Жени (роман на Буковски)

„Жени“ (англиски: Women) — роман на американскиот писател Чарлс Буковски од 1978 година.

Содржина

уреди

Романот се состои од 104 поглавја.

  • Глава 1 - 29: Хенри (Хенк) Кинаски е маж на околу 50 години, релативно познат поет и алкохоличар, кој веќе четири години немал сексуални односи со жена. За време на едно поетско читање, тој ја запознава привлечната Лидија Венс - разведена жена и мајка на две деца. Набргу, тие стануваат љубовници, но нивната врска е исполнета со кавги и чести разделби, предизвикани од алкохолизмот на Хенри и љубомората на Лидија. Истовремено, Хенк оди на поетски читања во различни држави низ САД при што редовно има краткотрајни љубовни врски. По една разделба со Лидија, Хенк почнува врска со Ди Ди Бронсон, успешна деловна жена, која му посветува голема грижа, но тој постојано мисли на Лидија. По некое време, Лидија повторно му се враќа, а разочараната Ди Ди се обидува да изврши самоубиство, но Хенк ја спасува. Потоа, Ди Ди паѓа во депресија и го моли да не ја напушта, но Хенк пак ѝ се враќа на Лидија. По некое време, Хенри започнува љубовна врска со Никол, која завршува откако Лидија прави скандал пред нејзиниот стан. Потоа, Хенри има уште една кратка врска, овојпат со неговата обожавателка Мајнди од Њујорк, која го посетува во неговиот стан, но тогаш се појавува Лидија, која ја напаѓа девојката.[1]
  • Глава 30 - 73: Хенри се согласува да замине на излет во Јута, заедно со Лидија и нејзината сестра. Шетајќи низ планината, тој се загубува, но Лидија успева да го пронајде. За време на поетското читање во Хјустон, Хенк ја запознава Лаура, која ја нарекува Кетрин (по глумицата Кетрин Хепберн), и започнува љубовна врска со неа. Тогаш, Хенк пак ја напушта Лидија и Кетрин поминува неколку дена во неговиот стан, а веднаш по нејзиното заминување тој почнува врска со неговата обожавателка Теми која постојано се дрогира и им се нуди на сите мажи кои ги среќава. Кога дознава за таа врска, љубоморната Лидија го демолира неговиот стан поради што Хенри повикува полиција, но не поднесува обвинение против неа. Еден ден, Лидија му кажува дека абортирала и дека се сели во Феникс. Хенк ја посетува Џоана Довер во Далас, а потоа, заедно со Теми, оди на поетско читање во Њујорк. По некое време, Теми добива отказ од станот и сели кај мајка ѝ, а Хенк има кратка љубовна врска со Мерцедес.[2]
  • Глава 74 - 104: Хенри оди на поетско читање во Илиноис На покана на поетот и професорот Вилијам Кизинг, кој набргу умира. Тогаш, неговата сопруга Сесилија го посетува Хенри, но немаат полов однос. Набргу, него го посетува обожавателката Чиза Вестон, со која претходно се допишува, и тој живее кратко време со неа, но му здосадува и ја напушта. Еднаш, него го посетуваат две германски девојки, негови обожавателки, а на едно поетско читање ги запознава Кеси, Дебра и Сара. Тој има кратка љубовна врска со младата Кеси, а потоа и со Дебра, а повремено се гледа и со Сара, но со неа нема сексуални односи. Во меѓувреме, на поетско читање во Ванкувер Хенк ја запознава згодната Ајрис, која го посетува во Лос Анџелес и тогаш тој раскинува со Дебра, наспроти тоа што чувствува вина поради својот лош однос кон жените кои го сакаат. Веднаш по заминувањето на Ајрис, тој стапува во кратка врска со обожавателката Валенсија. Со Сара ги поминува божиќните и новогодишните празници и во таа прилика првпат има полов однос со неа. Меѓутоа, истовремено стапува во краткотрајна врска со обожавателката Тања со која претходно се допишува. Тогаш, повторно го гризе совеста поради лошиот однос кон Сара која ја смета за многу добра жена и решава да се поправи. Тогаш му се јавува една обожавателка која сака да го види, но тој ја одбива.[3]

Осврт кон делото

уреди

„Жени“ е третиот роман на Буковски и дури со него тој стекнал поширока слава во САД и во Европа, истовремено. Како што покажува насловот, основната опсесија на авторот во оваа книга се жените, заедно со пиењето кое, исто така, е неизбежна тема во неговите дела. Романот е напишан во прво лице, како исповед на книжевниот лик Хари Кинаски, кој претставува „alter ego“ на Буковски во повеќе негови книги. Како што е вообичаено за Буковски, романот „Жени“ нема развиена фабула и сложена драматургија, туку опишува низа епизоди низ кои поминува Кинаски, кој е опседнат од страста да ја зграби секоја жена со која ќе се сретне. Притоа, неговите односи со жените најчесто личат на борби, иако повремено се проследени со изливи на нежност.[4]

Наводи

уреди
  1. Čarls Bukovski, Žene. Beograd: BIGZ, 1988, стр. 7-93.
  2. Čarls Bukovski, Žene. Beograd: BIGZ, 1988, стр. 93-191.
  3. Čarls Bukovski, Žene. Beograd: BIGZ, 1988, стр. 191-336.
  4. „Beleška o piscu“, во: Čarls Bukovski, Žene. Beograd: BIGZ, 1988, стр. 339-340.