Ногаевци
Ногаевци — село во Општина Градско, во областа Клепа, во околината на градот Велес.
Ногаевци | |
Поглед на селото Ногаевци | |
Координати 41°37′44″N 21°54′19″E / 41.62889° СГШ; 21.90528° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Општина Градско |
Население | 165 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 29046 |
Надм. вис. | 260 м |
Ногаевци на општинската карта Атарот на Ногаевци во рамките на општината | |
Ногаевци на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото Ногаевци се наоѓа на 18 односно 19[2] километри јужно од Велес, 9 или околу 10 километри од општинскиот центар Градско, а 25 км северно од Неготино, непосредно од левата страна на меѓународниот автопат „Александар Македонски“ (Е-75) и е сместено веднаш на левиот брег на реката Вардар[2]. Ногаевци претставува рамничарско село и лежи на надморска височина од 260 метри[2], а куќите се распоредени во рамничарскиот дел на брегот на Вардар (Долно Маало) и на благите ридови (Горно Маало). Горното и Долното Маало се разделени со засекот на суводолицата Шопурка[3]. Селото Ногаевци се наоѓа во северниот дел на Општина Градско[2] и претставува стојалиште на железничката пруга Скопје - Гевгелија. Атарот на селото зафаќа површина од 15,2 км2, од кои 873 хектари зафаќа обработливото земјиште, а 444 хектари зафаќаат пасиштата, со што Ногаевци во основа има полјоделска функција[2]. Селскиот атар е многу сиромашен со шуми, кои речиси и да ги нема, па токму затоа во непосредната околина на Ногаевци се спроведувани неколку акции за пошумување со зимзелени дрвја.
Историја
уредиПоради самата местоположба на Ногаевци, на левиот брег на реката Вардар и близината до утоката на реката Брегалница во Вардар и античкиот град Стоби, населби во околината имало уште од најдамнешни времиња, а особено во антиката. Доказ за тоа се шест археолошки наоѓалишта во непосредната близина и околина на селото од кои 4 се од доцноатничкото време (Црвеници, Ограѓе, Лисички Дупки, Горна Црква) и по едно е од железното(тумул кај задружниот блок) и од римското (Грамади) време[4]. Денешното село Ногаевци е настанато најверојатно во преиодот на раниот период на тимаро-спахиство за време на Отоманското Царство. Селото Ногаевци за првпат се споменува во турски пописен дефтер од XV век од 1455 кога тоа било македонско христијанско село кое како тимар било во посед на некојси Хошкадем кој бил субашија на јуруците и учествувал во војна, а потпаѓало под Велешкиот вилает[5]. Во ова време во Ногаевци живееле 25 семејства, 5 неженети и 1 вдовица сите Македонци христијани, а се произведувало пченица, јачмен, 'рж, просо, граор, памук. се чувале свињи и пчели, а се одгледувало и лоза при што имало и лозје на кое работеле 13 аргати, за што севкупно се остварувало приход од 2293 акчиња[5]. Потоа Ногаевци повторно се споменува во XV кога е запишано во 1467/68 година[6]. На почетокот на XVIII век, велешките бегови го почифличиле селото Ногаевци кога родот Ристовци избегал во селото Грнчиште за да не станат чифчии[3]. За време на овој период па сѐ до крајот на отоманското владеење селаните биле орачи и исполџии или момци на беглиците[3]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов - Џинот во својот напис „Велес - статистическо описание“ објавен во „Цариградски весник“ на 7 март 1859 година, за селото Ногаевци запишал дека е христијанско село кое има 30 куќи и стара црква на реката Ногаја и дека најпрвин тука дошле нашите словенски просветители Свети Кирил и Методиј[7]. Имајќи предвид дека недалеку од Ногаевци се наоѓа вливот на Брегалница во Вардар, овој запис на Џинот за Свети Кирил и Методиј може да се заснова на претпоставка за нивно патување од Солун по Вардарската долина кон долината и Брегалничката област каде св. Методиј бил управник и воен заповедник и ја извршил Брегалничката мисија. Река со такво име - Ногаја, меѓу населението до денес не е позната, но веројатно е дека тоа име изведено од името на селото, Јордан Хаџи Коснтантинов - Џинот да го дал за реката Брегалница или пак за некој поток (односно суводолицата Шопурка) во селото крај кој се наоѓа црквата. Ова се потврдува со податоците од 1914 дека под Долното Маало на отворот на суводолицата веднаш крај Вардар се наоѓале остатоци и рушевини („грамаѓе“) од старата „Долна црква“[2]. Во 1914 година, Ногаевци исто така имало 30 куќи од кои 16 во горното и 14 во долното маало[3]. За време на Втората светска војна, генералот Михајло Апостолски одејќи од Пехчево кон селото Горно Врановци при завршните операции за ослободување на Македонија, го минал Вардар со чун кај Ногаевци со помош на селаните за што постои и спомен плоча на една од куќите во селото во која престојувал генералот. Во самото село Ногаевци, на ридовите во Горното маало, и денес постојат неколку куќи постари од 100 години со автентична македонска архитектура. На почетокот на декември 2010 надојдените води на реката Вардар го урнале мостот преку кој водело единственото сообраќајно поврзување на Ногаевци, при што цели три години, сè до неговата целосна обнова во ноември 2013 година[8], поради што жителите морале да користат заобиколни земјени патишта или да преминуваат преку импровизиран висечки мост преку кој дневно пренесувале и до 15 тони домати и пиперки, а учениците изостанувале и од настава[9].
Потекло и значење на името
уредиЗа потеклото на името постојат повеќе преданија, толкувања и анегдоти меѓу месните жители. Во едната се вели дека селото го добило името според изгледот на својата местоположба. Недалеку од Ногаевци е вливот на Брегалница во Вардар, за кој погледнат од околните ридови се добива глетка на човечка нога. Ова верување е најверодстојно и најточно бидејќи со зборот нога во метафорично значење уште во старословенскиот се означувале и именувале географски места како 'планински гребен или рид во вид на нога'[10]. Ова се потврдува што во Македонија постојат вакви места како што се најјужната точка - Маркова Нога кај Долно Дупени во Преспа, месност кај селото Вир во Порече, а во соврмениот словенечки јазик со зборот 'noga' се означува 'брдо, планински гребен'[10],. Оттаму, значењет на името Ногаевци означува 'луѓе кои живеат крај нога' (гребен). За името на селото постои и една анегдота која вели дека пред да се изгради мостот секој што ќе поминел крај Вардар велел „Дигни ногавици“ и така местото го добило името Ногаевци. Според книгата „Речник на топонимите во областа на Сливот на Брегалница“ за селото Ногаевци се претпоставува дека името му потекнува од зборот „ногај“ што на монголски значи куче, а исто така било и лично име на татарски хан од XIII век[6], сепак оваа претпоставка е помалку веројатна односно неточна зашто според историските записи во Ногаевци никогаш не живееле ниту подолго престојувале Татари, туку и покрај околното бројно турско -јуручки население уште во минатото отсекогаш селото било населено исклучиво со Македонци - христијани.
Стопанство
уредиСпоред составот на атарот селото Ногаевци има полјоделска функција[2]. Иако Ногаевци спаѓа во редот на средноразвиени рурални населби сепак селото е стопански и економски извонредно многу активно. Главното занимање на жителите е полјоделството и најмногу се одгледуваат градинарски култури и зеленчук поради алувијалната почва на бреговите на Вардар, при што продажбата на земјоделски производи претставува најголем и единствен извор на приходи за населението. Од градинарските култури најзастапени се пиперките (зелени и црвени), доматите, младиот кромид, лук, праз, морковот, зелката, марулата, ротквата кои се одгледуваат на отворено и под пластеници. Од житните култури најмногу се застапени пченицата, јачменот и пченката, а од останатите култури застапени се лубеницата, тиквата и луцерката. Од овоштарството во голем дел е застапено одгледувањето на праски. Голем дел од земјоделското прозиводство се одвива под организација на ЗК „Вардар“ од Градско. Жителите своите производи ги продаваат најчесто на пазарите во Градско, Велес, Неготино, Кавадарци и Скопје, а голем број на откупувачи и продавачи на големо доаѓаат директно во Ногаевци каде постои мобилен откупен пункт за да ги откупуваат земјоделските производи од жителите, особено зелените пиперки, кромидот, доматите, праските и зелката при што во деновите на бербата на лето и есен дневно се берат и откупуваат и до 15 тони пиперки и домати. Селото Ногаевци е едно од најголемите производители на ран зеленчук со кој се снабдуваат пред сè Велес, а исто така и Скопје, Кавадарци, Неготивно. Како едно од селата најголеми производители на млад кромид во Велешко, од Ногаевци доста млад кромид се откупува и во странство на пазарите во земјите на поранешна Југославија односно Хрватска, Црна Гора, Косово[11], Романија и Бугарија. Во последно време во Ногаевци повторно се одгледуваат и индустриските земјоделски култури како маслодајната репка[12] и сончогледот, а има и неколку лозја помеѓу овоштарските насади со праски. со Веднаш над и спроти селото постојат бачила во кои презимуваат овците од Западна Македонија. Во Ногаевци работи и приватната млекарница „МИЛКОМ“ која произведува млеко, јогурт и млечни производи застапени како свои или по нарачка на други компании за пазарите во Велес и Скопје и во која се вработени дел од жителите, а исто така работат и неколку фирми за ископување на песок од Вардар. Повеќето домаќинства во селото чуваат и кози, како и живина односно домашни птици - кокошки и петли, гуски, мисирки.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[13]
Во последните 50 години, не е забележана драстична и голема промена во бројот на населението на Ногаевци иако тоа бележи постојано и благо опаѓање. Така во 1961 година во Ногаевци живееле 302 жители, од кои 289 Македонци, 7 Срби и 6 Албанци, додека во 1994 година селото броело 244 жители од кои 240 Македонци, 3 Срби и 1 Албанец[2]. Забележливо е тоа што во селото има бројно младо население и стапката на новороденчиња е висока. Во селото има 67 домаќинства и околу 15 напуштени (празни) или разрушени (од забот на времето) куќи. Во Ногаевци има 1 домаќинство со 4 деца и неколку со по 3 деца што е реткост во селата населени со македонско и христијанско население во Македонија.
Според податоците од пописот во 2002 година, во Ногаевци живеат 239 жители, од кои 236 Македонци, 1 Албанец и 2 Срби.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 165 жители, од кои 156 Македонци и 9 лица без податоци.[14]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 200 | 240 | 331 | 311 | 302 | 268 | 285 | 231 | 244 | 239 | 165 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]
Родови
уредиИако селото Ногаевци се наоѓа на левиот брег на реката Вардар, на кој е познато дека во отоманско време живеела голема област (оаза) на турско-муслиманско население од вливот на Пчиња во Велешко, па сѐ до Струмскиот Залив во Егејското Море, сепак Ногаевци отсекогаш па сѐ до денес било населено исклучиво со православни македонски родови. Според податоци од 1914 година во селото живееле следните родови, од кои старинци биле: Шортевци, Благоводовци, Тренчевци, Стоилковци, Давчевци, Нисторовци, Кимчевци, Карговци[3]. Стари доселенички родови биле Ѓорговци (од с. Пештерица кај Кочилари кон крајот на XVII век), а понови доселеници биле Нејковци-Џандаровци (од с. Водоврати околу 1880, а претходно се преселувале во Виничани, Уланци и Згрополци), Сарајовци и Крстовци (двата рода од с. Долно Чичево), Глигоровци, Ковевци, Науновци и Петревци (сите четири родови од с. Убого, Петревци претходно живееле во Криволак и овчеполското село Преод), Батовци (од с. Градско, а претходно се преселувале во Росоман и Подлес), Крстевци (од с. Градско, а претходно од Виничани)[3]. Поради постојаниот број жители и иселувањата во помали размери и денес во Ногаевци живеат потомци на овие македонски родови со презимиња Игнови, Андовски, Ѓошевски, Ставревски, Мишкови, Николовски, Стојанови, Лазови.
Општествени установи
уредиВо селото работи подрачната едниница на основното училиште ОУ „Даме Груев“ - Градско во кое учат 16 ученици од I до IV одделение. На крајот на селото работи прочистителна станица на реката Вардар која е изградена пред неколку години.
- ЖС „Ногаевци“ — железничка станица на линијата Скопје-Гевгелија
Цркви
уреди- Црква „Св. Спас“, изградена во првата четвртина на XIX век
Самоуправа и политика
уредиСелото Ногаевци претставува месна заедница во рамките на Општина Градско.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 2226 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 170 гласачи.[20]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[21]
- Горна Црква — некропола од доцноантичко време
- Грамади — населба од римско време
- Задружен Блок — тумул од железно време
- Лисички Дупки — некропола од доцноантичко време
- Ограѓе — населба од доцноантичко време
- Црвеници — населба и некропола од доцноантичко време
Редовни настани
уреди- Спасовден (10 јуни) — селска слава и патронен празник на селската црква
Култура и спорт
уредиВо просториите на селското училиште во Ногаевци работи КУД „Спасовден“.
Иселеништво
уредиПишани податоци за најстари иселувања се забележани во Велес во 1900 година[3]. Првите поголеми миграциони процеси на иселување од Ногаевци се забележуваат по Втората светска војна, особено во педесеттите и шеестите години на XX век. Најголемиот дел од иселеното население е иселено во Велес, а во многу мал број и во Скопје. Многу се ретки случаите на иселување во странство. Со затворањето на повеќето фабрики во Велес, последниве години е забележително враќањето на иселените жители назад во Ногаевци.
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 215–216. ISBN 9989-862-00-1.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Радовановиќ, Воислав (1924). Јован Цвииќ (уред.). Тиквеш и Раец - антропогеографски испитувања (српски). 29 (Српски етнографски зборник. изд.). Белград: Српска краљевска академија и Графички завод "Макарије"). стр. 477–478.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. Том II, стр. 79 ISBN 978-9989-101-06-9
- ↑ 5,0 5,1 Соколоски, Методија (1973). Турски документи за историјата на македонскиот народ. II. Скопје: Архив на Македонија. стр. 47–48.
- ↑ 6,0 6,1 Иванова, Олга (1996). Речник на топонимите во областа по сливот на Брегалница. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 444.
- ↑ Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (7 март 1859). „Велес - статистическо описание“. Цариград: Цариградски весник. Посетено на 15 февруари 2016.
- ↑ „Реконструиран мостот во село Ногаевци“. МИА. 10 ноември 2013. Посетено на 24 декември 2015.[мртва врска]
- ↑ Печков, Петар (3 септември 2012). „УЧЕНИЦИТЕ ОД СЕЛО НОГАЕВЦИ НЕ БЕА НА ЧАСОВИ ВО ГРАДСКО“. Скопје: Утрински Весник. Посетено на 24 декември 2015.[мртва врска]
- ↑ 10,0 10,1 Видоески, Божидар (1999). Географската терминологија во дијалектите на македонскиот јазик. Скопје: МАНУ. стр. 99. ISBN 9989-649-64-2.
- ↑ Андреевски, Стоилко (28 март 2010). „Велешкото кромитче оди како алва“. Вечер. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 24 декември 2015.
- ↑ Печков, Петар (6 ноември 2011). „Маслодајната репка се врати на велешките земјоделски површини“. Ти Реков Ми Рече (портал). Посетено на 24 декември 2015.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 79. ISBN 9989-649-28-6.