Новаци

село во Општина Новаци, Македонија

Новаци — село и административно седиште на истоимената општина, во областа Пелагонија, во околината на градот Битола.

Новаци

Поглед на селото со РЕК „Битола“

Новаци во рамките на Македонија
Новаци
Местоположба на Новаци во Македонија
Новаци на карта

Карта

Координати 41°2′30″N 21°27′21″E / 41.04167° СГШ; 21.45583° ИГД / 41.04167; 21.45583
Регион  Пелагониски
Општина  Новаци
Област Пелагонија
Население 1.107 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7211
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02083, 02583
Надм. вис. 576 м
Слава Св. Атанасиј Летен
Новаци на општинската карта

Атарот на Новаци во рамките на општината
Новаци на Ризницата

Претставува едно од најголемите села во Битолско и Битолското Поле. Лежи на регионалниот пат 1311 кој води од Битола преку Селечка Планина за битолскиот дел на Мариово.

Потекло и значење на името

уреди

Името на селото првпат е запишано како Новак или Новаци во турски документи од 1468 година. Името се поврзува со множинската форма на личното име Новак, но и со новак со значење на новодојден. Како друго објаснување за името стои дека Новаци можело да значи „место каде што живеат луѓе кои потекнуваат од Новак“.[2]

За името на селото постои и легенда според која селото се создало подоцна од околните села, па затоа останатите започнале да ги нарекуваат новаци (како новодојдени), име кое со текот на времето се пренело и на селото. Друга претпоставка е дека доаѓа од името на првиот жител на ова место Новак, кој прв со своето семејство се населил на овие простори.[3]

Географија и местоположба

уреди
 
Улица во селото

Новаци е големо село, сместено во средишниот дел на Битолското Поле и претставува седиште на истоимената општина. Се наоѓа на регионалниот пат 1311, кој води за битолскиот дел на Мариово. Низ селото поминува и регионалниот пат 2340 кој се движи низ Пелагонија.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 576 метри. Од градот Битола е оддалечено 11 километри.[4]

Новаци е големо полско село распослано долж патот Битола-Мариово. Се наоѓа на работ од некогашното Рибарско Блато. Во минатото, водата за пиење ја добивало од 70 пумпи, длабоки и до 7 метри, како и од неколку бунари.[5]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Цуцулица, Мост, Делои, Песоци, Табачица, Чачорица, Лакоица и други.[5]

Селото има збиен тип, поделено на три маала: Горно, Долно и Горни Куќи. Првите две маала се едно до друго и се постариот дел од селото, додека маалото Горни Куќи е малку издвоено кон исток. Таму биле населени колонизаторските родови.[5]

Често било поплавувано од Суводолска Река, која нанесувала големи штети на нивите и на куќите. Исто така, дел од селските куќи понекогаш ги поплавува и реката Црна.[5]

Историја

уреди
 
Ровови за време на борбите во Првата светска војна

Во самото село, но и околу него, нема остатоци на старини. Во него нема ни староседелско население, со што се потврдува дека денешното село не е старо село. Новаци од самото основање се наоѓа на истото место. Мештаните еднаш морале да живеат во колиби во месноста Табачица, поради појава на чума.[5]

Според кажувањата на постарите новачани, на сегашната територија на Новаци многу години наназад се простирала огромна бара, при што тој дел не бил воопшто населен. Со повлекувањето на водата од барата тука се појавила плодна почва при што голем број луѓе почнале да се доселуваат во овој дел.[5]

Во отоманските документи, селото се споменува во 1636 година (помеѓу 2 и 12 септември) во една изјава за купопродажба. Во овој документ е запишано дека Мехмед Челеби изјавува пред судот дека својот чифлик во с. Новаци (Битолско), му го продал на Ибрахим-ага за 9.000 акчиња.[6]

Во 1912 година, Новаци било мало и чифчијско село. Во него постоеле неколку чифлици, кои биле во сопственост на битолски Турци и на еден битолски Влав.[5]

За време на Балканските војни и за време на Првата светска војна, селото било двапати разурнато, односно во 1912 и во 1916 година. Мештаните си оделе, па се враќале двата пати.[5] Во 1912 година, во Првата балканска војна, во селото се воделе тешки борби во склоп на битката кај Битола.

По Првата светска војна, за време на Кралството Југославија на државна земја биле донесени 19 колонизаторски семејства (12 српски, 4 германски и 3 унгарски). Тие биле протерани за време на Втората светска војна.[5]

Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[7]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 12 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 980 хектари, на пасиштата отпаѓаат 111 хектар, додека шумско земјиште нема.[4]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото има продавници и угостителски објекти.[4]

Во 1925 година во селото бил создаден државниот комбинат „Прогрес“, кој по Втората светска војна бил проширен со одземање на земја од селаните во Новаци, како и од селата Горно и Долно Агларци, Добромири и Суводол.[5]

Селото има карактеристична полјоделска функција, поради тоа што неговото население се занимава главно со земјоделство (одгледување жито).

Во близина на Новаци се наоѓа рударско-енергетскиот комбинат РЕК Битола, најголемата подружница во составот на АД Електрани на Македонија, како и фабриката ФОД „Новаци“, па еден дел од населението е вработено и во овие индустриски капацитети.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948629—    
1953806+28.1%
19611.048+30.0%
19711.207+15.2%
19811.405+16.4%
ГодинаНас.±%
19911.404−0.1%
19941.279−8.9%
20021.283+0.3%
20211.107−13.7%
 
Жена во народна носија

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Новаци живееле 450 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ноаци имало 440 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Новаци се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 50 куќи.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[11]

Новаци е големо село со позитивен популациски биланс. Така, во 1961 година Новаци броело 1.048 жители, од кои 1.044 биле Македонци и 4 жители Срби. Во 1994 година бројот се зголемил на 1.279 жители, главно, македонско население.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Новаци живееле 1.283 жители, од кои 1.281 Македонец и 2 останати.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.107 жители, од кои 1.041 Македонец, 3 Албанци, 3 Срби, 6 останати и 54 лица без податоци.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 450 440 629 806 1.048 1.207 1.405 1.404 1.279 1.283 1.107
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Родови

уреди

Новаци е македонско православно село, а помеѓу двете светски војни, српската власт населила неколку колонистички семејства во Новаци, сите родови во селото се доселенички.[5]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1956 година родови во селото се:

  • Постари македонски родови: Василевци (10 к.) и Врањата (2 к.), потекнуваат од ист предок, доселени се средината на XIX век од Градешница во Мариово; Босилковци (4 к.), Дамјановци (1 к.) , "Пројчевци" и Соколевци (1 к.), доселени се однекаде.
  • Македонски родови доселени од крајот на XIX и почетокот на XX век: Деспотовци (3 к.) и Трифуновци (2 к.), доселени се од прилепското село Бела Црква; Здравевци (4 к.), доселени се од селото Добромири; Санкевци (7 к.), Крушковци (5 к.) и Беговци (5 к.), доселени се од селото Горно Агларци; Паторовци (3 к.) и Трапчиновци (4 к.), доселени се од селото Трап, вториот род во Трап потекнува од староседелци; Тантаровци (8 к.) и Зајаковци (4 к.), доселени се од Добромири; Џоџевци (4 к.) и Млазникашовци (2 к.), доселени се од Црничани, подалечно потекло им е од Охридско; Суводолци (3 к.), доселени се од селото Суводол; Крлевци (2 к.), доселени се од селото Баница во Леринско, сега во Грција; Опинчиновци (1 к.), доселени се од соседното село Биљаник; Кафеџиовци (1 к.) и Коларовци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен однекаде; Гламновци (4 к.), доселени се од Мегленци, каде биле староседелци; Куклевци (1 к.), доселени се од Алинци и Поповци (1 к.), доселени се однекаде.
  • Најмлади доселеници од 1918 г. до денес: Китановци (2 к.), доселени се 1922 од селото Песочница кај Лерин; Вировци (5 к.), доселени се од селото Вирово во Железник; Лесковчанци (2 к.), доселени се од селото Лесково во Железник; Бојиштамци (2 к.), доселени се од селото Боиште во Железник; Железничанци (3 к.), доселени се од селото Железнец во Железник; Опеничанци (1 к.), доселени се од селото Опеница во Охридско; Хисарци (5 к.), доселени се од некое село во Железник; Губидуша (1 к.), доселени се 1954 година од селото Душегубица кај Кичево; Мурковци (1 к.), доселени се од селото Добромири; Бошковци (1 к.), доселени се од селото Чаништа во Мариово; Даринка (1 к.), доселени се од селото Вевчани во Струшко и Урлапан (1 к.), доселени се од Битола.
  • Српски колонистички семејства се: Матичевци (2 к.), доселени се после Првата светска војна од Ужичка Пожега и Јанчинци (2 к.), доселени се од околината на Пирот.

Иселеништво

уреди

Во Втората светска војна, во Србија заминале колонизаторските семејства Цанковиќи, Богдановиќи, Вулетиќи, Милутин, Драгутин, додека германските семејства заминале во Австрија.[5]

Од Добромири иселеници има на следните места: Ласковци (3 к.) се иселиле во Олевени, Петрески (2 к.) живеат во Долно Егри, Стојаноски (1 к.) живеат во Гнеотино, Беловолновци (3 к.) живеат во Логоварди, Ванчовци (2 к.), Таневци (2 к.), Копановци (1 к.), Тасески (1 к.) и Винарот (1 к.), се иселиле во Оптичари. Од родот Коларовци едно семејство заминало во Битола. Сосем се иселил родот Белчевци.[5]

По 1960-тите години започнал бран на емиграција. Бројот на иселени лица изнесува над 500 лица. Најмногу се иселени во градовите Битола, Прилеп и Скопје, како и во прекуокеанските земји и во Европа.[3]

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди

Во XIX век, Новаци било село во Битолската каза на Отоманското Царство.

Селото било седиште на истоимената општина, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било седиште на некогашната општина Новаци.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било седиште на тогашната општина Новаци.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Новаци, во која покрај селото Новаци, се наоѓале и селата Балдовенци, Биљаник, Врановци, Гнеотино, Горно Агларци, Грумази, Добромири, Долно Агларци, Мегленци, Ново Село, Долно Орехово, Паралево, Рибарци, Суводол и Тепавци. Општината Новаци постоела и во периодот 1950-1952, во која влегувале следниве села: Билјаник, Добромири, Новаци и Рибарци.

Избирачко место

уреди

Во селото постојат избирачките места бр. 0161 и 0161/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на салата.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 992 гласачи.[19] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 988 гласачи.[20]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[21]
  • Тумба — населба од бронзено време.
Цркви[22]

Во февруари 2015 година, за време на големата поплава предизвикана од излевањето на Црна Река, црквата посветена на Пресвета Богородица била поплавена при што биле уништени фреските.[24]

Во минатото во селото постоела уште една црква на местото на денешното старо училиште, за која мештаните кажуваат дека се водела како грчка.[5]

Манастири
Споменици[4]
  • Споменик во чест на НОБ

Редовни настани

уреди
Слави[3]

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Новаци

Култура и спорт

уреди

Во селото работи ФК Новаци, создаден во 1956 година.[26] Долг период игра во Втората македонска фудбалска лига. Во 2006 година клубот испаѓа во Третата македонска фудбалска лига и само по две сезони (2008 г.) Новаци успева да ја продолжи традицијата и повторно се враќа во Втората лига.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 117. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-12-01. Посетено на 2021-11-25.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 210. Посетено на 25 ноември 2021.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 5,13 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  6. Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр.30
  7. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  8. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 237
  9. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 166-167.
  10. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 11.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 25 ноември 2011.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 25 ноември 2021.
  21. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 37. ISBN 9989-649-28-6.
  22. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  23. „Цркви“. visitpelagonia.mk. Архивирано од изворникот на 2013-10-03. Посетено на 27 февруари 2014 г. Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help)
  24. „Црна го потопи и храмот „Пресвета Богородица“ во Пелагонија“, Дневник, година XIX, број 5685, петок, 6 февруари 2015, стр. 17.
  25. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  26. „Најди клуб“. ФФМ. Архивирано од изворникот на 2021-10-09. Посетено на 25 ноември 2021.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди