Брак
Брак е социјално или ритуално признат сојуз или правен договор меѓу две или повеќе лица со кој се воспоставуваат правата и обврските меѓу нив.[1] Дефиниција на бракот варира во зависност од различните култури, но тоа е главно институција во која меѓучовечки односи, обично интимни и сексуални, се признаваат. Во некои култури, бракот се препорачува или се смета за задолжителен пред извршуваање на каква било сексуална активност.
Бракот може да биде доброволен - кога брачните партнери сами, по своја волја решаваат да ја формираат заедницата, или договорен - по налог на други лица, најчесто родителите на брачните партнери или поширокиот семеен круг, семејниот старешина, племенскиот старешина итн.
Поединец може да стапи во брак за неколку причини, вклучувајќи правни, социјални, емоционални, финансиски, и религиозни. Во некои делови од светот договорен брак, малолетнички брак, полигамијата, а понекогаш и принуден брак, може да се практикува како културна традиција. Спротивно на тоа, таквите практики можат да бидат забранети во многу делови во светот поради загриженоста за човековите права.[2] Во развиените делови на светот, има општ тренд кон обезбедување еднакви права за жени во рамките на бракот и законско признавање на браковите кои се меѓурасни, меѓуверски и истополови. Честопати, овие трендови се мотивирани од желбата да се воспостави еднаквост и за почитување на човековите права. Бракот може да биде признат од страна на една држава, организација, верски орган, племенска група, локална заедница или врсници. Граѓанскиот брак е брак без религиозна содржина извршен од страна на владинска институција, и се признава како создавање на правата и обврските суштински за брак. Бракот може да се изврши во секуларна граѓанска церемонија или во верски амбиент преку свадбена церемонија.
Гледишта за бракот
уредиВо своето дело „Богатството на царот Радован“, српскиот поет Јован Дучиќ вели дека постојат два вида брака: еден за младите, а друг за старите. Притоа, првиот служи за да се подели среќата, а вториот за да се поделат несреќата и болестите. Според него, бракот со вдовица е лош, зашто во него заповеда нејзиниот мртов сопруг кој е посилен од животот на домаќинот; во бракот со разведена жена, исто така, постои уште едне сопруг, кој е отсутен, но секогаш е поважен од другиот; мажевите на вдовиците и на разведените жени секогаш ја имаат несреќата да бидат споредувани со претходните мажи. Понатаму, според Дучиќ, во младоста, бракот е прашање на љубовта и сексуалноста, а во староста, тој е предизвикан од слабоста и од стравот од осаменост. Според старогрчкиот поет Хесиод, најдобро е човек да се ожени со чесна девојка која ќе може да ја воспита правилно; мудро е човек да се ожени во соседството; и треба да се бега, како од најголемо зло, од жената која им робува на страстите, зашто таа предвремено ќе го остари човека.[3]
Критика на бракот
уредиИсториски гледано, во повеќето култури, мажените жени имале многу малку права, заедно со деца во семејството биле сметани за имотот на мажот. Во Европа, САД, и неколку други места, од крајот на XIX век во текот на XXI век, бракот претрпе постепени законски измени, кои имаат за цел подобрување на правата на жените. Овие промени констинуираат давање на жените сопствен идентитет, укинување на правото на мажите да ги физички нападнат своите сопруги, либерализација на законите за развод итн. Овие промени се случиле пред сè во западните земји. Во XXI век, сè уште има контроверзии во однос на правниот статус на мажените жени, правни прифаќања или попустливост кон насилството во бракот (особено сексуално насилство).
Феминистичката теорија тврди дека бракот е институција традиционално вкоренета во патријархатот кој ја промовира машката супериорност и власт над жените. "Теоретски, жените ... [беа] дефинирани како сопственост на нивните сопрузи .. .. Прељуба на една жена беше секогаш построго третирана од онаа на еден маж."[4]
Традиционалниот брак наметна обврска на жената да биде сексуално достапна за нејзиниот сопруг и обврска на мажот да обезбеди материјална/финансиска поддршка за жената. Бројни филозофи, феминистки и други академски лица коментирале на ова низ историјата, се осудува лицемерието на правните и религиозните власти во однос на сексуалните прашања; што укажува на недостаток на избор на жената во однос на контрола на сопствената сексуалност; и се повлекуваат паралели помеѓу бракот, институција промовирана како света, и проституцијата, што наголемо се осудува и оцрнува (иако често се толерира како "нужно зло"). Мери Волстонкрафт, во XVIII век, го опиша бракот како "легална проституција".[5] Ема Голдман напиша во 1910: "За моралистот проституција не се состои толку многу во фактот дека жената го продава своето тело, туку дека таа се продава надвор од брак".[6] Бертранд Расел во својата книга Бракот и Моралот напишал: "Бракот е за жена најчест начин на живот, а вкупниот износ на несакан секс издржан од страна на жените е веројатно поголем во брак отколку во проституција."[7] Ангела Картер во Ноќи на Циркус напиша: "Што е бракот, освен проституцијата за еден маж, наместо за многу".[8]
Некои критичари се противат на она што тие го гледаат како пропаганда во врска со бракот - од владата, верски организации, медиуми - кои агресивно го промовираат бракот како решение за сите социјални проблеми; како пропаганда се вклучува, на пример, промоцијата на бракот во училиштата, каде што децата, особено девојчињата, се бомбардирани со позитивни информации за бракот, каде се претстави само со информации изготвени од страна на властите.[9][10]
Во САД, некои студии покажале дека, и покрај рамноправните идеали, помалку од половина од испитаните гледаат на своите врски како еднакви, во нееднакви односи се почесто присуство на доминација од страна на машкиот партнер.[11] Истражувањата исто така покажуваат дека брачни двојки имаат највисоко ниво на задоволство додека се во рамноправни односи.[11] Во последниве години, егалитарните бракови добиваат сè поголем фокус и внимание политички, економски и културно во голем број на земји.
Бракот во античкото време
уредиВо Стариот Рим, бракот се склучувал преку „confarreatioa“ во присуство на првосвештеникот (pontifex maximus), свештеникот на Јупитер (flamen Dialis) и десет сведоци. Подоцна, оваа церемонија била упростена: најпрвин, посебни свештеници (nuptiarum auspices) биле замолувани да го одредат најповолното време за склучувањето на бракот, а потоа, бракот бил склучуван со т.н. dextrarum iunctio, постапка со која невестата својата десна рака ја ставала во раката на младоженецот и така симболично ја прифаќала заедницата со него. Жената која ги донела младоженците на церемонијата и која го извршила обредот dextrarum iunctio била позната како пронуба, а таа ја носела и невестата во брачниот кревет. Потоа, младоженците му принесувале на Јупитер подарок во вид на некаква торта (panis farreus). Оваа церемонија на младоженецот му го давала правото на manus, т.е. апсолутното право над жената. Во основа, бракот не можел да се поништи, т.е. не постоела можноста за развод, а се раскинувал само со посебен обред (т.н. diffareatio).[12]
Бракот во христијанството
уредиБракот во христијанството е Света тајна во која младоженецот и невестата пред свештеникот и црквата даваат слободно ветување за својата заемна брачна верност и нивната врска се благословува како слика на блискоста на Христос со црквата и им се дава благодат која ја осветува нивната врска за заемно помагање и благословено раѓање и христијанско воспитување на деца. Според христијанските верувања, Бог уште во рајот ја осветил брачната врска кога го благословил Адам со Ева. Самата тајна се извршува во средината на црквата, пред Светиот Крст и Светото Евангелие. Две важни работи ѝ припаѓаат на видливата страна од бракот:
- свечена изјава на младоженецот и невестата пред црквата дека слободно стапуваат во брачна врска,
- свечениот благослов на нивната брачна врска-од страна на свештеникот-кој им става венци на главата
Раните христијански писатели, исто така, потврдуваат дека Евхаристијата му дава на бракот особено христијанско значење. Така, Тертулијан (2 век) пишува дека:
„ | бракот е уреден со Црквата, потврден со бескрвната Жртва (со Евхаристијата), запечатен со благословот, а на небото напишан од Ангелите Божји“ (За Неговиот живот). | “ |
Чинот на бракот како света тајна е исполнет со симболизам кој потврдува дека мажот и жената се крунисуваат еден со друг, т.е. „и двајцата постануваат едно тело“. Надворешните дејства и изгледот се потврда на духовната реалност на венчавањето. Самиот чин се состои од два дела: прстенување и крунисување. Во минатото било пракса овие два дела да се извршуваат одвоено, така што прстенувањето се извршувало на веридбата, а крунисувањето на денот на свадбата или венчавањето. Денес, тие се извршуваат заедно како една целина.
Од најстаро време, прстените претставувале симбол на бракот. Невестата и момчето ги разменуваат прстените трипати, во чест на Света Троица, симболизирајќи дека во бракот нивните дарби, таленти и великодушност, ќе ги делат еден со друг. Во Православната црква прстените се ставаат на десната рака, затоа што десната рака, според традицијата претставувала симбол на сила и почит. Променувањето на прстените ја симболизира нераскинливата врска во христијанскиот брак. По ова следува благослов даден од страна на свештеникот и менување на прстените од страна на кумот.
Бракот како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Бракот на младиот брокер“ - роман на американскиот писател Чарлс Веб.[13]
- „Брачен пар“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески од 1988 година.[14]
- „Белиот брак“ - драма на полскиот поет Тадеуш Ружевич.[15]
- „православното сирење и бракот“ - кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[16]
- „Приказните на брачниот измамник“ - расказ на чешкиот писател Карел Чапек.[17]
- „Како стапив во законски брак“ - расказ на рускиот писател Антон Павлович Чехов.[18]
- „Упатство за кандидатите за женидба“ - расказ на рускиот писател Антон Павлович Чехов.[19]
- „Златна свадба“ - песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[20]
- „Глупав брак“ (Stupid marriage) - песна на англиската рок-група Спешлс (The Specials).[21]
- „Чешањето на седмата година“ (англиски: The Seven Year Itch) - американски филм од 1955 година, во режија на Били Вајлдер.[22]
- „Брак на италијански начин“ (италијански: Matrimonio all'italiana) - италијански филм од 1964 година, во режија е на Виторио де Сика.
- „Бракот на Марија Браун“ (германски: Die Ehe von Maria Braun) — германски филм од 1979 година, во режија на Рајнер Вернер Фасбиндер.[23]
Наводи
уреди- ↑ Haviland, William A.; Prins, Harald E. L.; McBride, Bunny; Walrath, Dana (2011). Cultural Anthropology: The Human Challenge (13. изд.). Cengage Learning. ISBN 978-0-495-81178-7. "A nonethnocentric definition of marriage is a culturally sanctioned union between two or more people that establishes certain rights and obligations between the people, between them and their children, and between them and their in-laws."
- ↑ Country Reports on Human Rights Practices for 2008, Vol. 1, p. 1353, US Department of State.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 160-161.
- ↑ Evans, Tanya (2005) Women, Marriage and the Family, p. 64 in Barker, Hannah, & Elaine Chalus, eds., Women's History: Britain, 1700–1850: An Introduction, Oxon/London: Routledge, ISBN 0-415-29177-1.
- ↑ Wollstonecraft, Mary (1995). Wollstonecraft: A Vindication of the Rights of Man and a Vindication of the Rights of Woman and Hints. Cambridge University Press. ISBN 978-0-521-43633-5.
- ↑ The Traffic in Women by Emma Goldman 1910. Marxists.org. Посетено на 5 September 2013.
- ↑ Russell, Bertrand (1929). Marriage And Morals.
- ↑ Carter, Angela (1984). Nights at the circus. Chatto & Windus.
- ↑ Hardisty, Jean (2008) Marriage as a cure for poverty?. Red Sun Press, ISBN 0-915987-21-X.
- ↑ Reduce Poverty Using Proven Methods: Eliminate Federal Funding of "Marriage Promotion" and Staff HHS with Appointees Who Value All Families. arts.cornell.edu
- ↑ 11,0 11,1 Sprecher, Susan; Felmlee, Diane (1997). „The Balance of Power in Romantic Heterosexual Couples Over Time from "His" and "Her" Perspectives“. Sex Roles. 37 (5/6): 361. doi:10.1023/A:1025601423031. Архивирано од изворникот на 2011-04-30. Посетено на 2014-07-26.
- ↑ A. V., „Objašnjenja“, во: Apulej, Zlatni magarac, Dereta, Beograd, 2011, стр. 220 и 224.
- ↑ „Поговор“, во: Чарлс Веб, Дипломец, Темплум, Скопје, 2012, стр. 267.
- ↑ Блаже Конески, Црква. Скопје: Арс Ламина - публикации, 2021, стр. 23.
- ↑ „Napomena priređivača“, во: Tadeuš Ruževič, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg / Čigoja štampa, 2013, стр. 329.
- ↑ Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.
- ↑ Карел Чапек, Раскази од другиот џеб, Темплум, Скопје, 2012.
- ↑ Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 108-112.
- ↑ Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 36-41.
- ↑ Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 53-54.
- ↑ YouTube, The Specials FULL ALBUM (пристапено на 12.10.2017)
- ↑ IMDb, The Seven Year Itch (1955), Awards (пристапено на 23.9.2019)
- ↑ IMDb, The Marriage of Maria Braun (1979)Awards (пристапено на 13.6.2020)