Недовршена реченица

„Недовршена реченица“ (унгарски: Befejezetlen mondat) — роман во три тома на унгарскиот писател Тибор Дери. Романот бил напишан во периодот 1934-1937 година, но првпат бил објавен дури во 1946 година.

Создавањето на романот

уреди

Дери започнал да го пишува романот на Божиќ 1933 година, во Café de France во Виена. Првата книга ја завршил во Будимпешта во 1934 година, втората книга ја започнал есента 1934 година за време на престојот во Палма де Мајорка и на неа работел една година, додека третиот дел од романот го напишал по враќањето во Будимпешта. Притоа, пишувањето го завршил летото 1937 година, а потоа, една година вршел поправки на ракописот. Подоцна, Дери го опишал создавањето на романот со следниве зборови: „Романот е во три книги, работев на него четири и половина години, дневно просечно по 10-12 часа. За пишувањето е неопходно многу внатрешна подвижност и постојана напнатост, тоа е она што се нарекува инспирација. Не е лесно трајно да се одржува инспирацијата во текот на четири и половина години. На творечкото расположение му е потребна извонредна дисциплина за тоа да биде колку-толку успешно. Ако е тоа успешно, и ако надворешните околности се спојат со оваа внатрешност подготвеност — што е ретка, среќна случајност, особено ако тоа трае четири и половина години, тогаш писателот можеби може да ја оствари својата намера, тогаш може да се надева дека делото делумно ќе му успее.“[1]

Осврт кон делото

уреди

„Недовршена реченица“ е многу сложен роман, голема семејна фреска со многу ликови, но најважниот тек на романот зборува за паралелниот однос меѓу две класи, односно за бунтот на еден интелектуалец кој сака да ја напушти граѓанската класа и ги бара оние со кои би можел да замине во борба. За да може читателот полесно да се снајде во сложеното ткиво на романот, на почетокот од книгата писателот дава список на ликовите и нивните роднински врски.[2]

Во ова дело, на повеќе од 800 страници, Дери ја опишува револуционерната напнатост во тоа време, создавајќи богата галерија ликови: од работници посветени на класната борба, преку интелектуалци во потрага по егзистенцијалните прашања, до припадниците на буржоазијата кои доживуваат лични трагедии. Според критиката, „овој роман е напишан со „коригирана“ прустовска техника, комбинирана со иронично-есеистичкиот стил на Томас Ман. Романот „Недовршена реченица“ бил објавен дури во 1946 година и веќе тогаш било јасно дека унгарската книжевност добила големо дело.[3]

Наводи

уреди
  1. Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 16-18.
  2. Sava Babić, „Tibor Deri, stvaralac u burnim vremenima“, во: Tibor Deri, Duga topla jesen. Beograd: Nolit, 1989, стр. 20-21.
  3. David Albahari, „Tibor Deri i Niki“, во: Tibor Deri, Niki – Priča o jednom psu. Beograd: Rad, 1988, стр. 90-92.