Росоман
Росоман — село и административно седиште на истоимената општина, во областа Тиквеш, во околината на градот Кавадарци.
Росоман | |
![]() Воздушен поглед на селото Росоман | |
Координати 41°30′58″N 21°56′59″E / 41.51611°N 21.94972°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Тиквеш |
Население | 2.553 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1422 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 11038 |
Надм. вис. | 135 м |
![]() |
Потекло и значење на името
Првпат името на селото било запишано како Росомани во турски документи во XV век (1445 г.). Името веројатно доаѓа од личното име Росоман.[2]
Народни преданија за името
За потеклото на името на Росоман постојат различни легенди. Според една, некој трговец патувал со жена му од Прилеп кон Стоби, но патем застанувал во секој ан, а жена му, со име Роса, постојано го карала за неговата неодговорност. Во тоа време, луѓето немале часовници, па затоа со себеси носеле мали петлиња, кои со своето кукурикање ги потсетувале на времето. Знаејќи за навиката на својот маж, Роса му ставила петле во торбата, но му го врзала клунот за да не може да пее. Така, човекот тргнал на пат, но петлето никако не пеело, така што тој постојано одел понатаму, без да направи одмор. Во мугрите, тој пристигнал до анот кој се наоѓал на местото на денешниот Росоман и дури тогаш забележал што му направила жената. Сфаќајќи дека бил насамарен од жена му, тој почнал да офка: Росо аман, Росо аман... Оттогаш, сите трговци, кога се договарале каде да се чекаат, на шега велеле „кај Росо аман“ и така местото го добило името Росоман.
Според друга легенда, си била една убава девојка Роса, која сакале да ја потурчат. Не сакајќи да го прифати тоа, таа се фрлила во Црна Река и според нејзиното име, местото било наречено Росоман.
Постои и трета легенда, според која, најголемиот недостаток (маана) на Росоманското Поле е росата, која често ги зафаќа ливадите. Оттука, со спојување на именките роса и маана настанало името Росоман.[3]
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во источниот дел на Општина Росоман, во Росоманското Поле, на самиот пат Градско-Прилеп. Атарот на селото се допира со подрачјето на Општина Градско.[4] Селото е рамничарско и се наоѓа на надморска височина од 135 метри.[4] Селото се наоѓа во северниот дел на областа Тиквеш, оддалечено 14 километри северозападно од градот Кавадарци.
Низ селото поминува дел од А3 (Градско-Прилеп), но тој бил заменет со новоизградениот експресен пат Градско-Дреново пуштен во употреба на 14 јануари 2025 година.
Селото се наоѓа на левиот брег на реката Црна. Во минатото, реката некогаш се излевала и го поплавувала долниот дел на селото. Водата за пиење доаѓала од изворот Ѓерис преку селска чешма, а имало и повеќе бунари.[5]
Селото има збиен тип. Било поделено на три маала: Горно, Средно и Долно Маало. Пред изградбата на пругата за Солун, селото личело на мала населба (варош), со мала чаршија во Средното Маало.[5]
Историја
Подрачјето на Росоман е населено уште од доцноантичкото време, за што сведочат остатоците од населба во наоѓалиштето Ќуровец, сместено 500 метри западно од селото.[6]
За време на Отоманското Царство, во близината на Росоман се наоѓало едно од двете речни пристаништа во Македонија..[5] Од пристаништето во Росоман се превезувале земјоделски производи до Солун, а во Росоман имало и барутарница. Пристаништето било најактивно во втората половина на XIX век, кога Росоман бил означуван како „варошица“, со полуградски тип, бидејќи во него имало чаршија со дуќани. Значењето на Росоман започнало да опаѓа со изградбата на железничката пруга од Солун до Скопје во 1873 година, а особено по 1888 година, кога била изградена пругата кон Србија. Иако со послаба активност, пристаништето функционирало до 1912 година.[3]
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 20 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.714 хектари, па затоа селото има полјоделска функција.[4]
Во него работат продавници и угостителски објекти.[4]
Во близина на селото постои мал аеродром наречен „Градско“ наменет за земјоделството и шумарството.
Во отоманскиот период, селаните се занимавале само со земјоделство, а дел од нив биле и самите бегови.[5]
Население
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Росоман живееле 1.040 жители, сите Македонци, од кои 100 христијани и 940 муслимани.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Росоман имало 80 жители, сите Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[9]
Селото е големо, со пораст на населението. Така, тоа во 1961 година имало 1.480 жители, од кои 888 биле Македонци, 234 Срби, 14 Срби и 340 биле запишани како други. Во 1994 година, бројот се зголемил на 2.489 жители, од кои 2.027 биле Македонци, 334 Срби, 9 роми и 119 останати.[4]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 2.554 жители, од кои 2.285 Македонци, 2 Роми, 238 Срби и 29 останати.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.553 жители, од кои 2.285 Македонци, 2 Албанци, 21 Ром, 4 Власи, 169 Срби, 16 останати и 56 лица без податоци.[11]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Росоман:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 1.247 |
1953 | 461 | 3 | 761 | 0 | 0 | 241 | 20 | — | 1.486 |
1961 | 888 | 0 | 14 | — | — | 237 | 341 | — | 1.480 |
1971 | 1.274 | 7 | 12 | 0 | — | 351 | 270 | — | 1.914 |
1981 | 1.777 | 0 | 0 | 8 | 0 | 337 | 280 | — | 2.402 |
1991 | 1.944 | 0 | 0 | 12 | 0 | 245 | 270 | — | 2.471 |
1994 | 2.027 | 0 | 0 | 9 | 0 | 334 | 119 | — | 2.489 |
2002 | 2.285 | 0 | 0 | 2 | 0 | 238 | 29 | — | 2.554 |
2021 | 2.285 | 2 | 0 | 21 | 4 | 169 | 16 | 56 | 2.553 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
Росоман било македонско муслиманско село, но сега е доминантно македонско православно село.
Според истражувањата од почетокот на 1920-тите години, во селото биле застапени следниве родови:[5]
- Староседелци: Минтешовци (8 к.), Јусуфчевци (7 к.), Патревци (10 к.), Алималовци (6 к.), Пусуловци (8 к.), Абевци (10 к.), Нолбантиновци (12 к.), Аџијовци (15 к.), Мустабеговци (12 к.), Узуновци (15 к.), Селимовци (25 к.) и Патлевци (6 к.).
- Доселеници: Берберовци (9 к.), порано наречени Јуруковци, доселени се од јуручкиот предел, по потекло Јуруци; Хукачевци (6 к.), доселени се од Манастирец на почетокот од XIX век; Асанчевци (8 к.), доселени во 1840 година од селото Дуброво; Муаџировци (2 к.), доселени во 1878 година од Врање во Србија; Пундевци (1 к.), доселени во 1902 година од селото Долни Дисан и Дашковци-Чамевци (1 к.), доселени во 1913 година од Долни Дисан, а таму во XVIII век од раселеното село Раштани.
Иселеништво
Муслиманите од селото се иселени во Турција.
Општествени установи
- Централно основно училиште „Пере Тошев“, деветгодишно основно училиште
- Детска градинка „Праскичка“
- Седиште на Општина Росоман
- Пошта (1422)
- Амбуланта
- Дом на културата
-
Амбулантата
-
Градинката
-
Основното училиште
-
Поштата
-
Спортската сала
-
Старото училиште
Самоуправа и политика
На крајот од XIX век, Росоман било село во Тиквешката Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Росоман, една од ретките општини која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Росоман.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Градско.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Росоман, во која покрај селото Росоман се наоѓале селата Камен Дол, Крушевица, Манастирец, Паликура, Рибарци, Сирково и Трстеник. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Росоман, во која влегувале селата Паликура и Росоман.
-
Месната заедница
-
Управна зграда
-
Влез во управната зграда
-
Управна зграда
-
Влезот во месната заедница
-
Sвезда од Кутлеш на месната заедница
Избирачко место
Во селото постојат избирачките места бр. 0720, 0721 и 0722 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на новото основно училиште.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 2.166 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 2.149 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
- Археолошки наоѓалишта[6]
- Савова Чешма — населба од римско време;
- Селски Гробишта — базилика од старохристијанско време;
- Ќуровец — населба од доцноантичко време; и
- Чешма — осамен наод од римско време.
- Црква „Св. Троица“ — главна селска црква.
Култура и спорт
- ФК Росоман 83 - оформен е во 1983 година, а има настапувано и во Втората македонска фудбалска лига.
Галерија
-
Старото училиште
-
Детско игралиште кај градинката
-
Поштата
-
Старото училиште
-
Лулашки
-
Спортски терени
Наводи
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 152. ISBN 978-608-220-026-2.
- ↑ 3,0 3,1 Светлана Дарудова, „Пругата од Солун за Скопје го затворила пристаништето во Росоман“, Дневник, година XIX, број 5752, вторник, 28 април 2015, стр. 12.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 262. Посетено на 10 февруари 2025.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Радовановиќ, Воислав (1924). Тиквеш и Рајец. Белград: Српска кралска академија. стр. 456-457.
- ↑ 6,0 6,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 159. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 154.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 104-105.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 февруари 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 10 февруари 2025.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 62. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Литургија и освет на камен темелник