Религија во Македонија
Во Република Македонија постојат поголем број на верски организации, но најголема заедница се православните христијани.
Христијанство
уредиИсторија
уредиХристијанството во Македонија, па и пошироко на Балканот, прв го проповеда и шири апостол Павле при своите мисионерски патувања, за што сведочат и Делата апостолски. На тие негови патувања го придружуваат и Лука, Тимотеј, Сила и Тихик кои и самите независно од апостол Павле работат на христијанизација на овие простори. Низ Македонија проповеда и Апостол Андреј Првоповикан кој и го поставува апостол Урбан за прв епископ во Македонија. Апостол Силуан бил првиот епископ во Солун, а Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија). Што значи дека уште тогаш се поставени темели на организирана Црква. Би спомнале тука и дека апостолите Аристарх и Секунд биле Солунјани, Епафродит бил од Филипи, а Гај од Добер (Дервија) кој се лоцира накаде меѓу Струмица и Валандово. Во тоа време Македонија била под римска власт така што често ги менувала своите граници и својот етнички состав. Како резултат на христијанизацијата извршена во првите три века, веќе на почетокот на IV век христијаните на просторот на Македонија имале организирана Црква, чии епископи понатаму редовно учествуваат на помесните и вселенските собори.
- Во V век на просторот низ цела територија на Македонија постојат повеќе митрополии и епископии, од кои попознати биле Солун, Скопје, Хераклеја, Баргала и Стоби. Во тој период и низ цела територија на Македонија никнуваат многу ранохристијански базилики.
- За време на владеењето на царот Јустинијан I (527-565), кој потекнувал од с. Таврисион, близу до денешното Скопје, бил изграден нов град наречен Јустинијана Прима, во близината на родното место на царот. Скупскиот митрополит бил издигнат на ниво на автокефален Архиепископ. Кателијан бил првиот Архиепископ на Архиепископијата Јустинијана Прима. Имало и други архиепископи, како што се: Бененат, Павле, Јован I, Леон, и последниот - Јован IX, кој во 680-681 година учествувал на Трулскиот Собор во Цариград.
- Во VII век на територијата на Македонија е извршена словенска колонизација при што доаѓа до мешање на староседелците со Словените. Нивната христијанизација започнува во IX век, со делото и со животот на браќата Свети Кирил и Методиј, кои потекнувале од Солун. Тие ја составиле азбуката на словенскиот јазик и го превеле Светото Писмо и другите дела што биле потребни за да можат црковните служби да се молитвословат на јазикот на кој зборувал народот. Нивното дело со помошта на бугарскиот цар Борис I Михаил го продолжуваат Климент и Наум Охридски, Константин Брегалнички и нивните ученици кон крајот на IX и почетокот на X век.
- Климент Охридски го основал првиот универзитет на Словените на овие простори, а Наум Охридски го основал првиот словенски манастир на брегот на Охридското Езеро. Во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална Архиепископија, во достоинство на патријаршија, а подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постои цели осум века, сè до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија.
- Нејзините епархии смениле неколку јурисдикции од соседните православни цркви. Особено жестоки борби биле водени по средата на XIX век за создавање на Бугарска егзархија, во кои учествувале деjци како Браќа Миладинови, Григор Прличев, Кузман Шапкарев. Таа била афирмирана со султански ферман во 1870 со центар во Цариград и до Балканските воjни ги вклучувала епархиите Битолска, Велешка, Дебарска, Охридска, Скопска, Струмишка, Неврокопска и имала обласни претставители во Леринско (Магленско), Воденско, Солунско, Поленинско (Кукушко), Серско, Мелнишко, Драмско. Во 1912 имала 1,373 егзархиски училишта со 2,266 учители и 78,854 ученици во Македонија. Денес неjзина наследница е Бугарската патријаршија. По Балканските и Првата светска воjна и укинувањето на Бугарската егзархија во Вардарска Македонија таа беше насилно потчинета на Обединетата Православна Црква на Србите, Хрватите и Словенците. Во текот на Бугарската окупација на Македонија (1941-1945) црквата во Македонија повторно била под управа на тогаш непризнаената Бугарска православна црква. Услови за враќање на самостојноста се создаваат дури кон крајот на Втората светска војна.
- Пред самиот крај на војната, во 1944 г. во селото Врановци е создаден Иницијативен Одбор за организирање на Македонската православна црква. На 4 март 1945 година во Скопје е одржан првиот црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската Архиепископија, како Македонска православна црква. Оваа одлука е доставена и до Архиерејскиот собор на СПЦ, бидејќи пред војната епархиите во делот на Вардарска Македонија беа во составот на Обединетата Православна Црква на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна - Српска православна црква. Архиерејскиот собор на СПЦ не ја прифаќа оваа одлука, поради што по Соборот од 9 и 10 мај 1946 година во своите понатамошни барања Иницијативниот одбор истапува со одредени редукции: наместо како автокефална, бара да биде признаена како самостојна црква. Но, повторно не наидува на одобрување. Од 4 до 6 октомври 1958 година во Охрид е одржан Вториот македонски црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква, а за нејзин прв епископ е избран г. Доситеј.
- Архиерејскиот собор на СПЦ се согласи со одлуките на Македонскиот црковно-народен собор, во одлуката АС. бр. 47/1959 година и 6/1959 година зап. 57 од 17/4 јуни 1959 година.
- Одлуката за самостојност на МПЦ беше потврдена преку отслужувањето на заедничка архиерејска Литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата на Свети Мина во Скопје, и истовремено е извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа Светиот Архиерејски Синод на СПЦ дал самостојност на Македонската православна црква, со тоа што таа и понатаму останува во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот Патријарх. По неколку дена во црквата на Свети Никола во Штип е хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија г. Наум. Конституиран е Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите.
- Во мај 1962 година во придружба од патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ дошол Патријархот Московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската Православна црква. На празникот на Свети Кирил и Методиј во црквата Света Богородица Каменска во Охрид беше одржана и архиерејска литургија, на која што зеле учество патријархот Московски Алексиј, патријархот Српски Герман и Архиепископот Охридски и Митрополит Македонски Доситеј. Ова било прво сосложување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални цркви.
- Во 1966 година односите со СПЦ повторно се влошуваат. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот Синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква Свети Климент ја прогласува Македонската православна црква за автокефална. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква е совршен на Светата Архиерејска Литургија, отслужена во црквата Света Богородица Перивлепта (тогаш позната и како Св. Климент) на 19 јули 1967 година, од Светиот Архиерејски Синод на МПЦ. Точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на Турција.
Во тек се преговори за менување на името на црквата од Македонска православна црква во Македонска православна црква - Охридска Архиепископија. Прелиминарната одлука била донесена на 8 октомври 2009 година, додека конечното решение ќе се донесе за време на црковниот собир кој го организира МПЦ.
Протестантство
уредиПротестантството во Македонија почнува да продира во втората половина на 20 век. Меѓутоа покрај она што денес се подразбира под поимот „протестантство“, на овие простори во 10 век се среќава нешто што иако се јавува и е познато под друго име, по својата суштина е вид на протестантство. Станува збор за богомилството. Богомилството се „стилизира“ како еретичко движење во христијанството, кое особено во овие географски простори, значајно го детерминирало, а веројатно и како секвенца, се втопува во сценариото кое ја „конституирало“ реформацијата во 16 век.
Во Република Македонија денес постојат повеќе малцински христијански верски заедници[2] и вкупниот број на протестанти изнесува 61.358 или 3% од вкупното население.[3] Протестански цркви во Македонија се:
- Евангелско-методистичка Црква на Република Македонија,
- Христијанско-адвентистичка Црква (црква на адвентистите на седмиот ден),
- Христијанската адвентистичка Црква во Република Македонија,
- Баптистичка Црква во Република Македонија,
- Христијанска баптистичка црква "Божји Глас",
- Христијанска заедница на Јеховини сведоци,
- Евангелска црква во Република Македонија,
- Евангелско-конгрешанска црква,
- Христијанска пентакосна црква во Република Македонија,
- Прахристијанска заедница - Универзален живот,
- Новоапостолска Црква во Македонија,
- Црква Божја во Република Македонија.
Католицизам
уредиЦрквата била основана во 1918 година кога било создадено Кралството Југославија, и кога помал број од Македонците се преобратиле во католицизмот. Егзархатот бил укинат во 1924 година. Откако Југославија била растурена, во 2001 година Светата Столица повторно го воспоставила Апостолскиот Егзархат во Македонија. Иако бројот на верници од латинскиот обред на римокатоличката црква е мал - повеќето се Албанци и припадници на другите народи од поранешните југословенски републики - Светата Столица ги поставувала римокатоличките бискупи на Скопје како поглавари на Апостолскиот Егзархат на Македонија. Денес, македонската грко-католичка црква има околу 11.000 верници.
Ислам
уредиПроцентот на муслиманите во Македонија е околу 30% од вкупниот број на население[4]. Таа е четврта по големина муслиманска популација во Европа по процент, по Косово (90%)[5], Албанија (70%)[6][7][8] и Босна и Херцеговина (47%)[9][10][11]. Во некои делови во северозападниот дел на земјата муслиманите се мнозинство. Покрај Македонци-муслимани, речиси сите други муслимани во земјава се Албанци, Турци или Роми.
Јудаизам
уредиДенес, еврејската заедница во Македонија брои околу 200 луѓе. Речиси сите живеат во Скопје, со по едно семејство во Штип и Битола.[12]
Наводи
уреди- ↑ Попис 2002, книга 10, 335 стр.
- ↑ „Комисија за односи со верските заедници и религиозните групи“. Архивирано од изворникот на 2014-12-14. Посетено на 2014-09-24.
- ↑ „Official Macedonian Human Rights Website - Australia“. Архивирано од изворникот на 2017-06-05. Посетено на 2009-10-23.
- ↑ „Republic of Macedonia“. International Religious Freedom Report 2006. United States Department of State. Посетено на 29 јули 2008.
- ↑ „Kosovo“. The World Factbook. Central Intelligence Agency. 24 јули 2008. Архивирано од изворникот на 2016-07-01. Посетено на 29 јули 2008.
- ↑ „Албанија“. International Religious Freedom Report 2006. United States Department of State. Посетено на 27 јули 2008.
- ↑ „Instantanés d'Albaníe, un autre regard sur les Balkans“ (PDF). Etudiants en Tourisme et Actions Patrimoniales. 2004. Архивирано од изворникот (PDF) на 2009-03-03. Посетено на 27 јули 2008. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ „Albania“. The World Factbook. Central Intelligence Agency. 24 јули 2008. Архивирано од изворникот на 2018-12-24. Посетено на 27 јули 2008.
- ↑ „Bosnia and Herzegovina“. International Religious Freedom Report 2006. United States Department of State. 15 септември 2006. Посетено на 27 јули 2008.
- ↑ „Bosnia and Herzegovina“. The World Factbook. Central Intelligence Agency. 24 јули 2008. Архивирано од изворникот на 2018-03-15. Посетено на 24 јули 2008.
- ↑ „Bosnia and Herzegovina“. United States Department of State. мај 2008. Посетено на 27 јули 2008.
- ↑ „"Macedonia's Jews battle the odds of survival", Katka Krosnar, Centropa Reports“. Архивирано од изворникот на 2006-07-08. Посетено на 2009-10-23.