Бела Црква

село во Општина Кривогаштани, Македонија

Бела Црква — село во Општина Кривогаштани, во околината на градот Прилеп.

Бела Црква

Регионалниот пат 2339 низ Бела Црква

Бела Црква во рамките на Македонија
Бела Црква
Местоположба на Бела Црква во Македонија
Бела Црква на карта

Карта

Координати 41°16′50″N 21°20′43″E / 41.28056° СГШ; 21.34528° ИГД / 41.28056; 21.34528
Регион  Пелагониски
Општина  Кривогаштани
Област Прилепско Поле
Население 442 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7525
Повик. бр. 048
Шифра на КО 20003
Надм. вис. 603 м
Слава Мала Богородица
Бела Црква на општинската карта

Атарот на Бела Црква во рамките на општината
Бела Црква на Ризницата

Потекло и значење на името

уреди

Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Бела Црква во XIV век (1335 г.). Името доаѓа од бел со значење „што има боја на снег, на млеко“ и црква со значење „христијански храм“.[2] Ова значење се поклопува со кажувањето на мештаните, дека името на селото доаѓа од белите ѕидови на селската црква, за која се верува дека е доста стара.[3]

Според легенда, пак, пред многу години, за време на голема поплава на Црна Река кога сѐ било поплавено и не се гледало ништо во рамнината освен една бела црква и луѓето се собрале таму, па местото останало да се вика Бела Црква.

Географија и местоположба

уреди
 
Влезот во селото од кај Воѓани, со кое буквално се споени

Селото се наоѓа во крајниот југозападен дел на Прилепското Поле, а на јужната страна на Општина Кривогаштани, чиј атар се допира со подрачјето на општините Могила и Крушево.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 603 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 28 километри,[4] додека од општинското средиште Кривогаштани е оддалечено 9 километри. Селото е споено со соседното село Воѓани, но отсекогаш се сметале за посебни села.[3]

Низ селото поминува регионалниот пат 2339, кој ја поврзува Пелагонија со Железник.

Селото се наоѓа во најплодниот дел на Прилепското Поле, покрај коритото на реката Црна. Околни села се Воѓани, Обршани и Пашино Рувци. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Сува Река, Висои, Кукларица, Маџарица, Гола Нива, Бел Камен, Мртвица, Јазо, Друм и Коњска Нива.[3]

Селото има збиен тип, поделено на три маала: Танушевско, Сидоровско и Шереметовско или Кукеско Маало. Маалата се одвоени со улици.[3]

Во минатото, Црна Река течела преку Бела Црква во Обршани. Овој крак денес е наречен Сува Река и тој порано се вливал во Блато.[3]

Историја

уреди

Во селската црква на Бела Црква се наоѓа соѕидан натпис во кој се споменува древниот град Алкомена, додека во селото Чепигово се споменува градот Дериопос, поради што се претпоставува дека тие места несомнено се наоѓале близу денешните села.[3]

Во пишаните извори, Бела Црква за првпат се споменува во 1335 година, кога кралот Стефан Душан го прилoжил селото на манастирот Трескавец. Следното споменување е во турските документи во периодот 1650-1750 година.[3]

При копање на селските бунари, мештаните наоѓале големи земјени ќупови, а еден таков ќуп се чувал на влезот во црквата. За црквата се верува дека е подигната уште во времето на Крале Марко.[3]

Денешното село го основале македонски доселеници, кои дошле од планините. Тоа биле браќата Петре и Митре. Земјата на која дошле не била обработувана. Од едниот брат потекнуваат родовите Кукевци и Грујовци (кои слават Митровден), додека од другиот брат се родовите Станковци и Шипинковци (кои слават Петковден).[3]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 4,5 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 343,2 хектари, на пасиштата отпаѓаат 16 хектари, а на шумите отпаѓаат само 0,2 хектари.[4]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото постојат продавници и угостителски објекти.[4]

За време на отоманскиот период, селаните работеле на свои ниви, а само едно семејство работело на чифлиг. Пред крајот на отоманскиот период, еден битолски Турчин основал чифлиг на површина од 10 хектари. Земјата ја купил од Ујгуновци, кои се иселиле.[3]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948882—    
1953930+5.4%
1961907−2.5%
1971831−8.4%
1981807−2.9%
ГодинаНас.±%
1991687−14.9%
1994530−22.9%
2002498−6.0%
2021442−11.2%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бела Црква живееле 500 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бела Црква имало 352 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Бела Црква се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 48 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[8]

Бела Црква е добро населено, но со намалување на бројот на жители. Така, во 1961 година селото броело 907 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 530 жители, македонско население.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Бела Црква живееле 498 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 442 жители, од кои 427 Македонци и 15 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 500 352 882 930 907 831 807 687 530 498 442
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Бела Црква е македонско село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1955 година родови во селото се:

  • Доселеници: Кукевци или Шереметковци (30 к.), Грујовци (1 к.), Станковци (20 к.) и Шипинковци (13 к.), потекнуваат од основачот на селото. Доселени се од селото Смилево во Железник. Не се по потекло Мијаци; Танушевци (17 к.), доселени се од селото Лесково во Железник. Имаат иселеници во Воѓани (Ѓоревци и Благодушовци); Шефтеровци (27 к.), за нив се мисли дека се доселени од некое село во Охридско; Сидоровци (8 к.), деленици се од Танушевци и Трпеновци (3 к.), доселени се од Крушево. Таму имаат роднини.

Иселеништво

уреди

Се знае за следниве иселеници од Бела Црква: Ѓоревци (16 к.), Чалевци (7 к.), Никовци (6 к.), Сидоровци (5 к.), Попевци (2 к.), Благодушовци (2 к.), Кукевци (1 к.), живеат во Воѓани; Деспотовци (3 к.) и Трипуновци (2 к.), живеат во Новаци; Пачешки (4 к.), живеат во Бучин; Бежановци (2 к.), живеат во Пашино Рувци; Пусовци (5 к.), живеат во Свето Митрани; Белоцркванци (2 к.), живеат во Чепигово; Петковци (2 к.), живеат во Присад; Горјановци (2 к.), живеат во Свето Тодори; Јанчевци (5 к.) и Емровци (2 к.), живеат во Беровци. Од родот Грујовци има иселеници во Прилеп, од родот Трпеновци има иселеници во Могила. Целосно е иселен родот Ујгиновци.[3]

Од селото Бела Црква има многу луѓе кои живеат во странство како во: Америка, Австралија, Канада и други држави.

Општествени установи

уреди
 
Основното училиште во селото

Самоуправа и политика

уреди

Во XIX век, Бела Црква било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Кривогаштани, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Кривогаштани.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната Општина Кривогаштани.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Бела Црква, во која покрај селото Бела Црква, се наоѓале и селата Бучин, Воѓани, Обршани, Пашино Рувци, Пресил и Света. Општината Бела Црква постоела и во периодот 1950-1952.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1514 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на младинскиот дом.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 391 гласач.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 377 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Успение на Пресвета Богородица“
Археолошки наоѓалишта[18]
Цркви[19]
Споменици
  • Споменик во чест на НОБ.

Редовни настани

уреди
Слави

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Бела Црква
Жртви во војната 1941-1945[23]
  • Атанас Моцаноски (1911 — 1944), во НОБ, кај Институтот во Прилеп
  • Божин Момирчески (1906 — 1941) во Априлска војна, кај Ѓавато
  • Трајче Шипинкоски (1907 — 1944) во НОБ, кај Ивањевци


Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 85. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 23. Посетено на 3 јануари 2022.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 237.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.166-167.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 14.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 14 декември 2021.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 3 јануари 2022.
  18. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 280. ISBN 9989-649-28-6.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  21. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  22. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  23. Žrtve rata 1941-1945 (PDF). Muzej žrtava genocida Beograd. 1997. стр. 214.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди