Рождество на Пресвета Богородица
Рождество на Пресвета Богородица или Мала Богородица — еден од 12 големи празници во православието кој го слави раѓањето на Богородица. Богородица е родена во Назарет од стари и бездетни родители, благочестиви Јоаким и Ана како одговор на нивните молитви. Се слави на 8 септември според јулијанскиот календар или на 21 септември според грегоријанскиот календар.[1]
Рождество на Пресвета Богородица Мала Богородица | |
---|---|
Руска икона Рождество Богородицы од XVII в. | |
Го празнува(ат) | Христијанските и нехристијански земји |
Вид | христијански |
Значење | Ден на ражањето на Пресвета Богородица |
Датум | 8/21 септември |
Обичаи | обредно славење, ритуали |
Житие
уредиБогородица Марија (латински: Virgo Maria, Deipara, грчки: Μαρία, Θεοτόκος, Θεομήτωρ, хебрејски: מירים, арапски: مريم) според верувањата на христијаните била мајка на Исус Христос и сопруга на Јосиф. Марија е позната ѝ како Дева Марија, Светата Мајка, Мадона, Блажена Марија. Во православието и католицизмот таа е најпочитуваната светица, а во исламот е една од трите совршени жени. Според евангелието, таа живеела во Назарет во тогашната покраина Галилеја. На арамејски јазик, нејзото име се произнесува како Мирјам. Според верувањата таа стапила во брак со Јосиф и се зачнала со Исус на чудесен начин, кога и се јавил архангел Гаврил и и соопштил дека ќе роди син кој ќе биде Цар на царевите. Во сите евангелија Марија се споменува како мајка на Исус, и нејзината улога во евангелијата главно се врти околу таа насока.
Култ, славење и обичаи
уредиНародот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.
Култот на Пресвета Богородица има значајно место кај Македонците. Многу цркви во Македонија се посветени на неа. Стефан Тановиќ сведочи дека во Гевгелиско, празникот Мала Богородица се сметал за тежок и аталија празник, а во селото Богородица на овој ден се одржувал голем панаѓур. С. Тановиќ сведочи дека селото Богородица името го добило поради тоа што тука во селската црква престојувала Св. Богородица односно нејзиниот дух. Таа икона во која престојувала Св. Богородица, според раскажувањето на селаните постојано се движела. Додека тука престојувала Богородица, се вели во ова предание, на сите во селото им било добро. Но во 1835 година во месец август, околу пладне црквата се запалила и луѓето убаво виделе како Св. Бугуројца со иконата излетала од пламенот и застанала на камбанаријата. Потоа одлетала на север и повеќе не се вратила. Потоа селото почнало да страда, најпосле го зафатила и чума и малку требало сите да изумрат. Тогаш селаните се сетиле да побараат помош од нивната Св. Богородица која што тогаш била во селото Конче, Радовишко. Луѓето што отишле да ја викаат да се врати за поклон и носеле една литургија. Таа не се вратила, но во сон им кажала како да се спасат од чумата. Им порачала од дрво близнак да направат рало, да најдат два вола близнаци и двајца браќа, исто така близнаци, да ги прегнат тие волови, и со тоа рало да изораат една бразда околу селото, чумата веднаш ќе престанела. Откако тоа го направиле чумата престанала да беснее. Тановиќ сведочи дека и во негово време жителите на ова село верувале дека нивното село не можело да настрада од чума зашто било изорано од браќа близнаци, волови близнаци и рало близнак.
Марко Цепенков забележал повеќе преданија за чудотворни икони со ликот на Пресвета Богородица. Според едно од овие преданија „Во селото Коњче има црква што ја имаат кончани и друзите села од околијата као за манастир, чунки во таа црква се наоѓа една икона чудотворна. Иконата је од мушама и је со лицето на Св. Богородица; таа икона била најдена горе на планина од една фамилија од селото Коњче. На ден Св. Цареи (Елена и Костадин) било кога ја нашол чоеко некоаш таа икона и од тоа време до ден денеска излегуаат селаните на истото место кај што се нашла иконата, на ден Св. Цареи. Не само Кончани одат тамо, ами и од друзите села што се дојдени тамо одат и тамо свеќаваат вода за здравје и за бериќето што је по поле Богоројца да го чуа”. Цепенков уште забележува дека таа икона кога ќе ја оставеле на местото каде што била најдена „ќе се испотела и со тоа веруаат оти била животворна и чудесна“.
Запишувачот на ова предание уште сведочи дека на празникот Спасоен во селото Коњче се собирал многу народ, поседнувал поземи, некој што не можеле да дојдат праќале нишани „за да му падни иконата на нив“. Откако сите ќе поседнеле од црквата ќе излезел еден човек од фамилијата што ја нашла иконата, ја носел иконата во рацете, „ама не како да оди тој, ами како да го носи иконата, и не полека да оди помеѓу луѓето, ами како да го носат ветришта, сè ќе трча и со двете раце ќе ‘а врти иконата и надесно и налево, ќе ‘а навали на глаата на некој чоек, со ќошот од иконата.“ Така иконата одела од еден човек на друг и секој таксувал по нешто „ја ока вино за манастиро, ја педеседрам масло, ја печеесе пари“, и потоа минувала на друг. Арно ама, ако некој сакал да такса многу пари „од шеесе пари нагоре не примала иконата и нестануала од глаата на чоеко, тики сака-неќи малце пари ќе таксуа, да така да стани.“ Цепенков сведочи дека многумина виделе добро од иконата, а и бериќетот во полето бил богат додека го изведувале овој обред. „Мнозина болни што оделе во с. Коњче во времето коа паѓала иконата оздравуале и мнозина болни оздравеле коа му ‘и однесуале кому капата, кому кошулата и друзите работи. Се забележуало од селаните оти од вадењето на иконата и по луѓето имало здравје и по полето му се чинел бериќето“.
Цепенков во своите записи пишува уште и за други чудотворни икони со ликот на Пресвета Богородица како што биле таа во Велес, потоа во селото Магарево (Битолско), за чудотворна икона во кичевскиот манастир Света Пречиста итн.
Во Разлошко како што запишал Цепенков кога некоја жена Турчинка се мачела при породувањето вака ја викале Богородица по турски: „Ела, Муарем-ано, ела, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди. Поможи е, Муарем-ана, у нас (Муарем-ана ја викаат Богоројца турцки) за побрго да родит.“ Откако пак жената ќе родела и ќе се ослободела, бабата ќе земела метла во рацете и ќе почнела да мети низ куќата најповеќе околу леунката и ќе велела: „Бегај, Муарем-ано, бегај, оти овде турцка е куќата“. Така, вели Цепенков, верувале дека со тоа велење ќе дојдела Богородица ќе поможела и пак ќе си одела.
Исто така се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони. Така на пр. како што запишал Миленко Филиповиќ жените од Дебарски Дримкол што немале деца оделе во манастирот во Калишта на Охридското Езеро за да ја занишаат со прст сребрената лелејка (минијатурна лулка) што стоела пред иконата на Богородица.
Наводи
уреди- ↑ Ruiz, Jean-Pierre. "Between the Crèche and the Cross: Another Look at the Mother of Jesus in the New Testament." New Theology Review; Aug2010, Vol. 23 Issue 3, pp3-4