градот Негуш, Егејска Македонија.[1][2][3] Влегува во состав на Берско-негушко-камбаниската епархија на Цариградската патријаршија.

Живоносен Извор
Ζωοδόχου Πηγής
Икона „Христос Седржител на престол“, 1860 г.
Карта
40°37′52″N 22°4′31″E / 40.63111° СГШ; 22.07528° ИГД / 40.63111; 22.07528
МестоНегуш
ЗемјаЕгејска Македонија, Грција
ВероисповедЦариградска патријаршија
Архитектура
Културнонаследна категоријаспоменик на културата
Архит. типтрикорабна базилика
ИзградбаXIX век
Управа
Архијерејско намесништвоНегушко
ЕпархијаБерско-негушко-камбаниска

Местоположба

уреди

Црквата се наоѓа на еден километар источно од Негуш, во месноста Панајопула наречена по него, 150 м од патот за Копаново.[1][2] Храмот на грчки е наречен и Панајопула, во превод Богородична поради нејзините димензии, и за да се разликува од другиот храм „Успение на пресв. Богородица“ во градот.[2]

Историја

уреди

Црквата е изградена во XIX век како храм на истоимениот женски манастир. Манастирот веројатно постоел пред Негушкото востание и уништувањето на градот во 1822 г. Изгледот на првобитната црква е непознат. Точната година на обновата по востанието е непозната.[2][3]

Според „Историја на градот Негуш“ на Евстатиј Стојанов, храмот е обновен во 1864 г. за време на митрополитот Софрониј Берско-негушки. Според натписот на храмот, во 1895 г. е направена друга обнова со епитропите Димитриос Арнис и Константинос Какалес.[4]

Веројатно при обновата во 1895 г. се направени потпорните ѕидови на јужната страна на храмот.[3][4]

Според Статутот на Негушката грчка општина од 8 февруари 1912 г. храмот „Живоносен Извор“ е парохиски манастир на општината кој придонесува кон издршката на училиштата во градот. Според истиот статут, црквата е автономна и се управува од епитроп избран од избирачки одбор.[3] Не е познато кога храмот ја изгубил независноста и станал потчинет на црквата „Св. Ѓорѓи“.[3][4]

На 2 октомври 1985 г. црквата е прогласена за заштитен споменик.[1]

Архитектура

уреди

Храмот претставува трикорабна базилика без нартекс, со покрив од ќерамиди и тристрана апсида на исток, украсена со слепи лакови.[1][5] Вршени се лоши архитектонски преправки. Има правоаголен облик со димензии 21,20 × 11,40 м. Наосот е 16,20 × 9,95 м и на запад има женска црква.[3][5] Жртвеникот без апсидната конха е голем 3,07 х 9,95 м.[5][6] Покривот е двоводен со лесни засеци на исток и запад, така што на исток не образува фронтон, туку трапез.[7]

Убаво обликуваниот западен влез е предвиден за жените, а северниот за мажите.[6] Над едниот влез е претставен Свети Теофан Нови Светогорски — покровителот на Негуш, а над дригот е чудото на Живоносниот Извор.[7]

Внатрешност

уреди

Трите кораба во внатрешноста се поделени со пет пара столбови. Столбовите се костенови и со квадратен облик кој над висина од еден метар преоѓа во шестаголник. Имаат прекрасни капители и се поврзуваат со дрвен лаковиден архитрав, традиционално украсен со пророци и евангелисти. На првиот столб во северниот кораб е поставен амвонот, а на вториот (во јужниот) е владичкиот престол. Храмот ја има вообичаената женска црква во облик на буквата П, сместена на запад над главниот влез. До неа води дрвено скалиште во северозападниот дел на наосот.[7] Таванот е убаво украсен.[1][6] Во средиштето има круг во кој е преставен Христос Седржител. Подот е од керамички плочки со геометриски фигури.[8]

Иконостас

уреди

Иконостасот е прост, но со вепечатлива висина, триделен и насликан во бледи бои.[6][8] Така се насликани царските двери, амвонот и владичкиот престол. Рамките на иконите се златни, а другите површини се во сино и бело. Има шест царски икони од истиот период и во иста техника како онаа на авторот на првите фрески од 1860 г. Трите икони на царските двери се подоцнежни и во различна техника. Првата икона десно од царските двери е на Исус Христос, дело на поп Атанас од Воден и Стерјо Димитриу од Кожани, со натписот „+ δια χειρός Αθανασίου Ιερέως προτόππ(απα): εκ Βοδενοίς και Στεργίου: εκ Κοζάνης 1860 Μαίου 20“.[8] Втората е на Свети Јован Крстител, надживописана, без особени квалитети, чијшто оригинал бил од 1880-тите. Следната икона е „Воведение Богородично“ со позлатени ореоли на Света Ана и на Пресвета Богородица — веројатно повторно дело на поп Атанас од Воден. Првата икона лево од царските двери е „Пресвета Богородица на престол“ од XIX век, веројатно исто од поп Атанас и Стерјо Димитриу.[9] Следната е „Благовештение“, која покажува влијание на западните стилови и богословие. Положбата на оваа икона се коси со името на храмот, бидејќи тука по каноноот би требало да стои икона „Живоносен Извор“ — истио проблем кој се јавува и во црквата „Успение на пресв. Богородица“ во градот. Следна икона е „Апостолски собор“, творба од XIX век на непознат автор. Во следното подрачје има помали икони со животот и чудата на Богородица, во истата техника како големите икони.[10] Во средниот кораб иконостасот се издига во трето подрачје. Крстот има рамни краци и при основата има два змеја, како и иконите на Богородица и Јован Крстител. Целата композиција е на триаголна основа, украсена со резба и насликани елементи.[11]

Храмот има четири проскинитара. Два се по страните на иконостасот (едниот посветен на св. Евстатиј, а другиот на Живоносниот Извор. Други два се по страните на излезот од наосот крај првите столбови — лево е „Свети Харалампиј“,[11] (од XIX век со западни влијанија, но послаб естетски квалитет). Десно се „Сите Светители“, во чиј долен дел пишува „Μνήσθητι κύριε του Δούλου σου Αδάμου, συν της συμβ: και των τέκνων αυτού εις μνημόσυνον αιώνιον, 1863 Αυγούστου 10. Κ διά χειρός Αναστασίου Ναουσ“.[12]

Фрески

уреди

„Живоносен Извор“ е втората црква по „Св. Ѓорѓи“ која внатре е целосно живописана. За жал, фреските се надживописани. Авторот и годината на првите живописи се непознати. Во 1996 г. тие се обновени од негушкиот зограф Хасјурас.[6][12] Во горното подрачје на северниот и јужниот ѕид има сцени од животот на Христос, а на запад се сцените од Стариот завет. Во второто подрачје се претставени светци. Жртвеникот и колонадите исто така се насликани.[12]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „ΥΑ ΥΠΠΕ/Β1/Φ36/31674/683/8-8-1985 - ΦΕΚ 596/Β/2-10-1985“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2022-06-01. Посетено на 14 октомври 2014.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Κυριακίδης, Παύλος (2001). „Ιερός Ναός Ζωοδόχου Πηγής (Παναγιωπούλα)“ (PDF). Νιάουστα 94: 14. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-06-26. Посетено на 2022-05-25.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Κύρου, Νίκος, Ολυμπία Τσίτση (Επιμέλεια) (2005). Οι εκκλησίες της Νάουσας. Πρόγραμμα Περιβαλλοντικής Εκπαίδευσης Σχ. έτους 1999 – 2000 (PDF). Νάουσα: 3ο Γυμνάσιο Νάουσας. стр. 46. Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-05-15.
  4. 4,0 4,1 4,2 Κυριακίδης, Παύλος (2001). „Ιερός Ναός Ζωοδόχου Πηγής (Παναγιωπούλα)“ (PDF). Νιάουστα 94: 15. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-06-26. Посетено на 2022-05-25.
  5. 5,0 5,1 5,2 Κυριακίδης, Παύλος (2001). „Ιερός Ναός Ζωοδόχου Πηγής (Παναγιωπούλα)“ (PDF). Νιάουστα 94: 16. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-06-26. Посетено на 2022-05-25.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Κύρου, Νίκος, Ολυμπία Τσίτση (Επιμέλεια) (2005). Οι εκκλησίες της Νάουσας. Πρόγραμμα Περιβαλλοντικής Εκπαίδευσης Σχ. έτους 1999 – 2000 (PDF). Νάουσα: 3ο Γυμνάσιο Νάουσας. стр. 47. Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-05-15.
  7. 7,0 7,1 7,2 Κυριακίδης, Παύλος (2001). „Ιερός Ναός Ζωοδόχου Πηγής (Παναγιωπούλα)“ (PDF). Νιάουστα 94: 17. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-06-26. Посетено на 2022-05-25.
  8. 8,0 8,1 8,2 Κυριακίδης, Παύλος (2001). „Ιερός Ναός Ζωοδόχου Πηγής (Παναγιωπούλα)“ (PDF). Νιάουστα 94: 18. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-06-26. Посетено на 2022-05-25.
  9. Κυριακίδης, Παύλος (2001). „Ιερός Ναός Ζωοδόχου Πηγής (Παναγιωπούλα)“ (PDF). Νιάουστα 94: 19. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-06-26. Посетено на 2022-05-25.
  10. Κυριακίδης, Παύλος (2001). „Ιερός Ναός Ζωοδόχου Πηγής (Παναγιωπούλα)“ (PDF). Νιάουστα 94: 20. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-06-26. Посетено на 2022-05-25.
  11. 11,0 11,1 Κυριακίδης, Παύλος (2001). „Ιερός Ναός Ζωοδόχου Πηγής (Παναγιωπούλα)“ (PDF). Νιάουστα 94: 21. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-06-26. Посетено на 2022-05-25.
  12. 12,0 12,1 12,2 Κυριακίδης, Παύλος (2001). „Ιερός Ναός Ζωοδόχου Πηγής (Παναγιωπούλα)“ (PDF). Νιάουστα 94: 22. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-06-26. Посетено на 2022-05-25.