Исламот во Македонија
Муслиманите во Македонија претставуваат околу една третина од вкупното население во државата[1][2]. Во некои делови во северозападниот дел на земјата муслиманите се мнозинство. Покрај Македонци-муслимани, речиси сите други муслимани во земјата се Албанци, Турци или Роми.
Историја
уредиИсториски погледнато, во Македонија исламот бил донесен со експанзијата на Османлиското Царство на Балканскиот Полуостров и негово освојување во 14 век. Османлиското освојување на Македонија донело промени во сите сфери од животот. Веднаш по освојувањето, силен колонизаторски бран од муслиманско население, составено од османлиски етнички елементи, ја населил Македонија. Најважен елемент во колонизацијата на територијата надвор од градските центри биле Јуруците, чие населување во Македонија особено било интензивно во 15 век. Се смета дека во 16 век на овие простори живееле околу 140.000 муслимани[3]. Во текот на овој период започнала и исламизација на населението во земјата. Нерамноправната социјално-економска положба на христијаните во однос на муслиманите и нивниот статус на граѓани од втор ред биле најважните причини за прифаќањето на новата вера. Колкав бил размерот на исламизацијата по градовите покажува и податокот дека во втората половина на 16 век од 1/4 до 1/3 од муслиманското население во градовите биле исламизирани христијани[4].
Кон средината на XVIII век на територијата на денешна Македонија започнале поинтензивно да се населуваат Албанци. Организирањето на верскиот живот во текот на перидот на Османлиите било под јурисдикција на Шејхул-Исламот во Истанбул, додека по Балканските војни, односно, по Првата светска војна, верскиот живот на муслиманите бил под јурисдикција на Реис Улема, со седиште во Сараево, Босна и Херцеговина.
Денеска во земјата постои Исламска Верска Заедница како заедница на населението со исламска вероисповед, чиј број според пописот од 2002 година изнесува 674.015[5]. Претходно, таа била составен дел на Исламската Заедница на Кралството Југославија, а потоа, во Социјалистичка Федеративна Република Југославија. По распадот на поранешната државна заедница и по осамостојувањето на Македонија, оваа заедница продолжува да дејствува како независна верска заедница во Македонија, со седиште во Скопје.
Во земјата има вкупно 13 муфтиства и тоа: Скопско муфтиство, Тетовско муфтиство, Гостиварско муфтиство, Кумановско муфтиство, Кичевско муфтиство, Дебарско муфтиство, Струшко муфтиство, Штипско муфтиство, Битолско муфтиство, Велешко муфтиство, Охридско муфтиство, Прилепско муфтиство и Ресенско муфтиство.
Исламската вера има два празника: Рамазан и Бајрам, кој е верски празник за муслиманските граѓани на Македонија..
Популација
уредиМеѓу 1904 и 1961 година, процентот на муслимани во земјата започнал да се намалува, но кон крајот на 20 век, бројот на муслимани значително се зголемил. Така, според пописот од 2002 година, во Македонија од вкупното население, 33,33% се муслимани. До 2030 година, според трендот на зголемување, нивниот број треба да достигне до 40%[6].
Година | Население | Процент |
---|---|---|
1904 | 634,000 | 36.76% |
1912 | 384,000 | 33.47% |
1921 | 269,000 | 31.43% |
1948 | 314,603 | 27.29% |
1953 | 388,515 | 29.78% |
1961 | 338,200 | 24.05% |
1971 | 414,176 | 25.14% |
1981 | 546,437 | 28.62% |
1991 | 611,326 | 30.06% |
1994 | 581,203 | 30.04% |
2002 | 674,015 | 33.33% |
Етничка припадност
уредиМакедонските Албанци формираат околу 25% од вкупното население во државата, а најголем дел од муслиманското население, главно, живеат во Полог и западните региони на земјата. Турците, кои сочинуваат околу 4% од вкупното население во земјата, се расфрлани низ целата земја, но главно во поголемите градови, како и Ромите муслимани. Бошњаците се главно концентрирани во Скопје.
Реден број | Етничка група | Население |
---|---|---|
1 | Албанци | 509,083 |
2 | Турци | 77,959 |
3 | Роми | 53,879 |
4 | Македонци-муслимани]) | 40,000-100,000 |
5 | Бошњаци | 17,018 |
Верски објекти
уредиОд верските објекти изградени се многу џамии, месџиди, теќиња и турбиња. Џамиите имаат најчесто квадратна основа и трем, а се покриени со куполи или со дрвена покривна конструкција и претставуваат упростена форма на џамии од турско-османлиската школа. Ѕидани се од камен и тула и се поставени во хоризонтални редови, така што нивните фасади изгледаат живописно. Едноставноста во функционаалното решение кај џамиите естетски е изразена во контрастите на надворешната силуета, која доаѓа до израз во композицијата на тешката кубична маса со купола и високото минаре.
Бројот на џамиите во Македонија достигнува до 600, од кои најпознати се оние од 15 и 16 век. Меѓу зачуваните најважни архитектонски споменици од исламската архитектура во Скопје се: џамијата на султан Мурат Втори, наречена Хунќар-џамија, изградена 1436 година, подоцна обновувана; Исак-бегова џамија, наречена Алаџа-џамија (1438); Иса бегова џамија (1475), која со своите две куполи не потсеќа на џамиите во Бруса; Мустафа-пашина џамија (1492г.), со трем обложен во мермер; Јаја-пашина џамија (1506), со богато обработен портал. Потоа, неколку џамии во Битола: Исак-бегова во Битола (1508г.), Хајдар-кадија (1561г.) и Јени-џамија (1558), адптирана во уметничка галерија. Во Тетово е најпозната Шарена џамија од 1495 обновена во 1785г., богато украсена во внатрешнота и по фасадите.
За потребите на дервишките редови и во Македонија се градат теќиња, меѓу кои најзначајни се Рифал-теќе во Скопје и Арабати-баба теќе во Тетово.
Историски документи
уреди-
Список на џамии во Битола, 1931.
-
Одлука за именување на членови во Серскиот вакуфски одбор, Битола.
-
Турски берат за имам во Султан Мехмед џамија во Охрид.
-
Списоци за плати за наставниците во охридските вакуфи.
Наводи
уреди- ↑ http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf
- ↑ BBC - Macedonia
- ↑ „Историја на македонскиот народ“, Тодор Чепреганов (2008), стр. 140.
- ↑ „Историја на македонскиот народ“, Тодор Чепреганов (2008), стр. 143.
- ↑ „архивски примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-05-13. Посетено на 2015-09-20.
- ↑ „The Future of the Global Muslim Population, The Pew Forum“. Архивирано од изворникот на 2013-04-07. Посетено на 2015-09-20.