Дино Буцати
Дино Буцати (итал.: Dino Buzzati) (Белуно, 16 октомври 1906 - Милано, 28 јануари 1972) — познат италијански новинар и писател.
Животопис
уредиДино Буцати е роден на 16 октомври 1906 година, во малото место Сан Пелегрино, во околината на Белуно, во семејната вила од XIX век. Неговиот татко Џулио Чезаре бил професор по меѓународно право на Универзитетот во Павија, како и на прочуениот Универзитет Бокони во Милано. Мајка му Алба Мантовани, сестра на познатиот писател Дино Мантовани, потекнувала од лозата на венецијанскиот дужд Бадоер Партечипацио. По завршувањето на гимназијата во Милано, под влијание на татко му, Буцати почнал да студира право. Истовремено, уште како многу млад, тој пројавувал голема љубов кон поезијата, сликарството, музиката (свирел на виолина и на пијано) и планините.
Во 1920 година, Буцати започнал со своите први прошетки на Доломитите, го читал Достоевски, почнал да се интересира за египтологијата, а во ова време почнал да пишува и да црта, воодушевен од илустрациите на Арту Ракам. Во 1920 година умрел татко му од тумор на панкреасот и оттогаш, Буцати постојано живеел во страв да не се разболи од истата болест. Во 1928 година, уште пред да ги заврши правните студии, Буцати се вработил во познатиот италијански весник Кориере дела Сера, каде што работел до крајот на својот живот, како новинар, уредник и специјален известувач. Истата година, тој дипломирал на Правниот факултет. На 12 април 1939 година, тргнал од Неапол за Адис Абеба, со бродот Колумбо, во улога на хроничар и фоторепортер, специјален известувач за својот весник. Идната година, со крстосувачот „Фјуме“, Буцати заминал како воен известувач и учествувал, како сведок, во големите битки во Капо Теулада и Капо Матапан. На 8 јуни 1961 година умрела мајка му на Буцати, а нејзиниот погреб бил опишан во расказот Двајцата возачи, напишан две години подоцна. Потоа следувале години исполнети со бројни патувања во Токио, Ерусалим, Њујорк, Вашингтон и Прага, во улога на специјален известувач на Кориере дела Сера. Буцати за првпат се оженил во поодминати години, т.е. во 1966 година со Алмерина Антонијаци. На 1 декември 1971 година, Буцати за последен пат го посетил својот дом во Сан Пелегрино, а неколку дена подоцна бил примен бил примен на лекување во клиниката Мадонина во Милано. Буцати умрел на 28 јануари 1972 година во Милано, додека надвор беснеела снежна виулица.
Творештво
уредиБуцати започнал да пишува во раната младост. Така, во декември 1920 година го напишал својот прв книжевен текст „Песна за планините“. Во 1931 година, станал соработник на списанието „Народот на Ломбардијa“, во кое објавувал театарски едночинки и раскази, но исто така, работел и како илустратор. Во 1933 година, го објавил своето прво дело, романот „Барнабо од планините“, кој го напишал за лично задоволство и разонода, но со кој постигнал голем успех. Две години подоцна, излегол од печат неговиот втор роман, а во 1939 година, неговиот роман „Пустината на Татарите“ доживеал огромен успех кај читателите и кај критичарите, кои го оцениле како ремек-дело. Со овој роман, Буцати стекнал светска слава и се вброил меѓу најважните писатели на XX век. Почнувајќи од 1936 година, Буцати започнал да пишува раскази, со кои, исто така, стекнал огромен успех. Неговите најубави раскази се објавени во збирката „Продавница на тајни“, отпечатена во 1968 година од издавачката куќа „Мондадори“ од Милано. Исто така, Буцати пишувал и драмски текстови („Мала прошетка“, „Клинички случај“ итн.) и либрета за опери кои се прикажувале во театрите, на радио и на телевизија. Така, во 1953 година, познатиот режисер Џорџо Стрелер ја поставил претставата Клинички случај, додека во 1955 година, таа била адаптирана за француската публика од страна на Албер Ками, а во режија на Жорж Витали. Воден од интересот за повеќе уметности, Буцати правел и обиди за нивно спојување. Така, во 1969 година го објавил делото „Поема во форма на стрип“, во кое експериментирал со спојот меѓу сликата и пишувањето. Подоцна, во уметничкиот циклус „Чудата на Вал Морел“, тој ги споил сликарството, литературата и фолклорот.
Поважни дела на Буцати се:[1]
- Барнабо од планините (роман, 1933)
- Тајната на Старата шума (роман, 1935)
- Татарска пустина (роман, 1939)
- Седумте гласници (збирка раскази, 1942)
- Прочуената инвазија на мечки на Сицилија (илустрирана книга за деца, 1945)
- Книгата на лулињата (1945)
- Страв од Скала (збирка раскази, 1949)
- Токму во тој момент (1950)
- Трст (1950)
- Падот на Баливерна (збирка раскази, 1954)
- Шеесет раскази (збирка раскази, 1958)
- Насликани приказни (збирка раскази, 1958)
- Магионичарски експеримент (збирка раскази, 1958)
- Големиот портрет (роман, 1960)
- Почитуван господина, жал ни е што... (раскази, 1960)
- Љубов (роман, 1963)
- Капетанот Пик и други песни (поезија, 1965)
- Колумбар (збирка раскази, 1966)
- Две мали поеми (поезија, 1967)
- Продавница на тајни (збирка раскази, 1968)
- Поема во форма на стрип (1969)
- Тешки ноќи (збирка раскази, 1971)
- Чудата на Вал Морел (1971)
Централна тема во делата на Буцати е симболичното патување на главните јунаци кон некое некоја нејасна цел или по границата меѓу животот и смртта. Притоа, патувањето се одвива во нереални простор и време, при што главните јунаци вообичаено завршуваат во состојба која што е потполно различна од почетната. Делата на Буцати се одликуваат со непредвидливост во развојот на настаните, со неверојатни изненадувања, како и голема доза на двосмисленост, симболика и алегорија, што го прави еден од најоригиналните италијански писатели на XX век. Поради неговиот фантастичен и метафизички стил, критичарите го споредуваат со Едгар Алан По и особено со Франц Кафка.[2] Неговата наклонетост кон фрагментот и фантастиката го прават одличен раскажувач кој од расказ во расказ ги прикажува виталноста и богатството на изразот при што расказите му се исполнети со визионерски, лирски, реалистични, гротескни или бајковити нијанси.[3]
За збирката раскази „Падот на Баливерна“ ја добил наградата „Наполи“, додека со збирката „Шеесет раскази“ во 1958 година станал добитник на престижната награда Стрега.