Обедник
Обедник — село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар.
Обедник | |
Поглед на селото | |
Координати 41°09′33″N 21°09′33″E / 41.15917° СГШ; 21.15917° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Демир Хисар |
Област | Железник |
Население | 239 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7240 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 10024 |
Надм. вис. | 750 м |
Слава | Голема Богородица[2] |
Обедник на општинската карта Атарот на Обедник во рамките на општината | |
Обедник на Ризницата |
Потекло на името
уредиСелото најпрвин било запишано како Обадник и се верува дека доаѓа од апелативот „обед“ што на старословенски има значење за ручек, ручање. Постои предание меѓу мештаните дека топонимот „Обедник“ настанал поради „ручање“ („обедување“) на ослепените Самуилови војници, кои преку планина се префрлале во Преспа откако ќе „обедувале“. Обедот им го подготвувале слугите на ќерката на цар Самуил, Косара, кои биле дојдени токму на тоа место и ги пречекувале ослепените војници. По обедувањето и одморот тие закрепнувале и со помош на слугите ја преминувале планината и се префрлале во Преспа кај островот во Преспанското Езеро каде му давале последна почит на својот цар.[2]
Географија и местоположба
уредиОва село се наоѓа во областа Железник, во крајниот јужен дел на територијата на Општина Демир Хисар, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Битола.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 750 метри.[3]
Обедник се наоѓа по течението на реката Обедничица. Обедник се граничи со осум села и тоа: со Стругово на север, со Загориче и Утово на исток, со Стрежево, Свиниште и Метимир на југ (сите во Општина Битола), со Смилево на запад и со Боиште на северозапад.[2] Селото е оддалечено 10 километри од градот Демир Хисар, а од најблискиот поголем град, Битола, е оддалечено 40 километри на север.[4]
Обедник се наоѓа во јужниот дел на областа Железник. Селото лежи во горниот дел на сливот на Црна Река. Тоа е сместено во мала долина меѓу планините Бигла на југ и Плакенска Планина на север.[4]
Климата во селото е планинска поради големата надморска висина.
Историја
уредиОбедник се смета за стара населба, која е спомената во 1468 година во пописниот турски дефтер со името „Обадник“. Во селото имало 65 христијански семејства, од кои 1 вдовица, со вкупно 324 жители. Во 1568 година имало 54 христијански семејства со 214 жители.[2]
Обедник е заведено и во Слепченскиот кодик од XVI век.[2]
Селото било доста големо за тој период и со христијанско население. Турско население започнало да се населува кон 1768 година и тоа било помалобројно од македонските семејства. Некаде кон 1900 година, македонските семејства веќе биле малобројни. Тогаш и црквата им била срушена и изградена џамија и тоа во селото. Црквата „Пресвета Богородица“ се наоѓала на 250 метри оддалечена од селото, сместена во подножјето на планината на северниот дел.[2]
Во XIX век, Обедник било село во Битолската каза, нахија Демир Хисар, на Отоманското Царство.
Вкупно 2 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 21,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.684 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 322 хектари, а на пасиштата 96 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[3]
Во селото се одгледуваат житни и полјоделски култури, од кои најмногу тутун и квалитетен грав. Исто така, се продава огревно и дрво за мебел.[2]
Во минатото во селото работеле повеќе воденици.[2]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Обедник имало 250 жители, сите Албанци муслимани.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Обедник имало 120 жители.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Албанци.[8]
Селото е средно по големина, но со намалување на бројот на жителите. Така, во 1961 година селото броело 408 жители, од кои 236 биле Македонци и 171 Турчин. Во 1994 година селото имало 382 жители, од кои 195 Македонци, 181 Албанец и шест жители Турци.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 273 жители, од кои 134 Македонци и 139 Албанци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 239 жители, од кои 79 Македонци, 152 Албанци и 8 лица без податоци.[10]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Обедник:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | 481 |
1953 | 23 | 8 | 455 | 1 | — | 487 |
1961 | 236 | 0 | 171 | 1 | — | 408 |
1971 | 232 | 5 | 166 | 0 | — | 403 |
1981 | 267 | 3 | 209 | 0 | — | 479 |
1991 | 198 | 235 | 0 | 1 | — | 434 |
1994 | 195 | 181 | 6 | 0 | — | 382 |
2002 | 134 | 139 | 0 | 0 | — | 273 |
2021 | 79 | 152 | 0 | 0 | 8 | 239 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
уредиОбедник е македонско село, а порано било воглавно албанско село.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1952 година родови во селото:[11]
- Албански родови:
- Доселеници: Беќировци (4 к.), Кара Смиловци (17 к.), Камберовци (2 к.), Рушатовци (8 к.), Лапевци (6 к.), Ресуловци (5 к.), Лулчевци (4 к.), Исламовци (1 к.), Фаиковци и Чемовци (4 к.), Селовци (3 к.), Сулејмановци (1 к.), Веселовци (2 к.), Фезуловци (2 к.), Ибраимовци (2 к.), Беќировци (3 к.), Ресуловци (1 к.), Демовци (1 к.) и Синановци (1 к.).
- Македонски родови:
- Доселеници: Черкезовци (1 к.), доселени се во 1935 година од селото Боиште; Граматковци (1 к.), доселени се во 1935 година од селото Смилево; Јанчевци (1 к.), доселени се во 1935 година од селото Боиште; Рополковци (1 к.), доселени се во 1937 година од селото Лесково и Трајановци (1 к.), доселени се во 1928 година од селото Прострање кај Кичево.
Општествени установи
уреди- Основно училиште „Даме Груев“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Даме Груев“ - Смилево
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на проширената Општина Демир Хисар, на која ѝ била додадена поранешната Општина Сопотница по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Демир Хисар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Демир Хисар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Смилево, во која покрај селото Обедник, се наоѓале и селата Боиште и Смилево. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Загориче, во која влегувале селата Загориче, Обедник, Стругово и Утово.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0630 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во рамки на избирачкото место е опфатено и селото Лесково.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 263 гласачи.[13]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[14]
- Стара Корија — црква од средниот век;
- Сува Река — сакрален објект и некропола од доцноантичко време;
- Кале — населба од доцноантичко време и среден век;
- Сува Река — населба и топилница од доцноантичко време.
- Цркви[15]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква, изградена во 1974 година.
- Џамии[15]
- Џамија — главна селска џамија
- Реки
Редовни настани
уреди- Слави
- Голема Богородица — селска слава
Иселеништво
уредиВо текот на 1960-тите години се случило големо иселување на Турците во Турција, а на нивно место дошле Македонци, главно од планинските села Боиште, Лесково и Церово. Остатокот од Турците понатаму започнале да се запишуваат како Албанци.[2]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Димитров, Никола В. (2017). Географија на населби: општина Демир Хисар (PDF). Битола. стр. 58–60. ISBN 978-608-65616-4-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 216. Посетено на 24 март 2020.
- ↑ 4,0 4,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2018-08-18. Посетено на 2020-03-24.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 238.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.172-173.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 15 август 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ Русиќ, Бранислав. фондот „Бранислав Русиќ“. Архивски фонд на МАНУ, к-5, АЕ 97.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 24 март 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-03-24. Посетено на 24 март 2020.
- ↑ Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ 15,0 15,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.