Страдањата на младиот Вертер

„Страдањата на младиот Вертер“ (германски: Die Leiden des jungen Werthers) — роман на Гете од 1774 година.

Првото издание од 1774 година

Инспирација

уреди

Книгата „Страдањата на младиот Вертер“ била објавена во 1774 година. Таа била напишана под влијание на делата на Ричардсон и Русо, но во неа се проткаени и бројни реални настани од животот на Гете, како: трагичната судбина на вецларскиот правник Ерусалим, кој извршил самоубиство во октомври 1772 година; љубовта на Гете кон Шарлота (Лота) Буф од мај до септември 1772 година, која во април 1773 година се омажила за неговиот пријател Кестнер; неговата следна љубов кон Максимилијана Ла Рош, која била омажена за љубоморниот Брентано итн. Всушност, самиот Гете постојано нагласувал дека во оваа книга ги внел своите најинтимни чувства и поради тоа таа е единствено дело кое не може да се повтори.[1] На пример, во својата автобиографија Dichting un Wahrheit, Гете ги опишал своите самоубиствени намери, предизвикани од љубовта кон Лота Буф. Притоа, тој чувал остра кама крај својот кревет и секоја ноќ помислувал да ја зарие во своите гради. Според неговите зборови, „бидејќи ова мене никогаш не ми појдуваше од рака, јас најпосле се подбивав со себеси, ги исфрлив од главата сите бубачки и решив да живеам“.[2] Од разговорот на Гете со Екерман воден на 2 јануари 1824 година може да се заклучи дека намерата на Гете не била само да ги прикаже љубовните страдања на еден млад човек, туку неговите идеи се општи – недоволноста на човекот, сударот на човекот со природата и со граѓанскиот поредок и така натаму.[3]

Опседнат со несреќната судбина на Ерусалим, Гете му напишал писмо на свршеникот на Лота Буф, Кестнер, замолувајќи го да му даде дополнителни податоци за случајот со самоубиството на младиот правник. Во текот на 1773 година, Гете планирал да ја обработи приказната за Вертер во облик на драмско дело, но потоа се премислил и решил да напише роман, под влијание на делата „Клариса“ на Ричардсон и „Нова Елојза“ на Жан Жак Русо. Во едно подоцнежно писмо, Гете го известил Кестнер дека работата на романот одела бавно. На патот од Вецлар во Франкфурт, во Еренбрајштајн, Гете ја запознал Максимилијана Ла Рош, во која веднаш се вљубил. Со неа повторно се сретнал на почетокот од следната година, кога таа пристигнала во Франкфурт како сопруга на богатиот трговец Брентано. Максимилијана се грижела за децата на Брентано од неговиот прв брак, а за време на честите посети на нивниот дом Гете ѝ ги читал своите поетски дела. Од оваа идила произлегле црните очи на Лота во „Страдањата на младиот Вертер“. Во 1774 година, Вертер ѝ напишал на Максимилијана дека решил целосно да го преработи романот, по што во рок од три месеци, тој го завршил делото.[4]

Содржина

уреди

Поголемиот дел од книгата е напишан во форма на писма, но содржи и делови во кои „издавачот“ на книгата им се обраќа на читателите со дополнителни објаснувања. Романот се состои од следниве делови:

  • Прва книга
  • Втора книга
  • Соопштение
  • Издавачот кон читателот

Прва книга

уреди

Во првата книга се прикажани писмата што младиот Вертер му пишува на својот пријател Вилхелм при што првото писмо е од 4 мај 1771 година, а последното од 10 септември: Вертер заминал во мало провинциско гратче, каде ги поминува деновите во долги прошетки во природа и во разговори со месното население. Еднаш прошетал до блиското планинско место Валхајм кое на прв поглед му се допаднало. Одејќи на една забава ја запознал убавата Шарлота (Лота) која го пленила со својата убавина, интелигенција и добрина и тој веднаш се вљубил во неа. Меѓутоа, Шарлота била свршена за Алберт, кој привремено бил отсутен. За тоа време, Вертер се зближил со Лота, иако никогаш не ѝ изјавил љубов, знаејќи дека таа е свршена. Подоцна, тој се запознал со Алберт кој му оставил добар впечаток и двајцата станале добри пријатели. Неговите средби со Лота продолжиле, но тој не можел да го издржи притисокот и еден ден ненадејно го напуштил Валхајм.[5]

Втора книга

уреди

Во втората книга се прикажани писмата што Вертер им ги пишува на Вилхелм, но и на Лота и Алберт. Првото писмо е од 20 октомври 1771 година, а последното од 24 март: Вертер ја прифатил службата во еден град, каде работел како помошник на пратеникот на дворот на еден гроф. Цело време Вертер е незадоволен од здодевниот пратеник, но за среќа ја ужива симпатијата на грофот. Еден ден, додека бил во посета на грофот, случајно останал на приемот што го приредил тој, но сите присутни благородници негодувале поради неговото присуство. Утредента, нивните озборувања се прошириле низ целиот град и Вертер не можел да издржи, па побарал да го отпуштат од службата. Оттука, тој заминал на имотот на некој кнез.[6]

Соопштение

уреди

Во овој дел се наведени писмата на Вертер од 19 април до 6 декември: По краткиот престој кај кнезот, Вертер повторно не можел да се смири и го напуштил. Најпрвин го посетил своето родно место, а потоа повторно заминал кај Лота. Таму го поминувал времето препуштајќи им се на спомените, но бил тажен поради неможноста да ја има Лота. Повторно шетал низ природата, но прошетките веќе не му го исполнувале срцето, Хомер го заменил со Осијан и постојано бил обземен со мрачно расположение.[7]

Издавачот кон читателот

уреди

Во овој дел, „издавачот“ на книгата ги раскажува последните денови кои претходеле на смртта на Вертер при што одвреме-навреме, случките ги поткрепува со извадоци од неговите писма. Вертер сè повеќе тонел во депресија, а неговите односи со Алберт се заостриле, бидејќи тој настојувал да го оддалечи Вертер од својата свршеница. Поради присуството на Вертер малку се влошиле и односите меѓу Лота и Алберт, бидејќи Лота била растргната меѓу љубовта и верноста кон сопругот и сочувството кон Вертер. При една средба, Лота побарала од Вертер да не ја посетува до Бадник, а тогаш тој ја донел одлуката да умре. Вертер не ја послушал нејзината молба и неочекувано ја посетил. На таа средба, тој ѝ читал поеми на Осијан, кои кај него и кај Лота предивикале силен впечаток. Тогаш, Вертер за првпат ја бакнал Лота, која избегала и се заклучила во својата соба. Растроениот Вертер се вратил во својот дом и вечерта го испратил слугата до домот на Лота, со молба до Алберт да му позајми пиштол. Токму Лота била таа која му го врачила пиштолот на слугата. На полноќ, Вертер си пукал во главата, а изутрината го пронашле облеан во крв, но сè уште со траги од живот. Сепак, на пладне, тој починал, а ноќта таткото на Лота го закопал меѓу две липи, на местото коешто претходно го одредил Вертер.[8]

Ликови во романот

уреди
  • Вертер е млад човек со извонредни способности и со изразена чувствителност. Неговиот живот завршува трагично поради неговата несреќна љубов, но за таквата судбина постојат и други причини, страдањето поради нездравиот и распуштен живот на тогашната аристократија. Иако Вертер е надарено момче, нему му недостасува практична работа во која би дошле до израз неговите способности. Неговото срце е благородно, а тој лесно пламнува и брзо се воодушевува, но исто така лесно запаѓа во болка и во тага. Често запаѓа во занес и притоа ја губи врската со реалноста, поради што доаѓа во судир со средината, а тој се повлекува во себе и енергијата ја троши во бескорисно анализирање на своето Јас. Неговото пропаѓање е психолошки подготвено и мотивирано. Во своите силни душевни кризи, тој не е способен да се оттргне од идеализираниот лик на Лота.[9]
  • Лота е мила девојка, добра ќерка, пожртвувана сестра и верна свршеница и сопруга. Таа за миг е поколебана од љубовниот занос на Вертер, но сепак, кај неа победува здравиот разум. Единствената сличност со Вертер е што и таа сака да чита книжевни дела со романтичен карактер.[10]
  • Алберт е свршеникот и сопругот на Лота. Тој е чесен, но малку здодевен и со ограничени сфаќања. Нему целосно му недостига романтичниот занес што е својствен на Вертер, т.е. тој има студена, рационална прирoда.[11]

За романот

уреди

Веднаш по нејзиното (анонимно) објавување, книгата доживеала голем успех и набргу следувале нови изданија, а таа била преведена на повеќе јазици: до крајот на XVIII век се појавиле 15 француски и 12 англиски изданија. Под нејзиното влијание, многу луѓе се облекувале во стилот на Вертер (јавачки фрак со месингени копчиња, жолт елек високи чизми, итн.), го имитирале неговиот начин на живот, a странски туристи доаѓале во Вецлар за да ги посетат местата во кои се случува дејството на романот. Сцени од романот се појавиле дури и во Кина, насликани на порцелан. Дури и самиот Гете почнал да се облекува како Вертер, а дури и вајмарскиот војвода Карл Август започнал да се облекува во тој стил, иако претходно луѓето ги нарекувал Гетеови мајмуни. Жените, пак, се облекувале во стилот на Лота: долг, бел фустан со висок струк, со куси ракави длабоко деколте, а таквата облека го нашла местото и во бројни илустрации. Најпосле, во тоа време биле забележани и неколку самоубиства, а за да ги спречат честите самоубиства, во некои германски градови романот бил забранет.[12]

Истовремено, како реакција на ова дело, се појавиле и неколку пародии, како и бројни остри критики. Така, критичарите му забележувале на Гете за спојувањето на мотивот на трагичната љубов со мотивот на повредената чест; што дозволил Лота без поговор да му го предаде пиштолот на слугата на Вертер; што го воздигнувал ликот на еден слаб човек-самоубиец итн.[13] Романот бил остро критикуван од црквата, особено од двајва свештеници, а кон нив се придружил и еден поранешен подофицер. Исто така, и рационалистот Николај остро го нападнал романот во својата пародија „Радостите на младиот Вертер“ (Die Freuden des jungen Werthers). Исто така, се појавиле бројни обиди за драматизација на романот, а една од најуспешните драми се појавила во Швајцарија, напишана на француски јазик, со наслов „Неволјите на љубовта“ (les malheurs de l'amour). Оваа драма постигнала голема популарност и четирипати била преведена на германски јазик. Покрај неа, неколку комедиографи напишале фарси и комедии посветени на Вертер, а неговиот лик го играле дури и во циркуските претстави. Во 1886 година се појавила операта на Жил Масне, која доживеала голем успех. По повод стогодишнината од смртта на Гете се појавиле повеќе нови изданија, коментари и толкувања на романот, а тоа се случило и во 1949 година, кога била одбележана двестегодишнината од раѓањето на Гете. Најпосле, како доказ за големото влијание на ова дело треба да се спомене и романот на Томас Ман со наслов „Лота во Вајмар“ (Lotte im Weimar).[14] Романот „Страдањата на младиот Вертер“ извршил големо влијание врз развојот на романтизмот чии дела биле преполни со вертеровската „светска болка“. Притоа, некои романтичарски дела, како „Рене“ на Шатобријан и „Последните писма на Јакопо Ортисо“ на Фосколо, биле напишани под непосредно влијание на „Страдањата на младиот Вертер“.[15]

Како одговор на критичарите, Гете истакнувал дека уметничкото дело не може да биде штетно. Така, обраќајќи му се на еден англиски бискуп, наведен во разговорот со Екерман од 17 март 1830 година, Гете истакнал: „Кога веќе така зборувате за мојот кутар „Вертер“, тогаш како би требало да се зборува против насилниците кои со едне потег на перото испраќаат во војна сто илјади луѓе од кои ќе погинат осумдесет илјади и кои меѓусебно се поттикнуваат на убиство, палење и грабеж. Вие го фалите бога по таквите настани и ја пеете Tedeum!... А барате писателот да ви поднесе сметка и сакате да фрлите проклетство на неговото дело само затоа што тоа, погрешно сфатено од неколку ограничени умови, во најлош случај го ослободил светот од малкумина глупаци и никаквеци!... Тоа е значи злостроство, а што си дозволувате вие, свештениците и владетелите!... Зло би било ако една книга може да делува како нешто што е понеморално од самиот живот...“[16]

Според сведоштвото на самиот Гете, Вертер е суштество кое како пеликан го хранел од своето срце и во него има толку чувства и мисли земени од неговите гради, што од нив може да се напише роман од десет такви книги. Притоа, откако го напишал ова дело, Гете го прочитал само еднаш и секогаш внимавал да не го повтори повеќе, зашто зборовите во романот се „запаливи ракети“ и тој се плашел од помислата повторно да ја доживее патолошката состојба од која настанал романот. Според Гете, „Вертеровото време“ за кое толку многу се зборувало, воопшто не му припаѓа на текот на светската култура, туку на текот на животот на секој поединец кој треба да се снајде во тесните облици на застарениот Свет и да му се приспособи. Неостварената среќа, осуетената работа, незадовоените желби не се недостатоци на некое посебно време, туку на секој поединечен човек, па затоа на секој човек му изгледа дека „Вертер“ е напишан само за него.[17]

Сепак, под притисок на критичарите, во 1787 година Гете го подготвил изменетото второ издание на „Страдањата на младиот Вертер“ во кое направил одредени измени: ги засилил некои болни црти во карактерот на Вертер, го прикажал Алберт во подобра светлина, вметнал паралелно дејство со теми од селскиот живот, а во поговорот јасно ги опоменал читателите да не го следат примерот на Вертер.[15]

Изданија на македонски јазик

уреди

Во 1957 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Кочо Рацин“, со наслов „Страданијата на младиот Вертер“, како трета книга од второто коло на библиотеката „Светски класици“. Преводот на македонски јазик го направил Лазо Алексовски, технички уредник бил Кочо Пендовски, коректурата ја направила Костадинка Георгиева, а нацртот на корицата е дело на Драган Аврамовски. Книгата е со обем од 215 страници, а била испечатена во текот на мај 1957 година, во печатницатаГоце Делчев“, во Скопје, во тираж од 3.000 примероци. Книгата содржи и предговор, со наслов „Гете и неговиот Вертер“, напишан од Лазо Алексовски.[18]

Наводи

уреди
  1. Milan V. Dimić, „Beleška o piscu“, во: J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 135-136.
  2. Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 11.
  3. Milan V. Dimić, „Beleška o piscu“, во: J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 135-138.
  4. Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 11-14.
  5. J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 5-62.
  6. J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 63-76.
  7. J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 77-100.
  8. J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 101-133.
  9. Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 20-22.
  10. Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 22-23.
  11. Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 23.
  12. Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 23-26.
  13. Milan V. Dimić, „Beleška o piscu“, во: J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 137.
  14. Л.А., „Гете и неговиот Вертер“, во: Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957, стр. 26-27.
  15. 15,0 15,1 Milan V. Dimić, „Beleška o piscu“, во: J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 138.
  16. Milan V. Dimić, „Beleška o piscu“, во: J. V. Gete, Jadi mladoga Vertera. Beograd: Rad, 1959, стр. 137-138.
  17. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 3-4.
  18. Јохан Волфганг Гете, Страданијата на младиот Вертер. Скопје: Кочо Рацин, 1957.

Надворешни врски

уреди
  • Die Leiden des jungen Werthers
  • The Sorrows of Young Werther на Проектот „Гутенберг“
  • GradeSaver study guide: The Sorrows of Young Werther
  • Free Audiobook (in German) from LibriVox
  • The-Sorrows-of-Young-Werther.com (personalised e-mail edition sending Werther's letters to your mailbox)
  • Die-Leiden-des-jungen-Werthers.de (personalised e-mail edition sending Werther's letters to your mailbox, in German)
  • „William Makepeace Thackeray's Sorrows of Werther. cs.rice.edu. Архивирано од изворникот на 2007-04-07. Посетено на 2011-06-12.