Долно Агларци
Долно Агларци — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.
Долно Агларци | |
Поглед на селото | |
Координати 41°5′33″N 21°28′13″E / 41.09250° СГШ; 21.47028° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Новаци |
Население | 116 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7211 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02040 |
Надм. вис. | 577 м |
Слава | Света Троица Велигден |
Долно Агларци на општинската карта Атарот на Долно Агларци во рамките на општината | |
Долно Агларци на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото се поврзува со фактот дека селото било чифлигарско село, кое го држел некој ага, па затоа околните жители го викале Агларци. Наречено е Долно Агларци, за да се разликува од соседното Горно Агларци, со кое во минатото биле едно село.[2]
Низ годините се сретнувале имињата Лаглар, Агаларце и Агларце.[2] Исто така, турските власти го користеле и името Имерлер.[3]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа речиси во средишниот дел на Битолското Поле, од левата страна на Црна Река, во северозападниот дел на територијата на Општина Новаци.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 582 метри. Низ селото поминува регионалниот пат 2340, кој води за битолско Мариово и се движи низ Пелагонија. Од градот Битола е оддалечено 21 километар.[4] Од општинското средиште Новаци е оддалечено 5 километри.[2]
Долно Агларци е рамничарско и е сместено веднаш до соседното Горно Агларци, во непосредна близина на реката Црна. Друго соседно село е Далбеговци. Вода за пиење во минатото се обезбедувала од еден бунар, иако и самите мештани поседувале бунари со вода, која не била исправна за пиење.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Карталица, Аџиица, Мртвица, Дукојца, Новиње и Чешмиште.[3]
Селото има збиен тип поделено на Горно и Долно Маало.[3]
Историја
уредиНа месноста Карталица се наоѓаат две тумби, од кои едната денес е изорана. На таа тумба, мештаните наоѓале стари пари, ќерамитки и камен, поради што тврдат дека некогаш се наоѓало село. На другата тумба се наоѓале гробиштата на три села, Долно Агларци, Горно Агларци и Далбеговци. Овие гробишта биле напуштени во 1878 година, кога била изградена новата заедничка црква помеѓу Долно и Горно Агларци и таму биле основани нови гробишта.[3]
Првпат селото е споменато во турските дефтери од XVI век под името Лаглар, во кое живееле девет турски семејства.[2]
Денешните села, Горно и Долно Агларци, се основани во отоманскиот период. Покрај овие имиња, во тој период се употребувале и други називи за селата. Така, за Горно Агларци се користело името Алиалар, додека за Долно Агларци се користело Имерлер.[3] За делењето на селата се претпоставува дека со делењето на имотите, некои останале понаисток и го создале Горно, додека другите отишле кон запад и го создале Долно Агларци.[2]
Во Долно Агларци најстари се родовите Кајмакамовци, Рашковци и Богдановци, додека другите доаѓале по нив. До крајот на отоманскиот период, сите родови работеле на чифлиците.[3]
Стопанство
уредиАтарот на Долно и Горно Агларци бил заеднички до 1939 година.[3]
Атарот е мошне мал и зафаќа простор од 3,2 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 286,7 хектари, на пасиштата отпаѓаат 14,7 хектари, додека шумско земјиште нема.[4]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[4]
Во селото имало неколку чифлици, кои отпрвин биле во посед на тројца, а до 1912 година бројот се зголемил на десет сахибии, сите од Битола. Мештаните поради малиот атар купувале ниви и надвор од нивниот атар.[3]
По Втората светска војна, селото било особено во развој, со голем број стока и обработливо земјиште.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Агларци живееле 230 жители, од кои 170 Македонци и 60 Турци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долно Агларци имало 176 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Долно Агларци се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 22 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[8]
Од Долно Агларци се иселило речиси половина од неговото население, така што, тоа преминало од средно во мало село. Во 1961 година, селото броело 416 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 183 жители, македонско население.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото Долно Агларци живееле 167 жители, сите Македонци.[9]
Во 2019 година по неофицијални податоци во селото живееле околу 140 жители.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 116 жители, од кои 100 Македонци, 2 Албанци, 1 останат и 13 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 230 | 176 | 406 | 439 | 416 | 390 | 368 | 269 | 183 | 167 | 116 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиДолно Агларци е македонско село.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1953 година родови во селото се:
- Доселеници: Кајмаковци (4 к.), доселени се однекаде; Богдановци (7 к.) и Рашковци (2 к.), тие се гранка од родот Клештовци во Горно Агларци; Спасевци (2 к.), Араковци (5 к.), Чорбевци (5 к.), Апчевци (2 к.) и Спанчевци (1 к.), доселени се однекаде; Пројовци (6 к.), доселени се од некое место во денешна Грција; Волкановци (2 к.), од Дедебалци се населиле во Арматуш, а од Арматуш во 1908 година во денешното село; Романовци (6 к.), доселени се од Горно Агларци, каде имаат истоимени роднини; Кајларовци (1 к.), доселени се во турско време од околината на Кајлари во Грција; Головодовци (6 к.), потекнуваат од предокот Китан кој бил донесен од селото Далбеговци; Гунгуловци (3 к.), доселени се во 1910 година од селото Поешево; Мијовци (2 к.), доселени се од Добрушево и Борис (1 к.), доселени однекаде.
Иселеништво
уредиОд Долно Агларци иселеници има на следните места: Калајџиовци (3 к.), Клештовци (3 к.) и Апчевци (2 к.) се иселиле во селото Добромири; Шиндевци (6 к.) преминале во Горно Агларци; Домузовци (3 к.) живеат во Дедебалци. Од родот Кајларовци има иселеници во Логоварди и во Прилеп.[3]
Бројот на иселеници од селото изнесува над 300 лица. Најмногу се иселени во градовите Битола, Прилеп и Скопје, како и во прекуокеанските земји и Европа.[2]
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Славко Лумбарковски“, подрачно петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Славко Лумбарковски“ - Новаци
Самоуправа и политика
уредиВо XIX век, Долно Агларци било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната општина Новаци.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Новаци.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Новаци, во која покрај селото Долно Агларци, се наоѓале и селата Балдовенци, Биљаник, Врановци, Гнеотино, Горно Агларци, Грумази, Добромири, Мегленци, Новаци, Ново Село, Долно Орехово, Паралево, Рибарци, Суводол и Тепавци. Селото било дел од некогашната општина Дедебалци во периодот 1950-1952, во која влегувале следниве села: Арматуш, Горно Агларци, Далбеговци, Дедебалци, Долно Агларци и Црничани.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0159 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на објект на општината.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 141 гласач.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 138 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[18]
- Тумба — некропола од средниот век;
- Тумба Гробишта — населба од бронзено време;
- Смаилица — населба и некропола од средниот век; и
- Долна Тумба — населба од неолитско време.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Петар и Павле“ — главната селска црква, таа е заедничка за Горно и Долно Агларци, сместена помеѓу двете села.
- Параклиси
- Параклис „Св. Петка“ — параклис во близина на селото.
Редовни настани
уреди- Слави
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Долно Агларци
- Илија Велјановски - Чорба — иселеник во Австралија. Голем хуманист и македонски активист.
Галерија
уреди-
Детски парк
-
Поглед на селото
-
Куќи во селото
-
Куќи во селото
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-12-01. Посетено на 2021-11-18.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 104. Посетено на 18 ноември 2021.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 237.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 166-167.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 18 ноември 2011.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 18 ноември 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 29. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Долно Агларци на Ризницата ?