Горно Шел
Горно Шел или Горно Село (грчки: Άνω Βέρμιο, Ано Вермио; книжевно: Άνω Βέρμιον, Ано Вермион; до 1926 година: Άνω Σέλι, Ано Сели[2]; влашки: Selia de Sus, Селија де Сус) — село во Берско, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Негуш, во Централна Македонија, Грција.
Горно Шел Άνω Βέρμιο | |
---|---|
Координати: 40°35′N 21°57′E / 40.583° СГШ; 21.950° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Иматија |
Општина | Негуш |
Општ. единица | Негуш |
Надм. вис. | 1,500 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 43 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа на 20 километри југозападно од градот Негуш и на 24 километри северозападно од градот Бер, на надморска височина од 1.500 метри.[3] Вкупниот селски атар зафаќа површина од 17 квадратни километри.
Сместено е високо на североисточните падини на планината Каракамен. Над селото се наоѓа скијачкиот центар Шел (Сели).
Историја
уредиНекогашното македонско село било многу старо село кое било разорено во времето на Негушкото востание во 1822 година од војските на Лобут-паша, чиешто население кое успеало да се спаси од јатаганите на турската војска и башибозукот победнало во источниот дел на Егејска Македонија и на други места. Подоцна, ова место било запоседнато од сточарски влашки семејства дојдени од Епир, па постепено израснало во голема влашка сточарска населба.[3]
Во 1926 година, името на селото било преименувано во Ано Вермио (Άνω Βέρμιο). Сепак, поранешното име Ано Сели (Άνω Σέλι), продолжува да се користи, дури и во официјални документи.[4]
За време на Втората светска војна, селото било запалено од германскиот окупатор и тоа на 23 октомври 1941 година, односно на истиот ден кога било запалено и селото Крмишта (Крмча), Кајларско. По Граѓанската војна, селото повеќе не било подигнато како населба, туку се користи како рекреативен центар за зимување, за што се изградени и потребните објекти.[3]
Стопанство
уредиВо минатото, кога селото било населено од страна на влашките сточарски семејства, поради погодните услови, селаните главно се занимавале со сточарство. Во поново време, туризмот е главниот приход на преостанатите жители и целото село функционира како туристичка населба.[3]
Население
уредиВо 1900 година според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во Горно Шел живееле 1.200 Власи христијани.[3][5] Истите податоци ги дава и секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), според кого во 1905 година во Горно Шел имало 1.200 Власи.[6] Во 1906 година, според патријаршиската статистика, во селото имало 100 семејства Власи.[7]
Во 1910 година во Горно Шел (Άνω Σέλι) имало 1.100 жители.[8] На пописот во 1912 година, селото е забележано со влашки јазик и христијанска религија.[9]
Во пописот од 1913 година, селото било забележано со 1.430 жители. Во подоцнежните пописи се забележуваат големи осцилации. Така, во пописот од 1920 година биле забележани само 15 жители, бидејќи пописот е извршен на 19 декември, кога жителите од оваа вообичаено сточарска населба биле преселени на зимување во полето. Во пописот од 1928 година биле попишани само 83 жители, додека во пописот од 1940 година бројот е зголемен на 411 жители. Намалувањето на бројот на жителите се должело и на фактот што многу од овие семејства, збогатени со сточарството, се оддале и на други занаети, па го напуштиле селото и се преселиле во поголемите градови. Откако селото било запалено за време на Втората светска војна и по отпочнувањето на Граѓанската војна, селото повеќе не било населено во истиот стил, туку повеќе претставува зимски туристички центар.[3]
Во пописот спроведен во 2001 година, селото било попишано со 81 жител. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 43 жители.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 411 | — | — | — | — | — | 81 | 43 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Самоуправа и политика
уредиСелото припаѓа на општинската единица Негуш со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Негуш, во округот Иматија. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Негуш, во кој покрај градот Негуш, влегуваат и населбата Станица Негуш, селото Горно Шел, новосоздаденото село Гимново и туристичкиот центар Свети Никола.
Личности
уреди- Родени во Горно Шел
- Јоанис Гилекас — грчки андартски деец; роден во Долно или Горно Шел[10]
- Константин Папаначе (1904-1985) — влашки и романски писател, историчар и издавач; роден во Горно или Долно Шел
- Стерие Чимети (1870-1933) — романски инженер; роден во Горно или Долно Шел
- Други
- Стериос Кукутегос (1855-1947) — деец на грчката вооружена пропаганда во Македонија; по потекло од Горно или Долно Шел[11]
Наводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Άνω Σέλι -- Άνω Βέρμιον
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Симовски, Тодор (1998). „Берски округ“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 31.
- ↑ „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ К’нчов, Васил. Македонија. Етнографија и статистика, Софија, 1900, стр. 145.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 222-223.
- ↑ Επίσημα έγγραφα περί της εν Μακεδονία οδυνηρής καταστάσεως, Πατριαρχείο Τυπογραφείο, Κωνσταντινούπολις 1906. Цитирано по: Δημήτρης Λιθοξόου. Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Βέροιας, 1886 - 1927
- ↑ Αθανάσιος Χαλκιόπουλος, Εθνολογική στατιστική των βιλαετίων Θεσσαλονίκης και Μοναστηρίου, Αθήναι 1910. Цитирано по: Δημήτρης Λιθοξόου. Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Βέροιας, 1886 - 1927
- ↑ „Δημήτρης Λιθοξόου. Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Βέροιας, 1886 - 1927“. Архивирано од изворникот 2012-12-05. Посетено на 2012-12-05.
- ↑ Μάνος, Νικόλαος. Αφανείς Γηγενείς Μακεδονομάχοι (1903-1913), Ι. Σ. Κολιόπουλος (επιστ. εποπτεία), Ι. Δ. Μιχαηλίδης – Κων. Σ. Παπανικολάου (επιμ.), Θεσσαλονίκη, Ε.Μ.Σ. – University Studio Press, 2008, σ. 31.
- ↑ „Στέργιος Κουκουτέγος – Καπετάν Τάσος (1855-1947)“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2016-03-13.
Белешки
уреди- Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.