Ники (роман)
„Ники — приказна за едно куче“ (унгарски: Niki - Egy kutya története) — роман на унгарскиот писател Тибор Дери од 1956 година.
Содржина
уредиПролетта 1948 година, во дворот на малата куќа на рударскиот инженер Јанош Анча доаѓа едно куче од расата фокстериер. Јанош и неговата сопруга, кои живеат сами зашто нивниот син погинал на рускиот фронт за време на Втората светска војна, веднаш ги привлекува симпатичната млада кучка за која подоцна дознаваат дека се вика Ники и дека му припаѓа на еден од соседите. По некое време, тие ја откупуваат Ники од еден селанец, а набргу се селат во Будимпешта, каде Јанош е назначен за директор на една фабрика. Меѓутоа, за кусо време, тој е сменет од функцијата, а потоа неколкупати, власта го испраќа на работни места што не се соодветни на неговото занимање. Во градот, Ники ја нема слободата на којашто е навикната, но и покрај тоа, таа е потполно приврзана кон своите сопственици. Во 1950 година, без никаква вина, Јанош е уапсен и затворен. Тогаш настапува тежок период за неговата жена: наспроти нејзините настојувања, таа не може дознае ништо за судбината на сопругот; мора да работи за да преживее; како жена на политички затвореник, луѓето ја одбегнуваат; а во станот се доселува уште едно семејство. Наспроти мачниот живот, таа не се откажува од Ники, која исто така трпи физичко и душевно страдање. Единствената помош, жената на Јанош ја добива од неговиот пријател, стариот комунист Винце Еѓеш-Молнар, кој успева да дознае дека Јанош е затворен во централниот затвор.
Една недела, Винце ги носи Ники и нејзината сопственичка на излет во Чобанац, мало место во околината на Будимпешта, каде што живееле Ники и семејството Анча пред нивната преселба. Таму, Ники има можност да ги обнови сеќавањата од својата младост и за момент да се оттргне од монотониот живот во градот. Меѓутоа, набрзо по тој настан, Ники се разболува и започнува да пропаѓа. Гледајќи го нејзиното страдање, госпоѓата Анча ја носи во ветеринарната клиника, но Ники одбива да влезе. Тогаш, на влезот од клиниката поминува жена во црно која носи папагал во кафез. При средбата со неа, папагалот почнува хистерично да вреска како да сака да ја престкаже скорешната смрт на кучката. И навистина, по некое време, Ники се повлекува под мебелот и таму тивко умира, наспроти упорните повици на госпоѓата Анча. Утредента, во станот влегува Јанош Анча, кого штотуку го ослободиле од затворот. Соочен со тажната вест, тој почнува да плаче.[1]
Осврт кон романот
уредиРоманот „Ники“ се појавил во 1956 година, во една од пресудните години во поновата унгарска историја. Оттука, делото е нераскинливо поврзано со периодот до 1948 до 1956 година, кога во своето творештво Дери бил преокупиран со прашањата поврзани со творечката и граѓанската слобода и односот меѓу слободата и нужноста. Наспроти поднасловот на романот, сепак, „Ники“ не е обична приказна за едно куче, иако не е ниту вешто замаскиран политички памфлет. Оттука, според Иштван Сели, оваа книга не смее да се чита само во едно, кое и да било, есктремно значење. Напротив, романот се одликува со повеќеслојност којашто е обратнопропорционална на неговиот обем: иако станува збор за краток роман, тој се состои од неколку нивоа на можни толкувања. Поради тоа, „Ники“ претставува триумф на раскажувачката умешност, а можеби и како триумф на уметноста којашто е способна да се воздигне над барањата на стварноста. Исто така, тоа е дело во коешто се препознава творечката синтеза на авторот, како одраз на уметничките правци што му претходеле, но и како предвесник на уметничките постапки што ќе дојдат во иднина. Навистина, Дери сакал да се пошегува со тоталитаристичкиот режим во неговото време, но исто така, тој согледал дека книжевноста не треба да дава одговори, туку таа треба ѝ служи само на книжевноста. Оттука, „Ники“ треба да се чита како расправа за принципиелното прашање на човековата слобода, а не како памфлет против некој конкретен режим. Во продолжение, „Ники“ претставува и трактат за љубовта, или поточно, за себичноста на љубовта, т.е. за болната вистина дека човекот манипулира со љубовта според своите себични барања. Како привидна приказна за едно куче, „Дери“ е пародија на тогашните барања за социјалистичкиот реализам како уметничка постапка, како исмејување на бирократскиот јазик, но и како постмодернистичко дело во која авторот е свесен за ограниченоста на својот медиум при што тој се јавува како постојан коментатор на сопственото дело.[2]