Плодовите на земјата

Плодовите на земјата (норвешки: Markens Grøde) - роман на норвешкиот писател Кнут Хамсун од 1917 година.

Содржина уреди

Романот се состои од два дела при што првиот дел е составен од 19, а вториот дел од 12 глави.

Прв дел уреди

  • Глава 1 – 10: Во северниот дел на Норвешка, еден човек се населува во планината. Тој се вика Исак и живее сам, настојувајќи да ја скроти природата и да си создаде дом. Еден ден, во неговата колиба пристигнува Ингер и таа останува да живее со него. Двајцата работат вредно, постојано го зголемуваат имотот и набргу си прават и куќа. По некое време, Ингер го раѓа синот Елесиус, а потоа уште еден син, Сиверт. На барање на власта, Исак ја започнува постапката за откуп на имотот, кој е наречен Селанро, од државата. Ингер раѓа и девојче, но веднаш го убива и го закопува во шумата, а за тоа не му кажува на Исак. Меѓутоа, при една посета, нејзината роднина Олина го открива гробот и му кажува на Исак. Исак конечно добива тапија за имотот, но власта дознава за убиството на девојчето и Ингер е осудена на затворска казна од осум години. За тоа време, Олина се грижи за децата и за куќата. Во затворот, Ингер се описменува, учи да шие на машина и раѓа девојче (Леполдина), а исто така оди на операција и повеќе нема зајачка уста. Исак не може да ја поднесе Олина, но е принуден да ја трпи, зашто таа му помага на имотот. Еден ден, него го посетува пријателот Гајслер, кој му соопштува дека наскоро Ингер ќе биде ослободена.[1]
  • Глава 11 – 18: Навистина, еден ден, Исак оди во селото каде ги пречекува Ингер и Леполдина. Тие го продолжуваат заедничкиот живот, но Ингер е многу изменета и таа се однесува како граѓанка - не работи како порано, сака да се облекува и да води бесцелни разговори итн. Годините минуваат - децата се веќе пораснати и одат на училиште, крај Селанро поминува телеграфска линија, Исак успева да изгради и пилана, Ингер станува шивачка и така заработува, Елесеус заминува во градот каде му помага на еден инженер, а Сиверт останува на имотот и му помага на татко му. По една кавга со Исак, Ингер се менува и повторно се однесува како во минатото. Подоцна, таа ја раѓа ќерката Ребека и тогаш добива слугинка. По некое време, во Селанро се враќа Елесиус, но тој не е од голема помош, зашто се одвикнал од физичката работа, па затоа оди во посета кај вујко му Сиверт. Еднаш, во Селанро повторно се појавува Гајслер, кој со неколку шведски деловни луѓе склучува договор за продажба на еден рид богат со бакар, а од таа зделка и Исак заработува многу пари. За време на својот престој, Елесеус утврдува дека вујкото Сиверт нема големо богатство така што по неговата смрт не остава никакво наследство. Елесеус се вљубува во Барбро, која живее на соседниот имот, но таа се однесува променливо и тој се разочарува од неа. На крајот од првиот дел се опишува како Исак купува машина за косење, која претставува вистинско чудо за сите на имотот и во околината.[2]

Втор дел уреди

  • Глава 1 – 7: Еден ден, Елесеус решава да се врати во градот, зашто сфаќа дека селскиот живот воопшто не му одговара. Барбро раѓа син, но на Аксел му вели дека бебето се родило мртво. Но, Аксел го пронаоѓа неговото тело и го закопува на друго место. Тој се сомнева дека Барбро го убила бебето и оттогаш се влошуваат нивните односи. Во една кавга, Барбро му признава дека пред неколку години родила бебе кое, исто така, го убила и го фрлила во морето. Зимата, Барбро си заминува, а Аксел доживува несреќа, но се појавува Олина и го спасува од замрзнување. Таа останува да живее на имотот на Аксел кој набргу станува телеграфист, заменувајќи го таткото на Барбро, Бреде. Во меѓувреме, имотот на Исак постојано расте, а Елесеус пропаѓа во градот така што неговите родители се принудени постојано да му праќаат пари. Во планината се отвора рудникот за бакар и тогаш се доселува Аронсен кој отвора тгровски дуќан. Меѓутоа, по некое време рудата е исцрпена и рудникот се затвора, а токму тогаш се појавува Гајслер кој преговара околу продажбата на неговиот дел од планината, но зделката пропаѓа. Кај Ингер се будат страстите и таа се заљубува во младиот рудар Густав. Власта дознава за закопаното бебе и Барбро е приведена и обвинета за чедоморство, а исто така, под истрага е и Аксел. Густав си заминува, а Ингер повторно се смирува, каејќи се неверството, и станува побожна. Поради затворањето ан рудникот пропаѓа трговецот Аронсен, а осиромашува и целото село. На судењето, Барбро и Аксел се ослободени, благодарение на помошта на неколку угледни луѓе, вклучувајќи го и Гајслер.[3]
  • Глава 8 – 12: Исак му дава пари на Елесеус за да го купи имотот Сторборг од трговецот Аронсен. Аксел продолжува да живее со Олина која воопшто не ја поднесува, а Барбро служи во една угледна куќа. Најпосле, Гајслер го продава својот дел од планината и рудникот повторно започнува со работа, но и покрај тоа, селото останува стопански пропаднато. Елесеус живее во Сторборг и се занимава со трговија при што често патува. Слугинката Јенсина го напушта Селанро, а Исак чувствува дека старее. По неколку месеци, газдарицата го открива неморалниот живот на Барбро (која секоја ноќ тајно излегува во градот за да се забавува) и ја отпушта од службата. Итрата Барбро, која е веќе бремена, оди кај Аксел и тој ја прифаќа зашто му треба помош на имотот. Наскоро, Олина се разболува и умира, а подоцна Барбро раѓа дете. Елесеус ја води трговијата многу лошо, а неговото семејство е принудено постојано да му помага и така се потрошени сите пари од продажбата на ридот. Еден ден, Исак оди во селото и ја враќа Јенсина на имотот, а тогаш Елесеус донесува одлука да замине во САД и никогаш повеќе не се враќа. Во Сторборг останува младиот трговски помошник Андресен, кој заедно со Сиверт оди во блиската рударска населба за да ја продаде залихата која ја оставил Елесеус. Таму, Сиверт го среќава Гајслер, кој го осудува современиот начин на живот во кој луѓето се опседнати од парите, а наспроти тоа, го фали животот на Исак како пример за единство на човекот и природата.[4]

Осврт кон делото уреди

Романот „Плодовите на земјата“ се смета за најголемиот скандинавски роман и за него во 1920 година Хамсун ја добил Нобеловата награда за книжевност. Тој претставува величествена химна за Исак и Ингер (кои се Адам и Ева на нашето време) и за нивните потомци, а во него е насликана и цела галерија на ликови од северот на Норвешка кои претставуваат еден вид човештво во мало кое се обидува да се снајде во превирањата на новото време. Кога ја прочитал книгата, на 11 декември 1919 година, Франц Кафка запишал во својот дневник: „... Навистина растев онака како што растат пребрзо изртените и заборавените фиданки, со одредена уметничка чувствителност во движењето, отстапување кога ќе дувне провев; ако сакате, дури има и нешто трогателно во тоа движење, тоа е сè. Како кај Елесеус и неговите пролетни патувања во градовите. Притоа, воопшто не треба да се потценува. Елесеус можел да стане и јунак на книгата, веројатно и би станал тоа во Хамсуновата младост.“[5]

Наводи уреди

  1. Knut Hamsun, Plodovi zemlje. Beograd: LOM, 2013, стр. 9-108.
  2. Knut Hamsun, Plodovi zemlje. Beograd: LOM, 2013, стр. 109-215.
  3. Knut Hamsun, Plodovi zemlje. Beograd: LOM, 2013, стр. 217-317.
  4. Knut Hamsun, Plodovi zemlje. Beograd: LOM, 2013, стр. 317-383.
  5. Knut Hamsun, Plodovi zemlje. Beograd: LOM, 2013.