Мегленци
Мегленци — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.
Мегленци | |
![]() Поглед на селото | |
Координати 41°04′49″N 21°31′39″E / 41.08028° СГШ; 21.52750° ИГДКоординати: 41°04′49″N 21°31′39″E / 41.08028° СГШ; 21.52750° ИГД | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Население | 1 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7211 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02077 |
Надм. вис. | 740 м |
![]() |
Потекло и значење на името Уреди
Името на селото се поврзува со планината Меглен. Исто така, можно е името да доаѓа од тоа што селото многу често има магла, па затоа жителите почнале да го викаат селото Магленци.[2]
Географија и местоположба Уреди
Селото се наоѓа во источниот дел на Битолското Поле, во северниот дел на територијата на Општина Новаци.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 740 метри. Селото се наоѓа недалеку од регионалниот пат 1311 помеѓу Новаци и Маково, а од градот Битола е оддалечено 19 километри.[3] Од општинското средиште Новаци е оддалечено околу осум километри.[2]
Мегленци е мало на работ од котлината, а околни села се Арматуш, Суводол, Долно Орехово и Агларци. Во селото извираат два извори, кои се соѕидани во чешми наречени Врбоец и Чешма. Во атарот на селото се изворите: Корилово, Сува Ливада, Голем Кладенец, Ѓурков Кладенец, Мешово Кладенче и Шалов Кладенец.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Кула, Чаула, Долг Камен, Мочарка, Ливаѓе, Стара Падарница, Црковна Ораница, Стари Лозја, Милошица, Бубаќ, Огледник, Дуњето, Чекут, Брего, Кранчејца, Пејчоа Ливада, Градиште, Јазлиње, Присој, Косматка, Игралиште, Калуѓер и Самар.[4]
Селото има збиен тип. Куќите се групирани во три маала и во секое од нив живеат припадници на два рода. Во Долно Маало живеат Главиновци и Мошевци, во Средно Маало живеат Пејчевци и Белевци, додека во Горно Маало живеат Крушковци и Чолаковци.[4]
Во непосредна близина на селото се наоѓа несанитарната депонија за општините Битола, Новаци и Могила, која ја загадува околината.[5]
Историја Уреди
Селото Мегленци е старо село, веројатно средновековно. Во него се зачувани неколку староседелски родови.[4]
Јужно од селото се наоѓа брдото Градиште, за кое мештаните веруваат дека таму некогаш се наоѓал град. На месноста се наоѓаат остатоци на ѕидови направени од камен и тули, како и бакарни пари, ќерамиди и други старини.[4]
На месноста Кула, сместена на 1.102 метри, во текот на Првата светска војна се наоѓало едно од главните упоришта на бугарската и германската војска. Во војната, Мегленци било под италијанска контрола, додека соседното село Арматуш било под бугарска контрола. Тогаш, италијанската војска го користела брдото Градиште, каде ископале големо складиште и вршеле набљудувања над Германците и Бугарите. За време на војната, 20 семејства од селото биле преселени во Живојно. Многу селски куќи настрадале при воените дејствија. По војната, сите жители се вратиле во селото.[4]
На местото на селските гробишта, оддалечени околу 500 метри северно од селото, мештаните тврдат дека имало стара црква. На местото се познаваат темели, а на тоа место мештаните палат свеќи на Духовден и делат храна за починатите. Крај денешните гробишта се наоѓаат и остатоци на многу стари гробови.[4]
Во XIX век, во селото работел чифлиг на Емин-ага од Битола.[4]
Стопанство Уреди
Атарот зафаќа простор од 8,2 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 494 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 297 хектари, а на шумите 17 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]
Дури и за време на отоманскиот период и за време на постоењето на чифлигот на Емин-ага, староседелските родови во селото поседувале своја земја.[4]
Население Уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мегленци живееле 190 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Мегленци имало 144 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
Селото е во фаза на раселување, бидејќи во 1961 година броело 320 жители, а во 1994 година само 43 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Мегленци живееле 20 жители, сите Македонци.[8]
Според неслужбени податоци, во 2008 година во селото имало 12 жители, додека во 2018 година селото броело помалку од 5 постојани жители.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Македонец.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 190 | 144 | 263 | 311 | 320 | 233 | 214 | 46 | 43 | 20 | 1 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови Уреди
Мегленци е македонско село.[4]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1956 година родови во селото се:
- Староседелци: Пејчевци (9 к.), Мошевци (7 к.), Белевци (4 к.), Чолаковци (3 к.) и Шалевци (2 к.);
- Доселеници: Крушковци (5 к.), доселени се однекаде; Главновци (3 к.), доселени се од Арматуш; Нечовци (5 к.), многу скитале, овде се доселени од Биљаник и Златевци (1 к.), деленици се од родот Поповци во Црничани, најпрвин се населиле во Арматуш, па прешле во Мегленци.
Иселеништво Уреди
Постари иселеници има во Паралово (Коруновци и Симоновци), Новаци (Гламновци), Долно Оризари (Саздо) и Врањевци (Магленчани). Од родот Шалевци има иселеници во Биљаник. До 1956 година четири семејства се иселиле во Битола.[4]
Бројот на иселеници изнесува околу 300 жители.[2]
Самоуправа и политика Уреди
Во XIX век, Мегленци било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната општина Новаци.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Новаци.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Новаци, во која покрај селото Мегленци, се наоѓале и селата Балдовенци, Биљаник, Врањевци, Гнеотино, Горно Агларци, Грумази, Добромири, Долно Агларци, Долно Орехово, Новаци, Ново Село, Паралево, Рибарци, Суводол и Тепавци. Селото било дел од некогашната општина Суводол во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Врањевци, Мегленци, Паралово, Грумази, Орехово и Суводол.
Избирачко место Уреди
Во селото постои избирачкото место бр. 0167 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место се опфатени и селата Арматуш и Суводол.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 62 гласачи.[14] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 56 гласачи.[15]
Културни и природни знаменитости Уреди
- Археолошки наоѓалишта
- Мегленски Крст — археолошко наоѓалиште во селото, прогласено за културно наследство на Македонија
- Цркви[16]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, изградена во 1880 година.
- Езера
- Мегленско Езеро — мало езеро во близина на селото
Редовни настани Уреди
- Слави[2]
- Свети Никола Летен — селска слава
- Велигден — селска слава
Галерија Уреди
-
Поглед на селото
-
Мегленско Езеро
-
Куќи во селото
Наводи Уреди
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Посетено на 2021-11-24.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 193. Посетено на 24 ноември 2021.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „СВИЊИ ХРАНЕТИ НА БИТОЛСКАТА ДЕПОНИЈА „МЕГЛЕНЦИ" СЕ ПРОДАВААТ ВО ПРИЛЕП“. Сакам Да Кажам. 2016-11-01. Посетено на 2021-11-24.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 247.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 166-167.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 ноември 2021.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 24 ноември 2021.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.