Црква „Св. Јован Претеча Надворешен“ - Негуш

црква кај Негуш, Егејска Македонија

Свети Јован Претеча Надворешен (грчки: Τιμίου Προδρόμου, Έξω Πρόδρομος) — црква кај градот Негуш, Егејска Македонија. Влегува во состав на Берско-негушко-камбаниската епархија на Цариградската патријаршија.[1][2]

Свети Јован Претеча Надворешен
Έξω Πρόδρομος
Карта
40°39′5.07″N 22°3′20.53″E / 40.6514083° СГШ; 22.0557028° ИГД / 40.6514083; 22.0557028
МестоНегуш
ЗемјаЕгејска Македонија, Грција
ВероисповедЦариградска патријаршија
Архитектура
Културнонаследна категоријаспоменик на културата
Завршена1844
Управа
Архијерејско намесништвоНегушко
ЕпархијаБерско-негушко-камбаниска

Местоположба

уреди

Храмот се наоѓа во месноста Кукули на 6 км од Негуш, по патот за с. Голема Река.[1][2]

Историја

уреди

Црквата првобитно била манастирска. Манастирот е основан во VII век, но уништуван на повеќе наврати.[3] Еден документ говори за негово преосновање во 1785 г. За време на Негушкото востание во 1822 г. манастирот е разурнат од турската војска. Црквата е обновена, но настрадала во 1842 г. е уништена во пожар. Во 1844 г. е повторно обновена со помош на жителите на Воден и околните села. Натписот гласи:[2]

Ο πάνσεπτος ούτος Ναός του Τιμίου Προδρόμου ανοικοδομήθη ως πυρποληθείς το 1844 σωτήριον έτος αρχιερατεύοντος της επαρχίας Βοδενών του αοιδίμου Κύρου Μελετίου και ηγεμονεύοντος της σεβάσμιας ταύτης μονής Ανθίμου.[2]
Превод:

Овој пресвет храм на Светиот Претеча се обнови од пожарот во 1844 г. при архијерејството на Воденската епархија на прославениот господин Мелетиј и игуменството на тој почитуван манастир Антим.

За време на Грчката вооружена пропаганда во Македонија, манастирот служел како база на андартските чети, обезбедувајќи залихи и засолниште на андартите од цело Воденско. Затоа, на 14 јуни 1905 г. македонските чети направиле неуспешен обид да го запалат. На 26 јули 1905 г. македонските четници ги убиле монасите и опожариле дел од конаците. Манастирот е обновен, но во мај 1906 г. македонските чети повторно го изгореле. По обновата во 1912 – 1913 г. работел како парохиски манастир.[2]

На пописот од 1928 г. манастирот имал 1 калуѓер, а на пописот од 1940 г. се забележани 4 калуѓери.[4]

Во 1942 – 1943 г. манастирот повторно настрадал при пресметка на партизаните од ЕЛАС со окупаторските сили. За време на окупацијата, моштите од манастирот се префрлени во Воден.[2] Востановен е како женски манастир на 29 септември 1995 г.[2][3]

На 2 октомври 1985 г. црквата е прогласена за заштитен споменик.[1]

Архитектура

уреди

Храмот има две градежни фази — во првата е главниот наос, а во втората се нартексот и женската црква. Точните години не можат да се утврдат поради честите опожарувања и обнови. Градбата претставува трикорабна правоаголна сводеста базилика со три куполи над средниот кораб. Храмот има димензии 18,08 × 9,70 м. На запад има нартекс, а на исток има полукружна апсида украсена со слепи лакови.[5] При изградбата се користени мермерни антички фрагменти (сполии).[1]

Живопис

уреди

Иконостасот е обичен, триделен и има осум големи царски икони во ист стил, датирани во 1844 г. Авторите се Ѓорѓи Зограф Воденски (Γιώργι ζωγράφου Βοδενότις), Ѓорѓи Бојаџи (Γεώργιος Βογιατζής) и веројатно монасите-зографи Димитар и Данаил. Иконите немаат голема уметничка вредност.[5]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „ΥΑ ΥΠΠΕ/Β1/Φ36/31674/683/8-8-1985 - ΦΕΚ 596/Β/2-10-1985“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2022-06-01. Посетено на 14 октомври 2014.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Κύρου, Νίκος, Ολυμπία Τσίτση (Επιμέλεια) (2005). Οι εκκλησίες της Νάουσας. Πρόγραμμα Περιβαλλοντικής Εκπαίδευσης Σχ. έτους 1999 – 2000 (PDF). Νάουσα: 3ο Γυμνάσιο Νάουσας. стр. 49. Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-05-15.
  3. 3,0 3,1 „Ιερά Μονή Προδρόμου Ναούσης“. Ιερά Μητρόπολη Βεροίας, Ναούσης και Καμπανίας. Архивирано од изворникот на 2022-07-15. Посетено на 31 мај 2014.
  4. Симовски, Тодор (1998). „Негушка околија“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 36.
  5. 5,0 5,1 Κύρου, Νίκος, Ολυμπία Τσίτση (Επιμέλεια) (2005). Οι εκκλησίες της Νάουσας. Πρόγραμμα Περιβαλλοντικής Εκπαίδευσης Σχ. έτους 1999 – 2000 (PDF). Νάουσα: 3ο Γυμνάσιο Νάουσας. стр. 50. Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-05-15.