Тибор Дери
Tибор Дери (унгарски: Tibor Déry, 18 октомври 1894, Будимпешта, Австроунгарија — 18 август 1977, Будимпешта, Унгарија) — унгарски писател.
Животопис
уредиДери се родил во имотно буржоаско семејство во Будимпешта. Првиот познат предок на Дери се викал Хирш Дојч (Hirsch Deutsch) и тој се преселил од Кечкемет во Сегедин кон крајот на 18 век. Во 1848 година, неговиот син го унгаризирал презимето. Татко му на Дери, кој сè уште го носел старото презиме, по професија бил адвокат. Тој се оженил доцна, на речиси педесетгодишна возраст, со Ернестина Розенберг, дваесет години помлада од него, која исто така потекнувала од трговско семејство. Тибор Дери бил нивниот прв син, додека вториот, Ѓерѓ, се родил десет години подоцна.[1] Уште како дете, Тибор Дери почнал да ги чувствува стегите на семејството и на социјалното потекло, искажани во неговата автобиографија со зборовите: „семејството ме зароби“. Болен од туберкулоза на коските, од четвртата до деветтата година, Дери бил принуден основното училиште да го учи во постелата под грижливата рака на мајка си, што уште повеќе го засилило неговото чувство за одвоеноста од светот. Во овој период, тој поминал многу време на лекување во странство, а врз него биле извршени дури четири операции на зглобот на левата нога. Кога оздравил и се соочил со суровата стварност, кај Дери се разбудил бунтот и според неговото признание, на десетгодишна возраст научил да лаже, а многу подоцна почнал да краде пари од татко му. Иако повеќе не бил болен, две одделнија од ниската гимназија ги завршил во домашни услови, зашто мајка му не сакала да го испушти од раце. Потоа, тој се запишал во трговската академија поради тоа што школувањето траело само три години. Во тоа време, неговиот најдобар пријател бил Андор Грос чии иницијали се среќаваат во повеќе дела на Дери. По завршувањето на академијата, семејството го испратило во еден интернат во Санкт Гален, Швајцарија за да учи јазици. Таму, тешко ја поднесувал дисциплината и ковал планови за бегство од интернатот кои никогаш не ги остварил. По неговото признание, таму искусил две ужасни нешта: физичкото насилство (во една прилика, дежурниот постар питомец го заклучил во празна училница, и тоа со дозвола на директорот) и хомосексуалноста која била присутна меѓу питомците. Исто така, таму бил сведок и на антисемитизмот. По едногодишниот престој во интернатот, Тибор Дери бил предодреден да гради кариера: неговиот вујко, Херман Розенберг, бил сопственик на фабрика за танин и на парна пилана, една од најголемите во Европа, а Тибор бил одреден за негов наследник и поради тоа минал шест години во претпријатието на вујко му, и тоа, една година во пиланата (која се наоѓала во денешна Романија), а потоа во Будимпешта како директор на одделението за паркет. Кога избувнала Првата светска војна, вујко му средил Тибор да не биде регрутиран, но кога Тибор организирал штрајк во претпријатието, барајќи повисоки плати, веднаш бил регрутиран и испратен на фронтот (повторно благодарејќи на врските на вујко му).[2]
За време на Унгарската комунистичка револуција, во 1919 година, тој станал член на комунистичката партија и ѝ се приклучил на Комуната, каде што бил дел од „директориумот на писателите“. Во истото време, потресен од национализацијата на неговиот имот, татко му извршил самоубиство така што со помош на штаките се довлечкал до прозорецот (една година претходно ја скршил ногата), се качил на стол и се фрлил од петтиот кат на зградата, оставајќи проштално писмо до семејството. По тој настан, семеството на Дери било принудено привремено да живее надвор од Пешта. По поразот на комунистичката револуција во Унгарија во 1919 година и по доаѓањето на власт на Хорти, како и сите други писатели со соццијалистички и револуционерни погледи, Дери бил принуден да емигрира. Во тој период, тој скитал ширум Европа, каде имал можност да дојде во допир со тогашните авангардни уметнички движења, но исто така го зафатила и нова страст — комарот. Тогаш стапил во брак со првата жена Олга (со која живеел десет години) и патувал низ Европа: најпрвин во Прага, а оттаму во Виена, каде што останал до 1922 година. Таму, живеел во вилата на некој стар генерал кој двапати годишно приредувал битки со оловни војници, а кога ја преуредил вилата, на Дери му исплатил 2 000 чешки круни и 4 000 југословенски динари. Со тие пари, Дери продолжил да патува низ Европа, а парите му овозможиле да живее една година на езерото Штаренберг. Од 1924 до 1926 година живеел во Париз, каде работел како аргат, продавач на ќебиња, учител по германски јазик, трговец со поштенски марки итн. Кон крајот на 1925 година доживеал голема загуба во трговијата со марки, кога сите пари ги вложил во албум кој бил фалсификат. Тогаш, тој бил принуден да го напушти Париз, а патем навратил во едно казино во Монте Карло, каде ги изгубил останатите пари. Осамен и во голема беда, една година живеел во Перуџа.[3]
По враќањето во Будимпешта, Дери се обидел да се вклучи во културниот и во општествениот живот, како еден од основачите на списанието „Документум“ кое излегувало само кратко време. Разводот со првата жена, необичната љубов кон госпоѓата Аранка и пропаѓањето на списанието го натерале повторно да замине во странство, најпрвин во Италија, а потоа во Прага, Австрија, Германија и Скандинавија, по што се доселил во Берлин, работејќи како фотограф за германските весници. Иако немал голем успех, тој останал таму две години, до 1932 година, кога набрзина, со авион побегнал. Малку подоцна, во Будимпешта собрал пари со кои му овозможил и на брата си да го напушти Берлин. Меѓутоа, ниту овојпат, Тибор Дери не останал долго во Будимпешта, туку во 1933 година заминал во Дубровник, а оттука заминал во Виена, каде во февруари 1934 година учествувал во востанието, а во август се вратил во Будимпешта. Во текот на летото веќе бил на Палма де Мајорка. За време на бројните патувања, според неговите зборови, во Италија живеел „на леб и портокали“, во Норвешка „на леб и харинга, дишејќи го воздухот на слободата, минувајќи со месеци по патиштата со ранецот на грбот“, а во Палма де Мајорка се хранел со „сирење, леб и портокали“. Во Будимпешта се вратил во 1937 година, но не можел да ги објавува своите дела, така што морал „да преживува со ситни уреднички работи и со преведување“, најчесто користејќи туѓи имиња. Во тој период, Дери работел со неверојатна брзина: на пример, двајца писатели биле ангажирани да го преведат Филдинговиот роман „Том Џонс“, но наместо нив, романот го преведувал Дери; тој ја извршувал работата толку брзо, што тоа му паднало чудно на издавачот, па неговите двајца пријатели го молеле Дери да работи побавно за да не се открие измамата; нешто подоцна, Дери превел едно Хауптманово дело за три дена! Поради преводот на „Патувања по Советскиот Сојуз“ на Андре Жид, Дери бил осуден на затворска казна во траење од два месеца. Неговиот живот за време на Втората светска војна бил уште потежок, особено по започнувањето на прогонот на Евреите, кога морал да живее со лажни документи. Така, тој се спасил од погромот, но не и неговиот брат.[4][5]
По завршувањето на војната, Дери стапил во брак по вторпат, а тогаш започнало и долготрајното пријателство во Ѓерѓ Лукач, кој бил голем љубител на неговите дела, но и негов строг критичар. Во 1950-тите, тој се развел и од втората жена, а наскоро се оженил по третпат. Во граѓанската револуција од 1956 година, Дери зел активно учество: тој бил потписник на меморандумот упатен до Централниот комитет, а имал одредена улога и во подготовките и во текот на востанието поради што во 1957 година бил осуден на девет години затвор. За време на издржувањето на затворската казна, сопругата на Дери ја лажела болната мајка дека тој снима филм во САД при што тој редовно се допишувал со мајка си, која умрела додека тој бил в затвор. Сепак, во 1960 година бил амнестиран и повторно започнал да работи како преведувач. Од затворот, Дери излегол како изменет човек. Од тој период, карактеристична е една негова изјава, дадена во 1963 година за време на престојот во странство: „Денес, состојбата е таква, што можам слободно да пишувам, освен против социјализмот. Значи, јас сум социјалист.“[5][6]
Својот живот Дери го опишал во три автобиографски дела: „Автобиографија“ (напишана во 1955, а објавена во 1967 година како предговор на двотомниот избор од неговите раскази), обемната автобиографија „Без пресуда“ (Ítélet nincs) од 1969 година која претставува еден вид романсирана автобиографија во која писателот се сеќава на минатите времиња и ги повикува покојните на разговор, како и „Којсумпасумјас“ од 1975 година, исто така, романсиран животопис со ироничен пристап во кој се мешаат реалното и иреалното.[7]
Творештво
уредиТибор Дери зазема едно од истакнатите места во унгарската книжевност на XX век, особено како автор на монументалниот роман „Недовршена реченица“ во кој дал сеопфатна слика на унгарското општество во 1930-тите. Според Имре Бори, творештвото на Дери претставува „огледало на унгарската книжевноста на нашиот век“, зашто речиси сите уметнички правци од првите децении на 20 век нашле свој одраз во делата на Дери. Притоа, за време на неговите патувања низ Европа меѓу двете светски војни Дери го печел писателскиот занает, под влијание на разните авангардни движења. Во тој период, тој напишал неколку вредни дела, како: експресионистичките романи „Извик во два гласа“ и „На патот“, дадаистичката драма „Џиновско доенче“, надреалистичкиот роман „Се смрачува, јагнињата крварат“ и низа надреалистички поетски дела.[8] Неговото творештво, животот и општествената активност чинат единствено дело во кое тешко можат да се повлечат границите меѓу овие три елементи. Трансформираните делови од неговиот животопис се прелеваат во книжевните дела, а книжевното дело осветлува одделни периоди од неговиот живот. Особено во подоцнежните години на Дери, тој често го користи својот животопис во книжевни цели. Како последица на тоа, често читателот, наместо за Дериевите книжевни јунаци, мисли на самиот автор.[9]
Книжевното творештво на Дери започнало во 1917-1918, кога се пријавил на конкурсот на еден весник со својот краток роман „Лија“ (Lia), а кој бил објавен во најугледното книжевно списание „Запад“ (Nyugat). За романот, Дери бил осуден за повреда на јавниот морал, но казната ја платило списанието. На почетокот од 1920-тите, додека живеел во Виена, Дери соработувал со унгарските емигрантски весници, пишувал песни и новели, при што на сопствен трошок објавил и неколку книги, а книжевната активност ја продолжил и за време на престојот во Париз (1924-1926). Од овој период потекнуваат романите „На патот“ (Országúton) од 1923 година, „Двобојниот врисок“ (Kéthangú kiáltás), напишан во 1922 година и „Станете!“ (Ébredjetek fel!) кој бил напишан во 1923 а објавен дури во 1932 година. И во прозата и во поезијата, Дери поминал низ разни книжевни правци, но овој дел од неговото творештво најдобро може да се опише како експресионистички при што најчестите теми се: изолацијата, осаменоста, немирот, скитањето, несогласувањето и судирите со околината, кои се дел од неговото лично животно искуство. Во 1926 година, за време на престојот во Перуџа, ја напишал драмата „Џиновското бебе“ (Óriáscsecsemő). Во 1933, за време на престојот во Дубровник, започнал да го пишува романот во три дела, „Очи в очи“ (Szemtől szembe) кој бил објавен дури во 1945 година. Во него се зборува за животното искуство на Дери, за интелектуалците и за нивната борба. Токму во тоа време Дери конечно одлучил дека сака да биде писател, а подоцна рекол дека оттогаш знаел како треба да пишува, додека претходните негови дела биле само подготовка за вистинското пишување.[10]
На Божиќ 1933 година, во Café de France во Виена, започнал да го пишува обемниот роман „Недовршена реченица“ (Befejezetlen mondat). Првата книга ја завршил во Будимпешта во 1934 година, втората книга ја започнал есента 1934 година за време на престојот во Палма де Мајорка и на неа работел една година, додека третиот дел од романот го напишал по враќањето во Будимпешта. Притоа, пишувањето го завршил летото 1937 година, а потоа, една година вршел поправки на ракописот. Подоцна, Дери го опишал создавањето на романот со следниве зборови: „Романот е во три книги, работев на него четири и половина години, дневно просечно по 10-12 часа. За пишувањето е неопходно многу внатрешна подвижност и постојана напнатост, тоа е она што се нарекува инспирација. Не е лесно трајно да се одржува инспирацијата во текот на четири и половина години. На творечкото расположение му е потребна извонредна дисциплина за тоа да биде колку-толку успешно. Ако е тоа успешно, и ако надворешните околности се спојат со оваа внатрешност подготвеност — што е ретка, среќна случајност, особено ако тоа трае четири и половина години, тогаш писателот можеби може да ја оствари својата намера, тогаш може да се надева дека делото делумно ќе му успее.“[11] Во ова дело, на повеќе од 800 страници, Дери ја опишува револуционерната напнатост во тоа време, создавајќи богата галерија ликови: од работници посветени на класната борба, преку интелектуалци во потрага по егзистенцијалните прашања, до припадниците на буржоазијата кои доживуваат лични трагедии. Според критиката, „овој роман е напишан со „коригирана“ прустовска техника, комбинирана со иронично-есеистичкиот стил на Томас Ман. Романот „Недовршена реченица“ бил објавен дури во 1946 година и веќе тогаш било јасно дека унгарската книжевност добила големо дело.[12]
Педесетгодишниот писател со мал број објавени дела започнал редовно да објавува дури по завршувањето на Втората светска војна. Најпрвин, во 1945 година било објавен романот „Очи в очи“, а следната година и „Недовршена реченица“. Во тоа време, Дери објавувал и раскази, а по успехот на „Недовршена реченица“ ја започнал работата на романот „Одговор“ (Felelet), кој бил замислен како епски роман во четири тома за историската улога на унгарската работничка класа. Првата книга се појавила во 1950 година и доживеала огромен успех, но кога се појавил вториот том во 1952 година, Дери бил немилосрдно критикуван поради запоставувањето на улогата на комунистичката партија во раководењето со револуционерното работничко движење. Имено, режимот на Ракоши очекувал дека ќе биде истакната улогата на партијата, а Дери планирал комунистите да станат главни ликови во книгата дури во дејствието што се одвива по 1945 година. Затоа, власта побарала Дери да напише друга верзија на втората книга, но тој го одбил тоа и престанал со натамошната работа на романот. Подоцна, уште еднаш му било понудено да ја поправи „грешката“ во сценариото за филмот снимен по романот. Тој, сепак, продолжил да работи и интензивно објавувал раскази меѓу кои се истакнуваат „Љубов“ и „Посета“ (1955) кои го носат печатот на антисталинизмот. Во 1956 година, Дери го објавил кусиот роман „Ники“ кој претставува приказна за едно куче кое тагува по сопственикот, кој е затворен без причина. Во 1957 година, додека ја издржувал затворската казна, ги напишал романот „Господинот А. Г. во градот Х.“ (G.A. úr X-ben) и драмата „Виена 1934“.[13] Според Михаљ Цине, романот „Господинот А. Г. во градот Х.“ е филозофско сведување на сметката за грижите што го измачувале писателот во текот на целиот живот“, а Имре Бори го нарекол утопија во која Дери признава дека „нема одговор на големите прашања“ и дека „сè се претвора во сопствена негација“.[12]
По излегувањето од затворот, Дери целосно му се посветил на прашањето на граѓанската и творечката слобода. Истовремено, во своите дела почнал да се оддалечува од лукачевскиот реализам и да експериментира со формата и со изразот при што неговите дела биле богати со симболи и параболи, играјќи се со книжевните конвенции.[12] Во 1962 година го објавил расказот „Две жени“ (Két asszony) кој е тесно поврзан со неговиот живот. Од него и од новелата „Љубов“ подоцна произлегло сценариото за еден потресен филм. Во 1966 година излегол историскиот роман „Изопштувач“ (Kiközösítő) кој претставува парабола за тоталитарната идеологија. Притоа, првата глава во која Дери пишува за маглата и за привидот што таа го создава, претставува пример за основната одлика на идните Дериеви дела — односот меѓу реалното и иреалното. Тоа е најпотполно изразено во неговите последни раскази, собрани во двотомната збирка „Каприча“ од 1967 година, по која Дери изјавил дека повеќе не умее да пишува раскази. Сепак, тој напишал еден расказ за прибирањето материјали за расказот „Едно претпладне на Балатон“ (Egy füredi dëlelőtt), кој претставува драгоцен запис за поетиката на Дери, а следната година го објавил краткиot роман „Двобојниот врисок“. Својот омилен метод, преплетувањето на реалното и иреалното, Дери го применил и во автобиографскиот роман „Без пресуда“ (1969) во кој тој разговара со своите пртви пријатели. Кога изгледало дека Дери нема повеќе што да каже, тој објавил низа од кратки романи кои навидум се напишани спонтано, наменети за читателите кои не сакаат сложени и тешки дела. Во нив, тој обработува необични теми и во нив целосно доаѓа до израз постапката на „метафикционалност“ која е богато обоена со иронија. Првиот роман од таа низа е „Замислен извештај за еден американски поп-фестивал“ (Képzelt riport egy amerikai pop-fesztiválról) од 1971 година — роман за дрогата, љубовта и неможноста за остварување заедништво и топлина. Романот „Долга топла есен“ (Kedves bópeer...!) од 1973 година обединува две големи теми: староста и љубовта, а во 1974 година се појавува ново изненадување — криминалистичкиот роман „Едоувиот“ (Félfűlű) во кој темата е земена од весниците (грабнувањето на едно дете и уценувањето на богатиот дедо кому грабнувачите му го испраќаат отсеченото уво на детето), но Дери направил пародија на криминалистичкиот жанр, пишувајќи со иронија за многу институции на современиот живот. Во автобиографскиот роман „Којсумпасумјас“ иронично се пигрува со својот животопис и со својата епоха. Конечно, истата година излегол и неговиот последен краток роман, „Убиецот и јас“ (A gyilkos és én) во кој писателот поаѓа од ситните настани од весниците за патолошките убијци, ги замислува мотивите на убијците и ги споредува со мотивите што би ги имал тој кога би бил на местото на убиецот. Повторно, станува збор за бравурозно поигрување на реалното и иреалното со употреба на метафикционалноста. Во текот на последните 15 години од животот Дери пишувал записи, специфични публицистички белешки за појавите во светот кои го запрепастуваат човештвото при што предупредува на можноста за нови воени ужаси. Уште додека бил жив, овие записи биле собрани во книгата „Дневни седименти“ ( A napok hordaléka), а по неговата смрт, со истиот наслов се објавени сите негови записи.[14]
Библиографија
уреди- Лија (роман)
- Двогласни повици (роман, 1922)
- Станете! (роман, 1923, 1932)
- Џиновското бебе (драма, 1926)
- На патот (роман, 1933)
- Очи в очи (роман, 1945)
- Недовршена реченица (роман, 1946)
- Одговор (роман, 1950 и 1952)
- Ники — приказна за едно куче (роман, 1956)
- Господинот А. Г. во градот Х. (роман, 1964)
- Виена 1934 (драма)
- Изопштувач (роман, 1966)
- Каприча (раскази, 1967)
- Двобојниот врисок (роман, 1968)
- Без пресуда (роман, 1969)
- Замислен извештај за еден американски поп-фестивал (роман, 1971)
- Долга топла есен (роман, 1973)
- Којсумпасумјас (роман, 1975)
- Убиецот и јас (роман, 1975)
- Дневни седименти (записи, 1982)
Наводи
уреди- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 9.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 9-12.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 12-13.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 14-20.
- ↑ 5,0 5,1 David Albahari, „Tibor Deri i Niki“, во: Tibor Deri, Niki – Priča o jednom psu. Beograd: Rad, 1988, стр. 89-91.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 20-23.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 7-8.
- ↑ David Albahari, „Tibor Deri i Niki“, во: Tibor Deri, Niki – Priča o jednom psu. Beograd: Rad, 1988, стр. 89-90.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 7.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 12-16.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 16-18.
- ↑ 12,0 12,1 12,2 David Albahari, „Tibor Deri i Niki“, во: Tibor Deri, Niki – Priča o jednom psu. Beograd: Rad, 1988, стр. 90-92.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 20-22.
- ↑ Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 23-27.