Журче
Журче — село во Општина Демир Хисар, во областа Железник, во околината на градот Демир Хисар.
Журче | |
![]() Поглед на селото | |
Координати 41°17′03″N 21°14′11″E / 41.28417° СГШ; 21.23639° ИГДКоординати: 41°17′03″N 21°14′11″E / 41.28417° СГШ; 21.23639° ИГД | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Железник |
Население | 150 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7240 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 10015 |
Надм. вис. | 917 м |
Слава | Голема Богородица Св. Атанасиј[2] |
![]() |
Потекло на името Уреди
Името на селото се верува дека потекнува од личното име Журо или Журан, некој овчар доселен тука. Можно е и да е изведено од личното име Добрижил, што во превод означува „добро да живее“ или „да живее вечно“. Се верува дека ова лично име било името на првиот жител, кој тука се доселил со своето семејство.[2]
Бидејќи селото било основано во подрачје со диви коприви, една теорија за името е дека потекнува од билката жур.[2]
Географија и местоположба Уреди
Ова село се наоѓа во областа Железник, во североисточниот дел на територијата на Општина Демир Хисар, чиј атар нашироко се допира со подрачјето на Општина Крушево.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 700 метри.[3]
Атарот на селото Журче се граничи со 11 села и тоа: Сладуево, Граиште и Бараково на југ, Единаковци, Света, Пресил и Бирино (двете последни се крушевски села) на исток, Острилци (крушевско село) и Ракитница на север, Ново Село и Прибилци на запад. Селото е оддалечено 10 километри од градот Демир Хисар, а од најблискиот поголем град, Битола, е оддалечено 40 километри на север. Селото се наоѓа во непосредна близина на регионалниот пат Демир Хисар-Крушево.[2][4]
Селото е ридско-планинско, сместено во блага долина.[2]
Куќите во селото се оддалечени една од друга и се одликуваат со простран двор, на чии рабови се наоѓаат разни помошни простории. Секоја куќа поседува свој бунар.[2]
Историја Уреди
Создавањето на селото е околу 1200 година, кога ова место било обраснато со диви коприви.[2]
Селото е споменато во Душановата грамота за манастирот Трескавец кај Прилеп од 1334/35 година, каде е запишано како Жоурче.[2]
Журче се смета за стара населба, која е спомената во 1468 година во пописниот турски дефтер. Во селото имало 55 христијански семејства, од кои 3 неженети и 16 вдовици, со вкупно 342 жители. Годишно плаќале по 5.224 акчиња данок. Во 1568 година имало 151 жител.[2]
Журче е заведено и во Слепченскиот кодик од XVI век.[2]
Во отоманските документи, селото се споменува во 1636 година (помеѓу 15 јули и 3 септември) во еден спор за заем. Во документот е запишано дека поп Стојко од село Журче позајмил од вакафот на Махмуд-ага 1.000 акчиња со лихва од 150 акчиња. Бидејќи лихвата не ја платил, тој е уапсен.[5]
Во XIX век, Журче било село во Битолската каза, нахија Демир Хисар, на Отоманското Царство.
Стопанство Уреди
Атарот зафаќа простор од 22,6 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.693,7 хектари, на пасиштата отпаѓаат 129,6 хектари, а на обработливото земјиште 291,5 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[3]
Во отоманскиот период, мештаните се занимавале со сточарство, особено одгледување на овци и кози. Исто така, голем број од машкото население одел на печалба низ Балканот.[2]
Население Уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Журче имало 350 жители, сите Македонци христијани.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Журче имало 400 жители.[7]
Селото е средно по големина. Во 1961 година броело 704 жители, а во 1994 година 285 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 255 жители, од кои 254 Македонци и 1 Влав.[8]
Денес, Журче бележи намалување и според неофицијални податоци има 150 жители, чиј број во текот на летото привремено се зголемува.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 150 жители, од кои 145 Македонци, 2 останати и 3 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 350 | 400 | 739 | 766 | 704 | 595 | 527 | 336 | 285 | 255 | 150 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови Уреди
Журче е македонско село.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1952 година родови во селото:[14]
- Староседелски и доселенички со непозната старина: Мусовци (2 к.), Савевци (4 к.), Мраовци (2 к.), Ќосевци (11 к.), Грнчаровци (1 к.), Марковци (2 к.), Чадевци (4 к.), Саравовци (3 к.), Кусевци (8 к.), Тарунчевци (5 к.), Грашуловци (1 к.), Петревци (6 к.), Смилевци (2 к.), Жилковци (4 к.) и Волчевци (4 к.).
- Доселени со позната старина: Јосифовци (8 к.) и Бошковци (8 к.), доселени се од селото Бараково; Поповци (4 к.) и Чолаковци (3 к.), доселени се од селото Екши Су, Леринско (Егејска Македонија); Бисовци (7 к.), доселени се од некое место во Охридско; Цапарковци (1 к.), доселени се од селото Цапари, Битолско; Барлевци (8 к.) доселени се од селото Загориче; Брсјаковци (1 к.), доселени се од селото Пуста Река, Крушевско; Граиштанци (7 к.), доселени се од селото Граиште; Ѓорговци (3 к.), доселени се од селото Црнилиште, Прилепско; Тушловци (3 к.), доселени се од селото Лисолај, Битолско; Шлакевци (5 к.), доселени се од селото Белче и Ѓоргијовци (1 к.), доселени се од селото Свето Тодори, Битолско.
Општествени установи Уреди
- Основно училиште „Гоце Делчев“ до V одделение[15], подрачно училиште на ОУ „Гоце Делчев“ - Демир Хисар. Првото училиште во селото било отворено во 1920 година. По Втората светска војна, ова училиште дејствувало како осумгодишно и го носело името „Св. Кирил и Методиј“.[2]
Самоуправа и политика Уреди
Селото влегува во рамките на проширената Општина Демир Хисар, на која ѝ била додадена поранешната Општина Сопотница по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Демир Хисар.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Демир Хисар.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Демир Хисар, во која покрај селото Журче, се наоѓале и селата Бараково, Белче, Вардино, Граиште, Единаковци, Кутретино, Мургашево, Ново Село, Лесково, Прибилци, Ракитница, Растојца, Сладуево, Слепче, Стругово и Суви Дол. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Прибилци, во која влегувале селата Журче, Прибилци и Спадуево.
Избирачко место Уреди
Во селото постои избирачкото место бр. 0626 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 189 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости Уреди
- Археолошки наоѓалишта[18]
- Бачилиште — сакрален објект и некропола од доцноантичко време;
- Даблики — населба и некропола од доцноантичко време;
- Љубов Камен — населба од неолитот;
- Мартинец — населба од средниот век;
- Св. Илија — црква и населба од средниот век.
- Цркви[19]
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна манастирска црква; и
- Црква „Св. Илија“ — црква пред селото.
- Манастири
- Журчевски манастир — женски манастир од XII век
Редовни настани Уреди
- Слави[2]
- Илинден (2 август) — селска слава
- Голема Богородица — црковна слава
- Св. Атанасиј — црковна слава
Личности Уреди
- Родени во Журче
- Нове Јошев Лозановски — македонски револуционер од ВМОРО.[20]
- Ристе Стојанов Георгиевски — македонски револуционер од ВМОРО.[21]
- Петре Ристев Николовски — македонски револуционер од ВМОРО.[22]
- Стеван Најдоски Стојанов — македонски револуционер од ВМОРО.[23]
- Ванчо Јанкулоски — македонски револуционер од ВМОРО.[24]
- Стеван Митревски — македонски партизан.
- Ристо Бошевски (р. 1948) — бригаден генерал на АРМ
- Починале во Журче
- Иван Котев — револуционер
- Блаже Крстев (1873-1911) — револуционер
Иселеништво Уреди
До 1952 година иселеници од селото имало во САД (5 семејства), Србија (4 семејства), Аргентина (1 семејство), Бугарија (1 семејство), Битола (2 семејства), и во Куманово (1 семејство).[14]
Иселеништвото продолжило и понатаму, и најмногу иселеници од селото има во градовите Битола, Скопје, Прилеп и Демир Хисар, но има иселеници и во европските и во прекуокеанските држави.[2]
Наводи Уреди
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 Димитров, Никола В. (2017). Географија на населби: општина Демир Хисар (PDF). Битола. стр. 40–44. ISBN 978-608-65616-4-2.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 127. Посетено на 29 март 2020.
- ↑ „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Посетено на 2020-03-29.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр.29
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 239.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.172-173.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 јули 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 14,0 14,1 Русиќ, Бранислав. фондот „Бранислав Русиќ“. Архивски фонд на МАНУ, к-5, АЕ 97.
- ↑ „Основно образование“. македонски: Општина Демир Хисар. Архивирано од изворникот на 2016-08-28. Посетено на 26 јули 2016.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 29 март 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 29 март 2020.
- ↑ Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
- ↑ . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел I. Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)