Подлес

село во Општина Градско

Подлес — село во Општина Градско, во околината на градот Велес.[2]

Подлес

Поглед на селото Подлес

Подлес во рамките на Македонија
Подлес
Местоположба на Подлес во Македонија
Подлес на карта

Карта

Координати 41°31′42″N 21°49′4″E / 41.52833° СГШ; 21.81778° ИГД / 41.52833; 21.81778
Регион  Вардарски
Општина  Градско
Население 8 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1420
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29058
Надм. вис. 669 м
Слава Духовден
Подлес на општинската карта

Атарот на Подлес во рамките на општината
Подлес на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Сретселото во Подлес.
 
Поглед на Подлешкото Езеро.

Во Македонија, селото Подлес се наоѓа јужно од Велес, односно југозападно од Градско (17 км). Селото е расположено на потоците Ризовец и Карапеовец во подножјето на Ветерско и Шумарот.

Селото е доста богато со вода. Има шест чешми (Маслинките, Долна чешма, Галабова чешма, Беговица, Црквата и Улица). Во околината на селото исто така има повеќе извори и чешми. Од кои попознати се: Калиманска чешма; Празниторба; Даброво; Ливаѓе; Карапеовец; Орловец; Србиница; Вирот; Каракашица; Стан; Папучани и др.

Подлес е типично македонско село од збиен тип. Во селото се наоѓаат зачувани куќи со стара архитектура, кои се изградени со плочи и камења, со убави дрвени чардаци, а до куќите водат калдрмисани сокачиња.[3]

До селото води асфалтиран пат од општинското средиште Градско, а на самиот влез во селото се наоѓа и вештачкото Подлешко Езеро, кое неодамна било и уредено со видиковци.

Соседни села на Подлес се: на запад Крнино, на север Крајници, Двориште, на исток Горно Чичево, Долно Чичево; Крушевица; Сирково; на југ Мрзен Ораовец; Попадија.

Подлес и останатите села од општина Градско расположени на источните падини на планината Клепа се дел од засебна етногеографска целина наречена Клепа. Оваа област спаѓа во поширокиот Повардарски етногеографски регион.

Историја

уреди
 
Историска слика од Подлес

За време на Отоманското Царство, селата околу планината Клепа биле организирани во истоимена територијално административна единица - нахија Клепа.

Потекло и значење на името

уреди

За настанокот на името на селото Подлес постои легенда меѓу населението. Северозападно од Подлес на оддалеченост од околу пет километри некогаш се наоѓала населбата Припор чиешто население се занимавало со земјоделство и сточарство, а од стока се одгледувале: волови, коњи, магариња, овци и особено многу свињи поради доста погодните услови во околината побата со дабова шума со желади кои се основна и извонредна храна за нив[4]. Заради тоа свињите секогаш биле пуштани сами да се хранат со корени и желади, па еден ден свињата на некојси Ташо се изгубила во шумата, а тој барајќи ја насекаде стигнал во атарот на селото Подлес[4]. Наеднаш го слушнал нејзиното грофтање и по гласот открил дека свињата била скриена под ладовината на едно лесково дрво[4]. Откако се вратил со свињата во Припор, Ташо на селаните им одговорил дека свињата ја нашол под една леска кај еден извор, заради што тие се заинтересирани го посетиле местото и откако виделе дека едоста богато со вода и во заветрина решиле да се населат таму[4]. Така на местото околу и леската се основало кое заради пронаоѓањето на свињата на Ташо под леската било наречено Подлес[4]. Под името Подлес во Европа постојат уште две други села: едно во Русија и едно во Бугарија.

Стопанство

уреди

Подлес во минатото било едно од поголемите села во општината Велес. Населението се занимавало со земјоделство - полједелство и сточарство (овчарство и пчеларство). Исто така доста било развиено и мелничарството. Во селото имало колонијална продавница и продавница за текстил, како и кројачка задруга. Во близина на селото се експлоатирал кус временски период и рудник за талк. Исто така кус период постоела и селска земјоделска задруга. Исто така постоела ковачка работилница, која се занимавала со производство на плугови за орање, алат за копање и обработка на земја, алат за дрво и др. Денес населението се занимава со земјоделство - сточарство (овчарство и пчеларство) .

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948677—    
1953655−3.2%
1961574−12.4%
1971348−39.4%
1981129−62.9%
ГодинаНас.±%
199184−34.9%
199477−8.3%
200249−36.4%
20218−83.7%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Подлес живееле 820 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Подлес имало 744 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 600 Македонци.[7]

Според пописот од 2002 година, во селото Подлес живеат 49 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 8 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 820 744 677 655 574 348 129 84 77 49 8
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]


Во селото моментално живеe едно семејство со две дечиња: сестричката Илина која посетува училиште во Градско со помалото братче Филип.

Родови

уреди

Според истражувањата од 1920-тите, родови во селото се:[13]

  • Староседелци: Ѓерасиновци (8 к.), Вражавковци (7 к.), Чингаровци (5 к.), Здравевци со Салмовци и Гурамовци (13 к.), Јосивовци (4 к.), Милевци (4 к.), Прценовци (2 к.), Постоловци (11 к.), Пастрмковци (7 к.) и Тошевци (7 к.)
  • Доселеници: Бошевци со Страчковци, Мишковци и Кунинци (24 к.) доселени се на почетокот од XVIII век од околината на Корча во Албанија; Левовци со Пецовци, Бинчевци, Маринци, Дановци, Гондевци и Домазетовци (24 к.) доселени се средината на XVIII век од селото Житолуп; Крајничани (3 к.) доселени се на крајот од XVIII век од селото Крајници; Ацевци (1 к.) доселени се во 1870 година од селото Сарамзалино во Овче Поле; Милошевци (1 к.) доселени се од селото Грнчиште; Димитријовци (1 к.) доселени се од селото Војница; Таневци (1 к.) доселени се од селото Скачинци; Лазевци (1 к.) доселени се од селото Шивец.

Општествени установи

уреди
  • Месна заедница

Самоуправа и политика

уреди

Селото се наоѓа во Општина Градско, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес, додека во периодот по војната од 1955 до 1962 година селото било во рамките на некогашната општина Градско.

Во периодот 1952-1955 година, селото се наоѓало во тогашната Градска општина, во која покрај Подлес се наоѓале и селата Виничани, Водоврати, Горно Чичево, Градско, Долно Чичево, Убого и Уланци. Самата Градска општина била дел од Титоввелешката околија. Во периодот од 1950-1952 година, селото се наоѓало во рамките на тогашната Општина Долно Чичево, во која покрај Подлес, се наоѓале и селата Водоврати, Долно Чичево, Горно Чичево и Крушевица.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 2223 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на селски објект.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 26 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[16]
  • Лозје — осамен наод од римско време;
  • Прдловец — населба од римско време;
  • Ридот — некропола од римско време; и
  • Селиште — населба од римско време.
 
Чешма Маслинките
Цркви[17]
Езера
Споменици
  • Спомен-чешма во чест на загинатите во НОБ.

Редовни настани

уреди
  • Духовден — главна селска слава, при што доаѓаат многу гости од сите соседни села. Во минатото за време на славата се организирале игранки на неколку места во селото. Исто така, биле организирани и фудбалски натпревари, на кои учествувале екипи од Долно Чичево, Сирково и други соседни села. За време на славата имало традиција посета на сите куќи во селото.

Личности

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 182.
  3. Дарудова, Светлана (20 март 2014). „Избегав од бучниот Велес по помирен живот во Подлес“. Дневник. Скопје: МПМ Македонија. Посетено на 16 февруари 2016.[мртва врска]
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Ончевски, Страшо. Монографија за селата Горно Чичево и Подлес. Велес: Графичар. стр. 39–88.
  5. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 182-183.
  6. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рp. 118-119.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. Радовановиќ, Воислав. Тиквеш и Рајец.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 78. ISBN 9989-649-28-6.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

уреди