Алинци (Битолско)

село во Општина Могила

Алинци — село во областа Пелагонија, во Општина Могила, во околината на градот Битола.

Алинци

Панорама на селото Алинци

Алинци во рамките на Македонија
Алинци
Местоположба на Алинци во Македонија
Алинци на карта

Карта

Координати 41°09′03″N 21°30′20″E / 41.15083° СГШ; 21.50556° ИГД / 41.15083; 21.50556
Регион  Пелагониски
Општина  Могила
Област Пелагонија
Население 53 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7215
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02001
Надм. вис. 596 м
Слава Велигден
Алинци на општинската карта

Атарот на Алинци во рамките на општината
Алинци на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Некогашна селска чешма на влезот во селото

Селото се наоѓа во Пелагонија, во крајниот северен дел на Битолското Поле, во источниот дел на територијата на Општина Могила.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 604 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 26 километри.[2]

Алинци е вистинско полско село во североисточниот дел на Битолското Поле. Понекогаш е нарекувано и Пусто Алинци. Околни села се: Мусинци, Путурус, Добрушево и други.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Тепеџик, Слатина, Гладно Поле, Преку Река, Дедебалски Ливади, Војнојци, Кривите, Рулица, Коловозник и Лозје.[3]

Селото има збиен тип. Не се дели на маала.[3]

Историја

уреди

Селото првпат е споменато во турските дефтери од 1468 година. Тогаш било мало село и имало црква посветена на Света Ана.[4]

Помеѓу мештаните се верува дека селата Алинци и Мусинци настанале во втората половина на XVIII век. На местото кое било „пустелија“ дошле двајца браќа, Алија и Мусо. Поради ова, порано во топографските карти селата биле именувани како Али Оба и Муса Оба.[3]

Во XIX век, Алинци било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.

Во селото повеќе нема Турци, кои се раселиле во текот на XIX век. До крајот на Првата светска војна постоеле „арапски“ гробишта на иселените Турци. Каменот од надгробните споменици бил подоцна искористен од мештаните на селото Добрушево за изградба на училиштето и за мостови.[3]

Вкупно 8 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]

Стопанство

уреди

Атарот е мошне мал и зафаќа простор од 4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 327,3 хектари, на пасиштата отпаѓаат 41,2 хектари, а на шумите само 4,4 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948202—    
1953238+17.8%
1961276+16.0%
1971260−5.8%
1981196−24.6%
ГодинаНас.±%
1991121−38.3%
199479−34.7%
200257−27.8%
202153−7.0%

Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Алинци било село со 25 домаќинства и 129 жители.[6]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Алинци живееле 264 жители, сите Македонци, од кои обележани се како 150 во Долно Алинци и 114 во Пусто Алинци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Алинци имало 96 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Пусто Алинци се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 12 куќи.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[10]

Селото е мало и во 1961 година броело 276 жители, а во 1994 година 79 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Алинци живееле 57 жители, сите Македонци.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 53 жители, од кои 36 Македонци и 17 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 264 96 202 238 276 260 196 121 79 57 53
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Алинци е православно македонско село. Некогаш било основано како турско село, но подоцна Турците го напуштиле селото. Денес, во селото живеат доселени македонски родови.[3]

Родови во селото се: Паламидовци (6 к.), први доселеници, местото на старина не го знаат; Минчевци (9 к.), доселени се од селото Доленци, Железник; Сиџимовци (3 к.), доселени се од Канатларци, таму обработувале земја на еден текија; Аспровци (3 к.), доселени се средината на XIX век од селото Добрушево; Димовци (1 к.), потекнуваат од „раненик“ кој бил од селото, сега населба Варош,Прилеп; Симоновци (1 к.), доселени се од Битола; Анѓеловци (1 к.), доселени се од соседното село Мојно; Измировци (2 к.), доселени се од Добрушево, имаат деленици во Дедебалци, подалечно потекло од Бучин и Шутаковци (2 к.), доселени се од споменатото село Дедебалци.

Општествени установи

уреди
 
Некогашното основно училиште
  • Поранешно основно училиште
  • Месна заедница

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Добрушево.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Тополчани.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Будаково, во која селото Алинци, се наоѓале и селата Арматуш, Будаково, Горно Чарлија, Далбеговци, Дедебалци, Добрушево, Долна Чарлија, Мусинци, Ношпал, Путурус, Радобор, Трап и Црничани. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од Општина Будаково, во која влегувале селата Алинци, Будаково, Путурус, Радобор и Трап.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0222 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 50 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 45 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[20]

Редовни настани

уреди
  • Велигден — селска слава на првиот ден на Велигден

Иселеништво

уреди

Од селото има повеќе иселеници низ селата во Пелагонија. Тоа се: Куклевци (1 к.), живеат во селото Новаци; Козаровци (1 к.), живеат во селото Тополчани; Пупевци (9 к.), Гудевци (4 к.) и Нечковци (3 к.), исто така, живеат во Новаци; Аспровци (1 к.), живеат во соседното село Мусинци; од родот Шутаковци има иселеници во Долно Оризари, избегале од Турците и од родот Паламидовци има иселеници во селото Логоварди.[3]

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 11. Посетено на 7 август 2019.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  4. „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2020-06-30. Посетено на 2019-08-10.
  5. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  6. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 76-77.
  7. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 246-247.
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 150-151.
  9. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 август 2019.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 7 август 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-08-07. Посетено на 7 август 2019.
  19. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 октомври 2021.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди