Франц Кафка
Франц Кафка[1] (германски: Franz Kafka; 3 јули 1883 во Прага – 3 јуни 1924 во Виена) — еден од водечките писатели на германски јазик од 20 век. Најголемиот дел од неговите дела се објавени посмртно. Во неговите најпознати дела, романите „Процес“ (германски: Der Process) и „Замок“ (германски: Das Schloss), како и новелата „Преобразба“, пишува за бирократијата, за алиенацијата и за немоќта на поединецот да влијае врз општествените случувања.[2]
Франц Кафка Franz Kafka | |
---|---|
Фотографија на Франц Кафка од 1906 | |
Роден/а | 3 јули Прага, Австроунгарија |
Починат/а | 3 јуни 1924 Кирлинг, Виена, Австрија |
Занимање | агент за осигурување, управник на фабрика, писател на романи и раскази |
Националност | Чешки Евреин |
Жанр | роман, расказ |
Книжевно движење | модернизам, егзистенцијализам, надреализам, претходник на магичниот реализам |
Значајни дела | Процес Замок Преобразба |
Потпис |
Кратка биографија
уредиСемејство
уредиТаткото на Кафка, Херман Кафка (1854–1931) бил трговец. Тој имал двајца браќа Георг и Хајнрих кои умреле уште како деца, пред Кафка да наполни седум години. Имал и три сестри: Габриела (Ели) (1889–1944), Валерија (Вали) (1890–1942) и Отилија Кафка (Отла) (1892–1943). Сите сестри умреле за време на холокаустот во Втората светска војна. Вали била депортирана во Полска во 1942, и тоа е последната документација за неа. Отилија му била најомилена сестра.[3]
Иако неговиот мајчин јазик е германски, Кафка одлично знаел и чешки бидејќи неговиот татко бил чешки Евреин кој потекнувал од Прага и сакал неговиот син одлично да ги зборува и двата јазика. Кафка имал познавање и од францускиот јазик и култура, а еден од неговите омилените автори му бил Флобер.
Образование
уредиОд 1889 до 1893, Кафка одел во основно училиште во Прага. По основното училиште се запишал во гимназија каде учел 8 години, на германски јазик. Матурирал во 1901, со високи оценки[4]. Истата година се запишал на студии на Карловиот универзитет во Прага[5]. Отпрвин бил запишан да студира хемија но по две недели се префрлил на право. На крајот на првата година се запознал со Макс Брод со кого ќе остане близок пријател до крајот на својот живот[6]. Кафка многу читал и заедно со Брод го читале Платон на оригинален грчки и делата на Флобер на француски[7]. Ги сметал Фјодор Достоевски, Флобер, Николај Гогољ за свои „браќа по крв“[8]. Освен тоа, го интересирала и чешката книжевност и го сакал делото на Гете[9]. Кафка станал доктор по право на 18 јули 1906 а потоа една година неплатено работел како приправник во граѓанскиот и кривичниот суд.
Професија
уредиПосле приправничкиот стаж работел како службеник во осигурителна компанија. Тогаш започнала неговата писателска кариера. Тој ја опишува работата во оваа компанија како нешто што го прави само за да заработи пари.
Во 1917 година се разболел од туберколоза[10] а неговото семејство му помагало да се опорави. Најчесто била присутна сестра му Отла со која имал одлична комуникација.
Уште додека учел тој активно организира литературни и социјални случувања, промовирајќи ги во Еврејскиот театар и покрај негодувањата на неговиот најблизок пријател Макс Брод кој вообичаено го поддржувал во работите кои ги правел. Откако ја видел театарската изведба на еврејската театарска дружина во октомври 1911, Кафка "се посветил целосно на јидишот и на еврејската книжевност"[11]. Овој интерес бил појдовна точка за тој длабоко да го истражува јудаизмот[12]. Наспроти стравот дека е физички и ментално антипатичен, луѓето биле импресионирани од него, од неговиот момчешки, чист и аскетски надворешен изглед, неговата интелигенција и чудна смисла за хумор[13].
Приватен живот
уредиВрската со неговиот доминантен татко е честа тема во она што го пишува. Во 1920 доживеал многу интензивна љубовна врска со чешката новинарка и писателка Милена Јасенска и во 1923. Писмата што ѝ ги пишувал подоцна биле објавени како Писма до Милена.[14] Во Берлин ја сретнал Дора Диамант, 25-годишна учителка во градинка која потекнувала од ортодоксно Еврејско семејство. Тој се преселил во Берлин обидувајќи се да се оддалечи од влијанието на неговото семејство и да се фокусира на пишувањето. Дора станала негова љубовница и поради неа Кафка пројавил интерес за Талмудот[15].
Општо е прифатено мислењето дека Кафка страдал од клиничка депресија и социјална анксиозност целиот свој живот. Страдал од мигрена, несоница, цревни заболувања, напади на бес и други оболувања создадени од прекумерен стрес и напор. Тој се обидувал да ги контролира овие заболувања преку природни методи држејќи вегетеријанска диета и конзумирајќи големи количини непастеризирано млеко (кое се смета за главниот причинител на туберкулозата). Туберкулозата се влошила и тој се вратил во Прага, а оттаму заминал во санаториумот Кирлинг во Клостернојбург, во близината на Виена,[16] со надеж дека ќе се излечи. Таму, тој умрел на 3 јуни 1924 година, а причината за неговата смрт најверојатно е изгладнувањето. Болките во грлото му оневозможувале да јаде, а бидејќи интравенозното хранење во тоа време не било развиено не постоел начин за негово хранење.[17] Исто така се претпоставува дека Кафка страдал од некој вид атипична анорексија.[18] По смртта, неговото тело било донесено во Прага, каде на 11 јуни бил закопан на Новите еврејски гробишта во Страшница, Жижиков (кој две години претходно бил припоен кон Прага).[16]
Наследство
уредиКафка во својот живот објавил само неколку раскази, само мал дел од неговото творештво и поради тоа неговото творештво не привлекува значајно внимание додека бил жив. Пред да почине му рекол на својот пријател Макс Брод да ги уништи сите ракописи. Неговата љубовница Дора Диамант делумно ги извршила неговите претсмртни барања. Голем дел од неговите последни ракописи, вклучувајќи 20 тетратки и 35 писма таа тајно ги задржува сè додека не се конфискувани од Гестапо во 1933. Сè уште се во тек неколку меѓународни барања кои се спроведени за да се пронајдат овие изгубени текстови на Кафка[19]. Брод ги прекршува упатствата на Кафка и ги прегледува публикациите на поголемиот дел од текстовите што ги поседувал, и наскоро овие текстови започнуваат да привлекуваат внимание и високи критички оценки.
Сите објавени дела на Франц Кафка, со исклучок на неколку писма што ѝ ги упатил на Милена Јасенска се напишани на германски јазик.
Творештвото
уредиКнижевното дело на Кафка му припаѓа на германското експресионистичко движење. Врз него делувале делата на Сигмунд Фројд, а егзистенционалистите го сметаат за свој претходник. Пишувал со едноставна, речиси фактографска техника, изобилно употребувајќи ја филозофската и религиозната симболика, често на граница на алегорија. Неговиот логичен, збиен стил му овозможувал совршено природно да ги изнесува своите фантастични визии.
Во своите дела ја изложува идејата за бесплодноста и немоќта на човекот да ги сфати принципите и механизмот на светот. Малите луѓе кои се покоруваат без прашање, секогаш се во милост на „власта“, додека оние кои се бунат, се осудени.
Процес
уредиЈозеф К., банкарски службеник во некој германски град, е уапсен од непознати причини. Никој не му кажува за што е обвинет, а тој не може да открие ни каков е тој суд што тајно заседава во некоја зграда во градот, и каква моќ има. Тој се обидува да се брани, и бара помош од било којшто има врска со мистериозниот апарат што е против него. Малата слугинка му советува да признае сè што се бара од него, и да се стави на милост и немилост на судот.
Неговата вина е утврдена, и тој дознава дека има само две можности: или случајот да се одложи на некое време, или да биде привремено пуштен на слобода, но да може да биде затворен кога судот ќе нареди. Јозеф К. му се спротивставува на судот, сака да дознае за што и пред кого е виновен, повикувајќи се на принципите на разум и правда. Најпосле, доаѓаат двајца таинствени агенти и го убиваат.
Романот бил предмет на бројни интерпретации. Тиранскиот, брутален и ирационален судски систем кој го прогонува Јозеф К., се толкува како човечка злоупотреба на божествените закони. Како и да е, Кафка во романот создава атмосфера на безизлезност.
Критички толкувања и влијание
уредиДенес, Кафка се смета за еден од најзначајните и највлијателните писатели на XX век.[16] Така, Томас Ман вели дека творештвото на Кафка спаѓа меѓу најдлабокото и најзначајното нешто што во прозен облик го создала светската книжевност.[20]
Постојат повеќе критики кои се обиделе да го објаснат и да ги толкуваат делата на Кафка толкувајќи ги преку одредени школи на литературната критика - како што се модернистите, магичните реалисти итн. Очигледната безнадежност и апсурноста кои се врежани во неговите дела се сметаат за симболичен егзистенцијализам. Други пак се обидуваа да лоцираат марксистичко влијание во неговата сатиризација на бирократијата во делата како „Процес“, „Замок“, итн., а некои критичари пак сметаа дека главната инспирација на Кафка е анархизмот и антибирократскиот индивидуализам. Дури и денес постојат интерпретации на неговите дела преку јудаизмот (поради фактот што бил Евреин и пројавувал интерес за еврејската култура). Борхес прави неколку перцептивни забелешки во однос на ова стојалиште за јудаизмот: преку Фројд (поради семејните несогласувања) или како алегорија на метафизичко барање на Бога (Томас Ман се согласувал со оваа теорија).
Темите на оттуѓеноста и прогонувањето се повеќепати нагласени, и посебен акцент е ставен во делото на Марти Робер - кое делумно е инспирирано од делото на Жил Делез и Феликс Гуатари кои расправаат дека кај Кафка нема стереотипи на осамени фигури напишани од мака, туку неговото дело е многу повеќе промислено, субверзивно и на крајот на краиштата повеќе „весело“ отколку тоа се чини. Биографите рекоа дека често Кафка им ги читал поглавјата од книгите на кои работел на своите најблиски пријатели, и овие читања биле концентрирани на самите себе, со константна, но честопати игнорирана, хумористична линија во неговата проза. Милан Кундера упатува на есенцијалниот надреалистичен хумор на Кафка[21] како главен претходник на идните уметнички дела на Федерико Фелини, Габриел Гарсија Маркес, Карлос Фуентес и Салман Ружди. Во есејот „Отворени дела“ од 1962 година, италијанскиот писател Еуџенио Монтале ги карактеризира делата на Кафка како отворени, поради нивните многубројни значења.[22]
Во поговорот кон полскиот превод на „Процес“, Бруно Шулц го опишува Кафка како писател со „неверојатно чувство за одговорност“ и „религизона умереност“ и „творец од голем формат, кој посегнува по највисоките задачи, кој се бори за разрешување на најдлабоките битови прашања“, истакнувајќи дека „творештвото на Кафка е богато и интензивно, од самиот почеток готово и зрело“. Притоа, според Шулц, Кафка е воспевач на божествениот поредок, но тоа го прави со карикатурална деформација, во навидум компромитирачки и апсурдни форми. На тој начин, Кафка ги исмејува проблематичноста и безнадежноста на човековите дела во однос на божествениот поредок. Во продолжение, Шулц го определува методот на Кафка како создавање паралелна, двојничка ралност којашто ја постигнува со помош на псевдореализам, т.е. Кафка ја гледа реалноста изострено и ја познава нејзината гестикулација. Неговиот однос кон реалноста е ироничен и префиден како односот на магионичарот кон својата апаратура и тој само ја симулира точноста и прецизноста на реалноста за да може подетаљно да ја искомпромитира. Книгите на Кафка не се алегорична слика или интерпретација на некоја доктрина, туку претставуваат самостојна поетска реалност што се мотивира и пронаоѓа во самата себе. Неговото дело живее со сопствен поетски живот - многузначно, бескрајно длабоко, неисцрпено од ниедна интерпретација.[23]
Според сопственото признание, Петер Хандке повеќепати ги читал делата на Кафка за кого вели дека му значи многу. Според него, со својата чистота на јазикот Кафка секогаш ќе значи многу[24] и тој го нарекува Кафка пример за писател од XX век. Хандке смета дека, во однос на јазикот, не може ништо да му се префрли на Кафка, но неговите реченици се „панично назапчени“, т.е. во нив нема празнина, нема мир ниту тивок опис на природата, што е одлика на големата книжевност. Напротив, во делата на Кафка постои само клаустрофобичен внатрешен свет што тој го создава со најголема сугестивност, а можеби и во воодушевување за очајот. Оттука, Хандке вели дека не го прифаќа Кафка како писател на овој век, а еднаш во младоста напишал: „Го мразам Франц Кафка, вечното дете!“[25] Исто така, тој вели дека за Кафка чувствува презир, љубов, пријателство и сè можно, нарекувајќи го „пријател-непријател“. Меѓутоа, според Хандке, пропаст е Кафка да се нарече најсветла појава во книжевноста на 20 век, велејќи дека Кафка ќе биде проголтан и потрошен од 20 век.[26] Во 2000 година, руската поетеса Новела Матвеева ја напишала песната „На речниот полуостров“, посветена во спомен на Франц Кафка.[27] Францускиот писател Албер Ками во младоста бил голем љубител на творештвото на Кафка.[28]
Кафка на филм
уредиДелата на Кафка се пренесени и на филм.
Во 1962 година, Орсон Велс го напишал и го режирал сценариото кое всушност е адаптација на романот „Процес“ од Франц Кафка, (Тhe Trial, 1962). Во филмот на Велс, Ентони Перкинс го толкува ликот на Јозеф К, а се појавуваат а други улоги толкуваат Жана Моро и Роми Шнајдер. Велс ова остварување го сметал за свое најдобро, после Граѓанинот Кејн[29].
Стивен Содерберг во 1991 го режирал полубиографскиот филм Кафка во кој се меша неговиот живот и фикцијата од неговите романи. Сценариото претставува комбинација на многу негови дела, вклучително и делата „Процес“ и „Замок“[30]. Во филмот глуми Џереми Ајронс.
“Прекрасниот живот“ на Франц Кафка е краток филм од 1993 година во којшто се меша и делото „Преобразба“.
Во 1993 снимен е филм на Би-би-си (Процес) во режија на Дејвид Џонс каде ликот на Јозеф К. го толкува Кајл Меклахлан, сценариото е на нобеловецот Харолд Пинтер.
Библиографија
уредиРаскази
уреди- Опис на борба (1904-1905)
- Подготовки за венчавка на село (1907-1908)
- Судење (1912)
- Огнарот (1914)
- Во Казнената колонија (1914)
- Селото Шломастер (1914-1915)
- Блумфелд, постариот ерген (1915)
- Управникот на гробницата
- Селскиот доктор (1917)
- Ловецот Грахус(1917)
- Извештај за Академијата (1922)
- Истрага за куче (1922)
- Мала жена (1923)
- Дувло (1923-1924)
- Пејачката Жозефина (1924)
Новели
уреди- Преобразба (1915)
Романи
уредиДневници
уреди- Дневникот на Франц Кафка
- Сина осмина ракопис
Писма
уреди- Писма за Фелис
- Писма за Отла
- Писма за Милена
- Франц Кафка: Писма за семејството, пријателите и уредниците
Поврзано
уреди- Награда „Франц Кафка“
- Франц Кафка Архивирано на 27 септември 2007 г.
Наводи
уреди- ↑ германски изговор: [fʁants ˈkafkaː]; чешки изговор: [ˈfrants ˈkafka]; на чешки некојпат го нарекувале František Kafka (чешки изговор: [ˈfrancɪʃɛk ˈkafka]); англиски изговор: /ˈkɑːfkɑː,_ʔkə/ (Random House Webster's Unabridged Dictionary: "Kafka").
- ↑ Франц Кафка — Енциклопедија Британика (англиски)
- ↑ Kafka, Franz (2009). The Metamorphosis. Avenue of Americas: Simon and Schuster Paperbacks. стр. ix. ISBN 978-1-4165-9968-5.
- ↑ Kempf 2005, pp. 159–160
- ↑ Diamant 2003, pp. 36–38
- ↑ Gray 2005, p. 179.
- ↑ Брод, 1966, стр.53-54
- ↑ Gray 2005, стр. 74, 273
- ↑ Brod 1960, стр 51, 122–124.
- ↑ Corngold 2011, стр. 339–343.
- ↑ Clayton, Koelb (2010). Kafka : a guide for the perplexed. London: Continuum. ISBN 9780826495792. OCLC 680017863.
- ↑ Reiner, Stach (2005). Kafka the decisive years (1 U.S.. изд.). Orlando: Harcourt. ISBN 9780151007523. OCLC 60419722.
- ↑ Gustav, Janouch (1971). Conversations with Kafka (2-ро. изд.). New York: New Directions. ISBN 9780811200714. OCLC 61848572.
- ↑ Brod 1966, p. 389
- ↑ Hempel, 2002.
- ↑ 16,0 16,1 16,2 Ј. А., „О рукопису процеса и његовом преводу“, во: Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 221.
- ↑ Max, Brod (1975). Franz Kafka : a biography (1 Schocken pbk.. изд.). New York: Schocken Books. ISBN 9780805200478. OCLC 12397232.
- ↑ Грешка во Lua: bad argument #1 to 'match' (string expected, got nil)
- ↑ „Kafka Project“.
- ↑ О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во: Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XXVIII.
- ↑ Кундера, Милан. „Светот на Кафка (Kafka's World)“. JSTOR. The Wilson Quarterly (1976-) © 1988. стр. 88-89.
- ↑ Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 122.
- ↑ „Поговор кон полскиот превод на Процес од Франц Кафка“, во: Бруно Шулц, Митизација на реалноста. Скопје: Бегемот, 2015, стр. 111-117.
- ↑ Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 161-162.
- ↑ Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 163-164.
- ↑ Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 171-172.
- ↑ Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 60-61.
- ↑ Nada Marinković, „Alber Kami“, во: Stranac, Rad, Beograd, 89.
- ↑ "Orson Welles on The Trial (BBC Interview)". Welles Net. 1962.
- ↑ Kafka". New York State Writer's Institute. State University of New York.
- ↑ Кафка, Франц (2011). Америка. Скопје: Темплум. ISBN 978-9989-189-97-5.