Долга топла есен
„Долга топла есен“ (унгарски: Kedves bópeer...! Regény) — роман на унгарскиот писател Тибор Дери од 1973 година.
Содржина
уредиРаскажувачот, познат писател на возраст од околу 70 години живее во Будимпешта заедно со својот син Тамаш и со старата смејна слугника Жофија. Неговиот прв син умрел како дете, а сопругата умрела при пораѓањето на вториот син. Еден ден, кога ја забележува ерекцијата на синот, тој сфаќа дека почнува да старее и го фаќа страв од смртта, па оттогаш постојано го набљудува своето тело, барајќи траги на неизбежното пропаѓање. Во една прилика, тој оди на погребот на еден познаник чија убава жена е неговата поранешна љубовница и таму се среќава со неколку други писатели кои му се одбивни. Подоцна, при редовната посета на родителите на неговата сопруга (кои ги финансира секој месец), писателот се препознава себеси во ликот на остарениот татко на сопругата. Во обидот да се ослободи од стареењето, тој почнува да ги отфрла разните ситни навики кои ги смета за старечки. Еден ден, во времето додека Тамаш се наоѓа во Швајцарија, во неговиот стан неочекувано доаѓа Силвија Вукович, многу убава но неталентирана, млада писателка која му го нуди своето тело во замена за помош во објавувањето на нејзиниот ракопис, но притиснат од товарот на совеста, тој потфрла во љубовниот чин. Неколку дена подоцна, додека е сам во работната соба, нешто во него се прекршува и почнува да плаче по што запаѓа во неколку месечен очај и разочараност. По шест месеци, Тамаш се враќа дома, соопштувајќи му на татка си дека е оженет. Една недела подоцна, писателот ја запознава својата снаа Катарина, 17-годишна убава девојка која покажува голема симпатија кон него, иако тој се однесува непријателски кон неа. Катарина става негова слика на ѕидот од брачната соба, а кога дознава за тоа, писателот ја зема сликата по што има подолг, сентиментален разговор снаата во кој ја оплакува својата старост и така предизвикува плач кај неа. Следната зима, писателот се разболува од грип и за време на долгото закрепнување минува пријатни мигови со Катарина. Дури тогаш, тој сфаќа колку му е мила снаата и потполно ужива само во нејзиното присуство. Меѓутоа, кога Катарина забременува, тие се селат во друг стан. Така, писателот и Жофија остануваат сами во куќата, а тој му се враќа на своето најголемо животно задоволство — пишувањето.[1]
Осврт кон делото
уредиВо краткиот роман „Долга топла есен“, авторот го воведува читателот во внатрешниот живот на еден остарен, намќорест и сентиментален писател кој се заљубува во својата млада снаа. Притоа, Дери покажува восхитувачка виртуозност во прикажувањето на патетичното соочување на еден човек кој старее со својата судбина. Оттука, оваа книга не дава само повод за размислување, туку и слика на многубројните пресврти на еден возбудлив судир, прикажувајќи го како од неговата возвишена, така и од смешната страна. Таквото двојство е пренесено и во текстот во кој достоинствениот тон често е измешан со „народски“ изрази, така што во приказната доаѓа до израз горкиот хумор кој никогаш не е преостар. Дери попатно ни ги открива своите оригинални погледи на староста и на начините за нејзиното „надминување“, но исто така и своите погледи за книжевното творештво, книжевните кланови и женската психологија. Најпосле, иако е претежно напишан на реалистичен начин, некои детали во романот овозможуваат да се доживее атмосферата на волшебниот свет на фантазијата, кој претставува единственото можно засолниште за опаѓањето на телото и на духот.[2]